Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 7 октомври 2009 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 16 став 2 во деловите
2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точка 1 од ова решение.
Според подносителот на иницијативата, Уставот и Законот за семејство не го познавале терминот „потесно семејство“, ниту терминот „заедничко домаќинство“, како што било предвидено во член 16 став 2 од оспорениот закон. Освен тоа, живеењето во заедничко домаќинство не можело да се докажува само и единствено со лична карта или пасош, како што тоа било предвидено во оспорениот став 3, затоа што живеењето во заедничко домаќинство можело да се докажува и со сите други расположиви докази кои му стојат на располагање на заинтересираното лице, како што било утврдено во член 162 став 2 од Законот за општата управна постапка, според кој како доказно средство ќе се употреби се што е погодно за утврдување на состојбата на работата и што му одговара на одделен случај, како што се исправи, односно микрофилмска копија на исправата или репродукција на таа копија, сведоци, изјава на странката, вештаци, увид и друго.
Поради наведеното, оспорените одредби не биле во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 40 ставовите 1 и 3, член 51 и член 54 став 1 од Уставот, поради што се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби.
3. Судот на седницата утврди дека според член 16 став 2 од Законот за извршување на Буџетот на Република Македонија за 2009 година, на вработениот во случај на смрт на член на потесното семејство (родител, брачен другар, деца родени во брак или вон брак, посиноците, посвоените деца и децата земени на издржување), доколку живеел во заедница, му припаѓа парична помош во висина од 15.000 денари по семејство.
Според став 3 на истиот член, живеењето во заедница подразбира вработениот и членот на потесното семејство да се со место на живеење на иста адреса што се докажува со соодветен документ за идентификација (лична карта или пасош).
4. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Согласно член 40 став 1 од Уставот, Републиката му обезбедува посебна грижа на семејството, а според став 3 на истиот член, родителите имаат право и должност да се грижат за издржувањето и воспитувањето на децата. Децата се должни да се грижат за старите и изнемоштени родители.
Според член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.
Согласно член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.
Со Законот за извршување на Буџетот на Република Македонија за 2009 година, се утврдува дека Буџетот на Република Македонија за 2009 година се извршува според одредбите на овој закон (член 1).
Во член 16 од овој закон се утврдува право на парична помош на вработениот во случај на смрт на член на неговото потесно семејство, висината на помошта, условите и постапката за остварување на ова право.
Така, според став 2 на овој член, на вработениот во случај на смрт на член на потесното семејство (родител, брачен другар, деца родени во брак или вон брак, посиноците, посвоените деца и децата земени на издржување), доколку живеел во заедница, му припаѓа парична помош во висина од 15.000 денари по семејство. Според став 3 на истиот член, живеењето во заедница подразбира вработениот и членот на потесното семејство да се со место на живеење на иста адреса што се докажува со соодветен документ за идентификација (лична карта или пасош).
Од наведената законска одредба произлегува дека законодавецот, во рамките на своето уставно овластување со закон да ги уредува односите во областите на општественото живеење и да го уредува остварувањето на правата на вработените и нивната положба со закон и со колективен договор, се определил право на парична помош од средствата на Буџетот на Република Македонија да може да оствари вработениот кај буџетските корисници, на кој ќе му почине член на потесното семејство, со конкретно определување на кругот на лица кои го сочинуваат потесното семејство во овој случај, и тоа: родителите, децата и брачниот другар, утврдувајќи дополнителен услов, починатото лице да живеело во заедница со вработениот. Со тоа, законодавецот оценил дека ќе се постигне саканата цел – правото на парична помош по основ на солидарност да ја добие вработениот кој живеел во заедница со починатиот до неговата смрт, се грижел за него и ги покрил трошоците за погреб.
Вака дефинираното потесно семејство за потребите на овој закон, условено со живеење во заедница како услов за остварување на правото на парична помош, Судот оцени дека е во согласност со определбите од член 40 ставовите 1 и 3 од Уставот, според кои Републиката обезбедува посебна грижа и заштита на семејството и дека родителите имаат право и должност да се грижат за издржувањето и воспитувањето на децата, а децата се должни да се грижат за старите и изнемоштени родители.
Притоа, Судот имаше предвид дека законодавецот, во повеќе закони дава различна дефиниција на семејството, според потребите на секој од тие закони ( Закон за работните осноси, Закон за семејството, Закон за социјалната заштита, Закон за заштита на децата, Закон за здравственото осигурување), а дефинициите се разликуваат во зависност од предметот на уредување, обемот на правата и обврските на граѓаните што се уредуваат во одделни области и секако, од економските можности на Републиката за остварување на правата на граѓаните.
Наводите во иницијативата дека ниту Законот за семејство не познавал „потесно семејство“ како што било во оспорената одредба и дека поради тоа бил повреден принципот на владеењето на правото, всушност претставува барање за оцена на меѓусебната усогласеност на два закони, за што Уставниот суд не е надлежен.
Судот, исто така, укажа дека подносителот на иницијативата сосема несоодветно и погрешно упатува при оценувањето на оспорените одредби, Уставниот суд да ја има предвид Одлуката У.бр. 54/2008, затоа што со наведената одлука Судот укинал одредба од колективен договор поради тоа што со колективен договор не можат да се уредуваат помали права од законски утврдените во правниот систем, а во сега оспорениот случај станува збор за законско решение со кое изворно се утврдуваат одредени права и кое се цени единствено во однос на Уставот.
Во однос на наводите во иницијативата дека живеењето во заедничко домаќинство, како услов за остварување на правото на парична помош, не можело да се докажува само и единствено со лична карта или со пасош, како што било утврдено со оспорениот став 3 на член 16 од Законот, затоа што живеењето во заедничко домаќинство можело да се докажува и со сите други расположиви докази кои му стојат на располагање на заинтересираното лице во смисла на член 162 став 2 од Законот за општата управна постапка, Судот имаше предвид дека во случајов, станува збор за Закон за извршување на Буџетот на Република Македонија, како посебен закон со кој е утврдено посебно право за одредена категорија лица, како и посебни услови и постапка за остварување на истото. Во оваа смисла, според Судот, треба да се цени и законската определба, за потребите на овој закон и остварувањето на правото што тој го востановува, под живеење во заедница да се подразбира вработениот и членот на потесното семејство да имаат место на живеење на иста адреса, што се докажува со соодветен документ за идентификација, односно со лична карта или пасош, како јавни исправи со кои се докажува живеалиштето на граѓанинот, а не и со сведоци, изјава на странката, вештаци, увид и други докази, како што се наведува во иницијативата. Ова затоа што наведената парична помош се исплаќа од средствата на Буџетот на Републиката, што подразбира обврска за законодавецот за особено јасно и прецизно уредување на начинот на нивната исплата, со што ќе се исклучат можни злоупотреби на буџетските средства. Поради тоа, Судот оцени дека определбата на законодавецот, начинот на докажување на бараниот услов – исто место на живеење, да се докажува со јавни исправи со кои во Република Македонија се докажува овој податок, не може да претставува повреда на начелото на владеењето на правото, како што се наведува во иницијативата. Фактот што за потребите на Законот за општата управна постапка, живеењето во заедничко домаќинство се докажувало и со помош на други расположиви докази, кое нешто не е прифатено во овој случај, не може да претставува основ за неуставност на оспорената одредба со која во посебен закон и за посебни потреби, се утврдува начинот на остварување на едно посебно право, при што Уставниот суд нема надлежност да ја цени меѓусебната усогласеност на двата закони.
Тргнувајќи од наведеното, пред Судот не се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 16 став 2 во деловите: „потесното“ и „доколку живеел во заедница“ и став 3 од Законот, со член 8 став 1 алинеја 3, член 40 ставовите 1 и 3, член 51 и член 54 став 1 од Уставот.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, д-р Трендафил Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.80/2009
7 октомври 2009 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски