27/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 23 септември 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 123 од Законот за даночната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 88/2008, 159/2008 и 105/2009).

2. „Интерфуд“ ДООЕЛ – Битола на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, каматата која е предвидена во оспорениот член 123 од Законот, се пресметувала веднаш наредниот ден од денот на првобитната пристигнатост на долгот на данокот и даночна давачка, и спротивно на тоа, каматата се пресметувала по истекот на рокот од 30 дена од денот на приемот на барањето за враќање, кога се работело за враќање на повеќе платен данок и даночни обврски. Значи, граѓаните и другите правни субјекти како обврзници за плаќање на камата за долгуваниот данок и даночна обврска не биле во еднаква положба со државата, односно за два исти субјекти законодавецот предвидел две различни решенија за рокот за плаќање камата со кои едниот субјект (даночен обврзник) го ставил во нерамноправна – понеповолна положба во однос на другиот субјект (Република Македонија, Министерство за финансии – Управа за јавни приходи). Од овие причини се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на членот 123 од Законот за даночната постапка како спротивен на повеќе одредби од Уставот, и тоа: членот 9 според кој граѓаните пред Уставот и законите се еднакви; членот 51 според кој во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите; и членот 55 со кој се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото.

3. Судот на седницата утврди дека според членот 123 став 1 од Законот, на износот на помалку или повеќе платениот данок и споредните даночни давачки се пресметува и наплатува камата во висина од 0,03% за секој ден задоцнување.

Според ставот 2 од овој член од Законот, на долгуваниот данок и споредната даночна давачка, каматата се пресметува почнувајќи од наредниот ден од денот на првобитната пристигнатост.

Според ставот 3 од овој член од Законот, на износот на повеќе платен данок и споредни даночни давачки каматата се пресметува по истекот на рокот од 30 дена од денот на приемот на барањето за враќање.

4. Според членот 33 од Уставот секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Според членот 68 став 1 алинеи 2 и 3 од Уставот, Собранието на Република Македонија донесува закони и ги утврдува јавните давачки. Врз основа на таквото уставно овластување е донесен Законот за даночната постапка со кој се уредува општото даночно право, постапката за утврдување на данок, постапката на контрола на данок, постапката на наплата на данок, правата и обврските на даночниот обврзник и други прашања од даночното право.

Според одредбите на овој закон, по спроведената управна постапка извршувањето на донесениот даночен управен акт настапува по доставувањето на актот на обврзникот и истекувањето на рокот за жалба, а жалбата во даночната постапка нема суспензивно дејство.

Во ставот 1 од членот 123 од Законот за даночната постапка генерално се уредува дека се пресметува и наплатува камата за секој ден задоцнување како на помалку така и на повеќе платениот данок и споредни даночни давачки. Во ставот 2 од овој член од Законот се уредува прашањето од кога започнува да се пресметува каматата за долгуваниот данок, а во ставот 3 се уредува прашањето од кога започнува да се пресметува каматата за повеќе платениот данок.

Според овие одредби од членот 123 од Законот, за обврзникот за долгуваниот данок, каматата се пресметува наредниот ден од денот на провобитната пристигнатост на данокот, а за даночниот орган, заради повеќе платениот данок, каматата се пресметува по истекот на рокот од 30 дена од приемот на барањето за враќање. Оттука, за обврзникот треба да постои прво пресметан, утврден данок кој пристигнал на негов товар и рок за негово плаќање. За даночниот орган треба да постои барање од странката за враќање на повеќе платениот данок и рок од 30 дена во кој даночниот орган ќе треба да реши за фактичката и правната состојба по барањето и донесе решение за исходот и висината на враќањето. При тоа на странката и е обезбедено дека камата од оваа постапка му следува на утврдениот износ за секој ден по рокот од 30 дена од поднесувањето на барањето до органот за враќање на данок.

Во врска со приговорот во иницијативата зошто овој рок за камата за даночниот орган не е од денот на првобитната пристигнатост на каматата, Судот оцени дека се работи за две различни постапки. Имено, основицата за камата на повеќе платениот данок е фактичка состојба која органот треба да ја реши во висина и износ како повеќе платен. Сепак, и покрај тоа органот е со закон задолжен каматата да ја пресметува во рок од 30 дена од приемот на барањето на странката, што значи тој нема слобода за пролонгирање на решавање на ова прашање на странката, затоа што каматата е врзана со определен рок од поднесување на барањето, па оттука и органот има каматна обврска која е во врска со ажурноста на решавањето на евентуално повеќе платениот данок. Притоа, се има предвид дека пресметување и плаќање на данок и пресметување и плаќање на камата се различни прашања. Данокот се плаќа по доспеаност на пресметката за данок, во рокови уредени со посебните законски решенија за одделни видови даноци, а каматата се плаќа после истекот на рокот за плаќање на данокот.

Управата за јавни приходи е должна да го донесе даночниот управен акт со кој ќе се утврди основаноста на барањето за враќање на повеќе платениот данок, во роковите пропишани со Законот за општата управна постапка, како и во согласност со член 28 од Законот за даночната постапка според кој доколку даночниот обврзник има основано право на враќање на повеќе или погрешно наплатен данок, Управата за јавни приходи има обврска решението за враќање да го донесе во најкус можен рок. Во пропишаниот временски период надлежниот орган – Управата за јавни приходи е должна да го донесе актот со кој ќе се утврди основаноста на поднесеното барање и ќе се одобри враќање на повеќе платениот данок, во кој рок е потребно правилно да се утврди фактичката состојба во согласност со член 10 од Законот, да се изведат и оценат доказите во согласност со член 57 од Законот и да се изготви и издаде даночниот управен акт на даночниот обврзник според правилата на управната постапка. Доколку Управата за јавни приходи, по поднесеното барање од страна на даночниот обврзник не донесе акт во рокот од 30 дена, на обврзникот му следи камата за износот на повеќе платениот данок и споредни даночни давачки во висина од 0,03% за секој ден задоцнување.

Со член 16 од Законот за даночната постапка, даночно-правниот однос е дефиниран како однос кој во даночната постапка ги опфаќа правата и обврските на Управата за јавни приходи од една страна и на даночниот обврзник од друга страна, при што особено се уредува исполнувањето на даночните обврски од страна на даночниот обврзник, како и правото на Управата за јавни приходи да бара исполнување на овие обврски. Значи, даночно-правниот однос е однос помеѓу државата и другите лица во правото во врска со утврдувањето и наплатата на даноците, во кој однос активен субјект е државата преку даночниот орган, додека пасивен даночен субјект е даночниот должник. Во даночното право постои овластувањето за државата преку своите законодавни органи да воведе и нормира даночни обврски за субјектите на нејзината територија. Од друга страна за субјектите – даночни обврзници постои должност за исполнување на даночните обврски. Тука не станува збор за пазарни односи во општеството туку за однос помеѓу даночните обврзници и Управата за јавни приходи како специфичен однос кој се разликува од граѓанско-правниот однос каде како основно начело во меѓусебните односи се јавува начелото на еднаквост и рамноправност на субјектите-учесници, за разлика од надредената положба на државниот орган во даночно-правниот однос како специфичен управно-правен однос.

Од овие причини Судот оцени дека не може да се постави прашањето на согласноста на оспорените одредби од Законот со Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.27/2009
23 септември 2009 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски