227/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 22 април 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за локалитет Мичурин Урбана единица А, број 07-188/2 од 5 август 2008 год. („Службен гласник на општина Аеродром-Скопје„ бр.12/2008), донесена од Советот на општина Аеродром во Скопје.

2. Ружица Павлова од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.
Според наводите во ицијативата Советот на општина Аеродром не требало да ја донесе оспорената одлука со која урбанистички се планирало предметното подрачје на општината, поради тоа што на тој простор се воделе постапки на граѓани за денационализација на имот. Имено, според членот 64 од Законот за денационализација, со денот на влегувањето во сила на овој закон не било дозволено располагање со имот што бил предмет на денационализација, како и искористување на таков имот со што се создавале обврски за барателот. Правните дела и едностраните изјави на волја што биле во спротивност со став 1 на овој член биле ништовни. Поради тоа што Советот на општината не ја почитувал наведената одредба од Законот, оспорената одлука за донесување на деталниот урбанистички план за локалитетот Мичурин Урбана единица А, не била во согласност со членот 64 од Законот за денационализација, а со тоа била во спротивност и со членовите 51 и 52 од Уставот на Република Македонија.

Од овие причини со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одлука.

3. Судот на седницата утврди дека врз основа на членот 36 од Законот за локалната самоуправа („Служ-бен весник на Република Македонија„ бр.5/2002), членот 22 став 1, членот 24 став 2 и членот 26 став 4 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија„ бр.137/2007), членот 16 и членот 24 од Статутот на општината Аеродром („Службен гласник на град Скопје„ бр.7/2005), Советот на општина Аеродром донел Одлука за донесување на Детален урбанистички план за локалитет Мичурин Урбана единица А.

Со членот 1 од оваа одлука е утврдено донесувањето на планот кој бил во согласност со Генералниот урбанистички план на Град Скопје, а во членот 2 од оваа одлука се определени границите на подрачјето што го опфаќа планот. Во членот 3 од оваа одлука е определено дека во документационата основа се текстуалниот и графичниот дел од планот и нивните содржини и планската документација, нумеричкиот дел и условите за градба.

Со одредбите од членовите 4 и 5 од оваа одлука е утврдено дека Деталниот урбанистички план се заверува со печат на Советот на општината и потпис на претседавачот на Советот е должен во рок од 30 дена од донесувањето на планот да обезбеди соодветно картирање на планот.

Со одредбите од членовите 6 и 7 од оваа одлука е утврдено дека планот се заверува во седум примероци и оваа одлука влегува во сила од денот на објавувањето во „Службен гласник на општина Аеродром„.

4. Според членот 8 алинеја 10 од Уставот на Република Македонија, уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Амандманот XVII од Уставот, со точката 1 го заменил ставот 1 на членот 115, а со точката 2 го заменил ставот 2 на членот 117 од Уставот, и определил дека во единиците на локалната самоуправа и во градот Скопје граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од значење за локалната самоуправа односно за градот Скопје, а особено во областите на јавните служби, урбанизмот и руралното планирање, заштитата на околината, локалниот економски развој, локалното финансирање, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската зашатита, образованието, здравствената заштита и во други области утврдени со закон.

Според членот 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, а според членот 52 став 1 од Уставот, законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила.

Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република македонија„ број 5/2005), определил дека општините и градот Скопје се единици на локалната самоуправа.

Во членот 22 од овој закон поконкретно се утврдени надлежностите на општините, меѓу кои е и урбанистичкото (урбано и рурално) планирање, а според членот 32 став 1 од овој закон, советот на општината е претставнички орган на граѓаните кој одлучува во рамките на надлежностите на општината.

Според членот 15 став 1 алинеја 3 од Законот за градот Скопје („Службен весник на Република Македонија„ број 55/2004) во надлежност на општините во градот Скопје е донесувањето детални урбанистички планови.

Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република македонија„ број 51/2005, 137/2007 и 24/2008 – пречистен текст), во членот 1 утврдил дека предмет на уредување на овој закон се условите и начинот на системот на просторното и урбанистичкото планирање, видовите и содржината на плановите, изработувањето и постапката за донесување на плановите, спроведувањето на плановите и следењето на реализацијата на плановите, надзорот и други прашања од областа на просторното и урбанистичкото планирање.

Бидејќи со закон не е регулирано дека треба да запре донесувањето на урбанистичките планови и нивните измени и дополнувања поради водење надруги управни или судски постапки со кои се расправаат и одлучуваат имотно-правни односи на граѓаните согласно со законите во Републиката меѓу кои е и Законот за денационализација, тогаш единствено треба да се има предвид дека уредувањето и хуманизацијата на просторот и унапредувањето на животната средина и природата е темелна вредност определена со Уставот и претставува посебен интерес за Републиката за негово непречено остварување.

Според членот 112 од Законот за сопственост и други стварни права („Службен весник на Република Македонија„ број 18/2001 и 92/2008), правото на сопственост се стекнува според закон врз основа на правна работа и со наследување.

Правото на сопственост се стекнува и со одлука на надлежен државен орган, на начин и под услови определени со закон.

Со Законот за денационализација („Службен весник на Република македонија„ број 20/1998, 31/2000, 43/2000 – пречистен текст, 42/2003 и 44/2007) се уредуваат условите и постапката за враќање на имот и видот, условите и постапката за давање надомест за имот одземен во корист на државата (денационализација).

Судот утврди дека согласно одредбите од овој закон. барања за враќање во сопственост или за добивање надомест за одземен имот, согласно одредбите од Законот, можеле да поднесуваат само физички лица, верски храмови, манастири и вакафи, за имотот одземен од 2 август 1944 година врз основа на присилни прописи во периодот на поранешниот уставно-правен поредок на нашата земја. Во постапката за денационалзација се применувале одредбите на Законот за општата управна постапка доколку со овој закон поинаку не било определено, потоа, министерот за финансии со комисиите што ги формирал одлучувал во прв степен по барањата, законитоста на управните решенија за денационализација се ценат по жалба од второстепен управен орган, а против управните акти можело да се заведе управен спор пред Управниот суд. Согласно одредбите од Законот за денационализација, во оваа управна постапка, странки можеле да бидат барателот и јавниот (државниот) правобранител, односно граѓанинот и државата, а правосилното решение за денационализација органот по службена должност го доставувал до странките, органот за јавни приходи и органот за геодетски работи за евиденција во јавните книги, како основа за промена на правата на имот (од државна преминува во приватна сопственост). Регулирањето на имотно-правните односи било уредено со одредбите од овој закон, и без спроведувањето на соодветната постапка пред надлежните органи и без правосилно решение за враќање на сопственост на одземениот имот не можело да се смета дека барателите се сопственици на предметниот имот. Ова особено поради тоа што постапката претпоставува и негативен исход по барањето доколку барањето не било поднесено од поранешниот сопственик или неговите наследници на правото за денационализација утврдено со решение на надлежен суд, потоа, барањето требало да се однесува на имот одземен со присилни прописи што значи не станува збор за веќе оттуѓен имот во поранешен период со договори и друга правна работа, барањето требало да биде процесуирано пред надлежен орган и во рок определен со Законот, да има докази и други работи кои се уредени со Законот.

Постапката за денационализација е комплексна управна постапка во која се решаваат специфични имотно-правни односи за враќање или плаќање, а согласно Законот за денационализација и Законот за сопственост и други стварни права, правото на сопстеност се стекнува по основ на решението за денационализација на надлежниот државен орган. Оттука, на постојното урбано подрачје имотот може да е во сопственост на државата, на физички и правни лица, на локалната самоуправа и промените на сопственоста со правна работа, наследување или одлуки на државните органи, кои перманентно и редовно се случувале во минатото и ќе се случуваат во иднина, а во кои спаѓаат и актите за денационализација, не може да биде правна пречка за урбанистичкото планирање кое во својата суштина претставува план, а не реална реализација на терен и располагање со имот. Графичкиот и текстуалниот дел од планот го предвидуваат идното урбанистичко уредување на подрачјето, но плановите низ времето се донесуваат, менуваат и дополнуваат во обем кои реално трпи и нереализирани урбанистички содржини бидејќи реализацијата зависи секако од финансиската и инвеститорската моќ и уредување на земјиштето заради планската градба, што е објективен економски елемент.

Тргнувајќи од наведеното, ниту во постапката за денационализација автоматски по барањето се стекнува сопственост на имот, ниту во постапките за урбанистичко планирање на просторот се донесуваат планови кои резултираат целосна реална реализација и планирањето воопшто не претставува располагање со конкретен имот. Во постапките за донесување на деталните урбанистички планови се врши јавна анкета и јавна презентација на нацрт-планот на кој граѓаните што живеат на подрачјето можат да се запознаат со планот и да приговараат за содржини и кои не се дирекно поврзани со нивни имоти или сопственост.

Според членот 64 став 1 од Законот за денационализација, со денот на влегувањето во сила на овој закон не е дозволено радполагање со имот што е предмет на денационализација, како и искористување на таков имот со кое се создаваат обврски за барателот, а според ставот 2 од овој член од Законот, правните дела и едностраните изјави на волја што се во спротивност со ставот 1 на овој член се ништавни ако барањето за денационализација е поднесено во рокот од пет години од денот на влегувањето во сила на Законот за денационализација, а заклучно до 7 мај 2003 година.

Според автентичното толкување на овој член од Законот, објавено во „Службен весник на Република Македонија„ број 20/2009, одредбата треба да се толкува така што забраната за располагање со имотот, предмет на денационализација во смисла на членот 64, а во врска со членот 49 од Законот за денационализација, се однесува за период од пет години од денот на влегувањето во сила на Законот („Службен весник на Република Македонија„ број 20/1998) што значи за периодот од 7 мај 1998 година до 7 мај 2003 година. За периодот после 7 мај 2003 година, без оглед кога барањето за денационализација е поднесено, располагање со имотот – предмет на денационализација е дозволено и правните дела и едностраните изјави на волја не се ништовни. Повикувањето на ништовност на правните дела при исполнувањето на условите од овој закон единствено е можно, доколку претходно во јавните книги за недвижности било прибележано поднесеното барање за денационализација, врз основа на акт на органот кој ја води постапката за денационализација.

Имајќи го предвид наведеното, донесувањето на урбанистички планови не е ниту правно дело ниту еднострана изјава на волја за располагање со конкретен имот. Во текот на постапката на денационализацијата, државата не можела да го отуѓува или на друг начин да располага со конкретен имот за кој било поднесено барање за враќање во сопственост, а доколку државата тоа го сторила согласно членот 64 од Законот, во перидот од пет години од влегувањето во сила на Законот, правното дело и едностраната изјава на волја се ништовни.

Со оглед на тоа што со иницијативата неосновано се изнесуваат наводи за проблематизирање на уставноста и законитоста на оспорената одлука за донесување на предметниот план, без да се има основа и поврзаност на урбанистичкото планирање на територијата на Република Македонија и водењето на постапките по Законот за денационализација, Судот оцени дека од изнесената анализа во однос на оспорената одлука не може да се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот и со Законот за денационализација.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.227/2008
22 април 2009 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски