249/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Макеоднија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 23 септември 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 184, член 185-е став 1 во делот

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорениот член 184 и оспорените делови од членот 185-е од Законот, предвидувале утврдување, пресметување и наплаќање на камата, која пред измените и дополнувањата на Законот од 2003 година не била воопшто предвидена, а се однесувала за ненавремено плаќање на придонесот за пензиско и инвалидско осигурување. Имено, на обврзникот, покрај задолжителното плаќање на придонесот му се пресметувал и финансиски товар за плаќање и на камата, која немала никаква правна оправданост имајќи предвид дека од ненавременото пријавување во пензиското и инвалидското осигурување или нецелосно и ненавремено плаќање на придонесот, обврзникот секако ќе трпел други последици и тоа во идните остварувања на правата од осигурувањето што зависеле од начинот, должината и обемот на плаќањето на средства за осигурување односно вложените средства, па зошто е тогаш потребна каматата. Заостанатото плаќање на придонесот за осигурувањето било прашање кое Законот веќе го уредил со повеќе инструменти за негово исплаќање од страна на обврзниците. Имено, присилната наплата на придонесот за осигурување и определувањето на казните за прекршоците од неизвршувањето на обврските, биле доволна законска рамка за решавање на прашањето од ненавременото исполнување на обврските за плаќање на придонесот, но, воведувањето и на камата за секој ден задоцнување било неумерено и несоодветно решение кое веќе, наспроти присилната наплата и казните за прекршоците, добивало карактер на нов финансиски товар за осиромашените обврзници, од страна на законодавецот кој имал за цел што поголемо прибирање на парични средства во Фондот, спротивно на темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија – владеењето на правото и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста. Од овие причини за оспорените одредби од Законот се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста, како несогласни со членот 8 став 1 алинеи 1, 3 и 8, членот 34, членот 35 став 1 и членот 51 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека во членот 184 од Законот е предвидено: „За осигурениците кои навремено не се пријавиле во пензиското и инвалидското осигурување или нецелосно и навремено не го плаќале придонесот за пензиското и инвалидското осигурување, на износот на придонесот што не е платен во рокот утврден со членот 183 став 2 на овој закон, се плаќа камата во висина од 0,03% за секој ден задоцнување.

За осигурениците од ставот 1 на овој член кои немаат плата, односно основица на осигурување, за пресметување и плаќање на придонесот за пензиското и инвалидското осигурување служи основицата утврдена согласно со член 20 на овој закон“.

Во членот 185-е од Законот е предвидено: “Ако со контролата се утврди дека обврзникот не ги пресметал, неправилно ги пресметал или не ги уплатил придонесите за пензиско и инвалидско осигурување, со решение се наложува плаќање на пристигнатиот придонес и пресметаната камата.

Решението од став 1 на овој член го донесува овластено лице во рок од осум дена од денот на приемот на приговорот, односно од истекот на рокот за поднесување на приговор по записникот.

Решението по кое не е извршено плаќање на придонесот за пензиско и инвалидско осигурување и пресметаната камата има карактер на извршна исправа”.

4. Според членот 8 став 1 алинеи 1, 3 и 8 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓуна-
родното право и утврдено со Уставот, владеењето на правото и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно членот 34 од Уставот, граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор.

Според членот 35 став 1 од Уставот, Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност.

Законот за пензиското и инвалидското осигурување во членот 1 определил дека со овој закон се уредува задолжителното пензиско и инвалидско осигурување на работниците во работен однос и на физичките лица кои вршат дејност, основите на капитално финансирано пензиско осигурување, како и посебните услови под кои одделни категории на осигуреници ги остваруваат правата од пензиското и инвалидското осигурување.

Системот на социјалното осигурување е уреден со друг закон – Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.142/2008 и 64/2009). Со одредбите од овој закон се уредувааат: видовите на придонеси од задолжителното социјално осигурување, обврзниците за плаќање на придонесите, обврзниците за пресметка и уплата на придонесите, основиците на кои се плаќаат придонесите, стапките на придонеси, начинот на пресметка, роковите на плаќање на придонеси, контрола на пресметување и уплата на придонеси, како и други прашања кои се значајни за утврдување и плаќање на придонесите (член 1), а со плаќањето на придонесите, се обезбедуваат средства за финансирање на задолжителното социјално осигурување во кое спаѓаат пензиското и инвалидското осигурување врз основа на тековна исплата, задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување, стажот на осигурување кој се смета со зголемено траење, здравственото осигурување и осигурувањето во случај на невработеност (членови 2 и 3).

Со двата закона – Законот за пензиското и инвалидското осигурување (кој е донесен во 1993 година) и Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување (кој е донесен во 2008 година), предмет на уредување се односите во сферата на социјалното осигурување, при што пензиското и инвалидското осигурување е само еден од видовите на задолжителното социјално осигурување кои се системски уредени со Законот од 2008 година.

Со одредбите од Законот за пензиското и инвалидското осигурување се утврдени обврската, начинот и условите за остварување на пензиското и инвалидското осигурување, а со измените и дополнувањата на овој закон во 2003 година, за прв пат е предвидена и камата за ненавремено плаќање на придонесот. Имено, во членот 184 став 1 од Законот е предвидено дека за осигурениците кои навреме не се пријавиле во пензиското и инвалидското осигурување или нецелосно и навреме не го плаќале придонесот за пензиско и инвалидско осигурување, на износот на придонесот што не е платен во рокот утврден со членот 183 став 2 на овој закон, се плаќа камата во висина од 0,3% за секој ден задоцнување.

Со Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување кој е објавен во „Службен весник на Република Македонија“ број 142/2008 и е влезен во сила на 10 ноември 2008 година, а се применува од 1 јануари 2009 година не е предвидена камата за придонесите од задолжителното социјално (а со тоа пензиско и инвалидско) осигурување.

Со членот 33 од овој закон меѓу другото е утврдено дека со денот на примената на овој закон престануваат да важат повеќе одредби од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, меѓу кои и оспорените членови 184 и 185-е. Оттука, оспорените одредби од Законот за пензиското и инвалидското осигурување не се во правниот поредок од 1 јануари 2009 година.

Тргнувајќи од наведените причини, иницијативата за оспорените одредби од членот 184 и 185-е од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, Судот оцени дека треба да се отфрли согласно членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, според кој Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

5. Врз основа на напред изнесеното, согласно наведените уставни и деловнички одредби, Судот одлучи како во точкaта 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У. Бр. 249/2008
23 септември 2009 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски