48/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 20 мај 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.142/2008).

2. Бранислав Михајловски адвокат од Велес, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорениот закон во целина не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 7 и став 2, член 9 ставовите 1 и 2, член 30 став 1 и член 32 ставовите 1 и 3 од Уставот. Ова затоа што според член 8 став 2 од Уставот, во Република Македонија слободно било се што со Устав и закон не било забрането. Не било забрането да работиш и да остваруваш заработка според резултатите на работата и да плаќаш данок, но не и придонеси според заработеното, а не според диктатот на извршната власт утврден во оспорениот закон. Со оспорениот закон се повредувала и одредбата од член 9 од Уставот. Имотната положба зависела од резултатите од трудот и работењето на пазарот на капитал. Според оспорениот закон дел од граѓаните плаќале според едни услови (две просечни бруто плати) а дел од граѓаните плаќале придонеси според други услови (половина просечна бруто плата).

Понатаму, според подносителот на иницијативата со оспорениот закон се повредувал членот 30 став 1 од Уставот со кој се гарантирала сопственоста, затоа што заработката по основ на труд била сопственост на работникот и граѓанинот и тој слободно располагал со истата. Со оспорениот закон државата му наредувала на работникот колку треба да заработи месечно спротивно на пазарот и претприемништвото. Со оспорениот Закон се повредувал и член 32 став 1, а особено став 3 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека со Законот за придонесите од задолжителното социјално осигурување, се уредуваат видовите на придонеси од задолжителното социјално осигурување (придонеси); обврзници за плаќање на придонеси; обврзници за пресметка и уплата на придонеси; основиците на кои се плаќаат придонеси; стапките на придонеси; начинот на пресметка; роковите на плаќање на придонеси; контрола на пресметување и уплата на придонеси како и други правила кои се значајни за утврдување и плаќање на придонесите (член 1).

Со плаќање на придонесите се обезбедуваат средства за финансирање на задолжителното социјално осигурување (член 2).

Според член 3 од Законот, средствата од придонесите се јавни давачки над кои контрола врши Министерството за финансии, а на располагање на институциите за задолжително социјално осигурување, основани со закон кои го уредуваат системот на задолжително социјално осигурување, за намени утврдени во согласност со тие закони.

Во членот 4 од Законот е определено значењето на одделни поими кои се употребуваат во наведениот закон како што се: обврзник за плаќање на придонеси, обврзник за пресметка и уплата на придонесите, осигуреник, работодавач, плата, дополнителни примања од работен однос, исплата по основ на деловна успешност, надоместок на плата, институции за задолжително социјално осигурување, самовработено лице, индивидуален земјоделец, припадник на монашки и други верски редови и верско службено лице, најниска месечна основица, највисока месечна основица, просечна месечна плата и странец.

Според членот 5 од Законот, во задолжително социјално осигурување спаѓаат придонеси за:

1) пензиско и инвалидско осигурување врз основа на тековна исплата,
2) задолжително капитално финансирано пензиско осигурување,
3) стаж на осигурување кој се смета со зголемено траење.
4) здравствено осигурување и
5) осигурување во случај на невработеност.

Според член 6 од Законот, средствата собрани од задолжително социјално осигурување од член 5 точки 1 и 3 на овој закон се приход на фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија.

Средствата собрани од задолжително социјално осигурување од член 5 точка 2 се лична сопственост на осигуреникот.

Средствата собрани од задолжително осигурување од член 5 точка 4 на овој закон се приход на Фондот за здравствено осигурување на Македонија.

Средствата собрани од задолжително социјално осигурување од член 5 точка 5 на овој закон се приход од Агенцијата за вработување на Македонија.

Во членовите од 7 до 12 од Законот таксативно се утврдени кои се обврзници за плаќање на придонес за задолжително пензиско и инвалидско осигурување, обврзници за плаќање на придонес од задолжително здравствено осигурување, како и обврзници за плаќање на придонес за задолжително осигурување во случај на невработеност.

Според членот 13 од Законот обврзник за пресметка и уплата на придонесите е:

1) работодавачот за своите вработени,
2) Фондот на пензиско и инвалидско осигурување и Фондот за здравствени осигуреници во точно определени случаи,
3) работодавачот и Фондот за здравствено осигурување на Република Македонија за работник кој зема надоместок на плата за време на привремена спреченост за работа.
4) Агенцијата за вработување за лица од членовите утврдена во овој закон.
5) Фондот за пензиско и инвалидско осигурување за лица од членовите утврдени во овој закон.
6) Управата за извршување на санкции за лица од членот утврден во овој закон.
7) Установата од областа на образованието за лица од членот наведен во овој закон.
8) надлежен орган на државната управа за лица од членовите утврдени со овој закон.
9) организаторот за лица од членот утврдени со овој закон и
10) професионален спортски клуб за лице од членот утврден со овој закон.

Во членот 14 од Законот, во четиринаесет точки е утврдено што претставува основица за пресметка и плаќање на придонесите.

Во членовите 15 и 16 од Законот е утврдена најниската односно највисоката основица за пресметка и уплата на придонесите при што основицата не може да биде пониска од 50% од просечната плата по работник во Република Македонија објавена во тековниот месец, со одредени исклучоци, а највисоката месечна основица за пресметување и уплата на придонесот е износот од четири просечни плати.

Во членовите од 17 до 23 е уредено прашањето за пресметка и уплата на придонесите.

Во членот 24 од Законот е утврден рокот за уплата на придонесите, а во член 25 од Законот се утврдени стапките по кои се пресметуваат и плаќаат придонесите.

Во член 26 од Законот е уредено прашањето за ослободување од обврската и мирување на обврската за плаќање на придонеси.

Членот 27 од Законот го уредува прашањето на обработка на личните податоци на обврзниците за плаќање на придонесите.

Членовите 28 и 29 од Законот го уредуваат прашањето на пропишувањето на висината на глобата за сторен прекршок од областа на пресметка и уплата на придонеси.

Во преодните и завршните одредби од Законот, односно во членовите од 30 до 37 е уредено прашањето за тоа од кога ќе почне примената на пресметувањето и плаќањето на утврдените придонеси, престанокот на важењето на одделни одредби од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, Законот за здравственото осигурување, Законот за вработување во случај на невработеност како и повеќе одлуки со кои биле утврдени стапките на придонесите за задолжително здравствено осигурување, пензиско и инвалидско осигурување и друго.

4. Според член 8 став 1 алинеите 7 и 8 темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија, покрај другите се и слободата на пазарот и претприемништвото, хуманизмот, социјалната правда и солидарноста.

Според став 2 на наведениот член во Република Македонија слободно е се што со Уставот и закон не е забрането.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјално потекло, политиката и верската припадност, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 30 став 1 од Уставот се гарантира правото на сопственост и правото на наследување.

Според член 32 став 1 од Уставот секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбедност за време на привремена невработеност, а според ставот 3 на наведениот член секој вработен има право на соодветна заработувачка.

Според член 33 од Уставот, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Согласно член 34 од Уставот, граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор.

Во член 35 став 1 од Уставот е утврдено дека Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да го почитува Уставот и законите.

Тргнувајќи од членот 1 од Уставот, според кој Република Македонија се декларира, покрај другото и како социјална држава, со наведените членови 34 и 35 од Уставот е утврдено правото на граѓаните на социјална сигурност и социјално осигурување, кое право се остварува врз начелото на социјална праведност. Видовите на правата, обемот, начинот на стекнување и користење, Уставот го резервирал да го уреди законодавната власт, што значи Уставот утврдил обврска за нивно законско уредување.

Според тоа, нормативната функција на државата во уредувањето на правата од социјалното осигурување Уставот не го димензионирал ,туку препуштил на законодавецот со еден или повеќе закони да утврди права кои ќе се однесуваат на сите граѓани, односно во користењето на тие права да бидат еднакво третирани и да се однесуваат на сите граѓани што се наоѓаат во иста положба.

Прашањето на остварување на правата од социјалното осигурување и обврската за плаќање на придонесите од социјалното осигурување до донесување на предметниот закон беше уредено со Законот за пензиското и инвалидското осигурување, Законот за здравствено осигурување и Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност, како и со подзаконски акти односно одлуки со кои беше уредена висината на стапките на придонесите. Тоа значи дека обврската за плаќање на придонеси од задолжителното социјално осигурување постоела и пред донесување на Законот за придонеси од задолжителното социјално осигурување. Со оспорениот закон се обебедува унифицирање на поимите, дефинирање на стапките и основиците на придонесите во системот на социјалното осигурување, на кој начин се обезбедува поедноставен пристап до системот во кој различните субјекти ќе ги добијат сите неопходни информации со увид во еден закон.

Придонесите претставуваат јавна давачка ,се пропишуваат со закон и кај овие јавни давачки изразен е елементот на противуслуга, односно се претпоставува дека лицата кои се задолжени за овој вид на јавни давачки, во одреден момент на старост, болест, инвалидност, мајчинство или привремена невработеност, ќе имаат директна корист преку остварување на одредено право од сферата на социјалното осигурување, како резултат на плаќање на соодветни придонеси.

Имајќи ги предвид прашањата кои се уредуваат со оспорениот закон, односно утврдувањето на стасусот на осигурениците, придонесите и стапките на придонесите, како и начинот на нивното регулирање, прозлегува дека законодавецот утврдува права и обврски на сите граѓани што се наоѓаат во иста положба, со што се реализира уставната определба за еднаквост на граѓаните пред Уставот и пред законите како и начелото на социјална солидарност.

Тргнувајќи од наведените уставни одредби, како и од содржината на оспорениот закон, во однос на наводите во иницијативата, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на Законот во целина со уставните одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.48/2009
20 мај 2009 година
С к о п ј е
лк/сд

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски