110/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 2 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седница одржана на 7 октомври 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставоста на член 34 став 2 од Законот за здравствено осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.25/2000, 34/2000-исправка, 50/2000, 11/2002, 31/2003, 84/2005, 37/2006, 18/2007, 36/2007, 82/2008 и 98/2008).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на одредбата од Законот за здравствено осигурување означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата со оглед на тоа што со оспорената одредба се овластувал Фондот за здравствено осигурување да донесе општ акт, на кој согласност давал министерот за здравство, со кој акт ќе се определел понизок износ на осло-бодување од плаќање на партиципација од износот утврден во членот 32 став 1 алинеа 4 од Законот се повредувале член 8 став 1 алинеа 3, член 34 и член 51 од Уставот. Ова пред се од причина што во членот 34 од Уставот било определено дека граѓаните имаат право на социјалната сигурност и социјалното осигурување утврдени со закон и колективен договор, а не со општ акт на Фондот како што било определено во оспорената одредба.

3. Судот на седницата утврди дека, според содржината на оспорениот член 34 став 2 од Законот за здравственото осигурување, за осигурените лица кои остваруваат месечен нето приход во семејството помал од просечната нето плата во Републиката во претходната година, како и за одредени возрасни групи, Фондот со општ акт, на кој министерот за здравство дава согласност, ќе определи понизок износ за ослободување од плаќање на партиципација од износот утврден во став 1 алинеја 5 на овој член.
4. Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Репу-блика Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот, како и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.

Според членот 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Со Решение У.бр.178/2005 од 23 ноември 2005 година, Судот, по повод иницијатива на Стамен Филипов од Скопје, меѓу другото, не повел постапка за оценување на уставноста на член 34 став 2 од Законот за здравствено осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.25/2000, 34/2000-исправка, 50/2000, 11/2002, 31/2003 и 84/2005).

Тргнувајќи од фактот што Уставниот суд веќе се произнел за уставноста на оспорената одредба и не наоѓа основи за поинакво одлучување произлегува дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата, согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот. Ова и од причина што во конкретната иницијатива, повторно поднесена од Стамен Филипов од Скопје, не се содржани наводи кои по својот карактер би претставувале основ, по повод оваа иницијатива, за поинакво одлучување. Напротив, сега поднесената иницијатива има наводи скоро во целост идентични со тогаш поднесената иницијатива.

Судот, исто така, имаше предвид дека содржината на оспорената одредба не се променила со измените и дополнувањата на Законот објавени во „Службен весник на Република Македонија“ бр. 37/2006, 18/2007, 36/2007, 82/2008 и 98/2008) сметано од денот на донесување на наведеното решение на Судот (23 ноември 2005 година) до денот на донесување на ова решение.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.110/2009
7 октомври 2009 година
С к о п ј е
м.л.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски