У.бр.178/2008-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 24 јуни 2009 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 155-б став 2 алинеја 4 од Законот за заштита и спасување („Службен весник на Република Македонија“ бр.36/2004, 49/2004 и 86/2008).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијативата поднесена од Стамен Филипов од Скопје, со Решение У.бр.178/2008 од 29 април 2009 година, поведе постапка за оценување на уставноста на членот 155-б став 2 алинеја 4 од Законот означен во точката 1 од оваа одлука.

Постапката беше поведена затоа што пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на оспорениот член од Законот со Уставот на Република Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 155-б став 2 алинеја 4 од Законот, претседател, односно член на Прекршочната комисија може да се разреши, ако е осуден со правосилна судска пресуда за кривично дело.

5. Според член 8 став 1 алинја 3 од Уставот, темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е владе­ењето на правото.

Согласно член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука, а според член 14 став 1 од Уставот, никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Според член 23 од Уставот, секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Тргнувајќи од наведените уставни одредби и одредбите на Законот за заштита и спасување, а разгледувајќи ја оспорената одредба од овој закон од аспект на причините наведени во иницијати­вата, Судот утврди дека таа не е во согласност со уставното начело на владеењето на правото содржано во член 8 став 1 алинеја 3 и со членовите 13 и 14 став 1 од Уставот.

При оценување на уставноста на оспорената законска одредба како основен критериум Судот го имаше во вид постоењето на двата принципи на казнено-правниот однос утврдени во членовите 13 став 1 и 14 став 1 од Уставот, а тоа се прво, дека казната може да се изрече само со судска одлука и второ, дека за извршено казниво дело на сторителот може да му се изрече казна што како таква е утврдена со закон или друг пропис. Тоа, со други зборови значи дека согласно наведените уставни одредби казнено-правниот однос се исцрпува на релацијата казниво дело и судски изречената казна за сторителот и дека натамошни последици од неговото извршување, односно од осудата за тоа дело кои се состојат во ограничување на правата на граѓаните не се допуштени, освен ако тоа не е изречно утврдено со Уставот.

Неспорно е дека со оспорената одредба од Законот се пропишува престанок на вршење на определено право, односно должност – функција член на Прекршочна комисија, како правна последица од осуда за кривично дело што настапува по сила на закон. Наспроти тоа, Судот утврди дека губењето на правата во овој контекст може да настапи само ако тоа е утврдено со правична судска пресуда, како правна последица на осудата.

Тргнувајќи од наведеното Судот утврди дека оспорената одредба од Законот не е во согласност со напред наведените одредби од Уставот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.178/2008
24 јуни 2009 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски