75/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 27 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 3 јуни 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на законитоста на Одлуката за определување на надоместок на членовите на работните тела на општина Кисела Вода број 07-9452/8 од 27 декември 2007 година и Одлуката за компензација на надомест, број 07-1919/1 од 27 февруари 2009 година, и двете донесени од Советот на општина Кисела Вода.

2. СЕ ЗАПИРА извршувањето на поединечните акти или дејствија донесени, односно преземени врз основа на одлуките означени во точката 1 од ова решение.

3. Џорџе Арсов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на законитоста на Одлуката за компензација на надомест, бр.07-1919/1 од 27 февруари 2009 година, донесена од Советот на општина Кисела Вода, а која е во врска со Одлуката за определување на надоместок на членовите на посебните тела на општина Кисела Вода, број 07-9452/8 од 27 декември 2007 година („Службен гласник на општина Кисела Вода“ бр.3/2008).

Според наводите во иницијативата, со оспорената одлука на Советот на општината се предвидувало давање на предметната компензација на надомест на членовите на Советот на општината преку оттуѓување на државен капитал во приватна сопственост, и покрај тоа што на членовите на Советот на општината со закон не биле предвидени посебни надоместоци за работа во работните тела формирани во општината.

Од овие причини, оспорената одлука не била во согласност со Законот за спречување на корупција (член 11), Законот за користење и располагање со стварите на државните органи (член 56), Законот за платите и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката (членови од 29-а до 29-д) и Статутот на општината Кисела Вода (член 119 став 2).

Со иницијативата, исто така се предлага Судот да донесе времена мерка и да го запре извршувањето на поединечните акти или дејствија донесени, односно преземени врз основа на оспорената одлука.

4. Судот на седницата утврди дека Советот на општина Кисела Вода на осумдесет и осмата седница одржана на 27 февруари 2009 година ја донел оспорената Одлука за компензација на надомест.

Со оваа одлука се врши финансиска компензација меѓу членовите на Советот и општина Кисела Вода (член 1); членовите на Советот се откажуваат од износот на надоместокот што им припаѓал за месеците јануари, февруари и март 2009 година, врз основа на членот 1 од Одлуката број 07-9452/8 од 27 декември 2007 година („Службен гласник на општина Кисела Вода“ бр.3/2008) и за сметка на тој износ општината на членовите на Советот им преотстапува средства – пренослив компјутер тип e – machines E 510 во нивна трајна сопственост (членови 2 и 3); а според членот 4, оваа одлука стапува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во „Службен гласник на општина Кисела Вода“.

Градоначалникот на општината Кисела Вода донел Решение за запирање на објавувањето на наведената Одлука за компензација на надомест, ова решение го објавил во „Службен гласник на општина Кисела Вода“ бр.1/2009 и воедно поднел иницијатива до Уставниот суд за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за компензација на надомест.

Советот на општината Кисела Вода со Заклучок бр.07-2791/1 од 17 март 2009 година ја потврдил Одлуката за компензација на надомест бр.07-1919/1 од 27 февруари 2009 година чие објавување било запрено од Градоначалникот Џорџе Арсов, и за која е поднесена иницијативата до Судот.

Во 2007 година, Советот на општината Кисела Вода имал донесено Одлука за определување на надоместок на членовите на посебните тела на општина Кисела Вода, број 07-9452/8 од 27 декември 2007 година („Службен гласник на општина Кисела Вода“ бр.3/2008).

Со оваа одлука се определил месечен надоместок за работата на членовите на посебните тела на општината Кисела Вода во износ од 80% од утврдениот надоместок на членовите на Советот за присуство на седници на Советот (член 1); надоместокот се однесувал за работата во сите посебни тела во кои членувале и учествувале членовите на Советот (член 2); и оваа одлука влегувала во сила со денот на донесувањето, а ќе се објавела во „Службен гласник на општината Кисела Вода“ (член 3).

Посебните тела на општината со друга одлука од 2007 година биле формирани како: – координативно тело за следење на системот на функционирање на локалната самоуправа, децентрализацијата и прашања сврзани за остварување на надлежностите на општината во рамките на градот Скопје; – тело (комисија) за обезбедување слободен пристап до информации од јавен карактер, постојан надзор над работата на јавните установи, финансирањето и начинот на вршење на дејностите од јавен интерес; – тело за следење на економски, урбани, културнообразовни (спортски) социјални и други прашања за развој на општината; – тело за поттикнување на мерките за превенција и борба против болестите на зависност (алкохол, тутун, дрога).

За членови на посебните тела било определено дека се именуваат членовите на Советот на општината и други стручни компетентни лица, а општинската администрација ја спроведувала организацијата. Имено, со оваа одлука од 2007 година месечниот надомест на членовите на телата се предвидувал како посебен и тоа во износ на процент од утврдениот надомест на членовите на Советот за присуство на седници на Советот. Покрај надоместот за седниците на Советот, членовите добивале и 80% од тој надомест заради учество во телата на општината и тоа за прашања кои се од надлежност на локалната самоуправа.

5. Според Амандманот XVII точка 1 од Уставот со кој се заменува ставот 1 на членот 115 од Уставот на Република Македонија, во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, а особено во областите на јавните служби, урбанизмот и руралното планирање, заштитата на околината, локалниот економски развој, локалното финансирање, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, образованието, здравствената заштита и во други области утврдени со закон.

Согласно член 31 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.5/2002), органи на општината се советот и градоначалникот.

Согласно член 45 од истиот закон, членовите на советот имаат право на надоместок за присуство на седници и надоместок на патните и дневните трошоци, во рамките утврдени со закон.

Со Законот за дополнување на Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката („Службен весник на Република Македонија“ бр.121/2007) кој е влезен во сила на 13 октомври 2007 година, е додаден дел V-а со пет нови членови 29-а до 29-д.

Во делот V-а „Надоместоци на членовите на советите на општините и членовите на Советот на град Скопје“, со членот 29-а од Законот, е предвидено дека на членовите на советите на општините и на членовите на Советот на градот Скопје им припаѓа надоместок за присуство на седниците на советот и надоместок на патни и дневни трошоци, кои се обезбедуваат и исплаќаат од буџетот на општината и Буџетот на градот Скопје.

Според членот 29-б од Законот, месечниот надоместок за присуство на седниците на советот се утврдува во процентуален износ од просечната месечна нето плата во Републиката исплатена за претходната година, но не повеќе од 70% (а со измените на Законот во 2008 година, процентот е 84%). Висината на месечниот надоместок за присуство на седниците се утврдува со одлуката за извршување на буџетот на општината и Буџетот на градот Скопје.

Според членот 29-в од Законот, на претседателите на советите за раководењето и организирањето на работата, надоместокот од членот 29-б се зголемува за 30%.

Од одредбата на членот 29-г од Законот, произлегува дека надоместокот се исплатува за присуство на седниците, а се намалува за 30% за секое отсуство од седница и не се исплатува за неприсуство на ниту една седница на советот.

Според членот 29-д од Законот, на членовите на советите на општините и на градот Скопје им се исплатуваат надоместоци за патни и дневни трошоци за службени патувања во земјата и странство според прописите кои се однесуваат на државните службеници вработени во општинската администрација и во администрацијата на градот Скопје.

Со членот 2 од овој Закон за дополнување на овој Закон, е уредено дека постојните одлуки на општините и на градот Скопје со кои се определени надоместоците на членовите на советите на општините и на градот Скопје ќе се усогласат со одредбите на овој закон во рок од 30 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон.

По влегувањето во сила на наведениот закон во октомври 2007 година, Советот на општината Кисела Вода донел Одлука за определување на надоместок на членовите на посебните тела на општина Кисела Вода, број 07-9452/8 од 27 декември 2007 година, со која се определува месечен надоместок на членовите на Советот на општината Кисела Вода, кои учествувале како членови на работни тела формирани во општината и овој надомест изнесувал 80% од надоместот за присуство на седниците на Советот.

Судот оцени дека со одредбите од Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката, ниту со Законот за локалната самоуправа не се утврдува право на членовите на советот на општината на посебен надоместок за работа на седници на работните тела.

Прашањето за надоместок со закон е утврдено како право на членовите на советот на единствен и лимитиран надоместок за присуство на седници, кој ги опфаќа седниците на советот и седниците на работните тела, а не се предвидуваат посебни надоместоци за присуство и работа на овие седници. Со оглед на тоа, поради непостоење на законски основ за уредување на правото на посебниот надомест со Одлуката број 07-9452/8 од 27 декември 2007 година, произлегува дека и оспорената одлука за компензација на надомест број 07-1919/1 од 27 февруари 2009 година, нема законски основ за утврдување на право на членовите на Советот на општината Кисела Вода, за добивање на движни ствари како компензација на надоместокот заснован на наведената Одлука од 2007 година. Имено, со двете одлуки се дава право на надоместок за седници на работни тела во општината, а со тоа се располага со парични и други средства на општината без правен основ за тоа, ниту законодавецот со закон го дозволил тоа право.

6. Поради наведената правна состојба, Судот оцени дека за наведените одлуки донесени од Советот на општината Кисела Вода, основано може да се постави прашањето на законитоста, а до конечното одлучување Судот согласно членот 27 од Деловникот на Уставниот суд, го запре извршувањето на поединечните акти или дејствија донесени, односно преземени врз основа на одлуките.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.75/2009
3 јуни 2009 година
С к о п ј е
лк /сд

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски