Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седница одржана на 13 мај 2009 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 9 став 3 од Законот за нотаријатот („Службен весник на Република Македонија„ бр.55/2007 и 86/2008).
2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста членот 9 став 3 од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според подносителот на иницијативата фактот дали некое лице било презадолжено не можел да доведе до тоа лицето да не ужива углед за вршење на нотарските работи и само поради тоа истото да не биде именувано за нотар. Ова од причина што евентуалната презадолженост немала никаква непосредна врска со вршењето на нотарските работи. Освен тоа за евентуална презадо-лженост се одговарало според други механизми кое нешто не можело да биде пречка за именување на нотарот. Исто така, не се знаело што се подразбира под поимот презадолженост, поради што одредбата не била јасна, прецизна и потполна, не можела да биде применувана во практиката, а можела и да се злоупотребува.
Врз основа на наведното подносителот на иницијативата смета дека оспорениот член 9 став 3 од Законот не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 32 ставови 1 и 2, член 51 и член 54 ставови 1 и 2 од Уставот.
3. Судот на седницата утврди дека, според оспорениот член 9 став 3 од Законот за нотаријатот, ќе се смета дека не ги исполнува условите од ставот 1 точка ѓ) на овој член лицето кое е презадолжено.
4. Според членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според членот 32 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност (став 1). Секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место (став 2).
Во членот 9 став 1 од Законот за нотаријатот, со наслов „услови за именување“ е определено дека за нотар може да биде именувано лице кое:
а) е државјанин на Република Македонија;
б) има деловна способност и ги исполнува општите услови определени со закон за засновање на работен однос во државен орган;
в) е дипломиран правник;
г) положило нотарски испит;
д) има работно искуство на правни работи најмалку пет години;
ѓ) ужива углед за вршење на нотарските работи и
е) ќе изјави дека ќе обезбеди опрема и простории за нотарска канцеларија сместена во градежен објект со посебен влез и да не биде помала од 30 м2.
Според оспорениот став 3 од Законот, ќе се смета дека не ги исполнува условите од ставот 1 точка ѓ) на овој член лицето кое е презадолжено.
Анализирајќи ја оспорената одредба по однос на нејзи-ната согласност со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, Судот оцени дека се неосновани наводите од иницијативата дека не се знаело што се подразбира под поимот презадолженост, поради што одредбата не била јасна, прецизна и потполна, не можела да биде применувана во практиката, а можела и да се злоупотребува. Ова од причина што презадолженоста како израз не може со прецизност правно да се регулира, бидејќи од една страна е поврзана со секоја конкретна индивидуа, со даден момент, не мора секогаш да биде константна категорија и подлежи на промени кои, пак, зависат од низа извесни или неисвесни околности. Според тоа, оспорената одредба не може да биде доведена под сомнение по однос на нејзината согласност со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
Во членот 10 алинеја 3 од Законот за вршење на нотарските работи (“Службен весник на Република Македонија” бр.59/96 и 25/98), кој престана да важи, беше предвидено дека за нотар не може да се именува лицето кое е презадолжено.
Оваа одредба била предмет на уставно судска оцена и Судот со решение У.бр.212/1997 од 1 јули 1998 година, во точката 2 од решението, Судот, не повел постапка за оценување на нејзината уставност.
Според гледиштето на Судот, угледот на некое лице е квалитет од вредносна природа кој што тешко може правно да се регулира, но, сепак, во контекст на вршењето на одредени професии не е непознато да се бара како одреден израз на јавна доверба заснована на професионалните и личните карактеристики на граѓанинот.
Поаѓајќи од природата и карактерот на нотарските работи, Судот оценил дека за нивното вршење не е неважно дали нотарот односно кандидатот ужива личен кредибилитет. Притоа, тој кредибилитет би можел да се проценува само од аспект на актуелните лични односи и состојби кои би можеле да се поврзат со барањата на вршењето на професијата.
Судот, исто така, сметал дека презадолженоста, како израз на личното однесување, а не како критериум на имотната состојба, може да биде негативен фактор за јавна доверба на определено лице кое како нотар треба да манифестира целосна одговорност за интересите на странките, што е и санкционирано низ низа обврски на нотарот кон нив. Односот кон личните обврски не може да се исклучи како претпоставен критериум за односот кон обврските кон другите, дотолку повеќе ако тие се иманентни на професијата нотар.
Врз основа на изнесеното, Судот оценил дека оспорената одредба не создава нееднакви услови на достапноста на нотарската професија, туку се заснова на фактички различни, нееднакви лични квалитети релевантни за вршењето на нотарските работи, поради што не го поставил прашањето за нејзината согласност со член 32 став 2 од Уставот.
Споредувајќи ја содржината на тогаш и сега оспорената законска одредба произлегува дека тие не се поклопуваат во целост номотехнички. Меѓутоа, определба на законодавецот да предвиди дека не исполнува услови за именување за нотар лице кое е преза-должено останала неизменета, а по однос на таквата определба Судот застанал на гледиште дека не ја повредува достапноста на работните места секому под еднакви услови.
Поради истите причини и во овој случај Судот оцени дека оспорениот член 9 став 3 од Законот е во согласност со членот 32 став 2 од Уставот.
Во иницијативата не се содржани поконкретни причини за оспорување на одредбата од Законот по однос на нејзината согласност со член 9, член 31 став 1, член 51 и член 54 ставови 1 и 2 од Уставот поради што нема услови за навлегување во оцена на уставноста по однос на овие одредби од Уставот.
Тргнувајќи од наведеното Судот оцени дека оспорениот член 9 став 3 од Законот е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 32 став 2 од Уставот.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претсе-дателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.10/2009
13 мај 2009 година
С к о п ј е
м.л.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски