243/2008-0-0

Вовед

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за измена и дополнување на Деталниот урбанистички план за М.З. “Мирче Ацев” (38), донесена од Советот на Општина Ѓорче Петров, број 07-733/3 од 10.07.2001 година, објавена во Службен гласник на Град Скопје број 12/01.

2. Сашо Најдовски и други од Ѓорче Петров, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесоа иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точка 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, подносителите биле жители на улицата “Мајски Манифест” во Скопје, која била слепа улица и која завршувала со проширување за свртување на возилата. Наведената слепа улица била асфалтирана минатата година, но не и проширувањето на тој дел од улицата, бидејќи било во приватна сопственост за што постоела уредна документација. Наведената околност била констатирана и од општински инспектори за урбанизам. Според иницијаторите, проширувањето на крајот од слепата улица не требало да биде во приватна сопственост поради потребата од јавно користење на тој дел од улицата за свртување на возилата. Наведуваат и дека спорната одлука не била во согласност со одредби од Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање (”Службен весник” на Република Македонија број 78/06). Подносителите наведуваат дека со големо задоцнување ја поднесуваат иницијативата, бидејќи не биле запознаени со измените на Деталниот урбанистички план. На крајот, наведуваат дека иницијативата ја поднесуваат со цел овој суд да ја преиспита уставноста и законитоста на оспорената Одлука, со која било извршено спојување на градежната парцела 660/49, односно спојување на поранешното проширување со градежната парцела 660/50, што било во приватна сопственост.

3. Судот на седницата утврди дека Советот на Општина Ѓорче Петров, на седница одржана на 10.07.2001 година, донел Одлука за измена и дополнување на ДУП за М.З. “Мирче Ацев” (38) донесен од Собранието на Град Скопје, број 07-733/3, објавена во Службен гласник на Град Скопје број 12/01. Во членот 2 од Одлуката е содржано дека со измената и дополнувањето на Планот се опфаќал простор со површина од 41,13 ха, со граници на опфат и тоа: од север со улица “4 Јули”, од југ со улица “Алекса Демниевски”, од запад со улица “Сремски Фронт”, од исток М.З. “Ѓорче Петров”, а се предвидувало домување, со индивидуални и повеќе семејни објекти. Со оспорената одлука биле вградени планирани соодветни сообраќајни решенија со цел да се задоволел пристапот со возило до секоја градежна парцела, со кои било решено проширувањето на слепа улица, што претставувала крак од улицата Мајски Манифест, во урбан блок 14 за Општина Ѓорче Петров. Планот бил изработен согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” број 4/96, 28/97 и 18/99), Правилникот за поблиска содржина и начинот на графичка обработка на плановите и за начинот и постапката за донесување на просторните и урбанистички планови (“Службен весник на Република Македонија” број 18/97) и Правилникот за стандарди и нормативи за планирање на просторот од октомври 1999 година, односно според актите кои тогаш биле во важност. На спроведената јавна анкета по однос измените и дополнувањата на ДУП за МЗ Мирче Ацев, подносителите на иницијативата не учествувале, а од оние граѓани кои учествувале, ниту една забелешка не се однесувала на планираната слепа улица, како крак на улицата Мајски Манифест.

Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија меѓу другото одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Во конкретниот случај, подносителите на иницијативата, ја оспоруваат предметната одлука од аспект на нејзината согласност со Правилникот за стандарди и нормативи за планирање на просторот, како и од аспект на содржините на планот односно содржината на решенијата во оспорената одлука, за што овој суд не е надлежен.

Со оглед дека, иницијативата не содржи јасни и конкретни причини за оспорување на предметната одлука и истата не содржи наводи дека одлуката била донесена во незаконита постапка од аспект на фазите за донесување на планот уредена со закон, судот оцени дека иницијативата не е подобна за мериторно решавање од уставноправен аспект.

Поради изнесеното и со оглед на тоа што овој суд не е надлежен да ја испитува уставноста и законитоста на оспорената Одлука од аспект на изнесените наводи во оваа иницијатива, Судот оцени дека во конкретниот случај, се настапени условите од член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.

4. Врз основа на напред изнесеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У. Бр. 243/2008
7 октомври 2009 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски