Решение У.бр.45/2018

У.бр.45/2018

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 30 јануари 2019 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 11 од Законот за изменување и дополнување на Законот за јавна чистота („Службен весник на Република Македонија“ бр.147/2015).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот 12 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

3. Адвокатското друштво Тошиќ и Јевтиќ од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означени во точките 1 и 2 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, со оспорениот член 11 од Законот за изменување и дополнување на Законот за јавна чистота („Службен весник на Република Македонија“ број 147/2015) со кој бил изменет членот 40 од Законот за јавна чистота („Службен весник на Република Македонија“ број 111/2008, 64/2009, 88/2010, 114/2010, 23/2011, 53/2011, 80/2012, 164/2013 и 44/2015), јасно било утврдено дека ако сторителот за сторен прекршок од членот 33 на овој закон, доброволно не ја плати глобата од ставот 2 на овој член, или во рок од 30 дена не достави потврда издадена од службеното лице дека извршил општокорисна работа, мандатниот платен налог има сила на извршна исправа и службеното лице ќе го достави налогот до органот надлежен за присилно извршување за негово извршување.

Воедно, рокот на застареност на прекршокот од членот 33 и членот 33-а од Законот за јавна чистота, кој бил предвиден во членот 40-а од Законот за јавна чистота, неосновано бил избришан со оспорениот член 12 од Законот за изменување и дополнување на Законот за јавна чистота („Службен весник на Република Македонија“ бр.147/2015).

Уставот на Република Македонија како една од темелните вредности на уставниот поредок во член 8 став 1 алинеи 3 и 4 ги предвидел владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска. Дополнително, покрај вака утврдените темелни вредности, Уставот со Амандманот 20 со кој се дополнува членот 13 од Уставот, предвидувал дека „за прекршоци определени со закон, санкција може да изрече орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања. Против конечната одлука за прекршок се гарантира судска заштита под услови и постапка уредени со закон“.

Начелото на двостепеност било уредено и со членот 15 од Уставот.

Според наводите во иницијативата, Законот со оспорените одредби воопшто не уредил двостепеност на постапката, односно на граѓаните не им се давала можност за судска заштита или жалба против мандатниот платен налог, што било спротивно на член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 13 и член 15 од Уставот на Република Македонија.

Имено, Законот предвидувал единствена опција за плаќање на казната изречена со мандатниот платен налог, кој за да станел извршен, единствен услов бил да не биде платена казната изречена со истиот, а не и да не биде поднесена жалба, односно да не биде иницирана судска постапка. Воедно, предвидениот рок за застареност на прекршоците определени со Законот за јавната чистота во членот 40-а, бил неосновано избришан со членот 12 од Законот за изменување и дополнување на Законот за јавна чистота („Службен весник на Република Македонија“ бр.147/2015), со што веќе немало рок на застареност на истите, и со тоа се повредувал принципот на владеење на правото и правната сигурност на граѓаните, на кој се темелела Република Македонија.

Поради погоре наведеното, со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценка на уставноста на оспорените одредби од Законот за изменување и дополнување на Законот за јавна чистота („Службен весник на Република Македонија“ бр.147/2015) и истите да ги поништи.

4. Судот на седницата утврди дека Законот за изменување и дополнување на Законот за јавна чистота („Службен весник на Република Македонија“ бр.147/2015), ги предвидел:

Член 11

Членот 40 се менува и гласи:

„Кога општинскиот комунален инспектор, комуналниот инспектор на општините во градот Скопје, комуналниот инспектор на градот Скопје, односно униформираниот полициски службеник и комуналниот редар ќе утврди дека е сторен прекршок од член 33 на овој закон, составува записник во кој се забележуваат битните елементи на прекршокот, времето, местото и начинот на сторување на прекршокот, описот на дејствието на прекршокот и лицата затекнати на самото место, како и начинот на кој ќе се отстранат штетните последици од прекршокот.

Општинскиот комунален инспектор, комуналниот инспектор на општините во градот Скопје односно комуналниот инспектор на градот Скопје, униформираниот полициски службеник и комуналниот редар на сторителот ќе му врачи мандатен платен налог во кој се наведуваат битните елементи на дејствието, од кое произлегува правното обележје на прекршокот, лично име, адреса и единствен матичен број на граѓанинот, ако се работи за странец и број на патна исправа и држава, а за правно лице, назив, седиште и даночен број, местото и времето на сторување на прекршокот, правната квалификација на прекршокот, износот на глобата, број на сметката за плаќање и правна поука, со рок од осум дена од врачувањето на мандатниот платен да ја плати глобата во определениот износ или во рок од 30 дена место глоба сторителот да изврши определени работи – општокорисна работа.

Доколку сторителот на прекршокот на кој му е врачен мандатен платен налог прифати да врши општокорисна работа, е должен во рок од три дена по извршувањето да достави потврда за извршената општокорисна работа до инспекторот, односно униформираниот полициски службеник или комуналниот редар што го упатил на општокорисна работа. Потврдата ја издава директорот на јавното претпријатие за одржување на јавна чистота или директорот на правното лице каде што се врши општокорисната работа, врз основа на писмен извештај изготвен од лицето овластено од директорот на јавното претпријатие за одржување на јавна чистота или директорот на правното лице за контрола при извршувањето на општокорисната работа.

Доколку сторителот на прекршокот е малолетник во тој случај се постапува согласно со Законот за прекршоците и Законот за правата на децата.

Министерот за транспорт и врски го утврдува видот, висината и чинењето на општокорисната работа за секој прекршок одделно, како и начинот на нејзиното извршување во согласност со министерот за правда. Висината на средствата наменети за општокорисна работа не може да биде повисока од висината на пропишаната глоба за прекршокот при што вредноста на 1 час општокорисна работа изнесува најмалку 50, а најмногу 125 денари во зависност од видот и сложеноста на општокорисната работа.

Јавното претпријатие за одржување на јавна чистота или правното лице за одржување на јавна чистота е должно да води регистар за вршење на општокорисна работа.

Ако сторителот доброволно не ја плати глобата од ставот 2 на овој член или во рок од 30 дена не достави потврда издадена од службено лице дека извршил општокорисна работа, мандатниот платен налог има сила на извршна исправа и службеното лице ќе го достави до органот надлежен за присилно извршување за негово извршување. Сторителот кој со заминувањето заради престој во странство би можел да го одбегне плаќањето на глобата, е должен веднаш да ја плати глобата изречена со мандатниот платен налог.

Општинскиот комунален инспектор, комуналниот инспектор на општините во градот Скопје, комуналниот инспектор на градот Скопје и униформираниот полициски службеник се должни да водат евиденција за издадените мандатни платни налози и за исходот на покренатите постапки.

Во евиденцијата од ставот 8 на овој член се собираат, обработуваат и чуваат следните податоци: име и презиме, односно назив на сторителот на прекршокот, живеалиште, односно престојувалиште, седиште, вид на прекршокот, број на мандатниот платен налог кој се издава и исход на постапката.

Личните податоци од ставот 9 на овој член се чуваат пет години од денот на внесување во евиденцијата.

Формата и содржината на потврдата за извршена општокорисна работа, како и формата, содржината и начинот на водење на регистарот за вршење на општокорисна работа ги пропишува министерот за транспорт и врски.

Формата и содржината на мандатниот платен налог ја пропишува министерот за транспорт и врски.“

Член 12

Членот 40-а се брише.

5. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок во Република Македонија.

Според Амандманот 20 со кој се дополнува членот 13 од Уставот, за прекршоците определени со закон, санкција може да изрече орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања.

Против конечна одлука за прекршок се гарантира судска заштита под услови и постапка уредени со закон.

Според Амандманот 21 со кој се заменува членот 15 од Уставот, се гарантира правото на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд.

Правото на жалба или друг вид на правна заштита против поединечни правни акти донесени во постапка во прв степен пред орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања се уредува со закон.

Според член 50 став 2 од Уставот, се гарантира судска заштита на законитоста на поединечните акти на државната управа и на другите институции што вршат јавни овластувања.

6. Мандатниот платен налог се издава во мандатна постапка (постапка која се води по овластување), како вид на прекршочна постапка, односно забрзана постапка за порамнување, со цел да се избегне расправа за прекршочниот настан пред надлежен суд, односно прекршочен орган, доколку сторителот не ја спори фактичката и правната состојба во врска со прекршочниот настан и ја прифаќа прекршочната одговорност и се согласува да го прифати предлогот од овластеното службено лице за порамнување со издавање на мандатен платен налог, односно се согласува да ја плати глобата за прекршокот или да постапи по алтернативата за глобата.

Дел втори од Законот за прекршоци („Службен весник на Република Македонија“ бр.124/2015) е посветен на забрзаните постапки во кои спаѓаат постапките за порамнување и постапките за спогодување. Овие постапки се соодветно уредени во повеќе материјални закони во деловите кои се посветени на прекршочните постапки, а меѓу нив е и членот 40 од Законот за јавна чистота („Службен весник на Република Македонија“ бр.111/2008, 64/2009, 88/2010, 114/2010, 23/2011, 53/2011, 80/2012, 163/2013, 44/2015, 147/2015 и 31/2016).

Со членот 11 од Законот за изменување и дополнување на Законот за јавна чистота („Службен весник на Република Македонија“ бр.147/2015) содржината на членот 40 била изменета и има содржина како што е погоре наведена.

Со членот 12 од истиот Закон за изменување и дополнување на Законот за јавна чистота, избришан е членот 40-а од Законот за јавна чистота, кој гласел: „Прекршочната постапка за прекршоците предвидени со членот 33 од овој закон не може да се поведе ниту да се води ако поминат три години од денот кога е сторен прекршокот“.

Членот 50 од Законот за прекршоците посветен на мандатната постапка го уредува следното:

(1) Кога службеното лице ќе утврди дека е сторен прекршок за кој со закон е предвидено издавање на мандатен платен налог, на сторителот на прекршокот ќе му врачи мандатен платен налог во кој се наведени битните елементи на дејствието од кое произлегува правното обележје на прекршокот, лично име, адреса и единствен матичен број на граѓанинот, ако се работи за странец и број на патната исправа и држава, а за правно лице, назив, седиште и даночен број, местото и времето на сторување на прекршокот, правната квалификација на прекршокот, износот на глобата, број на сметката за плаќање, правна поука, како и други податоци во согласност со закон со рок од осум дена од денот на врачувањето на мандатниот платен налог да ја плати глобата во определениот износ.
(2) Во мандатниот платен налог покрај предлогот сторителот да ја плати глобата, доколку е тоа предвидено со законот со кој е пропишан прекршокот, може да се утврди во рок од 30 дена место глобата сторителот да изврши определени задачи – општокорисна работа.
(3) За прекршоците од областа на сообраќајот се издава мандатен платен налог, во кој место глобата на сторителот може во рок од 30 дена да му се запишат негативни бодови.
(4) Ако сторителот доброволно не ја плати глобата од ставот (1) на овој член, или во рок од 30 дена не достави потврда издадена од службено лице дека извршил определени задачи општокорисна работа или не достави потврда за регистрирани негативни бодови, мандатниот платен налог има сила на извршна исправа и службеното лице ќе го достави до органот надлежен за присилно извршување за негово извршување.
(5) Сторителот кој со заминувањето заради престој во странство би можел да го одбегне плаќањето на глобата, е должен веднаш да ја плати глобата изречена со мандатниот платен налог.

Согласно ставот 4 на членот 50 од Законот за прекршоците, доколку обврската за постапување во однос на изречената прекршочна санкција, во определените рокови, не биде доброволно исполнета од страна на сторителот, мандатниот платен налог стекнува сила на извршна исправа, односно се проследува до извршител заради присилна наплата.

Воедно, се укажува и дека Судот со Решение У.бр.51/2016, не повел постапка за оценување на уставноста на ставот 4 од членот 50 во делот „има сила на извршна исправа“ од Законот за прекршоците, од причини што, меѓу другото, од Законот за извршување (член 12 став 1 точка 6) произлегувало дека како извршна исправа врз основа на која може да се спроведе извршување покрај таксативно утврдените исправи, извршување можело да се спроведе и врз основа на друга исправа која како извршна е предвидена со закон и право на законодавецот е да определи кои други исправи можат да бидат утврдени, односно да им биде утврден статус на извршност врз основа на кои ќе се спроведува извршувањето.

Членот 40 од Законот за јавна чистота, се однесува за врачување на мандатен платен налог на сторителот за сторен прекршок од членот 33 на овој закон, за плаќање на глоба во определен износ во рок од 8 дена од врачувањето на мандатниот платен налог или во рок од 30 дена место глоба сторителот да изврши определени работи – општокорисна работа.

Во членот 33 од Законот е предвидено:

„Глоба во износ од 50 евра во денарска противвредност во мандатна постапка со издавање мандатен платен налог ќе му се изрече на физичко лице, ако:

– фрла отпадоци, отпушоци, мастики и други предмети, плука или внесува домашни миленичиња без одобрение на надлежен орган во внатрешноста, односно во ходниците на јавните објекти (член 16) и

– на јавни објекти испишува графити, црта или лепи плакати (член 17)“.

Од анализата на одредбите од членот 40 кој е предвиден со членот 11 од измените и дополнувањата на Законот за јавна чистота („Службен весник на Република Македонија“ бр.147/2015), произлегува дека чинот на издавање на мандатен платен налог е дејствие кое следи доколку предлогот за порамнување со издавање на мандатен платен налог е прифатен од страна на сторителот на прекршокот со цел да се избегне водење на прекршочна постапка пред надлежен суд, односно пред надлежен орган за сторени прекршоци, на што неспорно упатува и членот 47 од Законот за прекршоците, според кој целта на забрзаните постапки е постигнување на согласност на сторителот на прекршокот и надлежните органи овластени за поведување на прекршочна постапка за отстранување на штетните последици на сторениот прекршок и спречување на повторно вршење на прекршоци и поради тоа избегнување на водење прекршочна постапка пред надлежен суд, односно прекршочен орган (став 1); и надлежните државни органи овластени за поведување на прекршочна постапка се должни да му предложат на сторителот една од забрзаните постапки, пред да поднесат барање за поведување на прекршочна постапка, ако тоа е определено со закон (став 2).

Имајќи ги во предвид изнесените уставни и законски одредби, Судот оцени дека од аспект на наводите во иницијативата не може основано да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба од членот 40 предвидена со членот 11 од Законот за изменување и дополнување на Законот за јавна чистота („Службен весник на Република Македонија“ бр.147/2015).

Во однос на оспорениот член 12 од Законот за изменување и дополнување на Законот за јавна чистота („Службен весник на Република Македонија“ бр.147/2015) со кој се брише членот 40-а од Законот за јавна чистота, а иницијативата се повикува на неосновано бришење на членот 40-а кој регулирал прашање кое требало да постои во Законот за јавна чистота, се укажува дека Уставниот суд на Република Македонија во рамки на своите уставно определени надлежности одлучува за уставноста и законитоста на прописите и нормите што се во правниот поредок, а во тие рамки може да ја оценува уставноста на одредбите кои се предвидени и содржани во Законот за јавна чистота, но нема надлежност да одлучува за тоа што овој закон не содржи а требало да содржи, на што впрочем и се однесува барањето во предметната иницијатива за враќање во правниот поредок на избришаниот член 40-а од Законот за јавна чистота.

Со оглед на наведеното, во однос на оспорениот член 12 од Законот за изменување и дополнување на Законот за јавна чистота („Службен весник на Република Македонија“ бр.147/2015), иницијативата следеше да се отфрли согласно членот 28 алинеја 1 од Деловниот на Уставниот суд на Република Македонија, според кој Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

7. Поради погоре изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Дарко Костадиновски, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.45/2018
30 јануари 2019 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски

Издвоено мислење по предметот У.бр.45/2018