146/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 13 мај 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на

а) Член 1 од Правилникот за изменување на Правилникот за техничките, технолошките и просторните услови за приредување на игри на среќа и забавни игри и стручната оспособеност на лицата ангажирани во изведувањето на игри на среќа, донесен од министерот за финансии („Службен весник на Република Македонија“ бр.63/2007) и

б) Член 1 од Правилникот за дополнување на Правилникот за техничките, технолошките и просторните услови за приредување на игри на среќа и забавни игри и стручната оспособеност на лицата ангажирани во изведувањето на игри на среќа, донесен од министерот за финансии („Службен весник на Република Македонија“ бр.130/2007).

2. Сојузот на спортските друштва „Бет-биро“ од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од правилниците означени во точка 1 од ова решение.

Членот 1 од Правилникот … („Службен весник на Република Македонија“ бр. 63/2007) се оспорува затоа што определувањето просторијата за уплата на спортско обложување да требало да има најмногу 8 м2, а во киоск најмногу 6 м2, значело ограничување на вршителот на дејноста слободно да одлучува за големината на просториите во кои ќе ја врши својата дејност, со што се ограничувала слободата на пазарот и претприемништвото определена во член 55 од Уставот. Со закон можело да се определува само минимумот кој е потребен за вршење на некоја дејност, а не максимумот, со што се потврдувало дека се работи за ограничување на вршење на оваа дејност.

Наведената одредба од Правилникот не била во согласност ниту со одредбите на членовите 19-ѓ, 19-е и 19-ж од истиот Правилник, донесени претходно („Службен весник на Република Македонија“ бр.42/2001), според кои во обложувалница има гардероба за посетители, одвоен и заштитен простор за чување на пари и друга документација од значење за обложувалницата, компјутери за регистрација на уплатите и исплатите, монитори на кои играчите на спортско обложување ќе можат да ги следат спортските настани, како и маси со столици, а тоа сигурно не можело да се смести во простории до 8 м2 или до 6 м2, со што се доведувало во прашање спроведувањето на Правилникот во практиката.

Членот 1 од Правилникот … („Службен весник на Република Македонија“ бр. 130/2007) се оспорува затоа што предвидувал дополнување на член 26 од Правилникот („Службен весник на Република Македонија“ бр. 19/1997, 4/1998, 42/2001 и 63/2007) со додавање на ставовите 3, 4 и 5 иако членот 26 имал само еден став.

Ставот 1 од овој член на Правилникот бил непотребен и го оптоварувал Правилникот со оглед дека неговата содржина била опфатена во член 19-а од Правилникот (внесен со измените објавени во „Службен весник на Република Македонија“ бр.42/2001).

Ставот 2 од овој член на Правилникот исто така бил непотребен и го оптоварувал Правилникот со оглед дека и неговата содржина била опфатена во член 19-б од Правилникот (внесен со измените објавени во „Службен весник на Република Македонија“ бр. 42/2001).

Ставот 3 од овој член на Правилникот, пак, се оспорува затоа што определувањето просторијата за уплата на спортско обложување не требало да биде во состав на угостителски објект, ниту да биде поврзана со дејноста на угостителски објект кој е во непосредна близина, значело повреда на слободата на пазарот така што вршителите на дејноста спортско обложување не можеле да ја извршуваат својата дејност во склоп на угостителски објект, ниту во близина на угостителски објект, а тоа не било во согласност со член 8 став 1 алинеја 7 (темелната вредност на уставниот поредок – слободата на пазарот и претприемништвото) и член 55 ставовите 1 и 2 од Уставот со кои се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото и Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот.

Оваа одредба од Правилникот, определувајќи ја просторијата за уплата на спортско обложување, содржела формулации: „не треба да биде во состав на угостителски објект“, „не треба да биде поврзана со дејноста што ја врши угостителски објект во непосредна близина“, без да е поблиску определено кое е тоа растојание (10, 20, 50, 100 метри), со што се оставал простор за арбитрерност на органите што го спроведуваат Правилникот и се повредувало начелото на еднаквост на субјектите на пазарот. Поради тоа, одредбата била неспроведлива во практиката и создавала правна несигурност за обложувалниците.

Оваа одредба од Правилникот била во спротивност и со член 19-д од Правилникот („Службен весник на Република Македонија“ бр. 42/2001) затоа што уредувале иста материја на различен начин. Оттука, не било јасно која одредба е во правна сила и која одредба треба да се применува.

3. Судот на седницата утврди дека оспорените одредби припаѓаат на Правилник посветен на техничките, технолошките и просторните услови за приредување на игри на среќа и на стручната оспособеност на лицата ангажирани во изведувањето на игри на среќа.

Притоа, членовите 2 – 12 од Правилникот („Службен весник на Република Македонија“ бр.19/1997, 4/1998, 42/2001, 63/2007 и 130/2007) се однесуваат на условите за играчници (казина), членовите 13-19 на условите за игри на автомати, членовите 19-а до 19-ж од Правилникот („Службен весник на Република Македонија“ бр. 42/2001) се однесуваат на условите за обложувалници на спортски натпревари, членовите 20-25 на томбола, членовите 26-28 на продажба на лозови, инстант лозови, картички за ТВ томбола, уплата на лото, спортска прогноза и спортско обложување, а членовите 29 и 30 се однесуваат на стручната оспособеност на лицата ангажирани во изведувањето на игри на среќа.

Со член 19-а од Правилникот („Службен весник на Република Македонија“ бр.42/2001), чија содржина се изнесува поради наводите во иницијативата, се определува дека: „Обложувалницата претставува посебно уредена просторија со соодветна деловна функционалност“ (став 1); „Обложувалницата треба да претставува посебна градежна целина или одвоен дел од зграда со јавна намена со посебен влез и потребна градежна функционалност“ (став 2).

Членот 19-б од Правилникот („Службен весник на Република Македонија“ бр. 42/2001) се однесува на главниот влез на обложувалницата, а членот 19-г на температурата во обложувалницата. Во член 19-д од Правилникот („Службен весник на Република Македонија“ бр. 42/2001) се предвидува дека: „Делот во кој се даваат угостителски услуги треба да претставува посебен простор во посебна изградена просторија – обложувалница, од просторот во кој е сместена опремата за изведување на игрите на среќа“ (став 1), „Делот во кој се даваат угостителските услуги треба да ги исполнува пропишаните услови согласно Правилникот … за угостителска и туристичка дејност …“ (став 2). Во член 19-ѓ од Правилникот („Службен весник на Република Македонија“ бр. 42/2001) се определува дека во обложувалница треба да има гардероба за посетителите, според член 19-е во обложувалницата треба да има одвоен и заштитен простор (со метални решетки, метални прегради или непробивно стакло) со метална каса за чување на пари, …, а член 19-ж утврдува дека обложувалницата треба да има компјутер за регистрација на уплатите и исплатите за спортско обложување, монитори за следење на спортските настани и маси со столици.

Според оспорениот член 1 од Правилникот („Службен весник на Република Македонија“ бр. 63/2007) „членот 26 се менува и гласи: Просторијата во која се врши продажба на лозови, инстант лозови и томболски картички за ТВ Томбола, односно уплата на лото, спортска прогноза и спортско обложување, треба да има најмногу 8 м2, а за киоск најмногу 6 м2.“

Според оспорениот член 1 од Правилникот („Службен весник на Република Македонија“ бр. 130/2007) „… во членот 26 по ставот 2 се додаваат 3 нови ставови 3, 4 и 5 кои гласат: Просторијата во која се врши уплата за спортско обложување треба да претставува посебна градежна целина со посебен влез и потребна градежна функционалност“ (став 1). „Просторот пред главниот влез пред просторијата во која се врши уплата на спортско обложување треба да биде пристапен, осветлен и да има приод од улица“ (став 2). „Просторијата во која се врши уплата за спортско обложување не треба да биде во состав на угостителски објект или да биде поврзана со дејноста што ја врши угостителски објект во непосредна близина“ (став 3).

Од изнесената фактичка состојба произлегува дека обложувалницата е (1) посебно уредена просторија која има соодветна деловна функционалност или е (2) посебна градежна целина или е (3) одвоен дел од зграда, која има јавна намена, со посебен влез и потребна градежна функционалност (член 19-а став 1 и 2 од Правилникот – „Службен весник на Република Македонија“ бр. 42/2001), при што таа мора да има главен влез и соодветна температура (членовите 19-б и 19-г од Правилникот – „Службен весник на Република Македонија“ бр. 42/2001), гардероба за посетители (член 19-ѓ од Правилникот – „Службен весник на Република Македонија“ бр. 42/2001), одвоен и заштитен простор со метална каса за чување на пари, … (член 19-е од Правилникот – „Службен весник на Република Македонија“ бр. 42/2001) и компјутер за регистрација на уплатите и исплатите, монитори за следење на спортските натпревари и маси со столици (член 19-ж од Правилникот – „Службен весник на Република Македонија“ бр. 42/2001). Во обложувалница, која е сместена во посебно изградена просторија, може да се даваат угостителски услуги, но тие мораат да се одвоени од просторот во кој е сместена опремата за изведување на игрите на среќа (член 19-д од Правилникот – „Службен весник на Република Македонија“ бр. 42/2001). Просторијата, пак, во која се врши уплата на спортско обложување треба да има најмногу 8 м2, за киоск најмногу 6 м2 (член 1 од Правилникот – „Службен весник на Република Македонија“ бр. 63/2007), таа претставува посебна градежна целина, односно дел од обложувалницата, со посебен влез и функционалност (член 1 став 1 од Правилникот – „Службен весник на Република Македонија“ бр. 130/2007), влезот во оваа просторија треба да има приод од улица и да биде осветлен (член 1 став 2 од Правилникот – „Службен весник на Република Македонија“ бр. 130/2007) и таа просторија не треба да биде во состав од угостителски објект, ниту да е поврзана со дејноста на угостителски објект кој е во непосредна близина (член 1 став 3 од Правилникот – „Службен весник на Република Македонија“ бр. 130/2007).

4. Според член 8 став 1 алинеја 7 од Уставот на Република Македонија, темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е слободата на пазарот и претприемништвото.

Според член 55 од Уставот, „се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото“ (став 1); „Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот“. (став 2, прва реченица).

Од изнесените уставни одредби произлегува дека е загарантирана слободата на пазарот и претприемништвото, при што Републиката има обврска да обезбеди еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот.

Со оглед на тоа што оспорениот член 1 од Правилникот – „Службен весник на Република Македонија“ бр.63/2007 определува исти технички и просторни услови за сите субјекти – вршители на дејноста спортско обложување (најмногу 8 м2 односно 6 м2), како и што оспорениот член 1 од Правилникот – „Службен весник на Република Македонија“ бр. 130/2007, исто така, предвидува исти технички и просторни услови за сите вршители на дејноста спортско обложување (посебен влез, пристап од улица, осветленост на пристапот, одвоеност на просторијата за уплата од угостителскиот објект во или вон обложувалницата), при што Правилникот прави разлика меѓу просторија во која се врши спортско обложување (во која има гардероба, монитори за следење на спортските натпревари, маси со столици) од просторија во која се врши уплата на спортското обложување (во која има посебен влез, посебна заштита, метална каса за пари, компјутери за регистрација на уплати), па нема контрадикторност меѓу одредбите, Судот оцени дека нема повреда на слободата на пазарот и претприемништвото, ниту на еднаквата положба на субјектите – вршители на дејноста спортско обложување. Поради тоа, Судот оцени дека нема основи да се поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените членови од Правилникот.

Во однос на релацијата меѓу оспорените членови од Правилникот и другите членови од Правилникот, како и погрешната нумерација на ставовите направена со член 1 од Правилникот – „Службен весник на Република Македонија“ бр.130/2007, Судот оцени дека нема негова надлежност по тие прашања имајќи го предвид член 110 од Уставот според кој Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и на подзаконските прописи со Уставот и законите, ниту за меѓусебната согласност на одредбите од ист Правилник.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.146/2008
13 мај 2009 година
С к о п ј е
лк/Ју

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски