94/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 7 октомври 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 21 став 3 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 69 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005, 137/2007 и 24/2008-пречистен текст) и на член 128 ставови 3, 4 и 5 од Законот за градење („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005 и 82/2008).

3. Мирослав Грчев од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите од законите означени во точкие 1 и 2 од ова решение.

Според наводите во иницијативата со оспорениот дел од членот 21 став 3 од Законот за локалната самоуправа во потполност се негирала самостојноста на општините во вршењето на надлежностите утврдени со Уставот. Имено, оспорениот дел од ставот 3 бил во форма на исклучок кој не бил специфициран, така што можел да се однесува на сите надлежности на општината, што според иницијативата, било дијаметрално спротивно на уставното решение во членот 115 во кое не се дозволувало никакво ограничување или одземање на надлежностите од општините. Имено, со ставот 3 на членот 115 од Уставот се допуштала можноста Републиката со закон, да и довери вршење на работи на општината од нејзина надлежност, но не се оставала никаква можност со закон на општината да и биде одземена надлежноста.

Според подносителот на иницијативата, со оспорените членови од Законот за просторно и урбанистичко планирање и Законот за градење се вршела неуставна експанзија на надзорот и се предвидувало одземање на надлежностите на општините од страна на органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот. Оттука, со оспорените членови од трите закони се нарушувала темелната вредност на уставниот поредок за самостојноста на локалната самоуправа од член 8 став 1 алинеја 9 од Уставот и истите биле спротивни на член 115 став 2 од Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека според член 21 од Законот за локалната самоуправа општините самостојно, во рамките на законот, ги уредуваат и вршат работите од јавен интерес од локално значење, уредени со овој или друг закон и се одговорни за нивното вршење.

Со законот со кој се утврдуваат други надлежности на општината се определуваат и изворите на финансирање за вршење на тие надлежности.

Надлежностите од ставот 1 на овој член по правило се целосни и исклучиви и не смеат да бидат одземени или ограничени, освен во случаите утврдени со закон.

Според член 69 од Законот за просторно и урбанистичко планирање доколку и покрај укажувањата и преземените мерки и активност од членот 68 на овој закон органите на општината, органите на општините во градот Скопје и органите на градот Скопје не го обезбедат извршувањето на работите за кои тие се надлежни согласно со овој закон, им се одзема вршењето на работите.

Вршењето на одземените работи го презема органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот за период од една година од преземањето, во име и за сметка на општината и градот Скопје.

За преземање на работите од ставот 1 на овој член се известува органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на локалната самоуправа и органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на финансиите.

Во членот 128 од Законот за градење се предвидува дека при вршењето на надзорот над законитоста на работата на органите на општината, односно органите на општините во градот Скопје, органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот ги врши следниве работи:
1) ја следи законитоста на работата на органите на општината, односно органите на општините во градот Скопје и презема мерки, активности и поднесува иницијативи за остварување на надлежностите на општината што се однесуваат на изградбата;
2) им укажува на органите на општината, односно органите на општините во градот Скопје на пречекорувањето на нивните надлежности утврдени со овој закон и предлага соодветни мерки за надминување на таа состојба;
3) укажува на определени материјални и процедурални недостатоци во работата на органите на општината, односно органите на општините во градот Скопје кои би можеле да го оневозможат вршењето на работите утврдени со овој закон, а кои се од јавен интерес од локално значење;
4) дава препораки за доследно спроведување на надлежностите на општината за работите кои треба да ги вршат согласно со овој закон, а на барање на органите на општината, односно органите на општините во градот Скопје;
5) го следи навременото донесување на актите од општината утврдени со оввој закон;
6) поднесува иницијативи и предлози до органите на општината, односно органите на општините во градот Скопје доколку констатира неспроведување на овој закон како резултат (последица) на судирот на надлежностите меѓу нив;
7) ја следи законитоста на решенијата што органите на општината, односно органите на општините во градот Скопје ги донесуваат во решавањето на управни работи за права, обврски и интереси на правните и физичките лица донесени врз основа на оввој закон и презема мерки во согласност со закон;
8) дава мислење и стручна помош на барање на органите на општината, односно органите на општините во градот Скопје по предлог на актите кои произлегуваат од овој закон;
9) го следи остварувањето на јавноста во работата на органите на општината, односно органите на општините во градот Скопје особено од аспект на редовно, навремено, вистинито и потполно известување на граѓаните за работите утврдени со овој закон и
10) навремено ги известува органите на општината, односно органите на општините во градот Скопје за констатираните состојби во нивната работа, односно за работите што се однесуваат на градењето и за преземените мерки при вршењето на надзорот.
(2) За преземените мерки и активности од ставот 1 на овој член органот на државна управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот ги информира органите на општината, односно органите на општините во градот Скопје.
(3) Доколку и покрај укажувањата и преземените мерки и активности органите на општината, односно органите на општините во градот Скопје не го обезбедат извршувањето на работите од ставот 1 на овој член, се одзема или ограничува вршењето на соодветната надлежност.
(4) Вршењето на одземените работи го презема органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот, но најмногу до една година од денот на нивното преземање.
(5) Органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот одземените работи од надлежност на општината, ги врши во име и за сметка на општината и за тоа ќе ги извести органите на општината, односно органите на општините во градот Скопје, органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на локалната самоуправа и органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на финансиите.

„(6) Органот надлежен за вршење на работите од областа на финансиите по добиеното известување од ставот 5 на овој член, приходите на општината, односно на општините од подрачјето на градот Скопје по основ на надоместок за уредување на градежно земјиште и надоместок за изработка на урбанистички планови, за периодот утврден во известувањето, ги пренасочува на сметка на органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот“.

5. Според член 8 став 1 алинеи 9 и 10 од Уставот, локалната самоуправа и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и природата се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според Амандманот XVII точка 1 на Уставот, во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, а особено во областите на јавните служби, урбанизмот и руралното планирање, заштита на околината, локалниот економски развој, локалното финансирање, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, образованието, здравствената заштита и во други области утврдени со закон.

Според точката 2 од истиот Амандман на Уставот, во градот Скопје граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од значење за градот Скопје, а особено во областите на јавните служби, урбанизмот и руралното планирање, заштита на околината, локалниот економски развој, локалното финансирање, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, образованието, здравствената заштита и во други области утврдени со закон.

Според член 115 став 2 од Уставот, општината е самостојна во вршењето на надлежностите утврдени со Уставот и со закон, а надзорот над законитоста на нејзината работа го врши Републиката.

Според член 115 став 3 од Уставот, Републиката со закон може да и довери вршење на определени работи на општината.

Според член 1 од Законот за локалната самоуправа, со овој закон се уредуваат: надлежностите на општината; непосредното учество на граѓаните во одлучувањето; организацијата и работата на органите на општината; општинската администрација; актите на органите; имот – сопственост на општината; надзорот над работата на органите на општината; распуштањето на советот на општината; механизмите на соработка меѓу општините и Владата на Република Македонија; месната самоуправа; заштитата на локалната самоуправа; утврдување на службени јазици во општините и други прашања од значење за локалната самоуправа.

Според член 21 став 1 од овој закон, општините самостојно, во рамките на законот, ги уредуваат и вршат работите од јавен интерес од локално значење, утврдени со овој или друг закон и се одговорни за нивното извршување.

Според ставот 3 од овој член од Законот, надлежностите од ставот 1 на овој член по правило се целосни и исклучиви и не смеат да бидат одземени или ограничени, освен во случаите утврдени со закон.

Во рамките на листата на надлежности од членот 22 став 1 точка 1 од Законот за локалната самоуправа, општините се надлежни за урбанистичкото (урбано и рурално) планирање, издавањето на одобрение за градење на објекти од локално значење утврдени со закон, уредувањето на просторот и уредувањето на градежното земјиште.

Во Глава IX од Законот под наслов: „Надзор над работата на органите на општината“се определени видовите и начините на вршење на надзорот.

Според член 69 став 1 од Законот за локалната самоуправа, надзорот над работата на органите на општината во вршењето на нејзините надлежности го опфаќа надзорот над законитоста и контрола и ревизија врз материјалното и финансиското работење.

Согласно ставот 2 на овој член од Законот, надзорот над работата на органите на општината над вршењето на делегирани работи од надлежност на органите на државната управа го опфаќа надзорот над законитоста и надзорот над ефикасноста.

Врз основа на ставот 3 на истиот член од Законот, во случаите утврдени со закон, се врши и претходен надзор кој опфаќа претходна согласност на прописите на општината.

Според ставот 4 на овој член од Законот, начинот и постапката на вршењето на надзорот над работата на органите на општината се утврдени со закон, а според ставот 5, органите на општината се должни да соработуваат со органите за вршење на надзор.

Врз основа на член 70 став 1 од Законот, надзорот над законитоста на прописите на општината врши министерството надлежно за вршење на работите на локалната самоуправа, а според ставот 2 на истиот член, надзор над законитоста на работата на органите на општината вршат органите на државната управа.

Од анализата на цитираните одредби од Законот за локалната самоуправа, јасно произлегува дека иако е неспорно дека самостојноста на единиците на локалната самоуправа е гарантирана со Уставот, ваквата гаранција би ја изразила целосно својата содржина доколку општините не го обезбедуваат извршувањето на своите изворни надлежности, со што се доведува во прашање остварувањето на другите уставни гаранции за правата на граѓаните. Интервенцијата на органите на државната управа, пред вршењето надзор и одземање или ограничување на вршењето на надлежностите на општината, всушност е оправдана заради обебедување на правата на граѓаните и уставно загарантираните темелни вредности, меѓу кои е локалната самоуправа и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштита и унапредувањето на животната средина и природата.

Од наведените причини Судот оцени дека со оспорениот став 3 од членот 21 од Законот за локалната самоуправа не се повредува уставниот принцип за самостојност на општините и дека од овие причини не може да се постави прашањето за неговата согласност со Уставот.

6. Според член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучува, а нема основи за поинакво одлучување.

Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.бр.246/2007 од 13 февруари 2008 година, не поведе постапка за оценување на уставноста на член 69 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005).

Во образложението на Решението по однос на овој член од Законот кој се оспорува со предметната иницијатива, Судот изразил став дека оспорената одлука е во рамките на надзорот над законитоста на работата на единиците на локалната самоуправа и нејзината цел е заштита, односно обезбедување на законитоста при остварувањето на работите од областа на просторното и урбанистичкото планирање, а кое е со цел да се обезбеди јавниот интерес во оваа сфера.

Со Решение У.бр.244/2007 од 19 март 2008 година, Уставниот суд не поведе постапка за оценување на уставноста на член 128 ставовите 3, 4 и 5 од Законот за градење („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005). Според образложението на Решението, со оспорените ставови на членот 128 од Законот се предвидувало одземање или ограничување на вршењето на соодветните надлежности на органите на општината кое е во рамките на надзорот над законитоста на работата на единиците на локалната самоуправа што го врши Репубиката, неговата цел е токму заштита, односно обезбедување на законитоста при остварување на работите од областа на градењето.

Со оглед на тоа што оспорените одредби од двата закона погоре наведени, со цитираните решенија веќе биле оценувани, а во случајов нема основа за поинакво одлучување, согласно наведената деловничка одредба Судот во тој дел иницијативата ја отфрли.

7. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.94/2009
7 октомври 2009 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски