У.бр.183/2009

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Макеоднија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 9 септември 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето за преиспитување на Пресудата Квп. број 191/2005 од 13 септември 2005 година донесена од Врховниот суд на Република Македонија заради заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата.

2. Зоран (Јован) Вранишкоски од Битола, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе барање за преиспитување на Пресудата Квп. број 191/2005 од 13 септември 2005 година донесена од Врховниот суд на Република Македонија заради заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата.

Според наводите во барањето, Врховниот суд на Република Македонија со Пресуда Квп. број 191/2005 од 13 септември 2005 година, делумно го уважил барањето на тужителот за вонредно преиспитување на правосилната пресуда на осудениот Јован Вранишкоски од Битола и пресудите на Основниот суд Битола К.број 22/2004 од 1 јули 2004 година и на Апелациониот суд Битола Кж. број 631/2004 од 22 јуни 2005 година биле изменети така што за осудениот било утврдено кривичното дело “предизвикување национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост” по член 319 став 1 од Кривичниот законик за кое е огласен виновен и бил осуден на казна затвор во траење од 8 месеци.

По завршувањето на постапките пред судовите во Република Македонија подносителот испратил барање до Судот за човекови права во Стразбург на кое добил одговор дека барањето било недозволено затоа што не биле искористени сите правни средства во Република Македонија, вклучувајќи го и Уставниот суд на Република Македонија.

Од овие причини, подносителот Јован Вранишкоски бара Уставниот суд на Република Македонија да ја преиспита Пресудата на Врховниот суд на Република Македонија, по однос на член 110 алинеја 3 од Уставот, што се однесува на заштита на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата.

3. Судот на седницата утврди дека барањето, во случајов се однесува Уставниот суд да преземе улога на инстанционо повисок суд и да се впушти во преиспитување на конкретната Пресуда на Врховниот суд на Република Македонија и тоа од аспект на утврдување на фактите и доказите од предметот и преиспитување на фактичката состојба од која, според барателот, јасно ќе се утврдела повредата на слободите и правата од членот 110 алинеја 3 од Уставот, што се однесувале на заштитата на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата.

Според членот 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Согласно членот 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеца од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за презмање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Од наводите изнесени во барањето и од цитираните уставни и деловнички одредби, Судот оцени дека конкретно во случајов подносителот само формално и декларативно се повикува на заштита на слободите и правата. Подносителот во барањето воопшто не наведува аргументи во што се состоела дискриминацијата и нееднаквиот третман пред судовите или пред Врховниот суд, туку иницира Уставниот суд да ја преиспитува Пресудата Квп. број 191/2005 донесена од Врховниот суд на Република Македонија, меѓутоа Уставниот суд нема надлежност на инстанционо повисок суд кој ќе ја цени законитоста на одлуките на судовите.

Воедно, имајќи предвид дека Пресудата на Врховниот суд била донесена на 13 септември 2005 година, Судот утврди дека е истечен рокот од 2 месеца од денот на доставувањето на Пресудата на подносителот на барањето, во кој рок, согласно членот 51 од Деловникот на Уставниот суд, би можел да бара заштита на слободи и права по основ на оваа пресуда пред Уставниот суд на Република Македонија, доколку би постоеле основани аргументи за повреда на слободите и правата. Покрај тоа, во предметното барање не се наведени никакви аргументи во што се состоела дискриминацијата на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата.

4. Врз основа на напред изнесеното, согласно наведените уставни и деловнички одредби, Судот одлучи како во точкaта 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.183/2009
9 септември 2009 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски