Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седница одржана на 20 мај 2009 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлука за определување на датум за сукцесија на Република Македонија за повеќестраните меѓународни договори преземени од поранешната СФРЈ, бр.19-2590/1 од 8 мај 2007 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/2007) донесена од Владата на Република Македонија.
2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение.
Според подносителот на иницијативата оспорената одлука немала основ ниту во Уставот на Република Македонија, ниту во законите. Ова, пред се, од причина што истатата имала повратно дејство што било спротивно на членот 52 став 4 од Уставот.
Во иницијативата се цитира членот 118 од Уставот, а потоа и членот 5 став 1 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.52/1991), според кој постојните сојузни прописи се преземаат како републички со надлежностите на органите утврдени со Уставот на Република Македонија, по што подносителот на иници-јативата наведува дека прашањето што се уредувало со оспорената одлука било решено со оваа одредба. Според тоа Владата на Република Македонија немала уставно и законско овластување да ја донесе оспорената одлука.
Врз основа на наведното подносителот на иницијативата смета дека оспорената одлука ги повредувала член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 51, член 52 став 4, член 68 став 1 алинеи 2 и 6, член 88 став 1,член 91 алинеи 1 и 5 и член 118 од Уставот, како и членот 5 став 1 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Маке-донија и Законот за Владата на Република Македонија (конкретна одредба не е означена).
3. Судот на седницата утврди дека, врз основа на член 36 став 3 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.59/2000, 12/2003, 55/2005 и 36/2006), а во врска со членовите 17 и 18 од Конвенцијата на ООН за сукцесија на државите во областа на договорите од 1978 година, Владата на Република Македонија, на седницата одржана на 8 мај 2007 година, донела Одлука за определување на датум за сукцесија на Република Македонија за повеќестраните меѓународни договори преземени од поранешната СФРЈ.
Според членот 1, со оваа одлука 17 ноември 1991 година се определува за датум на сукцесија на Република Македонија за повеќестраните договори преземени од поранешната СФРЈ, согласно со членовите 17 и 18 од Конвенцијата на ООН за сукцесија на држа-вите во областа на договорите од 1978 година.
Според членот 2, оваа одлука влегува во сила наредниот ден од објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.
Одлуката е донесена под бр.19-2590/1 од 8 мај 2007 година.
4. Според членот 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот, владе-ењето на правото и поделбата на државната власт на законовна, извршна и судска се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 52 став 4 од Уставот, законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.
Според член 68 став 1 алинеи 2 и 6 од Уставот, Собранието на Република Македонија донесува закони и ратификува меѓународни договори.
Според член 88 став 1 и член 91 алинеи 1 и 5 од Уставот, Владата на Република Македонија е носител на извршната власт и во остварувањето на таа функција, меѓу другото, ја утврдува политиката на извршувањето на законите и донесува уредби и други прописи за извршување на законите.
Според членот 118 од Уставот, меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатре-шниот поредок на Република Македонија и не можат да се менуваат со закон.
Според член 4 став 1 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија„ бр.52/1991), Република Македонија како рамноправен правен наследник на СФРЈ со другите републики врз основа на договор со другите републики за правното наследство на СФРЈ и за меѓусебните односи, презема права и обврски настанати од созда-вањето на Социјалистичка Федеративна Република Југославија.
Доколку не се склучи договор со другите републики за правно наследство на СФРЈ и за меѓусебните односи, правното наследство на СФРЈ и меѓусебните односи на Република Македонија со другите суверени држави од СФРЈ се утврдуваат согласно со општите правила на меѓународното право, како и согласно со Виенската конвенција за сукцесија на државите во областа на договорите во 1978 година и Виенската конвенција за сукцесија на државите во областа на државниот имот, архивата и долговите од 1982 година (став 2).
Според членот 5 став 1 од Уставниот закон, постојните сојузни прописи се преземаат како републички со надлежностите на органите утврдени со Уставот на Република Македонија.
Според член 36 став 3 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.59/2000, 12/2003, 55/2005, 37/2006, 115/2007, 19/2008 и 82/2008), со одлука Владата, меѓу другото, одлучува за одделни прашања и мерки за извршување на законите.
Согласно член 23 од Законот за склучување, ратифи-кација и извршување на меѓународни договори („Службен весник на Република Македонија“ број 5/1998), за извршување на меѓунаро-дните договори на Република Македонија се грижи Владата на Република Македонија и претседателот на Републиката.
Тргнувајќи од содржината на член 68 став 1 алинеи 2 и 6, член 88 став 1 и член 91 алинеи 1 и 5 од Уставот произлегува дека Собранието на Република Македонија, како носител на законодавната власт во поделбата на државната власт донесува закони и рати-фикува меѓународни договори, а Владата на Република Македонија како носител на извршната власт, меѓу другото, ја утврдува поли-тиката на извршувањето на законите и донесува прописи за извршување на законите. Вакви овластувања за Владата на Репу-блика Македонија произлегуваат и врз основа на член 36 став 3 од Законот за Владата на Република Македонија и член 23 од од Законот за склучување, ратификација и извршување на меѓународни договори (се грижи за извршување на меѓународните договори на Република Македонија).
Според член 2 став 1 точка е) од Виенската конвенција за сукцесија на државите во областа на договорите („Службен лист на СФРЈ МД.бр.1/1980) “денот на сукцесија на државата“ значи датум во кој државата следбеник ја заменила државата претходник по однос на одговорноста за меѓународните односи за подрачјата на кои се однесува сукцесијата на државите. Според точката г) од истиот член од Конвенцијата, „нотификација за сукцесија“ значи нотификација без оглед на тоа како е составена или наречена, која по однос на многустраните договори ја извршува државата следбеник и со која ја изразува својата согласност да се смета за поврзана со тој договор.
Членот 17 од истата Конвенција е со наслов „Учество во договорите кои се на сила на денот на сукцесија на државата“.
Според ставот 1 на членот 17 од Конвенцијата, со резерва на ставовите 2 и 3, новонастанатата независна држава може со нотификацијата за сукцесија да стекне својство на странка во секој многустран договор кој на денот на сукцесија на државите бил во сила за подрачјето на кое се однесува сукцесијата на државите.
Ставот 1 не се применува ако од договорот произлегува или на друг начин се утврди дека примената на договорот на новона-станатата независна држава би бил инкомпатибилен со предметот и целта на договорот или суштински би ги изменил условите на неговото извршување (став 2).
Ако врз основа на договорот или заради ограничен број на држави, заради предметот и целта на договорот, се смета дека учеството во договорот на секоја држава бара согласност на сите странки, новонастанатата независна држава може да стекне својство на странка по однос на тој договор само со таква согласност (став 3).
Членот 18 од Конвенцијата е со наслов: „Учество во дого-ворите кои не се во сила на денот на сукцесија на државата“.
Според став 1 од овој член од Конвенцијата, со резерва по однос на ставовите 3 и 4, новонастанатата независна држава може со нотификацијата за сукцесија да стекне својство на држава договарач во многустран договор кој не е во сила ако на ден на сукцесија на државата, државата претходник била држава договарач по однос на подрачјата на кои се однесува таа сукцесија на држави.
Со резерва по однос на ставовите 3 и 4, новонастанатата независна држава може со нотификацијата за сукцесија да стекне својство на странка во многустран договор, кој влегува во сила по денот на сукцесија на државите, ако на денот на сукцесија на државите, државата претходник била држава договарач по однос на подрачјата на кои се однесува сукцесијата на државите (став 2).
Ставовите 1 и 2 не се применуваат ако од договорот произлегува или на друг начин се утврди дека примената на договорот на новонастанатата независна држава би бил инкомпа-тибилен со предметот и целта на договорот или суштински би ги изменил условите на неговото извршување (став 3).
Ако врз основа на договорот или заради ограничен број на држави, заради предметот и целта на договорот, се смета дека учеството во договорот на секоја држава бара согласност на сите странки или сите држави договарачи, новонастанатата независна држава може да стане странка или држава договарач на тој договор само со таква согласност (став 4).
Кога со договорот е одредено дека за негово влегување во сила е потребен одреден број држави договарачи, новонаста-натата држава договарач која стекнува својство на држава договарач на тој договор врз основа на ставот 1 ќе се смета како држава дого-варач врз основа на целта на оваа одредба, освен ако од тој договор произлегува или на друг начин се утврди поинаква намера (став 5).
Во конкретниот случај предмет на оспорување е Одлуката за определување на датум за сукцесија на Република Македонија за повеќестраните меѓународни договори преземени од поранешната СФРЈ, донесена од Владата на Република Македонија во чиј член 1 е определен 17 ноември 1991 година како датум на сукцесија на Република Македонија за повеќестраните договори преземени од поранешната СФРЈ, согласно со членовите 17 и 18 од Конвенцијата на ООН за сукцесија на државите во областа на договорите од 1978 година.
Од содржината на наведените одредби од Конвенцијата произлегува дека денот на сукцесија на Република Македонија или поконкретно 17 ноември 1991 година, како ден на донесување на Уставот на Република Македонија е датумот од кој Република Македонија ја заменила државата претходник (СФРЈ) по однос на одговорноста за меѓународните односи за подрачјата на кои се однесува сукцесијата на државите од кој датум Република Македонија се смета за согласна да биде поврзана со многустраните договори.
Имајќи предвид дека Владата на Република Македонија со оспорената одлука не пристапила кон носење на закон или кон ратификација на меѓународен договор, туку определила датум за сукцесија за повеќестраните меѓународни договори преземени од поранешната СФРЈ, а во функција на извршување на меѓународните договори на Република Македонија произлегува дека со оспорената одлука Владата не презела активности што би имале карактер на навлегување на извршната во законодавната власт.
Напротив, во овој случај Владата на Република Маке-донија во фунција на реализација на член 4 став 2 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија, како и во функција на извршување на меѓународните договори со оспорената одлука до Огранизацијата на обединетите нации доставила унифи-циран инструмент (акт за нотификација) со кој се овозможува преци-зност и еднообразност во определувањето на критичниот датум од кој Република Македонија, како рамноправен правен наследник на некогашната СФРЈ презема права и обврски од повеќестраните меѓународни договори чија некогашна договорна страна беше пора-нешната СФРЈ. Воедно, со оспорената одлука се потврдува воспоста-вената постојана практика од 1996 година, 17 ноември 1991 година, како датум на донесување на Уставот на Република Македонија, да биде унифицираниот датум во инструментите за пристапување на Република Македонија кон конвенциите на Огранизацијата на обеди-нетите нации по пат на сукцесија.
Со оглед на тоа што Владата на Република Македонија при донесувањето на оспорената одлука постапила согласно уставните и законски овластувања во функција на носење акти за извршување на меѓународните договори Судот оцени дека оспоре-ната одлука е во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 68 став 1 алинеи 2 и 6, член 88 став 1, член 91 алинеи 1 и 5 и член 118 од Уставот на Република Македонија, член 4 став 2 од Уставниот закон за спроведување на Уставот и со член 36 став 3 од Законот за Владата на Република Македонија.
Судот, исто така, не утврди повратно дејство што е поне-поволно за граѓаните на Република Македонија во фактот што во оспорената одлука донесена на 8 мај 2007 година, 17 ноември 1991 година е определен како датум на сукцесија на Република Македонија за повеќестраните договори преземени од поранешната СФРЈ, согласно со членовите 17 и 18 од Конвенцијата на ООН за сукцесија на државите, бидејќи со донесувањето на Уставот на овој датум Република Македонија е конституирана како суверена и самостојна, граѓанска и демократска држава од кога таа како ентитет, поинаков од СФРЈ самостојно ги презема и реализира правата и обврските во областа на правното наследство и меѓународните договори.
Тргнувајќи од наведеното, Судот оцени дека оспорената одлука е во согласност со член 52 став 4 од Уставот.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претсе-дателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.50/2009
20 мај 2009 година
С к о п ј е
м.л.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски