137/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 2 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седница одржана на 9 септември 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата на Томислав Давков од Битола за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 137 ставови 3 и 4 од Законот за банките („Службен весник на Република Македонија“ бр. 67/2007 и 90/2009).

2. Томислав Давков од Битола на Уставниот суд на Репу-блика Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот за банките озна-чени во точката 1 од ова решение.

Подносителот на иницијативата смета дека со оспорениот член 137 ставови 3 и 4 од Законот се ограничувала сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, бидејќи во оспорените одредби не било јасно на кој начин акционерот, кому му е повлечена издадената согласност, можел да го загрози јавниот интерес утврден во членот 31 став 2 од Законот. Дека одредбите биле недоречени, хипотетички и овозможувале злоупотреба на правата утврдени со закон да произле-гуваат од фактот што не прецизирале краен рок за продажба на акциите, односно не определувале до кој период нема да се исплаќа дивиденда на акционерот кому му е повлечена согласноста. Сето ова овозможувало нарушување на темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија определени во членот 8 став 1 алинеи 3 и 6 од Уставот. Во прилог на ваквото тврдење бил и фактот што во Законот за банките не било определено во кој момент наста-натото ограничување би било запишано во Централниот депозитар за хартии од вредност, што требало да значи дека правото за исплата на дивиденда му припаѓа на оној акционер кој во моментот на донесу-вање на одлуката за исплата е запишан како акционер во акционе-рската книга. Според тоа, оспорените одреби овозможувале, спро-тивно на член 137 ставови 1 и 2 од Законот, користење на правата од страна на некој иден, непознат сопственик на акции, иако со повле-кување на согласноста не можел да биде доведен во прашање јавниот интерес, а се попречувало користењето на сопственоста како свое добро и добро на заедницата, спротивно на членот 30 ставови 1 и 2 од Уставот.
Во иницијативата се посочува и на членот 60 став 2 од Уставот, за кој подносителот на иницијативата наведува дека е повреден со оспорените одредби од причина што со нив не се допринесувало со ништо за зачувување на стабилноста на валутата, монетарната политика и општата ликвидност на плаќањето на Републиката. Заради сето наведено бил повреден и членот 51 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека, според членот 137 став 1 од Законот за банките, за акциите стекнати спротивно со чле-нот 59 од овој закон и акциите за кои е повлечена издадената согла-сност, согласно со членот 153 од овој закон, гувернерот утврдува дека на акционерот кој ги стекнал тие акции истите не му носат право на глас.
На акционерот кој стекнал акции спротивно на членот 59 од овој закон и на акционерот на кој му е повлечена издадената согласност според членот 153 од овој закон гувернерот му наложува да ги отуѓи акциите во определен рок, кој не може да биде подолг од 180 дена, освен во случаите од членот 59 став 2 на овој закон, кога гувернерот може да определи и подолг рок (став 2).

Според оспорениот став 3 од истиот член од Законот, ако акционерот од ставот 2 на овој член не ги отуѓи акциите во определениот рок, гувернерот во рок од осум дена од истекот на определениот рок ќе утврди дека тие акции, покрај право на глас, на акционерот не му носат и право на исплата на дивиденда и ќе спроведе продажба на акциите во име на акционерот од ставот 2 на овој член.

Според оспорениот став 4 од истиот член од Законот, доколку во периодот по донесувањето на решението од ставот 3 на овој член до продажбата на акциите банката исплатила дивиденда на останатите акционери, истата е должна во рок од осум дена од денот на добивањето на известувањето за стекнување со акциите, да му ја исплати дивидендата на новиот акционер.

Акционерот од ставот 2 на овој член кој нема да ги отуѓи акциите во определениот рок не може да биде или да стане акционер во банка (став 5).

4. Согласно членот 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Репу-блика Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според членот 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иници-јативата ако за истата работа одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Со Решение У.бр.138/2008 од 14 јануари 2009 година, Судот, по повод иницијатива на Томислав Давков од Битола, не повел постапка, меѓу другото, за оценување на уставноста на член 137 ставови 3 и 4 од Законот за банките („Службен весник на Република Македонија“ бр. 67/2007).

Тргнувајќи од фактот што Уставниот суд веќе се произнел за уставноста на оспорените одредби и не наоѓа основи за поинакво одлучување Судот оцени дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата, согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот.Ова и од причина што во конкретната иницијатива, повторно поднесена од Томислав Давков од Битола, не се содржани наводи кои по својот карактер би претставувале основ, по повод оваа иницијатива, за поинакво одлучување.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претсе-дателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.137/2009
9 септември 2009 година
С к о п ј е
м.л.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски