11/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 1 јули 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 21 став 1 точки 3 и 5, член 31 став 4 во делот

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 21 став 1 точки 2 и 7, член 31 став 4 во делот: „Предложениот стечаен управник доставува преглед на стечајните постапки во кои е именуван за стечаен управник“, и ставот 6, член 36 став 1 точка 9, член 37 став 2, член 53 став 1 во дел: „Судијата ќе го определи износот на авансот според Правилникот за аванси во стечајна постапка што го донесува министерот за економија“, член 273 став 1 точка 1, член 280 и член 296 став 1 точка 5 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

3. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Судот на седницата утврди дека Законот за стечај, во делот „Стечаен управник“, со одредбите од членовите 20 до 37, ги уредил прашањата: кој може да биде именуван за стечаен управник и да добие лиценца за стечаен управник (членовите 20 и 21), кој не може да биде именуван за стечаен управник (член 22), стекнување уверение на овластен стечаен управник (член 23), издавање на лиценца на физичко лице (член 24), издавање на лиценца на друштво стечаен управник (член 25), одговорност за причинета штета (член 26), одговорност на стечајниот управник (член 27), осигурување од одговорност за штета (член 28), обновување на лиценцата за стечаен управник (член 29), одземање на лиценца на друштвото стечаен управник (член 30), именување на стечајниот управник (член 31), именување на друг стечаен управник (член 32), овластувања и должности на стечајниот управник (членови 33 и 34), контрола над работата на стечајниот управник (член 35), разрешување на стечајниот управник (член 36) и наградување и надоместување на трошоците на стечајниот управник (член 37).

Во членот 21 точки 2 и 7 од Законот е уредено дека: „Друштво, односно физичко лице не може да стекне лиценца за вршење на работи на стечаен управник:

2) ако со правосилна одлука на судот е утврдено дека физичко лице со умисла, односно правно лице предизвикало стечај поради што доверителите не можеле да ги наплатат своите побарувања, додека трае забраната утврдена со одлука на судот;

7) во други случаи кога со закон е одредена забрана за вршење на дејност додека трае забраната утврдена со одлука на судот„.

Во членот 31 ставови 4 и 6 од Законот е уредено дека:

„4) Предложениот стечаен управник дава писмена изјава заверена кај нотар дека нема ограничување определено со овој закон и во Кодексот за етиката на стечајните управници и доставува преглед на стечајните постапки во кои е именуван за стечаен управник.

6) Ако стечајниот судија не го прифати предложениот стечаен управник поради ограничувањата определени во овој закон, предлагачот веднаш ќе предложи именување на друг стечаен управник“.

Во членот 36 став 1 точка 9 од Законот, е уредено дека: „Стечајниот судија може, по службена должност или на барање на одборот или собранието на доверители, да го разреши стечајниот управник, ако утврди дека:

9) доколку со правосилна пресуда е осуден за кривично дело кое го прави неподобен за стечаен управник се додека траат последиците од пресудата“,

Во делот на Законот, кој се однесува на „Ослободување од преостанатите обврски“, со членовите од 269-286 се уредени прашањата кога должникот како поединец може да побара и да биде ослободен од преостанатите обврски кон стечајните доверители што не биле намирени во таа постапка.

Според членот 273 став 1 точка 1 од Законот е уредено дека: „Стечајниот судија ќе го одбие барањето на должникот и нема да донесе решение за ослободување од преостанатите обврски, ако на завршното собрание тоа било побарано од страна на стечајниот доверител и ако:

1) должникот со правосилна пресуда бил огласен за виновен за сторено кривично дело против имотот или кривично дело против јавните финансии, платниот промет и стопанството додека траат правните последици на пресудата“;

Членот 280 од Законот, кој има и поднаслов „Осуда за сторено кривично дело“, предвидел:

„По барање на доверител во стечајната постапка, стечајниот судија ќе одбие да го ослободи должникот од преостанатите обврски ако во периодот меѓу завршното собрание и заклучувањето на стечајната постапка или во периодот на изјавата за отстапување на идните побарувања должникот бил осуден за кривичното дело наведено во членот 273 став 1 точка 1 од овој закон„.

Во овој случај соодветно ќе се применува членот 279 ставови 1 и 3 од овој закон.

За цитираните седум одредби (членот 21 точки 2 и 7, членот 31 ставови 4 и 6, членот 36 став 1 точка 9, членот 273 став 1 точка 1 и членот 280) од Законот, подносителот во иницијативата изнел причини за оспорување како општи и заеднички за сите нив, не впуштајќи се во посебна аргументација на одредбите. Со иницијативата општо се наведува дека со оспорените законски одредби, осудуваноста на физичкото лице, односно правното лице за одделни кривични дела била ограничувачки фактор лицето да врши функција на стечаен управник, по сила на самиот закон, а не како последица на конкретна казна (забрана) што ја изрекол судот со правосилна судска одлука, со што се повредувал уставниот принцип на претпоставена невиност и принципот на законитост во казнувањето и се ограничувало правото на работа и учество во вршење на јавна функција. Ограничувањата со оспорените законски одредби претставувале правна последица од осуда што настапувала автоматски по сила на законот, а таа можела да настапи само со судска одлука, што тука не било случај. Имено, казнено-правниот однос можел да се исцрпува само на релација на казниво дело и судски изречена казна за неговиот сторител, а натамошните последици од осудата за тоа дело кои би се состоеле во ограничувања на правата на граѓаните, не биле допуштени освен ако тоа не било изречно утврдено со Уставот.

Според иницијативата одредбите не биле во согласност со членот 8 став 1 алинеи 1, 3 и 4, член 11 став 1, член 13 став 1, член 14 став 1, член 23, член 25, член 32 и член 54 став 1 од Уставот.

4. Според членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е утврден принципот на владеењето на правото.

Според членот 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Во членот 13 став 1 од Уставот е предвидено дека лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука, а според членот 14 став 1 од Уставот, никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Според членот 23 од Уставот, секој граѓанин има право да учествува во вршење на јавни функции.

Во членот 32 став 1 од Уставот е утврдено дека секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбедност за време на привремена невработеност, а според ставот 2 на овој член, секому под еднакви услови му е достапно секое работно место.

Според членот 32 став 5 од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Според членот 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Тргнувајќи од фактот дека правните последици од осудата како посебен правен институт не се забранети со Уставот, законодавецот општите правила и рамка за нивно пропишување ги утврдил во Кривичниот законик („Службен весник на Република Македонија“ бр.37/1996, 80/1999, 43/2003, 19/2004, 81/2005, 73/2006, 7/2008 и 139/2008), така што, во посебна глава го уредил прашањето на настапувањето, почетокот и траењето на правните последици. Имено, во член 101 став 1 е утврдено дека правните последици од осудата што се надоврзуваат на осудата за определени кривични дела, може да настапат само кога за кривичното дело на сторителот му е изречена казна затвор, а според став 2 на овој член правните последици можат да се предвидат само со закон.

Според член 102 од Кривичниот законик, правните последици од осудата настапуваат со денот на правосилноста на пресудата (став 1), правните последици од осудата што се состојат во забрана на стекнување на определени права траат најдолго десет години од денот на издржаната, простената или застарена казна (став 2) и правните последици од осудата престануваат со бришење на осудата (став 3).

Од наведените одредби на Кривичниот законик јасно произлегува дека правните последици од осудата се предвидуваат со закон, дека тие се состојат во забрана на стекнување на определени права и дека еден од основите за нивно престанување е бришењето на осудата од казнената евиденција.

Оттука, иако правните последици од осудата според своето дејство имаат исти ефекти како и казните што ги изрекува судот, особено оние што се состојат во забрана за вршење определени права , сепак нивната системска поставеност во однос на казните е сосема поинаква.

Анализирајќи ги оспорените одредби од член 21 точки 2 и 7, член 31 ставови 4 и 6, член 36 став 1 точка 9, член 273 став 1 точка 1 и член 280 од Законот за стечај во контекст на наведените уставни одредби, како и одредбите од Кривичниот законик, Судот оцени дека во конкретниов случај не се работи за правни последици од осудата кои настапуваат по сила на закон, од која претпоставка се раководел подносителот на иницијативата.

Имено, забраната односно ограничувањето на правото на добивање лиценца за вршење на работи на стечаен управник во случаите кога на физичкото лице со правосилна одлука на судот му е одредена забрана на вршење на таа дејност додека трае забраната утврдена со одлуката на судот на што се однесуваат одредбите од членот 21 точки 2 и 7 од Законот за стечај, не претставува ограничување дирекно од оспорените одредби од Законот, туку тоа ограничување произлегува од правното дејство на самата правосилна судска одлука со која е изречена казната односно забраната. Тоа значи дека лицето не може да се стекне со лиценца за вршење на работи на стечаен управник, не како правна последица од осудата по сила на законот, туку како последица од казната што со правосилна судска одлука ја изрекол судот. Оттука, имајќи предвид дека во случајов забраната односно неможноста за стекнување на лиценца за стечаен управник од една страна не е трајна туку е сведена на времето додека трае забраната утврдена со одлуката на судот, а од друга страна не се однесува за било кои туку за кривични дела од определената област на стечајот и забраната трае додека траат правните последици, Судот оцени дека оспорените одредби од членот 21 точки 2 и 7 од Законот не можат да бидат доведени под сомнение во однос на уставните одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата.

Со истите наводи во иницијативата кои се однесуваат за оспорување на уставноста на претходно наведените одредби од Законот дека станувало збор за правни последици по сила на закон, се опфатени и се оспоруваат одредбите од членот 31 ставови 4 и 6 од Законот, кои немаат врска со тоа прашање ниту пак во иницијативата се даваат посебни аргументи за овие одредби.

Судот, меѓутоа, оцени дека врз основа на сопствена уставносудска анализа може уставно да се проблематизира само делот од членот 31 став 4 од Законот, кој гласи: „дава писмена изјава заверена кај нотар дека нема ограничување определено со овој закон и во Кодексот за етиката на стечајните управници и…“.

Според членот 11 став 1 од Уставот, физичкиот и моралниот интегритет на човекот се неприкосновени, а согласно членот 25 од Уставот, на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот.

Почитувањето на овие уставни вредности во себе ја инкорпорира и улогата на државата која треба да гарантира заштита на интегритетот и достоинството на начин со кој ќе обезбеди заштита во случај кога овие вредности се загрозени од друг, и со избегнување на поединецот да му се наметнуваат правни обврски кои во конкретниов случај во постапката за именување на стечаен управник можат службено да се проверат. Поради тоа, за оспорениот дел од членот 31 став 4 од Законот, Судот оцени дека основано може да се постави прашањето на неговата уставност.

За останатиот дел од членот 31 став 4 и ставот 6 Судот оцени дека не може да се проблематизира нивната согласност со Уставот, имајќи предвид дека ниту со иницијативата посебно не се третира содржината на одредбите и прашањето што се уредува со нив.

Во однос на оспорениот член 36 став 1 точка 9 од Законот, според кој стечајниот судија може, по службена должност или на барање на одборот или собранието на доверителите, да го разреши стечајниот управник, ако утврди дека: – доколку со правосилна пресуда е осуден за кривично дело кое го прави неподобен за стечаен управник се додека траат последиците од пресудата, е одредба со која законодавецот дал можност на судијата, а не обврска автоматски по сила на закон, стечајниот судија да цени и одлучува да го разреши стечајниот управник, а за што секако ќе ја утврди и фактичката и правната состојба за секој случај посебно и во кои се изречени правни последици со пресудата. Право утврдено со закон е стечајниот судија да именува и разрешува стечаен управник. Во остварувањето на ова право, стечајниот судија треба да има можност за разрешување на стечајниот управник како инструмент во спроведувањето на правилата на постапката на стечајот кои се уредени со закон. Со тоа се обезбедува владеењето на правото и правната заштита на сопственоста како уставни принципи утврдени во членот 8 став 1 алинеи 3 и 7 од Уставот.

Поаѓајѓи од навеаденото, во случајов не станува збор за ограничување на права по сила на закон, туку за законска надлежност на стечајниот судија да одлучува и решава за прашања определени со закон, односно да одлучува и за разрешување на стечајниот управник кога тој е осуден за кривично дело кое го прави неподобен за стечаен управник се додека траат последиците од пресудата. Од овие причини Судот оцени дека уставноста на оспорената одредба од членот 36 став 1 точка 9 од Законот не може да се доведе под сомнение од наводите изнесени во иницијативата.

Во однос на оспорениот член 273 став 1 точка 1 од Законот, повторно се регулира прашање кое е во надлежност на одлучување на стечајниот судија. Но формулацијата на одредбата во случајов не е како дадена можност на судијата да го одбие предметното барање, туку обврска на судијата да го одбие тоа во ситуација кога: „должникот со правосилна пресуда бил огласен за виновен за сторено кривично дело против имотот или кривично дело против јавните финансии, платниот промет и стопанството додека траат правните последици од пресудата“.

Според Судот од аспект на наводите во иницијативата не може да се доведе во прашање уставноста на оспорената одредба од Законот, поради тоа што во овој случај должникот не се ослободува од преостанат негов долг (обврска), бидејќи Законот уредил како еден од условите за тоа ослободување тој да не е огласен за виновен со правосилна пресуда за кривични дела како што е наведено во одредбата додека траат правните последици од пресудата, и овој услов ќе го цени стечајниот судија при одлучување по барањето за ослободување од преостанатиот долг на должникот во стечајната постапка. Имено, воопшто не се работи за ограничување на права по сила на самиот закон, туку за надлежност на стечајниот судија да одлучува по барање на странката за ослободување од преостанат долг и при тоа одлучување е детерминиран од постоењето на извесни факти и услови, како што е тоа со оспорената законска одредба, од што зависи исходот на судската одлука по предметното прашање.

Во овој контекст наполно е содржана и уставната оправданост на оспорениот член 280 од Законот, кој го третира истото прашање на ослободување на должникот од преостанатите обврски, но кога тоа барање било изразено од доверителот во стечајната постапка во временскиот период помеѓу завршното собрание и заклучувањето на стечајната постапка.

5. Во членот 21 став 1 точки 3 и 5 од Законот за стечај е уредено дека:

„Друштво, односно физичко лице не може да стекнат лиценца за вршење на работи на стечаен управник:

3) ако е или било член на орган за управување, односно е управител на правно лице, вклучувајќи и правно лице што престанало, а не ги платило даноците и придонесите кои со закон било обврзано да ги плати,

5) кое било член на орган на управување, односно управител на трговско друштво кое не ги платило даноците и придонесите кои со закон било обврзано да ги плати, вклучувајќи ги и друштвата што престанале„;

Според наводите во иницијативата, тргнувајќи од тоа дека секој имал уставна обврска да ги намирува јавните давачки, согласно членот 33 од Уставот и дека постоеле законски механизми за нивно исполнување, произлегувало дека пропишувањето на еден ваков ограничувачки услов како во оспорените одредби од Законот, значело пречекорување на правната рамка, на соодветните уставни и законски механизми за исполнување на обврските на лицето, а со тоа и попречување на едно друго право, правото на работа и достапноста на секое работно место под еднакви услови. Од овие причини со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на членот 21 став 1 точки 3 и 5 од Законот, како спротивни на членот 8 став 1 алинеја 3, член 32 ставовите 1 и 2 и член 51 од Уставот.

Според членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според членот 32 став 1 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност, а според ставот 2 на овој член, секому под еднакви услови му е достапно секое работно место.

Согласно членот 33 од Уставот, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Тргнувајќи од тоа дека секој има уставна обврска да ги намирува јавните давачки и дека во рамките на начинот на плаќање на јавните давачки постојат законски механизми за нивно исполнување, Судот оцени дека пропишувањето на наведените услови во оспорените одредби од членот 21 став 1 точки 3 и 5 од Законот за стечај, значи пречекорување на дозволениот праг и излегување надвор од соодветните законски механизми. Ваквите ограничувања со кои не може да се стекне лиценца за вршење на работи на стечаен управник влијае на остварувањето на правото на работа и намалување на обемот на достапноста на работа, што уставно не е дозволено, поради што за членот 21 став 1 точки 3 и 5 од Законот основано може да се постави прашањето на согласноста со членот 8 став 1 алинеја 3 и членот 32 став 2 од Уставот.

6. Во членот 32 став 3 од Законот е предвидено дека:

„Поранешен стечаен управник е должен да ја предаде својата должност на новиот стечаен управник во рок од три дена од донесувањето на решението за именување на новиот стечаен управник. Примопредавањето се врши со записник во писмена форма кој го потпишува поранешниот и новоименуваниот стечаен управник. Ако стечајниот управник во овој рок не ја предаде должноста прави тешка повреда која е основа за одземање на лиценцата за овластен стечаен управник на начин и постапка утврдени со овој закон“.

Според наводите во иницијативата, оспорениот дел од членот 32 став 3 од Законот бил во несогласност со уставното начело на владеењето на правото, бидејќи било уредено дека стечајниот управник имал обврска која требало да ја изврши во определен рок, а доколку таа обврска која се состоела тој во рок од три дена да изврши примопредавање на својата должност на новиот стечаен управник не ја извршел, автоматски според Законот, се сметало дека направил тешка повреда која била основа да му се одземе лиценцата. Меѓутоа, ваквата законска определба била неумерена и престрога и како тешка повреда ги опфаќала сите случаи на евентуално пролонгирање на рокот, дури и оние кои имале оправдување и објективни пречки за исполнување, но сепак ќе резултирале со одземање на лиценцата, што било спротивно на членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Од анализата на оспорениот дел од членот 32 став 3 од Законот, произлегува дека законодавецот предвидел законско решение кое не е пропорционално и не е адекватно димензионирано на правните ситуации при оптималната реализација на примопредавањето на должноста од претходниот на новиот стечаен управник и за сите случаи на ненавременото извршување на таа обврска предвидел одземање на лиценца од претходниот стечаен управник, неводејќи сметка дека примопредавањето како фактичко дејствие и во временската рамка е обврска која е детерминирана од двете лица – стечајни управници, чии односи мора од двајцата да се ускладени, како и од многу други фактори кои објективно би можеле да доведат до ситуации на неблаговремено примопредавање, а за кое одговорноста, по сила на Законот, автоматски ќе треба да ја понесе претходниот стечаен управник со одземање на неговата лиценца. Поради тоа, Судот оцени дека за ваквото законско решение во оспорениот дел од членот 32 став 3 од Законот, може основано да се постави прашањето на согласноста со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

7. Во делот од Законот, кој се однесува на „Наградување и надоместување на трошоците на стечајниот управник“, во членот 37 став 2 е предвидено:

„Министерот за економија со акт ги пропишува наградата и надоместокот на реално потребните трошоци на стечајниот управник и начинот на утврдување на нивната висина“.

Во делот од Законот, кој се однесува на „Авансирање на трошоци на претходната постапка“, во членот 53 став 1 е предвидено:

„Предлагачот е должен да го авансира износот што ќе го одреди стечајниот судија за покривање на трошоците на претходната постапка. Судијата ќе го определи износот на авансот според Правилникот за аванси во стечајна постапка што го донесува министерот за економија“.

Според наводите во иницијативата, тргнувајќи од темелната вредност на уставниот поредок на Република Македонија за поделба на државната власт на законодавна, извршна и судска, министерот за економија како извршен орган на државната управа не можел да има овластувања во законодавната власт. Даденото законско овластување на министерот за економија со подзаконски акт да ги пропишува наградата и надоместокот на реално потребните трошоци на стечајниот управник и начинот на утврдување на нивната висина, значело навлегување во законодавната власт која била издвоена од извршната власт. Од овие причини оспорените одредби од Законот не биле во согласност со членот 8 став 1 алинеи 3 и 4, членот 51, членот 95 став 3 и членот 96 од Уставот.

Од анализата на оспорениот член 37 став 2 од Законот за стечај, произлегува дека оваа одредба од Законот е дел од вкупно седум става на членот 37 од Законот, со кои целосно со Законот е уредено прашањето за наградување и надоместување на трошоците на стечајниот управник, наспроти обидот на подносителот во иницијативата уставно да го проблематизира само ставот 2 од членот 37, вадејќи го од контекст од целината на членот, со што формално го сведува на одредба која претставувала овластување на министерот со подзаконски акт да уредува прашање во надлежност на законот, а за оспорениот дел од членот 53 став 1 од Законот посебно не дава никакви аргументи и е сведено дека спротивно на Уставот е дозволено со подзаконски акти можеле да се уредуваат прашања во надлежност на закон. Имено, со одредбите од членот 37 од Законот се утврдени правото на надомест на „реално потрошените“ трошоци на стечајниот управник и правото на награда, чија висина со Законот е определена дека се утврдува според: висината на паричната вредност и процентот на намирување на побарувањето на доверителот, сложеноста на постапката, големината на стечајната маса, времетраењето на стечајната постапка, начинот на нејзиното спроведување и други со Законот определени критериуми.

Според членот 7 од Законот за стечај, во стечајната постапка соодветно се применуваат одредбите од Законот за парничната постапка, ако со овој закон поинаку не е определено.

Глава единасета од Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.79/2005 и 110/2008) со одредбите од членовите 145-169 го уредува прашањето на „Трошоци на постапката“. Со членот 145 е дефинирано дека парничните трошоци ги сочинуваат издатоците направени во текот или по повод на постапката, а парничните трошоци ја опфаќаат и наградата на адвокатот и на другите лица на кои законот им признава право на награда.

Поаѓајќи од одредбите од членот 37 од Законот за стечај произлегува дека стечајниот судија одлучува за сторените трошоци во постапката и за висината на наградата на стечајниот управник според Законот за стечај и Законот за парничната постапка, а подзаконскиот акт за чие донесување е дадено законското овластување со оспорениот став 2 од членот 37 од Законот за стечај е операционализација на наградувањето и надоместување на трошоците на стечајниот управник според критериумите утврдени со закон, но со него не е дадено овластување да се уредуваат односи со утврдување на права и обврски за субјектите што е законска надлежност, ниту може да се прифати наводот во иницијативата дека со оваа законска одредба се доведувало до повреда на уставните принципи на поделба на власта и владеењето на правото во уставниот поредок на Република Македонија. Од овие причини Судот оцени дека за оспорениот член 37 став 2 како и за член 53 став 1 во оспорениот дел кој се однесува на висината на авансот за покривање на трошоците во претходната постапка, од Законот не може да се постави прашањето на согласноста со Уставот.

8. Во делот од Законот, кој се однесува на „Организација на стечајните управници“ – „Дисциплински повреди и санкции“, во членот 295 став 4 е предвидено: „Со Статутот на Комората можат да се утврдат и други дисциплински повреди“.

Според наводите во иницијативата, со законското овластување во оспорената одредба според кое Комората на стечајните управници може со својот Статут да утврдува дисциплински повреди, се дозволувало правата и обврските од работен однос да се уредуваат не со закон или колективен договор, туку со други акти, со што се повредувал членот 32 став 5 од Уставот на Република Македонија.

Според одредбите од Законот за стечај, стечајните управници на територијата на Република Македонија се организираат во Комора на стечајни управници со седиште во Скопје; Комората има Статут, Кодекс на стечајните управници, професионални правила и други акти; со Статутот се уредува организацијата, управувањето, работењето, финансирањето и внатрешната контрола на Комората; органи на Комората се Собрание, Управен одбор, Надзорен одбор и претседател на Комората; Комората има својство на правно лице и се запишува во регистарот во кој се водат другите правни лица (член 287), потоа, стечајните управници кои имаат лиценца и извршиле осигурување согласно со закон, се запишуваат во именикот (регистар) на стечајни управници (член 288 став 1) а Собранието на Комората го сочинуваат сите течајни управници на територија на Република Македонија (член 289 став 1).

Со одредбите од членот 295 се уредуваат прашањата за дисциплинските повреди и се набројани што претставуваат дисциплинските повреди кои стечајниот управник би можело да ги направи, а со оспорената одредба од ставот 4 на членот 295 од Законот, е дадено овластување надвор од законски предвидените дисциплински повреди Комората во Статутот да утврди и други дисциплински повреди.

Поаѓајќи од содржината на оспорената одредба од Законот, а имајќи предвид дека согласно членот 32 став 5 од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори, произлегува дека во случајов со наведеното законско овластување се овозможува права и обврски кои го засегаат и условуваат работниот однос на стечајниот управник, да се пропишуваат не со закон и колективен договор, туку со статут кој ниту има карактер на пропис и претставува само акт за организацијата на работењето на Комората, поради што Судот оцени дека основано може уставно да се проблематизира оспорената одредба од членот 295 остав 4 од Законот.

9. Во делот од Законот, кој се однесува на „Организација на стечајните управници“ – „казни за дисциплински повреди“, во членот 296 став 1 точка 5 е предвидено:

„Казните за дисциплински повреди на стечајните управници се: ….5) предлог до министерот за економија за одземање на лиценцата за стечаен управник“.

Според наводите во иницијативата оспорената одредба од Законот предвидела самото дејствие на давањето на предлогот да биде казна, а тоа воопшто не можело да биде третирано за казна и со тоа одредбата не била во согласност со уставниот принцип на владеењето на правото утврден во членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Со одредбите од членот 296 од Законот за стечај, е уредено прашањето на казните за дисциплински повреди и во ставот 1 од овој член се набројани казните за дисциплинските повреди на стечајните управници, според кои во оспорената точка 5 е предвидено како казна да биде и самиот предлог кој Дисциплинскиот совет на Комората што ја води дисциплинската постапка, може да го поднесе до министерот за економија, заради одземање на лиценцата за стечаен управник. Тргнувајќи од иницијативата со која оваа законска одредба се оспорува од аспект дека нелогично, а со тоа и спротивно на владеењето на правото, било да се предвидува дејствието на поднесување на предлогот како казна, но начинот како ќе одлучи министерот за одземање или неодземање на лиценцата е прашање по кое министерот може да цени и одлучува, Судот оцени дека со тоа се отвара прашањето на целисходноста и адекватноста на нормата која законодавецот ја пропишал, а од тој аспект не е прашање на Судот да испитува дали е тоа уставно правно соодветно, туку е во доменот на успешноста на нормирањето на законските решенија и нивната цел. Од овие причини Судот оцени дека за оспорениот член 296 став 1 точка 5 од Законот не може основано да се постави прашањето на согласноста со Уставот.

10. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

11. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.11/2009
1 јули 2009 година
С к о п ј е
лк/сд

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски