Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992), на седницата одржана на 7 октомври 2009 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на поднасловот
2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите од Законот означен во точката 1 на ова решение.
Според наводите во иницијативата, при постоење на загарантираното право на сопственост од член 8 став 1 алинеја 6 и член 30 од Уставот на Република Македонија и член 1 на Протоколот број 1 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи, не можело да постои институтот „стекнување право на сопственост со одржувачка“ без оглед на времето на траењето на таа одржувачка и совесноста и законитоста на држателот. Ова од причини што со одржувачката не се одземала или ограничувала сопственоста и правата кои произлегуваат од неа само за јавен интерес утврден со закон, туку тоа најчесто се правело за приватен личен интерес кој не бил утврден со закон, со што многу узурпатори или окупатори на туѓ имот неоправдано се стекнувале со имот. Во оспорените одредби, исто така, не била предвидена можноста кога се врши ограничување или одземање на сопственоста од сопственикот, совесниот и законитиот држател или државата да му го плати на сопственикот загарантираниот праведен надоместок (член 30 став 4 од Уставот). На тој начин, со одржувачката, држателот се стекнувал со право на сопственост, со повреда на правото на сопственост на друго физичко лице.
Оспорената одредба била спротивна и на член 54 став 1 од Уставот, според која слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот, а во Уставот немало одредба која предвидувала стекнување право на сопственост со одржувачка.
Поради наведените причини, подносителот на иницијативата смета дека оспорениот поднаслов и оспорените законски одредби биле спротивни на уставните принципи од член 8 став 1 алинеи 1,3, 6 и 11, член 30 ставови 1, 3 и 4, член 51 и член 54 став 1 од Уставот на Република Македонија и член 1 став 1 од Протоколот бр. 1 на Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи и предлага Судот да поведе постапка за оценување на нивната уставност.
3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 124 став 1 од Законот, совесниот и законит држател на подвижна ствар, на која друг има право на сопственост, стекнува право на сопственост на таа ствар со одржувачка по истекот на време од три години. Во ставот 2 на овој член од Законот е определено дека совесниот и законит држател на недвижна ствар на која друг има право на сопственост, стекнува право на сопственост на таа ствар со одржувачка, по истекот на време од десет години. Совесниот држател на подвижна ствар на која друг има право на сопственост, стекнува право на сопственост на таа ствар со одржувачка по истекот на време од десет години (став 3). Согласно ставот 4 на истиот овој член од Законот, совесниот држател на недвижна ствар, на која друг има право на сопственост, стекнува право на сопственост на таа ствар со одржувачка по истекот на време од 20 години. Наследникот станува совесен држател од моментот на отворањето на наследството и во случај кога оставителот бил несовесен држател, а наследникот тоа не го знаел ниту можел да го знае, а времето за одржувачка почнува да тече од моментот на отворање на наследството (став 5).
Судот на седницата, исто така, утврди дека според ставот 1 на член 125 од Законот, времето потребно за одржувачка почнува да тече оној ден кога држателот стапил во владение на стварта, а завршува со истекот на последниот ден од времето потребно за одржувачка. Согласно ставот 2 на овој член од Законот, во времето потребно за одржувачка се засметува и времето за кое претходниците на сегашниот држател ја држеле стварта како совесни и законити држатели, односно како совесни држатели. Врз прекинот, односно застојот на одржувачката, сообразно се применуваат одредбите за прекинот, односно застојот на застареноста на побарувањата (став 3).
4. Според членот 8 од Уставот на Република Македонија основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и правната заштита на сопственоста се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Во членот 30 став 1 од Уставот се гарантира правото на сосптвеност, кое според ставот 2 на истиот член создава права и обврски и треба да служи на поединецот и на заедницата. Никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон. Во случај на експропријација на сопственоста или во случај на ограничување на сопственоста се гарантира праведен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност.
Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Според членот 1 од Протоколот бр. 1 на Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи, секое физичко или правно лице има право на мирно уживање на својот имот. Никој не може да биде лишен од својот имот, освен во јавен интерес и под услови предвидени со закон и со општите принципи на меѓународното право. Претходните одредби не навлегуваат во правото на државите да донесат закони кои ги сметаат за неопходни заради контрола на користењето на имотот согласно општиот интерес или заради сигурно плаќање на данокот, другите придонеси и парични казни.
Според член 1 од Законот за сопственост и други стварни права („Службен весник на Република Македонија“ бр. 18/2001 и 92/2008) со овој закон се уредуваат правото на сопственост и другите стварни права во согласност со Уставот.
Во членот 2 од овој Закон е утврдено дека правото на сопственост можат да го стекнуваат сите домашни и странски физички и правни лица, вклучувајќи ја и државата и единиците на локалната смаоуправа, под услови и на начин предвидени со овој и друг закон.
Според членот 3 од Законот, сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на сопственикот и на заедницата.
Во членот 5 од Законот е предвидено дека правото на сопственост и другите стварни права се остваруваат врз основа на слободна диспозиција со нужни ограничувања предвидени во Уставот и законите.
Според членот 7 од наведениот закон, стекнувањето, заштитата и престанокот на правото на сопственост и на другите стварни права се уредуваат со закон.
Стекнувањето, заштитата и престанокот на правото на сопственост е уредено во Глава IV од Законот за сопственост и други стварни права.
Членот 112 од Законот ги определува правните основи на стекнување на сопственост. Според ставот 1 на овој член од Законот, правото на сопстеност се стекнува според закон, врз основа на правна работа и наследување, а според ставот 2 на овој член, правото на сопстеност се стекнува и со одлука на надлежен орган, на начин и под услови определени со закон.
Согласно член 113 од Законот, според закон правото на сопственост се стекнува со создавање нова ствар, со мешање и спојување, со градење на земјиште, со одржување, со одвојување на плодовите, со стекнување сопственост од несопственик, со окупација, со припојување и таложење, со промена на корито на водотек и создавање на остров и во други случаи определени со закон.
Според оспорениот член 124 од Законот, совесниот и законит држател на подвижна ствар, на која друг има право на сопственост, стекнува право на сопственост на таа ствар со одржувачка по истекот на време од три години.
Совесниот и законит држател на недвижна ствар на која друг има право на сопственост, стекнува право на сопственост на таа ствар со одржувачка, по истекот на време од десет години.
Совесниот држател на подвижна ствар на која друг има право на сопственост, стекнува право на сопственост на таа ствар со одржувачка по истекот на време од десет години.
Совесниот држател на недвижна ствар, на која друг има право на сопственост, стекнува право на сопственост на таа ствар со одржувачка по истекот на време од 20 години.
Наследникот станува совесен држател од моментот на отворањето на наследството и во случај кога оставителот бил несовесен држател, а наследникот тоа не го знаел ниту можел да го знае, а времето за одржувачка почнува да тече од моментот на отворање на наследството.
Според оспорениот член 125 од Законот, времето потребно за одржувачка почнува да тече оној ден кога држателот стапил во владение на стварта, а завршува со истекот на последниот ден од времето потребно за одржувачка.
Во времето потребно за одржувачка се засметува и времето за кое претходниците на сегашниот држател ја држеле стварта како совесни и законити држатели, односно како совесни држатели.
Врз прекинот, односно застојот на одржувачката, сообразно се применуваат одредбите за прекинот, односно застојот на застареноста на побарувањата.
Законското и совесното владение е уредено во член 179 од Законот. Според ставот 1 на овој член, владението е законско ако владетелот има полноважна правна основа за владение. Посебен вид на законско владение е вистинско владение. Вистинско или мирно владение е она што не е прибавено со сила, со измама или со злоупотреба на довербата. Владението што е прибавено со сила измама или злоупотреба на довербата, станува мирно кога на личноста од која е прибавено и престане правото да го штити владението што и било одземено на тој начин (став 2 на овој член).
Согласно ставот 3 на истиот член, владението е совесно ако држателот не знае или не можел да знае дека нема правна основа да врши фактичка власт врз стварите. Совесноста на владението се претпоставува (став 4). Совесноста престанува во моментот кога владетелот ќе дознае дека владението не му припаѓа (став 5). Совесноста на лице кое има законски застапник се определува според совесноста и постапувањето на тој застапник, а совесноста на владението на правно лице се определува според совесноста и постапувањето на она физичко лице кое за тоа правно лице е овластено да презема дејствија на стекнување или извршување на негово владение.
Со иницијативата во суштина се оспорува одржувачката како начин на стекнување на сопственост, со кој според толкувањето на подносителот на иницијативата, се стекнувала сопственост со повреда на правото на сопственост на друго физичко лице, односно со узурпација или окупација на туѓ имот, во приватен личен интерес поединци се стекнувале неоправдано со имот.
Во уставно-судската анализа на институтот одржувачка, според мислењето на Судот, првенствено треба да се тргне од анализата на одржувачката како оригинерен, а не деривативен начин на стекнување на сопственост.
Имено, одржувачката (usucapio) претставува начин на стекнување право на сопственост со поседување на туѓа ствар со протек на време определено со закон од страна на квалифициран односно совесен владетел. Како форма на стекнување на сопственост, таа потекнува уште од римското време, односно римското право, бидејќи одредби за одржувачката се наоѓаат во Законот за Дванаесет таблички (Leges duodecim tabularum).
Одржувачката како начин на стекнување на право на сопственост преку поседување на ствар врз која друг има право на сопственост, се оправдува со потребата за заштита на оправданите интереси на поединецот и јакнењето на сигурноста на правниот промет. Имено, целта на одржувачката е претворање на долгогодишните фактички односи во правни односи, што го налага сигурноста на правниот промет и потребата за ефикасна и брза интервенција на општеството во правец на заштита на постојните субјективни права и правно заштитени интереси, особено поради тоа што со протек на подолг временски период тешко можат да се обезбедат докази за постоењето на тие субјективни права на страната на овластените лица, односно носителите на правата. Понатаму, одржувачката се оправдува и со фактот дека негрижата, односно неактивноста на тие овластени лица кои во тек на подолг временски период не преземаат никаква активност за прибавување на оној предмет на кој се однесува нивното субјективно право, не може да биде на штета на оние совесни лица кои определена туѓа ствар ја поседуваат и користат во тек на долг временски период во уверување дека таа е нивна и дека имаат на неа право, така што со непризнавањето на одржувачката нивната дотогашна фактичка власт не би можела да се признае како нивно субјективно заштитено право. Таквата правна несигурност не може да се одржи подолго време во општеството во кое мора да постои рамнотежа помежу правниот и економскиот промет, поради што институтот одржувачка се јавува како оправдана мерка и од гледна точка на поединечниот и на општиот интерес.
Она што треба посебно да се има предвид е тоа дека во теоријата на имотното право, одржувачката не претставува деривативна форма на стекнување на сопственост, во која новиот сопственик го влече своето право од претходниот сопственик, туку претставува оригинерен начин на стекнување на сопственост. Имено, со оглед на тоа што узукапиентот со своето долгогодишно поседување на стварта на која што друг има право на сопственост, јавно ја манифестира својата волја за стекнување на право на сопственост, а од друга страна, носителот на правото на сопственост врз таа ствар во целиот тој период на поседување на неговата ствар од друго лице – узукапиентот, не покажува какво и да било противење на ваквото настојување, помеѓу ваквата правна состојба на страната на сопственикот и фактичката состојба на страната на узукапиентот не постои никаков судир, поради што правото смета дека дотогашното право на сопственикот на реализација на неговото субјективно право престанува (во форма на непостоење на право на тужба во материјална смисла), додека дотогашната фактичка состојба на страната на узукапиентот се претвора во негово субјективно право на сопственост. Токму поради тоа што во текот на времето потребно за одржувачка на туѓа ствар на страната на узукапиентот не постои негово субјективно право во однос на стварта во владение, туку само долгогодишен посед (владение) на стварта што го бара објективното право, одржувачката не се смета за деривативен начин на стекнување на сопственост, туку како можен начин за нејзино оригинерно стекнување. Од овие причини, а особено поради последно наведеното, произлегува дека кај одржувачката не станува збор за стекнување на сопственост со ограничување односно одземање на сопственоста на друг, поради што Судот утврди дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби од членовите 124 и 125 од Законот за сопственост и други стварни права со одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова – Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр. 90/2009
7 октомври 2009
Скопје
тјт
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски