У.бр.107/2009

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 23 септември 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на член 17 став 3 од Законот за здравственото осигурување (“Службен весник на Република Македонија“ бр.25/2000, 34/2000-исправка, 96/2000, 50/2001, 11/2002, 31/2003, 84/2005, 37/2006, 18/2007, 36/2007, 82/2008, 98/2008, 6/2009 и 67/2009).

2. Ана Атанасовска и Олгица Марковска од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителите на иницијативата, оспорената одредба од Законот била неуставна, односно спротивна на членовите 9, 32, 39 и 41 од Уставот и не соодветствувала со новиот Закон за придонеси од задолжително социјално осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 142/2008).

Согласно оспорената одредба од Законот, висината на надоместокот на плата за време на привремената спреченост за работа предизвикана со повреда на работа, професионална болест, за време на давање крв, ткиво или орган, како и за време на отсуство поради бременост, раѓање и мајчинство, не можел да биде повисок од износот на две просечни месечни нето плати исплатени во Републиката во претходната година, што за подносителите на иницијативата не било прифатливо, од причина што по сите овие основи осигуреникот преземал хумана активност и би било крајно неморално да се лимитираат ваквите активности од финансиски аспект, а особено за ограничувањето за висината на надоместокот на плата кој се однесувал за отсуство од работа поради бременост, раѓање и мајчинство. Ова особено затоа што со донесувањето на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, работодавачот уплатувал придонес за здравствено осигурување на работникот до износ од четири просечни бруто плати.

Ограничувањето на висината на надоместокот на плата што осигуреникот требало да ја прими било спротивно на член 9 од Уставот, затоа што значело повреда на правото на еднаквост од општествена положба бидејќи не можело да се оствари право на надоместок на плата во висина на која е уплатуван придонесот за здравствено осигурување.

Несогласноста на оспорената одредба со член 32 став 3 од Уставот според кој секој имал право на соодветна заработувачка, се состоела во тоа што работникот, врз основа на платениот придонес за здравствено осигурување, имал право и на соодветен надоместок на плата во висина до четири просечни бруто плати, а не како во оспорената одредба, до две просечни плати

Понатаму, во иницијативата се наведува дека во моментов, нашата држава се соочувала со еден тип на солидарен систем на плаќање, каде што парите на тие што уплаќаат придонес за здравствено осигурување, ги финансираат потребите на невработените, на пензионерите и на социјалните случаи. Еднаквоста била уставно право, но се поставувало прашање дали во овој случај постоела еднаквост или тотална диспропорција за распределба на средствата. Додека некои (подносителите) заработуваат и го полнат Фондот за здравствено осигурување, некои постојано ги користи тие пари, па за оние кои заработуваат не останува ништо. Подносителите се приморани (заради квалитетот) здравствените услуги да ги плаќаат приватно. На крајот повторно се поставувало прашањето за стимулирање на наталитетот кај оние жени кои заработуваат многу високи плати и кои реално плаќаат повисок придонес за здравствено осигурување отколку што реално примаат на товар на Фондот за здравствено осигурување за времетраење на породилното отсуство.

Ограничувањето на исплатата на надоместокот на плата за отсуство од работа ќе создадело можност работодавачите да не уплатуваат придонес на повисок износ на плата на своите работници. На тој начин Фондот за здравствено осигурување ќе изгубел многу повеќе финансиски средства отколку што била самата заштеда со ваквото ограничување, бидејќи работодавачите согласно законот биле должни да плаќаат придонес за здравствено осигурување и тогаш кога работникот – осигуреник се наоѓал на боледување, односно отсуство. Заради тоа предлагаат да се дефинираат ценовници на здравствените установи кои ќе бидат транспарентни, да се овозможи на секој вработен, работодавачот да му уплаќа на посебна сметка за здравствено осигурување, кои средства ќе има можност да ги користи според своите потреби. Дел од вкупниот износ на придонесот да се уплаќал на посебна сметка за солидарност за здравствено осигурување кои ќе бидат наменети за сите луѓе кои не се во работен однос или се пензионери, да може да ги реализираат своите здравствени потреби.

Во Република Македонија мал бил бројот на осигуреници што примаат плата во повисок износ од четири просечни бруто плати. Покрај овој податок, требало да се има предвид и фактот дека во Република Македонија се намалувал наталитетот и дека младите се подоцна стапувале во брак и тешко се одлучувале да имаат деца. Овие податоци требало многу да не загрижат особено што Република Македонија со член 41 од Уставот се определила заради усогласен економски социјален развој да води хумана популациона политика. Меѓутоа, со оспорената одредба, како да се заборавило на тоа.

Од друга страна, се поставувало и прашањето на усогласеноста на оспорената одредба од Законот и со член 42 став 1 од Уставот, во кој изричито се утврдувало дека Републиката посебно ги заштитува мајчинството, децата и малолетните лица. При ваква состојба, се поставувало прашањето дали со ограничувањето на висината на надоместокот на плата за време на породилно отсуство на две просечни плати, се заштитува мајчинството и детето или тоа создава само неповолен ефект.

И покрај тоа што подносителите на иницијативата биле известени од страна на генералниот секретар на Уставниот суд дека оспорената законска одредба веќе била ценета од страна на Судот и дека со Одлука У. бр. 216/2005 Судот оценил дека нема елементи на неуставност во истата, подносителите инсистираат Судот повторно да ја цени уставноста на одредбата и истата да ја поништи.

3. Судот на седницата утврди дека според член 17 став 3 од Законот за здравственото осигурување, висината на надоместокот на плата пресметан врз основа на членот 16 на овој закон не може да биде повисока од износот на две просечни месечни плати исплатени во Републиката во претходната година.

4. Според членот 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У. бр. 216/2005 од 31.05.2006 година, не поведе постапка за оценување на уставноста на член 17 став 3 од Законот за здравственото осигурување (“Службен весник на Република Македо­нија“ бр.25/2000, 34/2000-исправка, 96/2000, 50/2001, 11/2002, 31/2003 и 84/2005). Оценувајќи ја уставноста на оваа законска одредба, Судот утврдил дека преку задолжителното здравствено осигурување кое се заснова на плаќање на придонес и финансиска дисциплина на осигурениците се обезбедуваат еднакви права и здравствена заштита на сите осигуреници без оглед на основицата за учество во придонесот. Оттука, според Судот наполно во контекст на овој законски систем на уредување на задолжителното здравствено осигурување е правната и економската оправданост на законското решение во оспорената одредба од Законот со кое се утврдува највисокиот износ на висината на надомест на плата за работниците, а во тие рамки и за жените работници кои отсуствуваат од работа поради бременост, раѓање и мајчинство. Според Судот, овој систем на вредности определени со Уставот, на чија основа е воспоставено задолжителното здравствено осигурување не треба да се поврзува со она што се посочува во иницијативите, дека во задолжителното здравствено осигурување требало да владее принципот на “еднаква вредност на давањата и примањата” односно во основата на ова здравствено осигурување да владее ново финансиско правило според кое висината на надоместокот на плата, само и исклучиво да зависи од висината на придонесот кој бил исплаќан за здравственото осигурување индивидуално за секој осигуреник и исклучиво во рамки на индивидуалните давања и примања, надвор од колективот на останатите осигуреници. Во тие рамки, во кои посебно се издвојуваат правата на жените и децата односно на вработените чие отсуство од работа е поради бременост, раѓање и мајчинство, со иницијативите всушност се прави обратно, се негираат наведените уставни вредности, бидејќи осигурениците во задолжителното здравствено осигурување ги остваруваат здравствените услуги (во кои спаѓаат и надоместоците на плата) на начин и финансиски систем на осигурување уреден со закон на што упатува членот 34 од Уставот, кој треба да постигне материјално-финансиска заштита на осигурениците, а во тие рамки грижа и за мајчинството, децата и хуманата популациона политика, но на ниво на колективот од осигурениците, а не со исклучиво поединечно рангирање на правата со облигациони-договорни односи во сферата на задолжителното здравствено осигурување.

Со новодоставената иницијатива, подносителите на иницијативата бараат од Уставниот суд повторно да се впушти во оцена на уставноста на истата законска одредба, оспорувајќи ја од истите причини како во претходната иницијатива по која Судот одлучил со Одлуката У. бр. 216/2005.

Со оглед дека Уставниот суд веќе еднаш ја разгледувал оспорената одредба и оценил дека наводите во иницијативите не можат основано да ја доведат во прашање уставноста на истата, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на иницијативата.

Наводите во иницијативата дека со Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 142/2008 и 64/2009), кој е донесен по донесувањето на наведената одлука на Судот и со кој уплатата на придонесите за задолжително социјално осигурување се лимитира на висина од четири просечни бруто плати, Судот оцени дека не се од влијание за промена на фактичката и правната состојба по ова прашање, затоа што основите на кои се темели системот на задолжителното здравственото осигурување во Република Македонија – начелата на сеопфатност, солидарност, еднаквост и ефективно користење на средствата под услови утврдени со Законот за здравственото осигурување, на кои се темели и донесената одлука на Уставниот суд, не е променет, поради што наведена одредба од Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување не може да преставува основа за промена на изградениот став на Судот по однос на прашањето кое се однесува на лимитираниот износ на надоместок на плата за време на отсуство од работа.

Во однос пак на наводите во иницијативата за тоа дека постојниот систем на здравствено осигурување не задоволувал и требало да биде изменет на начин на кој укажуваат подносителите, Судот оцени дека станува збор за прашање кое е во надлежност на законодавецот и за кое Уставниот Суд не одлучува.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, д-р Трендафил Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.107/2009
23 септември 2009 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски