86/2009-0-0

Вовед

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на законитоста на Одлуката за избор на најповолна понуда за концесија со водоводната и канализационата мрежа во Кратово, број 07-1769, донесена на седницата на Советот на Општина Кратово на ден 29.09.2008 година, објавена во “Службен гласник на Општина Кратово” за 2008 година, број 6 од 03.10.2008 година.

2. Душко Павловски и Васе Амповски од Кратово, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесоа иницијатива за поведување на постапка за оценување на законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорената Одлука била донесена спротивно на членот 44 од Законот за локалната самоуправа, бидејќи во донесувањето на Одлуката, кај 5 членови на Советот на општината, постоел конфликт на интереси и предлагаат Уставниот суд да утврдел дека оспорената одлука не е во согласност со законот и да ја укине или поништи како незаконита.

3. Судот на седницата утврди дека Советот на Општина Кратово на седницата одржана на 29.09.2008 година, врз основа на член 38 став 1 алинеја 8, членовите 53, 71 и 72 од Законот за концесии и други видови на јавно-приватно партнерство (“Службе весник на Република Македонија”, број 7/2008), а согласно член 22 став 1 точка 4 од Законот за локалната самоуправа (“Службе весник на Република Македонија”, број 5/2002) и член 15 од Статутот на општината Кратово, донел Одлука за избор на најповолна понуда за концесија со водоводната и канализационата мрежа во Кратово, број 07-1769 од 29.09.2008 година, објавена во “Службен гласник на Општина Кратово” за 2008 година, број 6 од 03.10.2008 година.
Во оспорената одлука било предвидено дека на Друштвото за комунални услуги експорт-импорт “Силком” ДООЕЛ од Кратово се дава концесија за стопанисување и тековно одржување со водоводната и канализацоната мрежа во градот Кратово и водоводната мрежа во општината, за период од 30 години, сметано од денот на потпишувањето на договорот за концесија.

Висината на концесискиот надоместок изнесувал 2% од количината на испорачаната вода за 1 м3 регистрирана преку мерни инструменти кои што ќе се вграделе на излезот на пречистителните станици за вода во Кратово, Приковци и Црни врв.

Договорт за концесија во име на концедентот ќе го потпишел Градоначалникот на општината кој требало да биде во согласност со Законот за концесии и други видови на јавно-приватно партнерство, Законот за облигационите односи и оваа одлука.

Одлуката влегувала во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен Гласник на општина Кратово”.

4. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија меѓу другото одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Поаѓајќи од правните елементи кои го определуваат прописот кој треба да содржи општи норми на однесување, да уредува односи на субјектите во правото на општ начин и на неопределен број на субјекти во правото, Судот утврди дека во конкретниот случај, оспорената Одлука претставува поединечен односно конкретен акт со кој на одреден субјект за определен временски период се дава концесија за стопанисување и тековно одржување со водоводната и канализацоната мрежа во градот Кратово и водоводната мрежа во општината.

5. Со оглед на тоа што, оспорената Одлука нема карактер на пропис, подобен за уставносудска оцена во смисла на член 110 од Уставот, Судот оцени дека во конкретниот случај, не се исполнети условите Уставниот суд да се впушта во анализа на основаноста на наводите во иницијативата, и согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У. Бр. 86/2009
9 септември 2009 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски