У.бр.180/2009

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седница одржана на 9 септември 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Александар Вељановски од Охрид за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот, кое се однесува на забрана на дискриминација на граѓаните по основ на политичка припадност.

2. Александар Вељановски од Охрид на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за заштита на слободите и правата во кое се цитирааат член 9, член 10, член 11, член 12, член 25, член 39, член 44 и член 50 став 1 од Уставот. Потоа во барањето за заштита на слободите и правата и појаснувањето на барањето подносителот дава опис на конкретен кривично-правниот настан, во кој тој бил учесник, се задобил со потешки телесни повреди, а покасно и бил осуден на казна затвор. Во тој контекст детално се опишуваат здобиените повреди и односот на здравствените лица кон него, потоа односот на судските лица во судската постапка како и неговиот третман од страна на службените лица во Затворот Битола за време на издржувањето на казната затвор. Во барањето за заштита на слободите и правата акцентот е ставен на односот на службените лица во Затворот Битола и донесените акти за негово јавно опоме-нување, репрогресирање и условно казнување со самица за кои акти подносителот на барањето смета дека се донесени од причина што погрешно бил окфалификуван како „комуњар“, иако со никакви дејствија не придонел за таква квалификација. Како акти со кои се повредени слободите и правата се означуваат четири решенија донесени од директорот на Затворот Битола во Битола.

3. Судот на седницата утврди дека, со пресуда К.бр. 145/2007 од 21 август 2007 година, Основниот суд Охрид, меѓу другите, го огласил за виновен и обвинетиот Александар Вељановски за стореното кривично дело „Убиство на миг“ по член 125 в.в. со член 19 став 1 од Кривичниот законик и кривично дело „Недозволено изра-ботување, држење и тргување со оружје и распрскувачки материи“ по член 396 став 1 од Кривичниот законик и го осудил на единствена казна затвор во траење од 2 години и девет месеци. Со пресуда Кж.бр.28/2008 година од 9 јули 2008 година Апелациониот суд во Битола ја потврдил првостепената пресуда.

За изразен револт спрема службено лице и одбивање да напише изјава Александар Вељановски од страна на директорот на Затворот Битола дисциплински е казнет со јавна опомена со Решение бр.10/226/6 од 22 јуни 2009 година.

Александар Вељановски е казнет со дисиплинска мерка јавна опомена со Решение бр.10/226/7 од 22 јуни 2009 година донесено од директорот на Затворот Битола, заради недозволено комуницирање на телефон и известување на медиумите за бегство кое се случило во моментот.

Со Решението бр.10-226/8 од 26 јуни 2009 година за репрогресирање, донесено од директорот на Затворот Битола од Битола определено е преместување (репрогресирање) на Александар Вењановски од полуотворено во затворено одделение на канено-поправната установа, бидејќи во краток рок сторил три прекршоци за кои соодветно бил казнет.

Со Решение бр.10-226/9 од 26 јуни 2009 година за дисциплинско казнување со условно упатување во самица, (одложе-но за 3 месеци од здравствени причини) донесено од директорот на Затворот Битола од Битола спрема Александар Вељановски опреде-лено е условно упатување во самица, без право на работа од причина што осудениот изразил револт и упатил навреди кон службено лице и одбил наредба за постапување.

Ниту еден од наведените акти не е конечен, која околност ја потврдува и самиот подносител на барањето.

4. Со членот 50 од Уставот на Република Македонија, е утврдено дека секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот пред судовите и пред Уставниот суд на Република Македонија во постапка заснована врз начелото на приоритет и итност. Исто така, се гарантира судска заштита на законитоста на поединечните акти на државната управа и на другите институции што вршат јавни овластувања.

Согласно членот 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија, ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Согласно членот 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредно право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доста-вувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повре-дата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Во конкретниов случај, подносителот на барањето смета дека со наведените решенија, му биле повредени слободите и правата, утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот, што се одне-суваат на забраната на дискриминација на граѓаните по основ на политичка припадност.

Од барањето, појаснувањето на барањето, како и од самите акти, на кои подносителот се повикува, видно е дека истите не претставуваат конечен или правосилен акт врз основа на кој може да се бара заштита за сторена повреда на слободи и права, утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот, бидејќи постапката по изјавените жалби во време на поднесување на барањето и сега се уште е во тек.

Со оглед на тоа што актите на директорот на Затворот Битола во Битола со кои подносителот на барањето смета дека му е сторена повреда на слободи и права од член 110 алинеја 3 од Уставот, не се конечени или правосилни акти, во смисла на член 51 од Деловникот на Уставниот суд, произлезе дека во конкретниот случај, не постојат процесни претпоставки за постапување по бара-њето односно дека се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот, за отфрлање на истото.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претсе-дателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.180/2009
9 септември 2009 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски