238/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седница одржана на 20 мај 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 2 точка 3, членот 62-а и членот 83 ставови 2 до 12 од Законот за градење („Службен весник на Република Македонија“ бр. 51/2005, 82/2008 и 106/2008-исправка).

2. Мирослав Грчев од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 2 точка 3, членот 62-а и членот 83 ставови 2 до 12 од Законот означен во точката 1 од ова решение. Инаку во иницијативата оспорените одредби се означуваат како член 1 точка 3, член 34 и член 41 ставови 2 до 12 од Законот за изменување и дополнување на Законот за градење („Службен весник на Република Македонија“ бр. 82/2008), но Судот оцени дека е поцелисходно анализата на оспорените одредби да се прави на целината на законскиот текст.

Според подносителот на иницијативата со оспорените одредби се нарушувале уставните начела на владеењето на правото и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина, затоа што го суспендирале целиот систем на просторно и урбанистичко планирање и контрола и спрове-дување на убанистичките планови утврден со Законот за просторното и урбанистичко планирање и Законот за градење и се воспоставувал паралелен систем на времени објекти и пренаменети објекти кои по дефиниција биле спротивни на важечките урбанистички планови.

Имено со членот 2 точка 3 од Законот се воведувала категоријата на „времени објекти“ кои априори биле спротивни на урбанистичките планови, бидејќи одредбата нив ги дефиниранирала како градби поставени на градежно неизградено земјиште заради привремено користење на земјиштето до моментот на реализација на конечниот статус на градежното земјиште планирано со урбанистичкиот план. На овој начин се суспендирало правното дејство на урабистичкиот план практично од неговото донесување до неодреден момент во иднина кога ќе се „решава конечниот статус на земјиштето„ и во меѓувреме (теоретски целото време) на важење на урбанистичкиот план се овозможувало поставување (градење) на објекти на територијата на планскиот опфат кои по својата намена, место-оложба и габарит биле спротивни на планските одредби на урбанистичките планови.

По однос на истата оспорена одредба, подносителот на иницијативата наведува дека била неуставна, затоа што самата на себе противречела, бидејќи како времен објект ја дефинирала и урбаната опрема, која не била објект во смисла на законот и преставувала трајна инсталација. Имено во урбана опрема се набројувале комерцијални и угостителски објекти (продажба на весници, сувенири, цвеќиња, сладолед, летни тераси со и без настре-ници, покриени и непокриени шанкови и сплавови на водна површина поврзани со копно) кои во никој случај не можеле да се вбројат во урабана опрема. Конечно во оспорената одредба се утврдувало дека „времениот објект се поставува исклучиво за остварување на јавен интерес утврден со закон„ што било невозможно и контрадикторно по себе, затоа што наведените намени и објекти во нашето законо-авство не биле и не можеле да бидат објекти и намени од јавен интерес.

По однос на оспорениот член 62-а од Законот, подносителот на иницијативата наведува дека со него се воспоставувала постапката за поставување на времените објекти која била спротивна на единственото системско решение за планирање и градење на објекти во просторот. Со оваа постапка се овозможувало, потполно независно од просторните и уранистичките планови, поставување на објекти кои биле спротивни на плановите, со што не само што ќе се доведело во прашање владеењето на правото туку и директно ќе се дехуманизирала и дехармонизирала животната средина.

Според подносителот на иницијативата со оспорениот член 83 ставови 2 до 12 од Законот се оформувал нов паралелен систем на изградба, овој пат на изградени објекти на кои, по нивното завршување, се вршеле градежни зафати за реконструкција и пренамена, кои пак, поради менувањето на намената биле спротивни на урбанистичките планови и на целиот систем на уредување на просторот. Со оспорениот лен од Законот можело да се гради спротивно на намените утврдени во урбанистичките планови, без решение за локациски услови и вон регуларната процедура за добивање на одобрение за градење, што било во се спротивно на системското правно решение со кое се уредувало градењето. Притоа, ако се земело предвид дека како реконструкција можело да се оквалификува секој градежен зафат во веќе изградена средина, што преставувало повеќе од 90% од вкупната изградба во Републиката, тогаш оспорената одредба не била исклучок туку правило кое било спротивно на уставното уредување на планирањето и градењето на просторот.

Имено, според подносителот на иницијативата, системс­кото правно решение на планирање и уредување односно градење на просторот се темелело на површинска претежност и временски континуитет на владеењето на просторното и урбанистичко право, како и на хиерархиската усогласеност на плановите и на актите за нивното спроведување, што значело дека просторните и убанистички планови ја покриваат целата територија на Републиката и се конти-нуирано на сила, до донесување на новите планови. Секоја градба морала да биде усогласена со одредбите од урбанистичките планови, а оваа усогласеност се потврдувала со идејниот и основниот проект и со решението за локациски услови и одобрението за градење. Намената на земјиштето и објектите и нивната просторна диспозиција биле суштинската и најважна планска одредба, според која не само што се водела изградбата на објектите туку и начинот на нивната понатамошна употреба и одржување.

Поради тоа за категоријата „времени објекти“ кои биле спротивни на урбанистичките планови се до „моментот на нивната реализација“ и за пренаменувањето на објектите спротивно на намената утврдена со уранистичкиот план, небаре планот престанал да биде во сила по завршувањето на објектот, во системот на планирање и уредување на просторот не би смеело да има место, од каде оспорените одредби биле во спротивност со членот 8 став 1 алинеја 3 и 8 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека, според содржината на член 2 точка 3 од Законот, времен објект е градба поставена на градежно неизградено земјиште заради привремено користење на земјиштето, односно до моментот на реализацијата на конечниот статус на градежното земјиште планирано со урбанистички план. Времен објект е и урбана опрема (продажба на билети за јавен превоз, телефонски говорници, продажба на весници, сувенири, цвеќиња, сладолед, автобуски постојки, летни тераси со или без настрешници, сплавови на водна површина поврзани со копно, покриени и непокриени шанкови, рекламни паноа, клупи, корпи за отпадоци) која се поставува на градежно изградено земјиште. Времен објект се поставува исклучиво за остварување на јавен интерес утврден со закон.

Во оспорениот член 62-а од Законот се уредуваат условите и постапката за поставување на времените објекти и урбаната опрема.

Во оспорениот член 83 од Законот се уредуваат условите и постапката за адаптација или пренамена на објектите, односно адаптација со пренамена на објектите.

4. Според членот 51 од Уставот на Република Македонија, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Согласно членот 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уста-вот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иниција-тивата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Во конкретниот случај, одредбите од Законот за градење се оспоруваат од причина што го суспендирале целиот систем на просторно и урбанистичко планирање и контрола и спроведување на убанистичките планови утврден со Законот за просторното и урбани-стичко планирање, биле спротивни на важечките урбанистички планови, потоа се суспендирало правното дејство на урбанистичкиот план, биле спротивни на планските одредби на урбанистичките планови, спротивни на единственото системско решение за планирање и градење на објекти во просторот, со нив се овозможувало, потполно независно од просторните и урбанистичките планови поставување на објекти кои биле спротивни на плановите и се оформувал нов паралелен систем на изградба, спротивно на намената утврдена со урбанистичкиот план.

Судот поаѓајќи од содржината на наводите во иницијативата утврди дека со неа всушност се изнесуваат причини за оспорување на одредбите од Законот за градење преку посочување на уреденоста на одделни прашања во Законот за просторното и урбанистичко планирање, како и преку реализацијата на веќе донесените урбанистички планови, кои пак по својот карактер се подза-конски акти донесени во реализација на наведениот закон.

Според Судот, право на законодавецот е со закон да ги пропишува прашањата од сферата која ја уредува, а меѓусебната усогласеност на законите и целисходноста на законските норми не се прашања од уставноправен аспект што би можеле да ја доведат под сомнение уставноста на законските одредби.

Тргнувајќи од наведените уставни и деловнички одредби, а имајќи ги предвид причините во иницијативата со кои се оспорува уставноста на оспорените одредби од Законот за градење, оцени дека постојат услови за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.238/2008
20 мај 2009 година
С к о п ј е
м.л.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски