228/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 22 април 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 11 став 2 од Законот за денационализација („Службен весник на Република Македонија“ бр.20/1998, 31/2000 и 44/2007).

2. Фани Михајловска од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 11 став 2 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, кој истата ја дополни по барање на Судот, оспорената одредба создавала нееднаквост меѓу лицата – поранешни сопственици на одземените имоти и тоа само поради државјанството од причина што Законот за денационализација не се однесувал на ново стекнување на сопственост, туку на враќање на имотите на лица кои веќе биле сопственици, а кои биле лишени од сопственоста по присилен пат. Дека било во прашање враќање во сопственост можело јасно да се види од повеќе одредби на Законот, а и главата II од Законот под наслов „Враќање во сопственост“.

Во иницијативата понатаму се наведува дека во вакви случаи државјанството не можело да биде дискриминаторски услов во поглед на правото на сопственост, кое Уставот на Република Македонија го гарантирал со членот 20. При ова, требало особено да се има предвид дека државјаните на Република Македонија, како и државјаните на другите републики на поранешната СФРЈ, сите имале државјанство на СФРЈ и немало ограничување да се има имот во сопственост било каде на територијата на СФРЈ. Присилните прописи, пак, врз основа на кои биле одземени имотите, биле сојузни и врз основа на тие прописи имотите присилно биле одземени на територијата на секоја од републиките на бившата СФРЈ.

Оспорената одредба немала само процедурален карактер, туку по својата суштина била дискриминаторска и го исклучувала правото на сопственост и правото на наследување на поранешните сопственици кои не биле државјани на Република Македонија со што била спротивна и на Европската Конвенција за заштита на човековите права и основните слободи. Оваа дискриминација доаѓала уште повеќе до израз со последните измени на Законот за денационализација со кои била исклучена и можноста да се води судска постапка за правото на сопственост по основ на денационализација.

Поради изнесеното се бара, Уставниот суд да поведе постапка за оценување уставноста на оспорената одредба од Законот и истата да се укине.

3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 11 став 1 од Законот, барател во смисла на ставот 1 на овој член е лице кое на денот на влегувањето во сила на овој закон е државјанин на Република Македонија.

4. Според член 8 став 1 алинеи 1, 6 и 11 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, правната заштита на сопственоста и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 30 став 1 од Уставот се гарантира правото на сопственост и правото на наследување, а според ставот 3 на овој член од Уставот, никому не може да му биде одземена или ограничена сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Според член 31 од Уставот на Република Македонија, странско лице во Република Македонија може да стекне сопственост под услови утврдени со закон.

Согласно член 118 од Уставот, меѓународните договори што се ратфикувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон.

Со Законот за денационализација се определуваат условите и постапката за враќање на имотот и видот, условите и постапката за давање надомест за имот одземен во корист на државата.

Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.бр. 35/2002 од 10 април 2002 година, одлучи да не поведе постапка за оценување на уставноста на член 13 став 2 од пречистениот текст на Законот, што содржински во целост се совпаѓа со оспорениот член 11 став 2 од основниот текст на Законот за денационализација.

Во образложението на Решението, меѓу другото, се наведува дека: “Во Законот, јасно е определено дека барател за денационализација може да биде поранешниот сопственик односно лицата кои се негови наследници според прописите за наследување и дека тоа лице треба да е државјанин на Република Македонија. Определбата на законодавецот, таквото лице државјанството да го стекнало на денот, односно до денот на влегување во сила на овој закон е негово право и со него не се нарушуваат темелните вредности на уставниот поредок и еднаквата положба на граѓаните пред Уставот и законите, ниту се ограничува правото на сопственост и наследување. Таквата определба на законодавецот под еднакви услови се однесува на сите граѓани што се наоѓаат во иста положба. Покрај тоа, смислата на оспорената одредба има и процедурален карактер и има за цел да го уреди прашањето кој може да биде барател во покренување на постапката за денационализација, а не да го востановува или исклучува правото на сопственост и правото на наследување кое се остварува според прописите за наследување, па според тоа и правото на денационализација кое се остварува во постапката за денационализација”.

Со оглед на тоа што Судот веќе ја оценил оспорената одредба од член 11 став 2 од Законот, а направената анализа покажа дека нема основи за поинакво одлучување, Судот одлучи согласно наведената одредба од Деловникот, иницијативата да ја отфрли.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.228/2008
22 април 2009 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски