Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 8 јули 2009 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ ПОНИШТУВА Одлуката за определување на надоместок на членовите на работните тела на општина Кисела Вода број 07-9452/8 од 27 декември 2007 година и Одлуката за компензација на надомест, број 07-1919/1 од 27 февруари 2009 година, и двете донесени од Советот на општина Кисела Вода.
2. СЕ СТАВА НАДВОР ОД СИЛА Решението за запирање на извршување на поединечните акти или дејствија донесени, односно преземени врз основа на одлуките означени во точката 1 од оваа одлука.
3. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Македонија“.
4. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијативата поднесена од Џорџе Арсов од Скопје, со Решение У.бр.75/2009 од 3 јуни 2009 година, поведе постапка за оценување на законитоста на одлуките означени во точката 1 од оваа одлука и го запре извршувањето на поединечните акти и дејствија донесени, односно преземени врз основа на наведените одлуки.
5. Судот на седницата утврди дека Советот на општина Кисела Вода на осумдесет и осмата седница одржана на 27 февруари 2009 година ја донел оспорената Одлука за компензација на надомест.
Со оваа одлука се врши финансиска компензација меѓу членовите на Советот и општина Кисела Вода (член 1); членовите на Советот се откажуваат од износот на надоместокот што им припаѓал за месеците јануари, февруари и март 2009 година, врз основа на членот 1 од Одлуката број 07-9452/8 од 27 декември 2007 година („Службен гласник на општина Кисела Вода“ бр.3/2008) и за сметка на тој износ општината на членовите на Советот им преотстапува средства – пренослив компјутер тип e – machines E 510 во нивна трајна сопственост (членови 2 и 3); а според членот 4, оваа одлука стапува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во „Службен гласник на општина Кисела Вода“.
Градоначалникот на општината Кисела Вода донел Решение за запирање на објавувањето на наведената Одлука за компензација на надомест и ова решение го објавил во „Службен гласник на општина Кисела Вода“ бр.1/2009, а воедно поднел иницијатива до Уставниот суд за поведување постапка за оценување на законитоста на Одлуката за компензација на надомест.
Советот на општината Кисела Вода со Заклучок бр.07-2791/1 од 17 март 2009 година ја потврдил Одлуката за компензација на надомест бр.07-1919/1 од 27 февруари 2009 година чие објавување било запрено од Градоначалникот Џорџе Арсов, и за која е поднесена иницијативата до Судот.
Во 2007 година, Советот на општината Кисела Вода имал донесено Одлука за определување на надоместок на членовите на посебните тела на општина Кисела Вода, број 07-9452/8 од 27 декември 2007 година („Службен гласник на општина Кисела Вода“ бр.3/2008).
Со оваа одлука се определил месечен надоместок за работата на членовите на посебните тела на општината Кисела Вода во износ од 80% од утврдениот надоместок на членовите на Советот за присуство на седници на Советот (член 1); надоместокот се однесувал за работата во сите посебни тела во кои членувале и учествувале членовите на Советот (член 2); оваа одлука влегла во сила со денот на донесувањето, и се објавила во „Службен гласник на општината Кисела Вода“ (член 3).
Судот утврди дека посебните тела на општината со друга одлука од 2007 година биле формирани како: – координативно тело за следење на системот на функционирање на локалната самоуправа, децентрализацијата и прашања сврзани за остварување на надлежностите на општината во рамките на градот Скопје; – тело (комисија) за обезбедување слободен пристап до информации од јавен карактер, постојан надзор над работата на јавните установи, финансирањето и начинот на вршење на дејностите од јавен интерес; – тело за следење на економски, урбани, културнообразовни (спортски) социјални и други прашања за развој на општината; – тело за поттикнување на мерките за превенција и борба против болестите на зависност (алкохол, тутун, дрога).
За членови на посебните тела било определено дека се именуваат членовите на Советот на општината и други стручни компетентни лица, а општинската администрација ја спроведувала организацијата. Имено, со оваа одлука од 2007 година месечниот надомест на членовите на телата се предвидувал како посебен и тоа во износ на процент од утврдениот надомест на членовите на Советот за присуство на седници на Советот. Покрај надоместот за седниците на Советот, членовите добивале и 80% од тој надомест заради учество во телата на општината и тоа за прашања кои се од надлежност на локалната самоуправа.
6. Според Амандманот XVII точка 1 од Уставот со кој се заменува ставот 1 на членот 115 од Уставот на Република Македонија, во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, а особено во областите на јавните служби, урбанизмот и руралното планирање, заштитата на околината, локалниот економски развој, локалното финансирање, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, образованието, здравствената заштита и во други области утврдени со закон.
Согласно член 31 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.5/2002), органи на општината се советот и градоначалникот.
Согласно член 45 од истиот закон, членовите на советот имаат право на надоместок за присуство на седници и надоместок на патните и дневните трошоци, во рамките утврдени со закон.
Со Законот за дополнување на Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката („Службен весник на Република Македонија“ бр.121/2007) кој е влезен во сила на 13 октомври 2007 година, е додаден дел V-а со пет нови членови 29-а до 29-д.
Во делот V-а „Надоместоци на членовите на советите на општините и членовите на Советот на град Скопје“, со членот 29-а од Законот, е предвидено дека на членовите на советите на општините и на членовите на Советот на градот Скопје им припаѓа надоместок за присуство на седниците на советот и надоместок на патни и дневни трошоци, кои се обезбедуваат и исплаќаат од буџетот на општината и Буџетот на градот Скопје.
Според членот 29-б од Законот, месечниот надоместок за присуство на седниците на советот се утврдува во процентуален износ од просечната месечна нето плата во Републиката исплатена за претходната година, но не повеќе од 70% (а со измените на Законот во 2008 година, процентот е 84%). Висината на месечниот надоместок за присуство на седниците се утврдува со одлуката за извршување на буџетот на општината и Буџетот на градот Скопје.
Според членот 29-в од Законот, на претседателите на советите за раководењето и организирањето на работата, надоместокот од членот 29-б се зголемува за 30%.
Од одредбата на членот 29-г од Законот, произлегува дека надоместокот се исплатува за присуство на седниците, а се намалува за 30% за секое отсуство од седница и не се исплатува за неприсуство на ниту една седница на советот.
Според членот 29-д од Законот, на членовите на советите на општините и на градот Скопје им се исплатуваат надоместоци за патни и дневни трошоци за службени патувања во земјата и странство според прописите кои се однесуваат на државните службеници вработени во општинската администрација и во администрацијата на градот Скопје.
Со членот 2 од Законот за дополнување на овој закон, е уредено дека постојните одлуки на општините и на градот Скопје со кои се определени надоместоците на членовите на советите на општините и на градот Скопје ќе се усогласат со одредбите на овој закон во рок од 30 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон.
По влегувањето во сила на наведениот закон во октомври 2007 година, Советот на општината Кисела Вода донел Одлука за определување на надоместок на членовите на посебните тела на општина Кисела Вода, број 07-9452/8 од 27 декември 2007 година, со која се определува месечен надоместок на членовите на Советот на општината Кисела Вода, кои учествувале како членови на работни тела формирани во општината и овој надомест изнесувал 80% од надоместот за присуство на седниците на Советот.
Судот утврди дека ниту со одредбите од Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката, ниту со Законот за локалната самоуправа не е уредено право на членовите на советот на општината на посебен надоместок за работа на седници на работните тела. Прашањето за надоместок со закон е утврдено како право на членовите на советот на единствен и лимитиран надоместок за присуство на седниците на Советот. Со оглед на тоа, поради непостоење на законски основ за уредување на правото на посебниот надомест со Одлуката број 07-9452/8 од 27 декември 2007 година, произлегува дека и оспорената одлука за компензација на надомест број 07-1919/1 од 27 февруари 2009 година, нема законски основ за утврдување на право на членовите на Советот на општината Кисела Вода, за добивање на движни ствари како компензација на надоместокот заснован на наведената Одлука од 2007 година. Имено, со двете одлуки се дава право на надоместок за седници на работни тела во општината, а со тоа се располага со парични и други средства на општината без правен основ за тоа, меѓутоа законодавецот не го дозволил тоа право.
7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
8. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.75/2009
8 јули 2009 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски