56/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 24 јуни 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 14 став 1 алинеја 10 од Законот за јавна чистота („Службен весник на Република Македонија“ бр. 111/2008 и 64/2009).

2. Драган Арсовски од Кратово, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точка 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспорената одредба од Законот за јавна чистота не била во согласност со член 8 став 1 алинеја 1 од Уставот. Имено, од одредбата со која заради обезбедување на јавна чистота на јавните површини, се забранувало сечење, складирање, цепење на дрва, јаглен и слично, произлегувало дека доколку сакаат да се греат на дрва (што бил случај повеќе за провинцијата отколку за престолнината), граѓаните ќе морале да платат глоба од 200 евра во денарска противвредност или едноставно да се откажат од греење, како би го почитувале законот. Голем дел од индивидуалните објекти во Републиката биле ориентирани на токму ваков начин на греење и немале сопствен двор, односно директно од врата излегувале на тротоар (јавна површина). Единствено решение би било да се истоварат дрвата од превозното средство директно во соба и таму да се сечат и цепат, нешто што било ступидно и жално. Со член 43 од истиот закон, законодавецот се обврзал за донесување поблиски прописи во врска со овој закон, но до денес такво нешто не било сторено. Во Законот воопшто не бил предвиден ниту рок ниту начин за задоволување на овие основни потреби, додека полициските органи стриктно делеле правда по скратена постапка, каде на неподобните за нивната дрскост да се греат на дрва им удирале глоба.

Поради наведеното, се предлага Уставниот суд да ја провери уставноста на оспорената одредба која предизвикувала вознемиреност, очај, недоверба и гнев кај граѓаните и по спроведената постапка, истата да ја поништи или укине.
3. Судот на седницата утврди дека по поднесувањето на иницијативата, донесен е Закон за изменување и дополнување на Законот за јавна чистота („Службен весник на Република Македонија“ бр. 64/2009), со кој, помеѓу другото, дополнет е членот 14 алинеја 10 од Законот, со додавање на зборовите: „ освен за места определени за таа намена“.

По извршеното дополнување на Законот, Судот утврди дека според 14 став 1 алинеја 10 од Законот, заради обезбедување на јавна чистота на јавните површини е забрането сечење, складирање, цепење на дрва, јаглен и слично, освен за места определени за таа намена.

4. Согласно член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот, уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата, претставува темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 43 став 1 од Уставот, секој човек има право на здрава животна средина. Според став 2 на истиот член, секој е должен да ја унапредува и штити животната средина и природата, а според став 3 на овој член, Републиката обезбедува услови за остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина.

Со Законот за јавна чистота се уредуваат условите и начинот на одржување на јавната чистотa, правата и обврските на учесниците во одржувањето на јавната чистота, површините и објектите на кои се врши одржување на јавната чистота, собирање на смет и чистење на снег и мраз во зимски услови (член 1).

Согласно член 2 на овој закон, одржувањето на јавната чистота, собирањето на сметот и чистењето на снегот во зимски услови се дејности од јавен интерес од локално значење.

Според член 3 на истиот закон, одржувањето на јавната чистота е континуиран процес кој обезбедува трајно и квалитетно чистење на јавните површини, на јавните објекти, на отворените простори на јавните објекти и на дворните површини на колективните и индивидуалните објекти за домување, заради обезбедување на здрава и чиста животна средина.

Во член 5 од овој закон е утврдено значењето на одделните изрази употребени во овој закон, во која смисла во точката 4 е определено дека “Јавни површини и отворени простори на јавни објекти“ се улици, тротоари, велосипедски патеки, плоштади, кејови, подвозници, надвозници, мостови, паркиралишта, скалила кои ги поврзуваат површините на јавен сообраќај, градски паркови, парк-шуми, улични тревници, видиковци, гранични премини, аеродроми, железнички, автобуски, бензински и такси станици и други објекти на комуналната инфраструктура, јавни телефонски говорници, зоолошки градини, градски гробишта, сајмишта, пазари, магацини и складишта, спортско рекреативни објекти (стадиони, хиподроми, стрелишта), јавни капалишта и отворени простори околу други јавни објекти.

Според член 13 од Законот, секое физичко и правно лице е должно да се грижи за одржувањето на јавната чистота.

Во оваа смисла, со член 14 од Законот се утврдува дека заради обезбедување на јавна чистота на јавните површини е забрането:
– фрлање и оставање на отпадоци од градежен материјал (градежен шут), освен за места определени за таа намена,
– фрлање и оставање на хартија, отпушоци, мастики, амбалажи, земја, отпадоци од растенија, песок и други отпадоци освен на местата определени за таа намена,
– оставање на стари предмети од домаќинство и смет од вршење на дејности покрај садовите за собирање на смет, освен на места определени од општината,
– палење, закопување и уништување на смет,
– оставање на фекални остатоци од домашни миленици и мртви животни, живина и птици во садови за отпад, освен за места определени за таа намена,
– колење на кокошки и друга живина и животни,
– испуштање на отпадни води и други течности од дворните места и објекти,
– истурање или испуштање на течности во садови за отпад, на улици, во канали, реки и езера,
– миење на возила и камп приколки и разни предмети од домаќинства и од вршење на дејности,
– сечење, складирање, цепење на дрва, јаглен и слично, освен за места определени за таа намена,
– паркирање на возила на растојание до десет метри од контејнер и други садови за собирање смет и оставање на товарни возила освен на места определени за таа намена,
– оставање на запрежни коли, трактори, земјоделски машини и алатки,
– чување и напасување на крупен добиток и живина,
– продажба и излагање на земјоделски и индустриски производи, освен за места определени за таа намена,
– превоз на песок, земја, цемент, глина, земјоделско ѓубре, сено, отпад или слични материјали без претходна подготовка и поклопување на материјалите со поклопец,
– вклучување во сообраќај на моторни, влечни и запрежни возила од стоваришта или градилишта со валкани тркала,
– поставување на урбана опрема и други подвижни и неподвижни предмети,
– поправање, сервисирање на возила и вршење на разни занаетчиски работи,
– оставање на нерегистрирани, хаварисани возила, приколки и камп приколки,
– мешање на бетон, малтер, освен на места што ќе ги определи општината,
– растурање на сметот од вреќи, контејнери и други видови садови за собирање смет,
– фрлање, односно оставање на смет до контејнер и други видови на садови за собирање на смет,
– фрлање смет од кој било кат од станбена зграда или куќа, во двор,
– поставување на контејнери и други видови садови за собирање смет надвор од определени места за нивно поставување, согласно со нивната намена,
– палење и уништување на садовите за собирање смет,
– уништување на урбаната и друга опрема (клупи, фонтани, билборди, опрема на детски игралишта),
– плукање или секнење нос на јавни површини,
– лепење на плакати на кое било јавно место освен за места определени за таа намена, и
– вршење на физиолошки потреби.

Согласно член 31 став 5 од Законот, глоба во износ од 50 евра во денарска потиввредност во мандатна постапка согласно со одредбите од овој закон ќе му се изрече на физичко лице ако постапува спротивно на одредбите од членот 14 на овој закон.

Од анализата на наведените уставни и законски одредби произлегува дека заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е грижа не само на државата, туку и на сите граѓани, претпријатијата, установите и органите на локалната самоуправа. Сите овие субјекти се должни да обезбедат услови за зачувањето на природните и со работа создадени вредности на човековата средина, да се воздржуваат од преземање на штетни дејствија, а ако такви настанат, да ги отстранат штетните последици и дејствија што ги загрозуваат тие вредности или го доведуваат во опасност животот и здравјето на луѓето.

Во оваа смисла, законодавецот, со Законот за јавна чистота утврдил дека одржувањето на јавната чистота, собирањето на сметот и чистењето на снегот во зимски услови се дејности од јавен интерес од локално значење и дека одржувањето на јавната чистота е континуиран процес кој обезбедува трајно и квалитетно чистење на јавните површини, на јавните објекти, на отворените простори на јавните објекти и на дворните површини на колективните и индивидуалните објекти за домување, заради обезбедување на здрава и чиста животна средина.

Со одредбите на Законот се предвидени обврски за физичките и правните лица како учесници во одржувањето на јавната чистота, при што, со членот 14 од овој закон децидно се наброени дејствијата чие извршување е забрането на јавните површини со цел да се обезбеди јавна чистота на овие површини. Со овој член, помеѓу другите забранети дејствија на јавните површини во кои спаѓаат и улиците и тротоарите во населените места, со оспорената алинеја 10 се забранува и сечење, складирање, цепење на дрва, јаглен и слично.

Наводите во иницијативата дека ваквото законско решение не било во согласност со член 8 став 1 алинеја 1 од Уставот, Судот ги оцени како неосновани. Ова од причина што забраната за сечење, складирање, цепење на дрва, јаглен и слично на улиците и тротоарите, не претставува забрана на овие активности како основни за нормален живот, како што се наведува во иницијативата, затоа што со наведената регулатива тие активности не се забранети генерално, туку се забранети на конкретните јавни површини, заради обезбедување на јавна чистота, при што, законодавецот, по извршените изменувања и дополнувања на Законот за јавна чистота, допрецизирал дека тие активности се дозволени на места определени за таа намена. Тоа секако значи дека ваквата законска регулатива не подразбира забрана, а со тоа и санкционирање на истовар и внесување во дворното место или во станбениот објект на претходно исечените дрва или јаглен на места определени за таа намена, во потребно и оправдано времетраење за истовар, како дејствие нужно за обезбедување на греење со цврст огрев во домаќинствата, туку забраната се однесува на скалдирање, сечење и цепење дрва и јаглен на конкретните јавни површини, што има за цел обезбедување на јавна чистота, но исто така и обезбедување услови за непречено и безбедно одвивање на сообраќајот и движењето на пешаците на овие јавни површини.

Со оглед дека преку оспорената одредба законодавецот предвидува една од можните заштитни мерки во функција на обезбедување јавна чистота, а со тоа и обезбедување на чиста и здрава животна средина, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, Судот оцени дека со оспорената законска одредба не се повредуваат основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, поради што не го постави прашањето за согласноста на оспорената одредба со член 8 став 1 алинеја 1 од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.56/2009
24 јуни 2009 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски