22/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеите 1 и 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 16 септември 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 20 став 5 и член 25 став 1 точка 5 од Законот за даноци на имот („Службен весник на Република Македонија“ бр.61/2004, 92/2007 и 102/2008).

2. Симеон Аврамовски од Струга на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 20 став 5 и член 25 став 1 точка 5 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите од дополнувањето на иницијативата оспорените членови не биле во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 9 став 2 и член 30 од Уставот на Република Македонија. Воедно оспорените членови од Законот за даноци биле во колизија и со член 17 од истиот закон . Ова зато што со оспорениот член 20 став 5 од Законот со кој како даночен обврзник бил утврден и примателот на недвижноста односно неговите наследници,според подносителот основано се поставувало прашањето дали во тој круг на наследници влегувал и кругот од прв наследен ред. Според него ако во кругот на наследници влегува и кругот од прв наследен ред, тогаш овој член бил во колизија со член 17 став 1 од Законот за даноците на имот бидејќи кругот на наследници од прв наследен ред биле даночно ослободени и не плаќале данок на наследство.

Подносителот на иницијативата наведува дека оспорениот член 25 став 1 точка 5 од Законот кој се однесувал на даночните ослободувања, не би можел да се однесува за наследниците од прв наследен ред, затоа што во тој случај наследникот од прв наследен ред не би требало да склучува договор за доживотно издржување бидејќи недвижноста би ја наследил согласно Законот за наследување и би бил целосно даночно ослободен од плаќање на данок на имот.

Со оспорените законски одредби наследниците од прв наследен ред не биле еднакви во однос на даночните ослободувања за плаќање на данок на имот затоа што тие се задолжувале да плаќаат данок на имот на наследство, а согласно член 17 став 1 точка 1 наследниците од прв наследен ред даночно се ослободуваат од плаќање данок на имот на наследство. Исто така, со оспорените членови се повредувал и членот 30 од Уставот според кој никому не можело да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

3. Судот на седницата утврди дека според член 20 став 5 од Законот за даноците на имот: “ако правото на сопственост на недвижност се пренесува врз основа на договор за доживотно издржување даночен обврзник е примателот на недвижноста односно неговите наследници”.

Според оспорениот член 25 став 1 точка 5 од Законот, данок на промет на недвижности не се плаќа: „кога правото на сопственоста на недвижноста се пренесува на давателот на доживотно издржување кој во однос на примателот на издржувањето се наоѓа во прв наследен ред и тоа само за делот на недвижноста кој би го наследил според Законот за наследување и без давање на издршката“.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3, покрај другите темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија е и владеењето на правото.

Според член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Членот 30 став 1 од Уставот, го гарантира правото на сопственост и правото на наследување, а според став 3 на овој член, никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Според член 33 од Уставот секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Со Законот за даноците на имот се уредува начинот на оданочување на данок на имот, данок на наследство и подарок и данок на промет на недвижности, при што за секој од предвидените даноци е утврдено кој е даночен обврзник, даночната основа како и даночните ослободувања и олеснувања.

Според член 17 став 1 точка 1 од Законот, данок на наследство и подарок не плаќаат наследниците односно примателот на подарок од прв наследен ред.

Во членот 20 од Законот е утврдено кој е обврзник на данок на промет на недвижности, при што во точката 5 е утврдено дека ако правото на сопственост на недвижност се пренесува врз основа на договор за доживотна издршка, даночен обврзник е примателот на недвижност,односно неговите наследници.

Начелно, законодавецот како даночен обврзник кај данокот на промет на недвижност кога сопственоста се пренесува врз основа на договор за доживотно издржување го утврдил примателот на недвижноста не впуштајќи се во тоа во какви односи се давателот и примателот на издршката. Меѓутоа, во членот 25 од Законот во кој се утврдени даночните ослободувања за данок на промет на недвижност, е предвидено дека давателот на доживотна издршка кој во однос со примателот на издршката се наоѓа во прв наследен ред, е ослободен од данок на промет на недвижности и тоа само за делот на недвижноста кој би го наследил според Законот за наследување и без давање на издршка.

Согласно Законот за облигационите односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.18/2001, 4/2002 и 84/2008) со договорот за доживотна издршка, давателот на издршката се обврзува да го издржува доживотно примателот на издршката или некое трето лице, а примателот на издршката во надомест му го остава целиот свој имот или определен дел од имотот, чие предавање е одложено до неговата смрт.

Според член 1035 од наведениот закон,во случај на смрт на давателот на издршка,неговите обврски поминуваат на неговиот брачен другар и на неговите наследници што се повикани на наследство,ако тие се согласат.

Според Законот за наследувањето („Службен весник на Република Македонија“ бр.47/1996) граѓаните под исти услови се рамноправни во наследувањето. Оставината на умрениот ја наследуваат пред сите неговите деца и неговиот брачен другар . Тие наследуваат еднакви делови.

Од анализата на наведените уставни одредби како и одредбите од Законот за даноците на имот произлегува дека право е на законодавецот да ги утврди даноците и другите јавни давачки и дека ова право не е ограничено ниту во поглед на предметот на оданочување ниту во поглед на субјектите, при што, во рамките на остварувањето на ова право законодавецот е должен воведувањето, начинот на пресметувањето, олеснувањето и ослободувањето да го уреди на начин според кој субјектите задолжени со одредена давачка нема да ги доведе во нееднаква положба.

Тргнувајќи од наведените уставни и законски одредби како и од содржината на оспорените одредби во однос на наводите во иницијативата, Судот оцени дека подносителот на иницијативата во суштина бара Судот да даде толкување за оспорените членови,односно преку толкување на членот 20 став 5 од Законот,да ја осознае примената на член 25 став 1 точка 5 од Законот.Тоа поточно значи дека од Судот се бара да одговори на прашањето дали ослободувањето од данок на промет на недвижност се однесува и на наследниците од прв наследен ред на давателот на доживотната издршка.

Имајќи ја предвид надлежноста на Уставниот суд утврдена во член 110 од Уставот на Република Македонија како и одредбата од член 28 алинеа 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот не е надлежен да дава официјално толкување на законските и другите прописи, ниту пак да ја цени нивната примена , поради што иницијативата се отфрла.

Иницијативата во делот во кој се бара оценување на уставноста на член 25 став 1 точка 5 од Законот се отфрла и поради фактот што Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.бр.123/2008 од 26 ноември 2008 не повел постапка за оценување на уставноста на наведениот член во делот: “ и тоа само за делот на недвижноста кој би го наследил според Законот за наследување и без давање на издршка”, а по повод на предметната иницијатива не наоѓа основ за поинакво одлучување.

Наводот од иницијативата дека оспорените членови биле во колизија со член 17 од истиот закон, исто така, се отфрла. Имено, поѓајќи од надлежноста на Уставниот суд утврдена во член 110 од Уставот на Република Македонија, Судот не е надлежен да ја цени меѓусебната согласност на одредбите од ист или друг закон.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.22/2009
16 септември 2009 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски