Издвоено мислење

Издвоено мислење по предметот У.бр.205/2012

Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), по моето гласање против Решението У.бр.205/2012 донесено на 12 февруари 2014 година за запирање на постапката за оценување на уставноста на член 6 став 2 од Законот за денационализација (“Службен весник на Република Македонија“ бр. 20/1998, 31/2000, 42/2003, 44/2007, 20/2007, 14/2009, 20/2009, 72/2010 и 171/2010) го издвојувам и писмено го образложувам следното

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ

Со означеното Решение, Уставниот суд со мнозинство гласови одлучи да ја запре постапката за оспорениот член 6 став 2 Законот за денационализација (“Службен весник на Република Македонија“ бр. 20/1998, 31/2000, 42/2003, 44/2007, 20/2007, 14/2009, 20/2009, 72/2010 и 171/2010) наведувајќи дека на седницата на Судот одржана на 12 февруари 2014 година, предлогот за укинување на оспорената одредба од Законот “не го доби потребното мнозинство на гласови“ без никакво дополнително образложение.

Моето спротивно мислење го темелам на ставот дека оспорената одредба е во спротивност со член 8 став 1 алинеја 3 (владеење на правото како темелна вредност на уставниот поредок), член 9 став 2 (начело на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите), член 51 и особено член 30 став 1 (гарантирањето на правото на сопственост) од Уставот на Република Македонија.

Уставот на Република Македонија по својата суштина и карактер е граѓански устав во кој основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, правната заштита на сопственоста како и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право се едни од темелните вредности на уставниот поредок. На овие основи, како едно од основните права на човекот и граѓанинот на кое му припаѓа челното место во сферата на економските права е правото на сопственост, јасно гарантирано со член 30 од Уставот. Како индивидуално право, правото на сопственост ја претпоставува приватната сопственост.

Со донесувањето на Уставот и неговата операционализација со законите со кои започна и се остварува процесот на трансформација (приватизација) на општествената сопственост (на која се темелеше поранешниот уставно-правен поредок) во други облици на сопственост, главно во приватна сопственост, а особено со донесувањето на Законот за денационализација, на поранешните сопственици и нивните наследници им е признато правото на сопственост. Денационализацијата сватена како процес на враќањето во сопственост на имот, односно давање надомест за имот одземен во корист на државата, законодавецот го третира во контекст на трансформацијата односно приватизацијата на општествената сопственост, заштитувајќи ги директно или индиректно правата на поранешните сопственици, при што условите и постапката за враќање на имотот и видот, условите и постапката за давање надомест за имот одземен во корист на државата (денационализација) се определени со Законот за денационализација (член 1).

Во оваа смисла, во член 1-а од Законот се пропишува дека се враќа имот, односно се дава надомест за имот на физички лица и на верски храмови, манастири и вакафи одземени по 2 август 1944 година: 1) врз основа на прописите со кои е вршено општо одземање и ограничување на сопственоста; 2) врз основа на прописите за одземање на имот заради остварување на општокорисни цели, како и имот експроприран заради остварување на општо корисни цели, односно општ интерес ако не се исполнети условите за враќање на имотот според одредбите за експропријација и 3) без правна основа.

Според член 9 од овој закон, не cе враќа во сопственост поради постоење на јавен интерес, a cе дава надомест за: 1) имот кој по одземањето според закон станал добро во општа употреба, и тоа: јавни плоштади, улици, сообраќајници, паркови, јавно – сообраќајни површини и други објекти на комунална инфраструктура; 2) имот кој се користи и е во функција за потребите на одбраната и безбедноста на Република Македонија; 3) неизградено градежно земјиште на кое според урбанистичкиот план е предвидена изградба на објекти од точките 1 и 2 на овој член и на други објекти од јавен интерес и 4) имот кој по одземањето се користи за вршење на дејности од јавен интерес утврден со закон.

Според член 6 став 1 од Законот, предмет на денационализација не е имот: 1) одземен според Законот за ревизија на доделување земја на колонистите и аграрните интересенти во Народна Република Македонија и во Автономната Косовско- Метохиска област; 2) одземен по основа на губење државјанство по сила на закон или врз основа на правосилна пресуда и 3) за кој е склучена меѓудржавна спогодба (договор) за обесштетување за одземен имот.

Според оспорениот член 6 став 2 од Законот, предмет на денационализација не се предмети и објекти од особено културно и историско значење и природни реткости определени со закон. Оспорениот член 6 став 2 од Законот за денационализација станува составен дел на Законот со член 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за денационализација („Службен весник на Република Македонија“ бр. 31/2000), со кој во член 6 од Законот за денационализација, ставовите 2 и 3 се заменуваат со нов став 2 кој гласи: „Предмет на денационализација не се предмети и објекти од особено културно и историско значење и природни реткости определени со закон.“ Во образложението за донесување на овие законски измени, нема посебно образложение за потребата од наведената измена, освен констатацијата дека меѓу имотите што не се предмет на денационализација се вброени и културно-историските предмети и објекти и природни реткости определени со закон. Но, неспорен е фактот дека природните реткости утврдени со закон, можеле и можат да бидат во приватна сопственост на граѓаните, дека секогаш биле ставени под посебна заштита на општествената заедница и дека заштитата на природата претставува дејност од јавен интерес.

Тргнувајќи од напред наведените уставни основи, а имајќи го предвид концептот на денационализација утврден со Законот за денационализација, како и содржината на оспорената одредба од Законот, сметам дека граѓаните на кои им бил одземен имот со присилни прописи во корист на државата и на кои имотот ќе им биде вратен или ќе бидат обештетени (според член 9 од Законот), се ставени во нееднаква положба во однос на граѓаните на кои исто така им бил одземен имот во корист на државата, но кои се исклучени од процесот на денационализација и кои немаат право да бидат обештетени (според член 6 став 2 од Законот).

Уставните начела кои гарантираат еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите како и правото на сопственост и наследување, треба да се применат неселективно и во процесот на денационализација кој го признава државата, на начин што правото на денационализација под исти услови ќе им биде признаено на сите поранешни сопственици или нивни наследници кои во законски пропишана постапка ќе докажат дека нивниот имот бил одземен во корист на државата и дека постојат услови истиот да им биде вратен или да бидат обештетени.

Исклучувањето од процесот на денационализација на предметите и објектите од особено културно и историско значење и на природните реткости определени со закон, значи исклучување од можноста поранешните сопственици на тој и таков имот да докажат во постапка пропишана со Законот за денационализација дека имаат право на денационализација или компензација како и другите граѓани на кои им бил одземен имот во корист на државата, со што тие се доведени во нерамноправна положба во однос на граѓаните на кои им е признаено ова право. Со таквиот селективен опфат на граѓаните се повредува уставниот принцип на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите, поради што основано може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 6 став 2 од Законот за денационализација со член 9 став 2, член 51 и 30 став 1 од Уставот на Република Македонија.

Фактот дека процесот на денационализација се спроведува веќе подолг временски период, не претставува аргумент кој би одел во прилог на одбрана на уставноста на оспорената одредба, бидејќи правната последица од евентуалното отстранување од правниот поредок на една ваква неуставна одредба, не е да предизвика правна несигурност спрема граѓаните баратели на денационализација, туку напротив, да се отстрани повредата на уставноста и да да се овозможи еднаков третман на граѓаните пред законот. Во оваа смисла Уставниот суд наместо да ја запре, имаше можност да ја поништи оспорената одредба, со што би се ставиле во еднаква, рамноправна положба сите граѓани чиј имот би бил предмет на денационализација според членот 6 став 2 од Законот.

Судија на Уставниот суд
Д-р Наташа Габер-Дамјановска

Решение У.бр.205/2012

Leave a Reply