Издвоено мислење

Издвоено мислење по предметот У.бр.45/2018

Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), по моето гласање против Решението У.бр.45/2018 година, донесено на ден 30.01.2019 година, за не поведување на постапка за оценување на уставноста на член 11 и член 12 од Законот за изменување и дополнување на Законот за јавна чистота („Службен весник на Република Македонија“ бр.147/2015) го издвојувам и писмено го образложувам следното:

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ

Уставниот суд на Република Македонија постапувајќи по иницијативата на подносител Адвокатско друштво Тошиќ и Јевтиќ од Скопје, за поведување на постапка за оценување на уставност на член 11 од Законот за изменување и дополнување на Законот за јавна чистота („Службен весник на Република Македонија“ бр.147/2015) со мнозинство гласови донесе Решение за не поведување на постапка за уставноста на оспорената одредба од Законот, и ја отфрли иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот 12 од Законот означен во точката 1 од ова решение, бидејќи оцени дека таа одредба по сите основи е во согласност со Уставот.

Изразувајќи несогласност со таквото Решение гласав против и го издвојувам своето мислење, затоа што сметам дека оспорената одредба од членот 11 Законот не е во согласност со Уставот, поради што требаше да се поведе постапка за оценување на нејзината уставност и врз основа на изведување на правно издржани аргументи да се донесе правилна одлука.

Моето спротивно мислење го темелам на ставот дека Решението на Судот е во спротивност со член 8 став 1 алинеи 3 и 4 (владеење на правото како темелна вредност на уставниот поредок и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска), Амандманот XX со кој се дополнува членот 13, Амандманот XXI со кој се заменува членот 15 од Уставот и членот 50 од Уставот на Република Македонија.

Уставот ја гарантира двостепеноста за сите видови на постапки, но со постапката од оспорениот член 11 од Законот за изменување и дополнување на Законот за јавна чистота („Службен весник на Република Македонија“ бр.147/2015) едноставно не постои можност за никаква правна заштита. Имено, доколку овластениот службеник врз основа на своите овластувања констатирал прекршок и издал платен налог, сторителот на таквиот прекршок имал можност истиот да го плати, а во спротивно мандатниот платен налог ќе добие сила на извршна исправа и овластениот службеник има право да поднесе до органот надлежен за извршување. Од овие причини оспорената законска одредба е противуставна и со неа се нарушува владеењето на правото, односно сторителите немаат никаква можност за правен лек и правна заштита.

Според мене, наплатата на мандатната казна значи директна примена на законот кога настанал објективен случај, при што сторителот се согласил или не се согласи со плаќање на казната и спроведувањето на прекршочната постапка отпаѓа поради што отпаѓа и можноста за правото на жалба.

Исто така, сметам дека наведените аргументи својата поткрепа ја зајакнуваат и од причини дека со оспорената одредба не е во согласност и со Амандманот XX со кој се дополнува членот 13 од Уставот, каде се предвидува дека: за прекршоците определени со закон, санкција може да изрече орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања. Против конечна одлука за прекршок се гарантира судска заштита под услови и постапка уредени со закон.

Имено, според Амандманот XXI со кој се заменува членот 15 од Уставот, се гарантира правото на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд. Правото на жалба или друг вид на правна заштита против поединечни правни акти донесени во постапка во прв степен пред орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања се уредува со закон.

Исто така според член 50 став 2 од Уставот, се гарантира судска заштита на законитоста на поединечните акти на државната управа и на другите институции што вршат јавни овластувања.

Поради горното, оспореното законско решение не е во согласност со одредбите на Уставот, бидејќи овозможува изречената, а неплатена глоба, присилно да се наплати преку извршител, без претходна обезбедена можност лицето кое се товари за прекршок, да употреби правен лек или друг вид на правна заштита.

Во конкретниов случај станува збор за мандатен платен налог (пропишан образец) кој се врачува на сторителот на прекршокот за да ја плати изречената глоба или да постапи по алтернативата за истата.

Мандатниот платен налог се издава во мандатна постапка (постапка која се води по овластување), како вид на прекршочна постапка, односно забрзана постапка за порамнување, со цел да се избегне расправа за прекршочниот настан пред надлежен суд, односно прекршочен орган, доколку сторителот не ја спори фактичката и правната состојба во врска со прекршочниот настан и ја прифаќа прекршочната одговорност, и се согласува да го прифати предлогот од овластеното службено лице за порамнување со издавање на мандатен платен налог, односно се согласува да ја плати глобата за прекршокот.

Од анализата на оспорениот член од Законот, произлегува дека непостапувањето по обврската за плаќање на глобата утврдена во мандатниот платен налог, води кон присилна наплата на глобата, што значи дека во секој случај глобата ќе биде наплатена со зголемени трошоци за присилно извршување.

Од друга страна, целта заради која законодавецот ги уредил забрзаните постапки (член 47 од Законот за прекршоците), била преку постигнување на согласност на сторителот на прекршокот и надлежните органи овластени за поведување на прекршочна постапка, да се избегне водење на прекршочна постапка пред надлежен суд, односно пред надлежен орган за сторени прекршоци, за што, надлежните државни органи овластени за поведување на прекршочна постапка, се должни да му предложат на сторителот на прекршокот една од забрзаните постапки, пред да поднесат барање за поведување на прекршочна постапка, доколку такви постапки се предвидени со закон.

Според Законот за прекршоците (член 48 став 1 алинеи 1 и 2), постојат два вида на забрзани постапки за порамнување и тоа: мандатна постапка со издавање на мандатен платен налог и постапка за издавање на прекршочен платен налог.

Со член 49 од Законот за прекршоците, се уредени дејствијата во постапката за порамнување пред издавање на мандатен платен налог и прекршочен платен налог.

Од наведените законски одредби произлегува дека порамнување со издавање на мандатен односно прекршочен платен налог, за претпоставка треба да има постигната согласност на сторителот на прекршокот и надлежните органи.

Од законските одредби во членот 11 од Законот за изменување и дополнување на Законот за јавна чистота („Службен Весник на Република Македонија„ бр. 147/2015) и член 49 од Законот за прекршоците („Службен Весник на Република Македонија„ бр.124/2015) не произлегува јасна правна ситуација. Па се поставува прашањето што се случува доколку предлогот за порамнување со издавање на мандатен платен налог, не биде прифатен од страна на лицето кое се товари за сторен прекршок, односно дали во таква ситуација се поднесува прекршочна пријава до прекршочен суд, односно надлежен прекршочен орган, или независно од тоа постапката продолжува со издавање на мандатен платен налог, со крајна цел да се наплати изречената прекршочна санкција.

Од содржината на законските одредби, посветени на мандатната постапка, не произлегува дека во случај на неприфаќање на предлог за порамнување со издавање на мандатен платен налог, се поднесува прекршочна пријава до надлежен суд, односно прекршочен орган, туку мандатниот платен налог, завршува пред извршител за присилна наплата.

За разлика од мандатниот платен налог, според член 51 од Законот за прекршоците, посветен на постапката за издавање на прекршочен платен налог, се предвидува поинакво решение:

„(1) Ако сторителот го признае делото што му се става на товар или ако овластеното службено лице прекршокот го утврди лично или го утврди со употреба на соодветни технички средства и направи, службеното лице веднаш ќе издаде прекршочен платен налог……

(8) Ако сторителот не ја плати глобата во рокот од ставот (4) на овој член, службеното лице поднесува барање за поведување на прекршочна постапка до надлежниот суд, односно прекршочен орган…“

Исто така и во Законот за кривичната постапка во Глава XXXI во членовите, 497, 498, 499 и членот 500 предвидува постапка за издавање на казнен налог. Член 497 регулира-условите за издавање на казнен налог, член 498 регулира- отфрлање на прелогот за издавање на казнен налог, член 499 регулира-издавање на казнен налог со пресуда и членот 500 регулира-доставување на казнениот налог и право на жалба. Во наведениот член 500 во точка 2 изречно стои дека „Обвинетиот и неговиот бранител можат во рок од осум дена од денот на приемот на пресудата да поднесат приговор…“

Од погоре цитираниот член 51 од Законот на прекршоците и членовите 497, 498, 499 и членот 500 од Законот за кривичната постапка (ЗКП), посветен на постапката за издавање на прекршочен платен налог односно казнен налог, сторителот и покрај тоа што го признал прекршокот, односно делот за кој се товари, пред надлежниот суд или надлежниот прекршочен орган, ќе може да ги образложи причините за неплаќањето на глобата и воопшто ќе има можност да се произнесе за фактичката и правна состојба која службеното лице ја утврдил и истата да ја спори, доколку според него не е целосна или погрешна, односно по приемот на пресудата да поднесат приговор против пресудата за издавање на казнен налог.

Од наведеното произлегува дека одлуката на овластеното службено лице изразена во мандатниот платен налог, за утврдена вина за сторен прекршок и изречената прекршочна санкција за прекршокот, е конечна, без претходно обезбедена можност за лицето кое се товари за прекршок, да ја побива или на било кој начин да ја спори фактичката и правна состојба, утврдена од страна на службеното лице во врска со прекршочниот настан. Ова е така, имајќи во вид дека од одредбите од Законот, воопшто не произлегува одговор, каков тек ќе заземе прекршочниот настан, во случај на неприфаќање на предлогот за порамнување со издавање на мандатен платен налог, односно во која насока се движи постапувањето на овластеното службено лице во вакви случаи.

Иако институтот порамнување со Законот е понуден како избор да не се води прекршочна постапка пред надлежен суд, односно прекршочен орган, и за него треба да се согласи лицето кое се товари за прекршок, мандатната постапка
со издавање на мандатен платен налог, сепак се спроведува (друго не произлегува од членот 11 од предметниот закон, а и од членот 49 од Законот за прекршоците), независно дали понудениот предлог за порамнување со издавање на мандатен платен налог, е прифатен или не.

Од ваквиот тек на постапката, всушност произлегува спорното правно прашање, дали во ваков случај, односно во случај на неприфатен предлог за порамнување со издавање на мандатен платен налог (што реално значи одбивање на плаќање на глобата, односно не постапување по алтернативата за глобата), е правно издржано, мандатниот платен налог присилно да се наплати?

Сметам дека во ваква ситуација не постои правен основ да се пристапи кон присилна наплата на мандатниот платен налог, од причини што секоја правна ситуација што е спорна, се спротивставува на институцијата порамнување, односно неговата суштина. Порамнувањето подразбира неспорна правна ситуација.

Издаден мандатен платен налог, со битни недостатоци во однос на волјата за неговото издавање, не кореспондира со самата природа на порамнувањето и по дефиниција и по суштина, а тоа е прифаќање на прекршочна одговорност и прифаќање на предлогот од овластеното службено лице за порамнување со издавање на мандатен платен налог заради плаќање на глобата за прекршокот кој не е спорен помеѓу сторителот и овластеното службено лице.

Според мене, недостаток на постигната волја, е пречка воопшто да се пристапи кон издавање на мандатен платен налог, а уште повеќе тој присилно да се наплати.

При ваква нејасна правна ситуација, порамнувањето се сведува на едностран чин на јавните органи како начин за брзо решавање на констатирани прекршоци и наплата на глоба. И токму ваквата нејасна правна ситуација се спротивставува на законската можност, издадениот, а неплатен мандатен платен налог, да стекне сила на извршна исправа, без претходна обезбедена можност, лицето кое се товари за прекршок, да се произнесе за причините за одбивањето на предлогот за порамнување со издавање на мандатен платен налог, односно за причините за неприфаќање на прекршочната одговорност, која можност се остварува со проследување на прекршочната пријава до надлежениот суд, односно прекршочниот орган, што не е случај кај мандатната постапка со издавање на мандатен платен налог.

Мандатен платен налог, проследен до извршител, со сите погоре наведени можни недостатоци, со конечна правна квалификација на прекршокот и износот на глобата, претставува конечна одлука на овластеното службено лице што ја изрекол, со директна примена на закон, без никаква претходна правна заштита за сторителот, што е директна повреда на уставните гаранции од наведениот уставен амандман.

Сметам дека, ваквиот начин на „порамнување” овозможува прешироки дискрециони овластувања за службеното лице, без никаква можност за расветлување на спорните прашање поставени пред сторителот во врска со прекршочниот настан, што е повреда на Амандманот XX со кој се дополнува членот 13 на Уставот, кој гарантира судска заштита против конечна одлука за прекршок.

Во отсуство на јасна правна ситуација во однос на поставеното прашање, оспорениот член 11 од Законот за изменување и дополнување на Законот за јавна чистота („Службен весник на Република Македонија“ бр.147/2015) не го обезбедува владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок утврден со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, односно правната сигурност на граѓаните дека во случај на неприфаќање на понудениот предлог за порамнување со издавање на мандатен платен налог, ќе можат да ги заштитат своите права и правни интереси во врска со прекршочниот настан пред надлежен суд, односно прекршочен орган.

Оспореното законско решение, не ја обезбедува правната сигурност на лицата кои се товарат за прекршок, дека нема да бидат изложени на евентуално арбитрарно и произволно дејствување од страна на претставниците на државните органи со јавни овластувања, поради фактот што издаден, а неплатен мандатен платен налог, по автоматизам завршува пред извршител за присилна наплата, независно дали предлогот за порамнување со издавање на мандатен платен налог е прифатен.

При формирањето на моето правно мислење, го имав во предвид фактот дека мандатната постапка со издавање на мандатен платен налог, ги опфаќа полесните прекршоци по тежина, меѓутоа според мене, тоа не може да биде оправдување за неможноста да се расправа за прекршочниот настан, доколку тој од било која причина е спорен за лицето кое се товари за прекршок.

Тргнувајќи од сето погоре наведено, сметам дека со основ може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 11 од Законот за изменување и дополнување на Законот за јавна чистота („Службен весник на Република Македонија“ бр.147/2015) со одредбите од член 8 став 1 алинеи 3 и 4, Амандманот XX со кој се дополнува членот 13 на Уставот, Амандманот XXI со кој се заменува членот 15 на Уставот и член 50 став 2 од Уставот, а согласно со член 25 став 6 од Деловникот на Судот го издвојувам своето мислење од донесеното Решение за не поведување на постапка.

Судија
на Уставниот суд на Република Македонија,
Сали Мурати

Решение У.бр.45/2018