221/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 10 јуни 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на целината на Законот за инвалидските организации („Службен весник на Република Македонија“ бр.89/2008).

2. ПОЛИО ПЛУС пост полио група за подршка, преку претседателот Звонко Шаврески – Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, законодавецот немал потреба воопшто да го донесе овој закон, ниту пак имал уставна основа за тоа. Имено, членот 39 од Уставот на Република Македонија не бил основ за донесување на оспорениот закон, а исто така, операционализацијата на членот 20 од Уставот била направена со Законот за здруженија на граѓани и фондации, па затоа донесувањето на оспорениот закон за инвалидски организации создавал паралелизам во правното уредување во сферата на невладиниот сектор што било во спротивност со Уставот и Законот за здруженија на граѓани и фондации. Во иницијативата понатаму се наведува дека законодавецот уредувајќи ја оваа материја воопшто не ја напоменувал меѓународно-правна регулатива, занемарувајќи ги сите ратификувани конвенции од Република Македонија од оваа област за заштитата на човековите права, а истите биле дел од внатрешниот правен поредок што било спротивно на членот 8 алинеја 11 од Уставот на Република Македонија.

Членот 13 од Законот, подносителот на иницијативата посебно го оспорува и тоа од аспект на составот и функционирањето на комисијата, со формирањето, односно не формирањето на националниот совет на инвалидските организации и поставува хипотетични прашања како на пример: „што ако не се формира советот на инвалидските организации на Република Македонија” и така натаму.

Членот 15 од Законот го оспорува затоа што оваа одредба не го содржела правото на жалба, иако претставувањето на статусот на инвалидската организација било уредено во членот 14 од Законот. Иницијаторот не наведува причини поради кои оваа оспорена законска одредба од членот 14 од Законот не е во согласност со Уставот.

Членот 19 од Законот бил проблематичен поради тоа што законодавецот поимот „национална” го поистоветувал со поимот „репрезентативна”. Имено, смислата на поимот „национална” не бил во ексклузивитетот на одредена организација да ги застапува интересите на лицата со хендикеп, туку во конкретно подрачје на дејствување согласно можностите за реализација на нивните програми со што се кршел членот 20 ставовите 1 и 2 од Уставот.

Членот 20 од Законот се оспорува затоа што тој не ја уредувал постапката за стекнување статус на национални инвалидски организации, туку се прецизирале условите за тоа кој можело да стекне статус на национални инвалидски организации и дека текстот на Законот не бил ист со текстот на Предлогот на донесувањето на Законот. Имено, не било јасно зошто законодавецот утврдувал бројка од 300 членови, а во образложението на Законот користел воопштени објаснувања како што се употребувала произволна оценка како основна методологија за утврдување на услови за стекнување на статус на инвалидски организации, поради што смета дека оспорениот член 20 од Законот не бил во соглалсност со членот 20 од Уставот.

Членот 21 од Законот, исто така бил конфузен од причини што во предлогот за донесувањето на законот било предвидено поинакво решение од сега основниот текст на одредбата и смета дека не е во согласност со членот 13 став 3 од истиот закон.

Членот 26 од Законот не бил во согласност со Уставот затоа што формирањето на невладин субјект врз основа на спогодба било спротивно на прописите за регистрација на правни лица, односно здруженија на граѓани.

Членот 36 од Законот со оглед на тоа што тој предвидувал дека : „во овој закон целосно се применуваат и важат одредбите од Законот за здруженија на граѓани и фондациите” немал потреба за негово постоење.

Поради изнесеното, подносителот на иницијативата смета дека не постои уставен основ и уставна оправданост на постоење на Законот за инвалидските организации и бара да се поведе постапка за оценување на неговата уставност.

3. Судот на седницата утврди дека Законот е систематизиран во седум глави: во првиот дел: I “општи одредби” со членот 1 од Законот се уредуваат статусот, подрачјето на дејствување, финансисрањето и сопственсота на инвалидските организации. Одредбите на овој закон, кои се однесуваат на физички лица и важат подеднакво за жени и за мажи.

Понатаму во овој дел е уредена дефиницијата на инвалидската организација, членството и јавноста.

Во вториот дел II „Активност” се уредени целите и задачите на инвалидските организации.

Во третиот дел III „Статус на инвалидска организација” е уредено постапката за доделување на статус на инвалидска организација, престанувањето на статусот на инвалидската организација и регистарот на инвалидската организација.

Четвртиот дел IV – “Национални инвалидски организации”, ја опфаќа улогата на националните инвалидски организации, општите и посебните услови, постапката за стекнување статус на национални инвалидски организации, престанувањето со работа на националните инвалидски организации, регистарот на национални инвалидски организации, националниот совет на инвалидските организации на Македонија, како и целите на основање НСИОМ.

Петиот дел V. “Финансирање и сопственост на инвалиските органицации, националните инвалидски организации и НСИОМ”. Во овој дел е уредено: национален совет на инвалидските организации на Македонија, стопанисување со сопственоста и надзор на законитоста на работењето.

Шестиот дел VI. “Прекршочни одредби” – Со овој дел од Законот е уредено прашањето на глобата.

Во седмиот дел VII. “Завршни одредби” е поместен членот 97 од Законот кој го утврдува влегувањето во сила на Законот.

4. Согласно член 110 став 1 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно членот 20 став 1 од Уставот, на граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања.

Според членот 35 став 3 од Уставот, Републиката им обезбедува посебна заштита на инвалидните лица и услови за нивно вклучување во општествениот живот.

Согласно член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, Собранието на Република Македонија донесува закони и дава автентично толкување за законите.

Тргнувајќи од содржината на оваа уставна одредба произлегува дека една од основните надлежности на Собранието на Република Македонија е донесувањето на законите, што значи дека донесувањето на оспорениот закон за инвалидските организации е во рамките на уставно определената надлежност на Собранието на Република Македонија.

Подносителот на иницијативата наведува дека со оглед на тоа што веќе постои закон за здруженија на граѓани и фондации законодавецот немал потреба за донесување на друг закон како што е и наведениот кој го оспорува токму од апект на негово целисходно донесување. Во иницијативата не се наведуваат други причини за оспорување на овој закон, туку само се оспорува неговата оправданост за постоење во правниот поредок, дека тој понатаму го уредува прашањето на инвалидните организации и здруженија што неговите одредби не биле во согласност едни со други, односно не биле конзистентни како што биле на пример членовите 13, 15 и 19 од Законот.

Членот 20 од Законот се оспорува од аспект на произволноста на законодавецот при утврдувањето на условите за стекнување на статус на инвалидска организација и зошто текстот на основниот закон не бил ист со тој од образложението на Предлогот на донесувањето на истиот, членот 21 го оспорува затоа што не бил конзистентен на членот 13 од Законот, членот 23 се оспорува затоа што не го предвидувал правото на жалба, членот 26 го оспорува во однос на Законот за здруженија на граѓани и фондации.

Поаѓајќи од наведеното, како и причините поради кои се оспорува овој закон, како и одредени негови одредби Судот одлучи дека при оценувањето на уставноста на оспорениот закон, не треба да се впушта во оценка на наводите од иницијативата во однос на рационалноста и опортунитетот на донесувањето на законот за инвалидските организации, како и решенијата содржани во различните закони затоа што тоа не е надлежност на Уставниот суд.

За Судот не е спорен фактот дека право на законодавецот е да ја цени целисходноста на начинот на регулирање на одредена материја како што е предметната, со еден или повеќе закони и од уставно правен аспект тоа право на законодавецот не може да се проблематизира. Во таков случај важен е соодносот на законската регулатива да не е во спротивност со уставните принципи, особено со принципите на еднаквост, владеењето на правото и во конкретниот случај со принципот на слободата на здружување на граѓаните.

Со оглед на тоа што со иницијативата не се оспорува законот односно неговата содржина во однос на Уставот, туку неговото целисходно постоење, проблематизирање на една законска одредба со друга од која после се извлекува и неуставност на одредбата, како и оспорување на одредени законски одредби со Законот за здруженија на граѓани и фондации, Судот одлучи согласно членот 28 слинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија иницијативата да ја отфрли поради тоа што не е надлежен да одлучува за барањето.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
Во однос на членот 20 став 1 од Законот решението е донесено со мнозинство гласови.

У.бр.221/2008
10 јуни 2009 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски