Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 20 мај 2009 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 43 став 2 од Мрежните правила за пренос на електричната енергија („Службен весник на Република Македонија“ бр.95/2006).
2. ЕВН – Електростопанство на Македонија, акционерско друштво за дистрибуција и снабдување со електрична енергија – Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на членот од актот означен во точка 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата оспорениот член 43 став 2 од Мрежните правила за пренос на електрична енергија, не бил во согласност со Законот за сопственост и други стварни права, бидејќи со него се попречувале правото на сопственикот да ја држи стварта, целосно да ја користи и да располага со неа по сопствена волја што било во спротивност на членовите 5 и 8 од Законот за сопственост и други стварни права.
Во членот 10 од Законот за сопственост и други стварни права било предвидено дека правото на сопственост може да се ограничи или одземе ако се работи за јавен интерес утврден со закон, а не со подзаконски пропис, односно член 43 став 2 од Мрежните правила за пренос на електрична енергија не утврдувал постоење на никаков јавен интерес, па врз основа на тој факт да се принуди сопственикот да склучи договор за преотстапување на својата сопственост.
Оспорениот член, исто така, не бил во согласност ниту со член 30 од Уставот од причини што јавниот интерес не можел да се утврдува со Мрежните правила за пренос на електричната енергија, ниту пак со него можело да се ограничува правото на сопственост.
Според подносителот на иницијативата, ваквото подзаконско решение не било во функција на прецизирање, односно дообјаснување на законските норми, поради што со подзаконски пропис не можат да се пропишуваат права и обврски за правни и физички лица. Утврдувањето на права и обврски за граѓаните и правните лица може да се пропишува само со закон, за чие што донесување е надлежна законодавната власт, поради што оспорениот член бил спротивен на член 8 став 1 алинеја 4 од Уставот.
Со членот 43 став 2 од Мрежните правила се ограничувала слободата на пазарот и претприемништвото и се поттикнувала монополската пложба и однесување на АД – МЕПСО Скопје. Имено, со оспорениот член му се овозможувало на МЕПСО да врши уценување на субјектите на пазарот да ја отуѓат својата сопственост спротивно на својата волја како услов за да бидат прикачени на преносната мрежа. Оттука оспорениот член 43 став 2 од Мрежните правила не бил во согласност и со член 55 ставовите 1, 2 и 3 од Уставот.
Од причина што на сопственикот на приклучокот не можеле да му се ограничат стекнатите права кои произлегувале од вложениот капитал со закон или друг пропис, според иницијативата, оспорениот член не бил во согласност ниту со член 59 став 2 од Уставот.
3. Судот на седницата утврди дека според член 43 од Мрежните правила за пренос на електрична енергија трошокот за приклучување е вредноста утврдена во колаудацискиот записник за предметниот приклучок.
Надоместокот за приклучување на преносната мрежа, која што на МЕПСО треба да му се надомести како трошок за приклучување, ќе се оствари преку Договор за предавање во сопственост на МЕПСО на делот од приклучокот изграден од барателот, кој согласно член 9 од овие Мрежни правила, е дел од преносната мрежа. (оспорен дел)
Со склучувањето на Договорот од став 2 на овој член, барателот на МЕПСО треба да му достави:
– одобрение за градба,
– комплетна изведбена техничка документација,
– записниците од интерниот и од техничкиот прием на приклучокот,
– одобрението за употреба на приклучокот.
Во случај кога МЕПСО го има изградено приклучокот, надоместокот за приклучување се утврдува врз основа на конечната пресметка на изведените работи која барателот му го исплаќа на МЕПСО“.
4. Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективни договори со Уставот и со законите.
Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Имајќи ги предвид правните елементи што треба да содржи еден пропис, а тоа е: тој да е донесен од орган на државната власт или од организација или институција во вршењето на јавните овластувања доверени со закон, односно донесен од јавно правен субјект, да содржи општи норми на однесување, односно со него се уредуваат односи на субјектите во правото на општ начин на неопределен број на субјекти во правото, Судот оцени дека Мрежните правила не ги содржат елементите на пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија.
Според Судот, оспорените Мрежни правила не се пропис затоа што истите претставуваат единствено акт на деловно работење што АД МЕПСО – во државна сопственост, ги донесува во врска и во рамките на дејноста која е предмет на нивното работење.
Судот оцени дека дадената претходна согласност на Мрежните правила од страна на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија како независно регулаторно тело формирано согласно Законот за енергетика со цел да го регулира енергетскиот сектор, не го менува карактерот на Мрежните правила и не им дава значење на пропис подобен за уставно-судска оценка.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.240/2008
20 мај 2009 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски