150/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 9 септември 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за распишување на јавен тендер за доделување на одобрение за користење на радиофреквенции за обезбедување на радиокомуникациска услуга-пренос на дигитални телевизиски услуги преку јавна комуникациска мрежа (DVB-T), број 11-233/1 од 5 декмври 2008 година, објавена во Службен весник на Република Македонија, број 155/2008.

2. Здружението на граѓани “Центар за развој на медиуми”- Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорената Одлука била донесена спротивно на членот 66 став 5 од Законот за електронски комуникации, кој определувал дека Советот за радиодифузија согласно со Законот за вршење радиодифузна дејност, распишувал и спроведувал јавен тендер за доделување на фреквенции од опсегот наменет за радиодифузна дејност, а не Агенцијата за електронски комуникации. Исто така, оспорената Одлука била спротивна и на темелните вредности наведени во Уставот, особено со принципот на владеењето на правото, на членот 51 од Уставот според кој законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и дека секој е должен да ги почитува истите и на членот 56 ставови 1 и 3 со кој е утврдено дека сите природни богатства на Републиката, растителниот и животинскиот свет, добрата во општа употреба, како и предметите и објектите од особено културно и историско значење определени со закон се добра од општ интерес за Републиката и уживаат посебна заштита и дека со закон се уредуваат начинот и условите под кои определени добра од општ интерес за Републиката можат да се отстапат на користење. Според иницијаторот со оглед дека оспоруваната Одлука не била во согласност со закон со кој било уредено користењето на општото добро, истата истовремено била и противуставна, особено спротивна на членот 56 став 1 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека Агенцијата за електронски комуникации на Република Македонија, врз основа на член 14 точка а), а во врска со член 62 став 2 од Законот за електронски кoмуникации (“Службен весник на Република Македонија” број 13/05, 14/07, 55/07 и 98/08), Одлуката за давање на согласност на почетниот износ на пазарната вредност на радиофреквенциите, како еднократен надоместок за добивање на одобрение за користење на радиофреквенции за 3 мултиплекси за обезбедување на радиокомуникациска услуга-пренос на дигитални телевизиски услуги преку јавна комуникациска мрежа (DVB-T) (“Службен весник на Република Македонија” број 2/08), Комисијата, како орган на Агенцијата за електронски комуникации, на состанокот одржан на ден 05.12.2008 година, донела Одлука за распишување на јавен тендер за доделување на одобрение за користење радиофреквенции за обезбедување на радиокомуникациска услуга-пренос на дигитални телевизиски услуги преку јавна комуникациска мрежа (DVB-T), број 11-233/1 од 5 декмври 2008 година, објавена во Службен весник на Република Македонија, број 155/2008.

Судот, исто така, утврди дека Одлуката за распишување на јавниот тендер содржи вкупно 14 члена во врска со: објавата за распишување на јавниот тендер, предметот на јавниот тендер, правото кој може да учествува на јавниот тендер и да подига тендерска документација и условите за учество, времето за кое се издава одобрението, критериумите за избор на најповолен понудувач, најнискиот почетен износ на пазарната вредност на радиофреквенциите, потребните банкарски гаранции, рокот за доставување и начинот на доставување на понудите, времето и местото на јавното отворање на понудите, укажување за потреба од писмено овластување од понудувачот за учество на јавниот тендер, информација за подигањето на тендерската документација и износот кој треба да се плати за подигање на истата, лица за контакт и друго.

4. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија меѓу другото одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/92), Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Поаѓајќи од правните елементи кои го определуваат прописот кој треба да содржи општи норми на однесување, да уредува односи на субјектите во правото на општ начин и на неопределен број на субјекти во правото, Судот утврди дека во конкретниот случај, оспорената Одлука претставува поединечен односно конкретен акт со еднократно дејство, со кој се врши општ повик на неограничен број на заинтересирани домашни и странски правни лица-оператори на јавни комуникациски мрежи и услуги, со цел прибирање на апликации од понудувачи од кои ќе се изврши избор за доделување на предметното одобрение.

5. Со оглед на тоа што, оспорената Одлука нема карактер на пропис, подобен за уставносудска оцена во смисла на член 110 од Уставот, Судот оцени дека во конкретниот случај, не се исполнети условите Уставниот суд да се впушта во анализа на основаноста на наводите во иницијативата, и согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У. Бр. 150/2009
9 септември 2009 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски