Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 3 јуни 2009 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 24-а став 1 од Законот за трговија („Службен весник на Република Македонија“ бр.16/2004, 128/2006, 63/2007, 88/2008 и 20/2009).
2. „Макпетрол“ Акционерско друштво за промет со нафта и нафтени де ривати – Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 24-а став 1 од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите на подносителот на иницијативата со оспорениот член 24-а став 1 се повредувале темелните вредности на Уставот и тоа: владеењето на правото, начелото на законитост, слободата на пазарот и претприемништвото утврдени во член 55 од Уставот како и начелото на еднаквост утврдено во член 9 став 2.
Ова затоа што со воведувањето на забраната за продажба на алкохолни пијалоци во продавниците во состав на бензиските пумпи се ограничувала слободата на пазарот и претприемништвото без притоа да се исполнети уставните услови кои го дозволуваат таквото ограничување.
Понатаму, според подносителот на иницијативата со воведувањето на забраната за продажба на алкохол во продавниците во состав на бензиските пумпи се повредувало начелото на еднаквост на субјектите на пазарот. Ова, дотолку повеќе што на останатите субјекти на пазарот им било дозволено да вршат продажба на алкохолни производи согласно членот 23-а од Законот за трговија (да поседуваат лиценца), а на предлагачот тоа не му било дозволено. Продавниците во склопот на бензиските станици и ако ги исполнуват законските предуслови за добивање на лиценци од член 23-а од Законот за трговија, тие не можеле да добијат лиценца и не можеле да вршат продажба на алкохолни пијалоци. Притоа требало да се има предвид и фактот што најголем дел од бензиските ставници во Република Македонија се наоѓале во населени средини каде граѓаните се снабдувале, покрај со основниот производ – гориво, надвор од објектот и со останати производи за широка потрошувачка.
Поаѓајќи од ваквата состојба, според подносителот со оспорената одредба јасно и недвосмислено законодавецот директно ги прекршил основните начела утврдени во Уставот, поради што предлага Уставниот суд да го поништи оспорениот член.
3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 24-а став 1 од Законот за трговија „се забранува продажба на алкохолни и енергетски пијалоци во продавниците во состав на бензиските станици, во продавниците во состав на зелените пазари и преку киосци во трговијата“.
4. Согласно членот 8 став 1 алинеја 6 од Уставот на Република Македонија слободата на пазарот и претприемништвото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Со членот 55 став 1 од Уставот се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото, а според ставот 2, Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.
Според ставот 3 на наведенот член слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбрана на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.
Имајќи ги предвид наведените уставни одредби произлегува дека гарантираната слобода на пазарот и претприемништвото е една од темелните вредности на уставниот поредок, при што слободата на пазарот и претприемништвото не може да се сфати како работа само со субјектите на пазарот, бидејќи и државата како гарант на оваа слобода има значајно улога како регулатор на економските текови во стопанството.
Принципот на еднаквост на пазарните субјекти претставува еднаква правна положба на субјектите во вршење на својата дејност. Имено, еднаквоста треба да постои меѓу оние субјекти кои вршат идентична или слична дејност. Во овој контекст државата е должна да презема определени мерки со цел да се спречи монополската положба и однесување на пазарот, заштитувајќи ги на тој начин правилата на пазарот, конкуренцијата од една страна и обезбедувањето еднакви можности за сите субјекти да вршат определена дејност од друга страна.
Со Законот за трговија се уредуваат условите и начинот на вршење на трговија на внатрешниот и надворешниот пазар, мерките на ограничување на вршењето на трговијата и заштитните мерки.
Трговијата се врши како трговија на големо, трговија на мало, електронска трговија, вршење трговија од врата до врата и како давање на услуги во трговијата (член 6 став 1).
Трговијата на големо и мало се врши во уредени деловни простории, магацини, складови и деловни простории (член 6 став 2).
Според член 11 од наведениот закон, трговија на мало во смисла на овој закон е продавање на стоки на крајните потрошувачи, а според член 12 став 2 од Законот, трговијата на нафтени деривати на мало се врши на бензиските станици под услови пропишани со закон и друг пропис.
Според членот 13 од Законот, на зелените пазари се врши трговија на големо и мало на земјоделски стоки под услови пропишани со закон и друг пропис (став 1).
На посебно организирани делови на зелените пазари може да се врши трговија на големо и мало и на други стоки под услови пропшани со закон и друг пропис (став 2).
Стоките од ставот 2 на овој член ги определува Владата на Република Македонија на предлог на министерот за економија.
Во членот 16 од Законот, „Посебни начини на вршење на трговија“ покрај другото како посебен начин на вршење на трговија, се смета и вршењето на трговија во киосци, при што вршењето на трговијата на стоки во киосци може да се врши само на места определени со одлука на советот на општината, односно градот Скопје.
Во Главата III „Услови за вршење на трговија“ од Законот, односно во членот 23-а е предвидено дека трговецот на мало кој врши продажба на алкохолни пијалоци, за продажба на алкохолни пијалоци е должен да поседува лиценца која важи две години.
Според став 4 на овој член продажбата на алкохолни пијалоци трговецот од ставот 1 на овој член ја врши во посебен продажен објект за продажба на алкохолни пијалоци, а по исклучок од став 4, продажба на алкохолни пијалоци трговецот на мало може да ја врши и во посебно издвоен дел од продажниот објект кој е соодветно обезбеден.
Според членот 24 од Законот, трговецот на мало не смее да врши продажба на алкиохолни пијалоци и цигари на лица со возраст под 18 години.
Во оспорениот член 24-а став 1 од Законот е предвидено дека се забранува продажба на алкохолни и енергетски пијалоци во продавниците во состав на бензиските пумпи, во продавниците во состав на зелените пазари и преку киосците во трговијата.
Според став 2 на членот 24-а се забранува продажба на алкохолни и енергетски пијалоци од 19.00 часот до 06.00 часот наредниот ден.
Тргнувајќи од наведените уставни одредби, одредбите од Законот за трговија со кои се уредува прашањето на вршењето на трговија на мало на нафтени деривати, трговијата во зелените пазари и посебниот начин на вршење на трговијата на киосци, како и содржината на оспорениот член 24-а став 1, Судот смета дека наводите во иницијативата не се основани. Имено, ова затоа што легитимно право е на законодавецот да ги уреди односите во одделни области на општественото живеење, па во таа смисла да го уреди и режимот на продажба на алкохолни и енергетски пијалоци, како посебен вид на стока на начин што ќе ја забрани продажбата на алкохолни и енергетски пијалоци на лица со возраст под 18 години, во одредени продажни објекти и во одреден период од денот, а во насока на заштита на здравјето на луѓето.
Според тоа, Судот оцени дека утврдениот посебен режим на продажба односно забрана за продажба на алкохолни и енергетски пијалоци во наведените продажни места, е во согласност со уставната определба дека заради заштита на здравјето на луѓето, Републиката со закон може да ја ограничи слободата на пазарот и претприемништвото, поради што не го постави прашањето за согласноста на оспорениот член 24-а став 1 од Законот за трговија со член 8 став 1 алинеја 6, член 9 став 2 и член 55 од Уставот на Република Македонија.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.36/2009
3 јуни 2009 година
С к о п ј е
лк /сд
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски