64/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 7 октомври 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 66 став 1 алинеја 6 од Законот за јавното обвинителство („Службен весник на Република Македонија“ бр.150/2007 и 111/2009).

2. Ова решение ќе се објави во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата со оспорената законска одредба се повредувал член 8 став 1 алинеите 3 и 4, член 9 став 2, член 13 став 1, член 14 став 1, член 23, член 51 и член 54 од Уставот на Република Македонија. Ова затоа што со неа по сила на законот се ограничувало правото на едно лице да продолжи да ја врши својата функција и во случаи кога кривично дело за кое тоа лице е осудено не било во никаква врска со вршењето на функцијата јавен обвинител, па оттука формулацијата била непрецизна и нејасна и како таква не обезбедувала правна сигурност на граѓаните што е еден од елементите на уставниот принцип на владеењето на правото. Освен тоа, во правниот поредок не постоело кривично дело кое некого го прави недостоен за вршење на некоја функција.

4. Судот на седницата утврди дека во член 66 став 1 алинеја 6 од Законот за јавното обвинителство “на јавниот обвинител функцијата му престанува ако е осуден со правосилна судска одлука на казна затвор во траење од најмалку шест месеца или на пократка казна затвор или друга кривична санкција за кривично дело кое го прави недостоен за вршење на функцијата јавен обвинител“.

5. Согласно членот 8 став 1 алиените 3 и 4 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска.

Согласно членот 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Со одредбата од членот 13 став 1 од Уставот е определено дека лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.

Со членот 14 став 1 од Уставот е определено дека никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Според член 23 од Уставот, секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции.

Според членот 32 став 1 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбедност за време на привремена невработеност. Според ставот 2 на истиот член од Уставот, секому под еднакви услови му е достапно секое работно место.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот, а според ставот 3 на истиот член од Уставот, ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба.

Според член 95 став 3 од Уставот, организацијата и работата на органите на државната управа се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Според член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Согласно член 106 став 1 од Уставот, Јавното обвинителство е единствен и самостоен државен орган кој ги гони сторителите на кривичните дела и на други со закон утврдени казниви дела и врши други работи утврдени со закон.

Согласно Амандман XXX точка 1 од Уставот, Јавното обвинителство ги врши своите функции врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот.

Функцијата на јавното обвинителство ја вршат Јавниот обвинител на Република Македонија и јавните обвинители.

Надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и функционирањето на јавното обвинителство се уредува со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Јавниот обвинител на Република Македонија го именува и разрешува Собранието на Република Македонија за време од шест години со право на повторно именување.

Јавните обвинители ги избира Советот на јавни обвинители без ограничување на траење на мандатот.

При изборот на јавните обвинители ќе се запази соодветната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници.

За разрешување на јавните обвинители одлучува Советот.

Надлежноста, составот и структурата на Советот, мандатот на неговите членови, како и основите и постапката за разрешување на член на Советот се уредува со закон.

Основите и постапката за престанок и разрешување на Јавниот обвинител на Република Македонија и јавните обвинители се уредува со закон.

Со Законот за јавното обвинителство се уредуваат надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и функционирањето на јавното обвинителство, основите и постапката за именување и разрешување на јавниот обвинител на Република Македонија, основите за престанок на функцијата јавен обвинител на Република Македонија, основите за избор и разрешување на јавните обвинители, основите за престанок на функцијата јавен обвинител како и други прашања во врска со работата на јавното обвинителство.

Во делот од „Престанок на функцијата и разрешување на јавните обвинители“ е содржан оспорениот член 66 во кој, покрај другите основи за престанок на функцијата јавен обвинител е содржан основот дека на јавниот обвинител функцијата му престанува „ако е осуден со правосилна судска одлука на казна затвор во траење од најмалку шест месеца или на пократка казна затвор или друга кривична санкција за кривично дело кое го прави недостоен за вршење на функцијата јавен обвинител“.

Од содржината на оспорената законска одредба, според Судот, произлегува дека со неа не се дозволува јавниот обвинител да ја врши својата функција, која по суштина е јавна, доколку истиот е осуден со правосилна судска одлука што имало за последица престанок на мандатот на јавниот обвинител.

Во оспорената законска одредба децидно се наведени условите, односно основите за престанок на мандатот на јавниот обвинител, што е во согласност со Амандман XXX од Уставот во кој е предвидено дека основите и постапката за престанок на Јавниот обвинител на Република Македонија и јавните обвинители се уредува со закон. Оттука, интенцијата на законодавецот била со оспорената законска одредба да се уредат основите и постапката за престанок на функцијата јавен обвинител.

Предвидениот основ, односно услов за престанок на мандатот на јавниот обвинител кога истиот е осуден за кривично део на казна затвор од најмалку шест месеца или на пократка казна затвор или друга кривична санкција за кривично дело кое го прави недостоен за извршување на функцијата јавен обвинител, според Судот произлегува од потребата со закон да бидат уредени прашањата за постоење на подобност на лицето за ефикасно вршење на јавно обвинителската функција.

Судот оцени дека предвидениот основ кој со иницијативата се оспорува ја исклучува можноста да се јават елементи на сомнение што би го направиле јавниот обвинител недостоен за вршење на оваа мошне важна функција дотолку повеќе што тоа би било основ со кој јавниот обвинител би го изгубил кредибилитетот за вршење на оваа функција која е мошне битна за гонење на другите сторители на кривични дела, а истовремено во одредени ситуации во конкретниов случај и би значела фактичка неможност да ја извршува функцијата.

Од анализата на оспорената законска одредба јасно произлегува дека во конкретниов случај не може да стане збор за повреда на принципот на презумпција на невиност на лицето утврдено во член 13 став 1 од Уставот ниту за повреда на начелото на законитост во казнените права изразени преку забрана за казнување утврдено во член 14 став 1 од Уставот. Според Судот, оспорениот член 66 став 1 алинеја 6 се однесува на лице кое веќе ја врши функцијата јавен обвинител и на кого мандатот му престанува заради негово осудување во периодот додека ја врши таа функција, а не како правна последица од правосилна судска пресуда имајќи предвид што такво лице не може да дава гаранција дека Јавното обвинителство успешно ќе функционира.

Со оглед на наведеното, Судот оцени дека оспорената одредба е во функција на гаранција на успешно обавување на функцијата на институцијата Јавно обвинителство. Токму од од овие причини, според Судот не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека оспорената законска одредба не била во согласност со утврдените принципи во членовите 13 и 14 од Уставот. Имено, во конкретниов случај не се работи за правни последици од осудата кои настапуваат по сила на законот, од која претпоставка се раководел подносителот на иницијативата оспорувајќи ја законската одредба, туку дека функцијата не може да ја врши не како правна последица од осуда по сила на законот, туку како последица од казната што со правосилна судска одлука ја изрекол судот.

Тргнувајќи од уставното овластување во член 106 од Уставот и Амандман XXX на Уставот, право е на законодавецот со закон да ја обезбеди и гарантира самостојноста и независноста на Јавното обвинителство, преку издигање на кредибилитетот на јавното обвинителство со состав на јавни обвинители кои би можеле законито и квалитетно да ја извршуваат својата функција утврдувајќи ги, при тоа, основите поради кои на јавниот обвинител може да му престане мандатот, односно поради кои тој се разрешува. Ваквата законска одредба, според Судот е во согласност со одредбите од Уставот и истата ги афирмира определените вредности и начела.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.64/2009
7 октомври 2009 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски