У.бр.239/2008-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 16 септември 2009 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 5 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за градење („Службен весник на Република Македонија“ бр. 82/2008).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по сопствена иницијатива, a по повод иницијативата што за други одредби од Законот ја поднесе Мирослав Грчев од Скопје, со Решение У.бр.239/2008 од 17 јуни 2009 година, поведе постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека според член 5 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за градење, во членот 14 став 2 во втората реченица по зборот: „надоместокот“ се додаваат зборовите: „во зависност од реално направените трошоци потребни за издавање на истата“.

5. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Во членот 1 од Законот за градење е определено дека со овој закон се уредуваат градењето, основните барања на градбата, правата и обврските на учесниците во изградбата, проектната документација, градилиштето, употребата, одржувањето, здружувањето во комора и други прашања од значење за градењето.

Членот 12 од Законот определува дека учесници во изградбата се правни и физички лица: носител на правото на градење (во натамошниот текст: инвеститор), проектант, ревидент, изведувач и надзорен инжинер.

Според член 13 од Законот, инвеститор е правно или физичко лице кое стекнало право на градење, а во чие име и за чија сметка се гради градбата. Право на градење има: лице сопственик на земјиштето на кое се гради градбата, лице кое стекнало право на долготраен закуп на градежно земјиште, концесионер, носител на правото на службеност заради градба, лице на кое сопственикот на земјиштето или носителот на правото на долготраен закуп на градежното земјиште го пренел правото на градење со правна работа и лице кое врз основа на одлука на државен орган му е признаено правото на сопственост на земјиштето согласно со закон. Согласно ставот 2 на овој член, инвеститорот е должен проектирањето, ревизијата на проектот, градењето и надзорот над градбата да го довери на лица кои ги исполнуваат условите пропишани со овој закон.

Согласно член 14 став 1 од Законот, инвеститорот може да определи лице управител на градба, кое во негово име ќе ги води сите организациони работи за следење на процесот на градење, од ниво на идеја, преку проект, изградба, се до добивање на одобрение за употреба, со финансиско и материјално следење на средствата во процесот на изградбата за градби од прва до трета категорија, од членот 50 на овој закон. Управител на градба може да биде лице регистрирано во трговскиот регистар за вршење на таа дејност, ако има лиценца и вработено најмалку едно лице од архитектонска или градежна струка со овластување.

Во ставот 2 на овој член од Законот е определено дека за добивање на лиценцата од ставот 1 на овој член управителот на градбата е должен да плати соодветен надоместок. Овој став имал и втора реченица која што гласела: „Висината на надоместокот ја утврдува министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот“. Меѓутоа, оваа реченица била укината со Одлука на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.155/2005 од 22 март 2006 година, поради немање на критериуми врз основа на кои надлежниот министер би ја утврдувал висината на надоместокот за лиценцата. И покрај тоа што овој дел од законската одредба бил укинат, законодавецот во членот 5 став 1 од Законот за измени и дополнување на Законот за градење („Службен весник на Република Македонија“ бр.82/2008), во одредбата што веќе не е во правниот поредок, извршил измена на тој начин што предвидел дека во членот 14 став 2 во втората реченица по зборот „надоместокот“ се додаваат зборовите: „во зависност од реално направените трошоци потребни за издавање на истата“.

Со оглед на тоа што оваа измена на Законот е извршена со дополнување на одредба што не е веќе во правниот поредок, Судот по сопствена иницијатива оцени дека одредбата од членот 5 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за градење („Службен весник на Република Македонија“ бр. 82/2008) не е во согласност со принципот на владеењето на правото утврден во Уставот како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова – Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.239/2008
16 септември 2009
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски