Вовед
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на Одлуката за ослободување од плаќање надоместок за уредување на градежно земјиште, број 07-3333/19 од 29.12.2008 година, донесена од страна на Советот на Општина Центар-Скопје, („Службен гласник на Општина Центар-Скопје“ број 13/08).
2. Дамјан Здравев од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста одлуката означена во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата, со оспорената одлука се нарушувал принципот на одвоеност на државата од религиозните групи изразен во членот 19 од Уставот на Република Македонија. Предложи додека трае постапката за оценување на уставноста на оваа одлука, Судот да забранел започнување на градба на предвидениот објект.
3. Судот на седницата утврди дека Советот на Општина Центар-Скопје, на 102-та седница одржана на 29.12.2008 година, донела Одлука за ослободување од плаќање надоместок за уредување на градежно земјиште, број 07-3333/19 од 29.12.2008 година. Со наведената одлука, Министерството за култура на Република Македонија, се ослободувало од обврската за плаќање надоместок за уредување на градежното земјиште за изградба на Верскиот објект-Православен храм, на градежна парцела 1.5.1. на Плоштадот Македонија, ДУП “Мал ринг”, во делот од 40% од надоместокот што припаѓа на Општината Центар. Од друга страна со истата одлука, Министерството за култура се обврзувало изградбата на објектите од комуналната инфраструктурна мрежа (атмосферска канализациона мрежа, водоводна мрежа, фекална канализациона мрежа, нисконапонска електрична мрежа, топлификациона мрежа и друга инфраструктура) да ја изведе со сопствени средства и истата да ја предаде на јавните комунални претпријатија и овластени субјекти кои стопанисуваат со истата.
4. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија меѓу другото одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Поаѓајќи од правните елементи кои го определуваат прописот кој треба да содржи општи норми на однесување, да уредува односи на субјектите во правото на општ начин и на неопределен број на субјекти во правото, Судот утврди дека во конкретниот случај, оспорената одлука има карактер на поединечен акт, односно нема карактер на пропис во смисла на член 110 од Уставот. Со ослободувањето од плаќање надоместок за уредување на градежно зенјиште, на определен конкретен субјект за дефинирана намена, не може да се смета дека оспорената одлука ги задоволува критериумите на пропис подобен за уставно-судска оцена.
5. Врз основа на гореизнесеното, Судот оцени дека во конкретниот случај, не се исполнети условите Уставниот суд да се впушта во анализа на основаноста на наводите во иницијативата и согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У. Бр. 92/2009
23 септември 2009 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски