Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 1 јули 2009 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на законитоста на Одлуката за усвојување на Детален урбанистички план за Урбан блок 60 во Тетово, бр.07-1377/10, донесена од Советот на општина Тетово на 18 јули 2007 година.
2. Ветеринарната станица „Тетово“, Фатмир и Ремзи Реџепи, Зулбеар, Зулбие и Авдилгани Зулбеари и Месната заедница „Дарданиа“, сите од Тетово, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение.
Во иницијативата на Ветеринарната станица „Тетово“ од Тетово, примена на 18 октомври 2007 година, се наведува дека со оспорената одлука само се намалувале дотогашните градежни парцели определени со претходниот урбанистички план така што од слободните делови на тие парцели се формирале нови градежни парцели без да се менувала намената на земјиштето. Со тоа, новоформираните градежни парцели станувале, од градежно изградено, градежно неизградено земјиште, па можеле да бидат предмет на денационализација согласно член 28 став 1 точка 2 од Законот за денационализација. Таквото постапување на Општината претставувало своевидно располагање со тие имоти, а тоа не било во согласност со член 72 став 1 од Законот за денационализација („Службен весник на Република Македонија“ бр.43/2009) со кој се забранувало располагање со имотите – предмет на денационализација од сите субјекти, па и од општините. Од тоа, пак, настанувало едни субјекти да бидат неправедно оштетени, а други субјекти да стекнувале екстра право од Законот за денационализација, со што Законот немал подеднакво дејство за сите и спрема сите, а тоа не било во согласност со уставното начело на владеење на правото.
Во иницијативата на семејствата Реџепи (Фатмир и Ремзи) и Зулбеари (Зулбеар, Зулбие и Авдилгани) од Тетово, примена исто така на 18 октомври 2007 година, најнапред се наведува дека со оспорената одлука им се упропастувале градежните парцели, дека остатокот од парцелите станувал нефункционален и дека во значајна мера би им опаднала вредноста на нивниот недвижен имот доколку би се реализирала оспорената одлука. Потоа се наведува дека постапката на донесувањето на Одлуката била незаконита затоа што надлежните не извршиле увид во состојбата на лице место во присуство на иницијаторите иако на иницијаторите им се одземале поголеми површини од градежните парцели; немало стручна расправа за Планот; на иницијаторите не им бил доставен писмен извештај по нивните писмени забелешки дадени на нацрт-Планот; не биле известени за причините поради кои се прифатени или неприфатени одредени забелешки; немало јавна презентација и јавна анкета по нацрт-Планот во кругот на Месната заедница, со што на иницијаторите не им била дадена можност да изнесат свои мислења и забелешки иако биле засегнати со нацрт-Планот; на забелешката на Месната заедница по нацрт-Планот немало одговор, ниту имало писмен извештај со образложение за прифатени и неприфатени забелешки. Поради тоа, Одлуката не била донесена во постапка согласна на членовите 11, 22 и 24 од Законот за просторно и урбанистичко планирање.
Во иницијативата на Месната заедница „Дарданиа“, примена на 8 јуни 2009 година, најнапред се наведува дека група жители се пожалиле до органите на Месната заедница на Одлуката за урбан блок 60, донесена од Советот на општина Тетово на 18 јули 2007 година и дека Одлуката била донесена по барање на Јусуф Мустафаи – жител на тој урбан блок (по барањето, градоначалникот на општина Тетово донел Одлука за покренување на постапка за донесување на Детален урбанистички план за урбан блок 60, бр.09-941/1 од 23.07.2003 година), при што Мустафаи презел обврска да ги плати сите трошоци за донесување на Деталниот урбанистички план според неговата волја без да се консултирал со месното население. Потоа се наведува дека нацрт-Планот не бил истакнат на огласна табла во Месната заедница, туку на огласна табла во општина Тетово, што било намерно прекршување на законот со цел Планот да се реализира по волја на подносителот без да се штитат интересите на месното население. Комисијата која го изработила нацрт-Планот не извршила увид во состојбата на лице место, парцелите што ги предвидела не биле соодветни со реалната состојба на терен, а на писмените забелешки и до неа не било одговорено до денес, ниту пак имало јавна презентација во Месната заедница. Месната заедница предлага укинување на Одлуката со оглед дека не биле почитувани членовите 22 и 24 од Законот за просторно и урбанистичко планирање.
3. Покрај неколкуте писмени обраќања до градоначалникот на општина Тетово, заради остварување на уставните овластувања на Судот, до Судот нема допис од надлежните органи на општина Тетово односно Судот не доби формално-правно издржан одговор од кој може да ја утврди фактичката и правната состојба по предметот, ниту пак има доказ од кој би можело да се утврди дека нацрт-Планот бил објавен во Месната заедница, кој аспект на постапката е инициран во две иницијативи.
4. Според член 24 став 4 реченица прва од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005, 137/2007 и 151/2007-исправка) „јавната презентација и јавната анкета од ставот 1 на овој член се спроведува со излагање на планот на јавно место кое се наоѓа во кругот на месната самоуправа.“
Од изнесената законска одредба произлегува дека нацрт-планот, по кој се организира јавна презентација и јавна анкета, мора да се изложи на јавно место во кругот на месната самоуправа.
Со оглед на тоа што општина Тетово, покрај сите направени напори од Судот, не докажа дека ја испочитувала постапката за донесување на Деталниот урбанистички план за урбан блок 60 согласно член 24 став 4 реченица прва од означениот закон, пред Судот основано се постави прашањето на законитоста на оспорената одлука.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.218/2007
1 јули 2009 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски