У.бр.184/2009

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Макеоднија, член 28 ставови 1 и 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 9 септември 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Јанко (Давид) Нинов од Скопје за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, што се однесуваат на слободата на уверувањето и забраната на дискриминацијата по основ на верска припадност.

2. Јанко (Давид) Нинов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе барање за заштита на слободите и правата што се однесуваат на забраната на слободата на уверувањето и забраната на дискриминацијата по основ на верска припадност.

Во барањето подносителот во име на група лица наведува дека им биле повредени нивните слободи и права што се однесуваат на слободата на уверувањето и вероисповеста предизвикани со нерегистрација на нивната религиозна група на која подносителот и припаѓал. Наведува и дека лицето Јован Вранишкоски кој бил митрополит во Македонската православна црква, се одвоил од Македонската православна црква и заедно со верниците кои го следеле, вклучително и подносителот на барањето, пристапиле во единство со Српската православна црква. Заради тоа му била одземена титулата митрополит и не му било дозволено да ги користи просторииите на Митрополијата во Велес. Верските следбеници заедно со лицето Јован Вранишкоски и подносителот на барањето кои се одвоиле од Македонската Православна Црква и пристапиле во единство на Српската православна црква, започнале постапка пред надлежните органи за регистрација на нивната религиозна група означена како “Православна Охридска Архиепископија”. Според наводите во барањето, Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи со Решение 16-30/20 од 03.11.2004 година, го одбила како неосновано барањето за пријавување на религиозната група таканаречена “Православна Охридска Архиепископија”, на која припаѓал и подносителот на барањето. Вложената жалба против ова решение, со Решение УП.II број 28/II-1910/1-2004 од 11.01.2005 година на Второстепената Комисија при Владата на Република Македонија, била одбиена како неоснована, а потоа и со Пресуда У.бр.405/05 од 09.11.2005 година, Врховниот суд ја одбил како неоснована тужбата на тужителот означена како “Православна Охридска Архиепископија”, со која се оспорувала законитоста на Решението од Второстепената Комисија при Владата на Република Македонија.

Означената религиозна група, до Основниот суд Скопје II Скопје, повторно се обратила со барање од 28.04.2009 година, за нејзино запишување во надлежниот регистар на црквите, верските заедници и религиозните групи, сега под името таканаречена Грко-православна Охридска Архиепископија на Пеќката Патријаршија, но според наводите од подносителот, се уште немало одговор на барањето.

Од овие причини, се бара Уставниот суд на Република Македонија, да ја испитал повредата на уверувањето и вероисповеста, нанесена на верниците-следбеници на религиозната група на која подносителот и припаѓал, со нерегистрирањето на означената религиозна група, односно се бара овој суд да се произнел и да ги упател истите во остварувањето на нивното барање.

3. Судот на седницата утврди дека подносителот на барањето припаѓал и бил следбеник на религиозна група означена како “Православна Охридска Архиепископија”, а сега таканаречена Грко-православна Охридска Архиепископија на Пеќката Патријаршија.

Подносителот во барањето до Уставниот суд, не бара лична заштита од дискриминација сторена со повреда на права од членот 110 алинеја 3 од Уставот, туку се става во улога на презентер на права на група на лица во која и тој припаѓа. Имено, предметно барање до Уставниот суд е поднесено од физичко лице но во име на група лица, а основот на кој се повикува е заштита на слободи и права на групата на која тој и припаѓа.

Религиозната група, означена како “Православна Охридска Архиепископија”, во текот на 2004 година, до Комисијата за односи со верски заедници и религиозни групи, поднела барање за нејзино пријавување. Барањето од страна на оваа Комисија со Решение 16-30/20 од 03.11.2004 година, било одбиено како неосновано. Барањето било одбиено од причини што истото било поднесено спротивно на член 11 став 1 од Законот за верските заедници и религиозни групи (“Службен весник на Република Македонија” број 35/97), кој определувал дека основачите на религиозната група биле должни да определат одговорно лице кое до органот надлежен за прашањата на верските заедници и религиозни групи ќе поднесе пријава во рок од 30 дена од денот на донесувањето на одлуката за основање, а во конкретниот случај барањето не било поднесено од одговорното лице Јован Вранишкоски туку од лицето Јанко Нинов кој согласно наведениот член немал легитимитет за тоа. Исто така, не бил испочитуван членот 12 од истиот закон, кој определувал дека називот на религиозната група требало битно да се разликува од називите на веќе регистрираните верски заедници, односно религиозни групи. Комисијата за односи со верски заедници и религиозни групи, утврдила дека означената во пријавата религиозна група “Православна Охридска Архиепископија”, произлегувала од веќе регистрирана и пријавена верска заедица Македонска Православна Црква, чие место и улога биле утврдени во Уставот на Република Македонија. Ова затоа што во Преамбулата на Уставот на Македонската Православна Црква било нагласено дека возобновувањето на Охридката Архиепископија е во лицето на нејзината канонска наследничка Македонската Православна Црква, бидејќи со одлука на Архиепископскиот црковно-народен собор, одржан на 17 јули во 1967 година, во Охрид, возобновена била, односно прокламирана била автокефалноста на Охридската Архиепископија во лицето на Македонската Православна Црква. Името на означената во пријавата религиозна група “Православна Охридска Архиепископија” упатувала на друга верска заедница во уставно определената Македонска Православна Црква која била пријавена во Комисијата за односи со верски заедници под број 1 на 12.01.1998 година и која во постапка пред Државниот завод за индустриска сопственост, се стекнала со признавање на правото и заштита на имиња кои се составен дел на Македонската Православна Црква, односно Македонска православна Црква-Охридска Архиепископија ТМ-2004/574. Согласно членот 12 став 1 од Законот за верски заедници и религиозни групи, називот на религиозната група требало битно да се разликува од називите на веќе регистрираните верски заедници, односно религиозни групи, што во конкретниот случај надлежната Комисија утврдила дека не било запазено. Исто така, Комисијата за односи со верски заедници, утврдила дека од ставот 2 на членот 1 од Правилникот за уредување на организацијата и работењето на означената религиозна група “Православна Охридска Архиепископија”, произлегувало дека истата била автономна црква која ќе делувала и ќе се управувала автономно во канонско подрачје на Пеќката Патријаршија, што било спротивно и на член 12 став 4 од Законот за верските заедници и религиозни групи кој регулирал дека седиштето на верската заедница односно религиозната група која врши верски работи и верски обреди на подрачјето на Република Македонија, задолжително е во Република Македонија и само граѓаните на Република Македонија можат да основаат религиозна група. Од сите овие причини одбиено било барањето за регистрација на означената “Православна Охридска Архиепископија”.

Против Решението со кое било одбиено барањето, била поднесена жалба до Комисија за решавање во управна постапка во втор степен од областа на внатрешни работи, судството, државната управа, локалната самоуправа и работите од верски карактер, при Владата на Република Македонија. Оваа Второстепена Комисија, со Решение УП.II број 28/II-1910/1-2004 од 11.01.2005 година, ја одбила жалбата како неоснована со образложение дека првостепениот орган правилно ги применил одредбите од Законот за верските заедници и религиозни групи и целосно ја утврдил фактичката состојба кога донел Решение со кое го одбил барањето за пријавување на религиозната група означена како “Православна Охридска Архиепископија”.

Против решението на Владата на Република Македонија, означената религиозната група со тужба завела управен спор пред Врховниот суд на Република Македонија. Со Пресуда У.бр.405/05 од 09.11.2005 година, Врховниот суд ја одбил како неоснована тужбата на тужителот означен како “Православна Охридска Архиепископија” против Решението на Владата на Република Македонија, Комисија за решавање во управна постапка во втор степен од областа на внатрешни работи, судството, државната управа, локалната самоуправа и работите од верски карактер УП.II број 28/II-1910/1-2004 од 11.01.2005 година, бидејќи утврдил дека оспореното решение било правилно и законито. Во конкретниот случај, постапка по овој предмет, правосилно била окончана.

Означената религиозна група, по неоснованоста на нивното барање за регистрирање пред надлежните органи, до Основниот суд Скопје II Скопје, со нов поднесок од 28.04.2009 година, поднеле повторно барање за регистрирање на религиозната група но сега под името таканаречена Грко-православна Охридска Архиепископија на Пеќката Патријаршија, за што, се уште, според подносителот, немале одговор.

4. Согласно членот 8 став 1 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, претставуваат една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно членот 9 од Уставот, кој се однесува на граѓанските и политичките слободи и права, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно членот 16 став 1 од Уставот, кој се однесува на граѓанските и политичките слободи и права, се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата.

Согласно членот 19 став 1 и 2, се гарантира слободата на вероисповеста и слободно и јавно, поединечно или во заедница со други, изразување на верата.

Во вториот дел од Уставот, кој се однесува на „Основните слободи и права на човекот и граѓанинот“, со одредбите од членовите 9–60 се утврдени граѓанските и политичките слободи и права, економските, социјалните и културните права, потоа гаранциите на основните слободи и права и основите на економските односи.

Со Уставот начелно се утврдени и дефинирани основните слободи и права на човекот и граѓанинот, нивната конкретизација е во законите и другите прописи и општи акти, а за имплементацијата на прописите врз конкретни ситуации постои судска заштита и надлежност на други органи во организацијата на власта.

Согласно членот 108 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија е орган на Републиката кој ја штити уставноста и законитоста.

Со членот 110 од Уставот, децидно се утврдени надлежностите на Уставниот суд и тоа не е прашање препуштено на уредување со закон или друг пропис. Според алинеја 1 и 2 од овој член од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите. Според алинеја 3 од овој член од Уставот, Уставниот суд ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Значи, посебно уставносудската заштита се однесува не на сите слободи и права утврдени со Уставот, туку на дел од нив. Тие се како надлежност на Уставниот суд на Република Македонија определени во членот 110 алинеја 3 од Уставот.

Имено, и во членот 50 од Уставот јасно е утврдено дека секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот пред судовите и пред Уставниот суд на Република Македонија во постапката заснована врз начелата на приоритет и итност.

Оттука, Уставниот суд на Република Македонија нема надлежност да одлучува за права и интереси на граѓани по конкретни предмети од надлежност на управни и судски органи, ниту Уставниот суд има надлежност да постапува како инстанционо повисок суд кој ќе ја цени уставноста и законитоста на одлуките на надлежните управни органи за да утврди дали постоеле повреди на членовите 16 и 19 од Уставот, а на што меѓу другото се однесуваат во случајов наводите во барањето по овој предмет.

Согласно членот 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени во членот 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеца од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Во конкретниот случај, подносителот не наведува со кој конкретен поединечен акт или дејство му е предизвикана повреда на неговите слободи и права, туку само воопштено наведува дека барањето се ограничува само на преиспитување на неуставни дејствија на органите на Република Македонија по однос на регистрацијата на таканаречената “Православна Охридска Архиепископија”, а сега таканаречена Грко-православна Охридска Архиепископија на Пеќката Патријаршија. Подносителот во случајов се повикува на нерегистрирањето како дејствие, но тоа дејствие не претставува дејствие само за себе туку произлегува од поединечен акт, за што овој Суд не е надлежен да се впушта во оцена на поединечни акти во улога на инстанционо повисок суд. Од друга страна поединечните акти кои се доставени во прилог се однесуваат дел за лице кое не е подносител на барањето и дел на име на религиозна група која водела постапка за регистрација која постапка е окончана со пресуда на Врховниот суд од 09.11.2005 година, а барањето до овој Суд е поднесено после 3 и повеќе години односно на 16.07.2009 година, што не е во согласност со членот 51 од Деловникот на Уставниот суд затоа што истото е поднесено по протекот на рокот од 2 месеци од конечноста или правосилноста на поединечниот акт. Што се однесува до повторното барање за регистрација на религиозната група од 28.04.2009 година, истото не претставува конечен или правосилен поединечен акт согласно цитираниот член од Деловникот на Уставот.

Во членот 52 од Деловникот е предвидено дека во барањето од член 51, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита на слободите и правата, актите или дејствијата со кои тие се повредени, фактите и доказите врз кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучување на Уставниот суд.

Во барањето подносителот не се ограничува само на барање за заштита на слободи и права како лично право на поединец, туку во име на група изнесува наводи во врска со дејствија и акти од постапки за регистрација на религиозна група на која подносителот припаѓал. Имено, низ целиот текст на барањето, подносителот во име на извесни следбеници на религиозна група, воопштено дава приказ на настани и случаи од кои тој смета дека е предизвикана повреда на слободата на уверувањето и вероисповеста на групата, што не е во согласност со цитираните уставни и деловнички одредби.

Покрај тоа, во барањето, не се изнесени аргументи за повреда на слободи и права по основ на член 110 алинеја 3 од Уставот, туку во барањето во име на сите следбеници на нивната религиозна група, подносителот на барањето потенцира дека тие се ограничувале само на барање да се преиспитале неуставните дејствија на органите на Република Македонија по однос нерегистрирањето на означената “Православна Охридска Архиепископија”, односно сега под името таканаречена Грко-православна Охридска Архиепископија на Пеќката Патријаршија. Всушност со барањето само начелно се иницира Уставниот суд преку преиспитување на дејствијата и актите на управните органи надлежни за постапување и одлучување по барање за пријавување и регистрирање на религиозна група како во изнесениот конкретен случај, да утврди дека погрешно и незаконито постапувале и одлучувале надлежните органи, како и да им наложи удоволување на барањето, меѓутоа Уставниот суд нема надлежност за тоа ниту има улога на повисок инстанционен суд кој ќе ја преиспитува законитоста на постапките и актите на надлежните органи. Ова дотолку повеќе што самата регистрација односно нерегистрација на верска заедница, односно религиозна група, не ги детерминира верските определби и внатрешните религиозни чувства на поединецот со оглед на тоа што изразувањето на чувствата е индивидуален чин и постапката за регистрација на конкретна религиозна група, не влијае на личното верско убедување и вероисповест, како и вршење на верски работи и обреди, за чие евентуално кршење, на Судот не му се доставени соодветни докази.

5. Врз основа на напред изнесеното, согласно наведените уставни и деловнички одредби Судот утврди дека настапени се условите од член 28 алинеја 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, поради што Судот одлучи како во точкaта 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.184/2009
9 септември 2009 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски