Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седница одржана на 22 април 2009 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ УКИНУВА членот 134-л од Законот за супервизија на осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.27/2002, 84/2002, 98/2002, 33/2004, 79/2007, 18/2008 и 88/2008).
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.
3. Уставниот суд на Република Македонија со решение У.бр.218/2008 од 25 февруари 2009 година, по иницијатива на Валеријан Моневски од Скопје поведе постапка за оценување на уставноста на член 134-л од Законот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за неговата согласност со член 8 став 1 алинеи 2, 6 и 7, член 30 став 3, член 55 став 3 и член 112 од Уставот.
4. Судот на седницата утврди дека оспорениот член 134-л од Законот е со наслов „Забрана за вршење на работи на застапување, посредување и продажба на полиси во станиците за технички преглед“ и гласи:
„Се забранува подготовка и склучување на договори за осигурување, посредување и застапување при склучување на договори за осигурување, како и каков било облик на рекламирање на друштва за осигурување во кругот на станиците за технички преглед на моторните возила.“
5. Според членот 8 став 1 алинеи 3, 6 и 7 од Уставот, владеењето на правото, правната заштита на сопственоста и слободата на пазарот и претприемништвото се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Согласно членот 30 став 3 од Уставот, никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.
Според членот 55 став 3 од Уставот, слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.
Според членот 112 став 1 од Уставот, Уставниот суд ќе укине или поништи закон ако утврди дека не е во согласност со Уставот. Одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни.
Уставниот суд на Република Македонија со Одлука У.бр. 154/2007 од 16 јануари 2008 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.8/2008 од 17 јануари 2008 година), го укинал членот 134-з од Законот за супервизија на осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.27/2002 и 79/2007).
По повод вака донесената одлука законодавецот пристапил кон измени и дополнувања на Законот и наместо укинатата содржина на тогашниот член 134-з прашањето за вршење на работите поврзани со осигурувањето во станиците за технички преглед го уредил во сега оспорениот член 134-л од Законот и тоа на начин што изречно забранил во станиците за технички преглед да се вршат какви било активности поврзани со осигурувањето (подготовка и склучување на договори за осигурување, посредување и застапување при склучување на договори за осигурување, како и каков било облик на рекламирање на друштва за осигурување).
Според оцена на Судот, вака уредената проблематика во оспорената одредба, не е во согласност со изразените правни гледишта во постапката по предметот У.бр.154/2007. Имено, во таа постапка Судот, меѓу другото, изразил гледиште дека според уставно судската анализа на одредбите од оспорениот член 134-з од Законот законодавецот го лоцирал вршењето на две различни професионални дејности во еден објект кој е станица за вршење на технички преглед на возила, односно со закон се диктирало на две правни лица од кои едното врши застапување во осигурувањето, а другото врши технички преглед на возила да ги поврзат односите меѓу себе по сила на закон, во однос на објектот и просторот за работа и техничките услови за тоа. Притоа, со ставовите 3 и 4 на наведениот член од Законот, правата на друштвата за застапување во осигурувањето се ставале над правата на субјектите кои вршат технички преглед на возилата. Ова затоа што се пропишувало дека сопственикот или носителот на други стварни права врз станицата за технички преглед (што значи правното лице кое врши технички преглед), треба да биде должен еднакво на сите друштва за застапување во осигурувањето кои имаат дозвола од Агенцијата за вршење работа во станица за технички преглед, да им обезбеди економски и други услови за вршење работи на застапување во осигурувањето, во објектот и просторот наменет за технички преглед во станицата, а во спротивно Агенцијата да забрани во станицата за технички преглед да се врши дејност застапување во осигурувањето.
Според Судот не постоела уставна оправданост за нормирање на режимот на економското однесување на субјектите во правото како што тоа било уредено со наведените одредби од Законот. Ова затоа што со диктирање на односи помеѓу субјектите од двете различни и независни професионални дејности со димензионирање на обврски какви законодавецот сметал дека треба да ги воспостави во работењето, спротивно на слободните економски односи во функционирањето на пазарот и претприемништвото, се доведувале во прашање остварувањето на слободата на пазарот и претприемништвото како темелна вредност на уставниот поредок, предвидена во членот 8 став 1 алинеја 7 од Уставот, и основите на економските односи утврдени во членот 55 од Уставот, со кои тие вредности се гарантираат, а слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.
Според Судот, одредбите од овие ставови на членот 134-з од Законот го пропишувале режимот на работењето на друштвата само за тие кои имале дозвола за застапување во осигурувањето во станиците за технички преглед. Меѓутоа, поаѓајќи од уставните норми кои ги гарантират слободните економски односи се доведувала во прашање уставноста и на работењето на друштвата со посебното застапување во осигурувањето во објектите на станиците за технички преглед. Ова особено поради тоа што тоа работење на друштвата се темели на односи поврзани по сила на закон со меѓусебни обврски и права за исклучиво „технички услови за работа“ на различни правни субјекти (вршителите на технички преглед и вршителите на застапување во осигурувањето).
Со наведените одредби од членот 134-з од Законот, според мислењето на Судот, се доведувале во прашање уставните вредности во членот 8 став 1 алинеја 7 и членот 55 од Уставот. Овие технички услови, според Судот, правните лица требало меѓусебно да ги договорат, доколку сакаат во рамки на пазарот и претприемништвото слободно да се поврзуваат и остваруваат.
Од друга страна, членот 134-з од Законот не бил во согласност и со членот 30 од Уставот, според кој се гарантира правото на сопственост и правото на наследување, сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата. Никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.
Судот утврдил дека со законската обврска предвидена во ставовите 3 и 4 од членот 134-з од Законот, сопственикот или носителот на стварни права врз станицата за технички преглед да обезбеди услови за работа на друштвата за застапување во осигурувањето во станицата за технички преглед, всушност се ограничувало слободното располагање на сопственикот со недвижноста во која врши технички преглед, во корист и за потребите на работењето на друштвата кои вршат застапување, спротивно на членот 30 од Уставот.
Притоа, сопственоста се ограничувала на начин и во форма која Законот не ја прецизирал, туку препуштил согласно ставот 9 од оспорениот член од Законот „Агенцијата за супервизија на осигурување да ги пропишува потребните технички, организациски и економски услови за вршење работи на застапување во осигурувањето од ставовите 1 и 3 на овој член“. Со подзаконскиот акт на Агенцијата би се уредувале условите за работа потребни на едно правно лице, а како товар и како обврска тие услови требало да се овозможат од друго лице за да може во станицата да се врши друга дејност, односно да се врши застапување. Со ваквото законско овластување, според оцена на Судот, Агенцијата можела различно да ги димензионира условите по обем и во време кога таа ќе оцени дека има потреба да го менува својот акт.
Оттука, со одредбите од оспорениот член 134-з од Законот се повредувал и принципот на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија согласно членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот. Ова особено што со закон се препуштало на Агенцијата со подзаконски акт да го определува ограничувањето на сопственоста, што може само со закон да се ограничува и тоа кога се работи за јавен интерес утврден со закон, што во конкретниот случај не било тоа.
Врз основа на изнесеното гледиште на Судот во Одлуката У.бр.154/2007 од 16 јануари 2008 година, произлегува дека гледиштето на Судот не било насочено кон целосно забранување на активности поврзани со осигурувањето во станиците за технички преглед како што погрешно сметал законодавецот при креирањето на новиот, сега оспорен член 134-л од Законот. Напротив, Судот застанал на гледиште дека осигурителните друштва и станиците за технички преглед треба меѓусебно да ги договараат условите на заедничкото работење, доколку сакаат во рамки на пазарот и претприемништвото слободно да се поврзуваат, што не се обезбедува преку пропишаната забрана со оспорениот член 134-л од Законот.
Со новото уредување на наведената правна проблематика повторно се доведува во прашање слободата на пазарот и претприемништвото и правната заштита на сопственоста. Ова од причина што на осигурителните друштва им се налага почитување на принципот на екстериторијалност со забрана својата дејност да ја вршат во кругот на станиците за технички преглед, а на станиците за технички преглед им се забранува да стапат во било какви договорни односи со осигурителните друштва кои осигуруваат во врска со одговорност од употреба на моторни возила, што не е во духот на слободата на пазарните и економските односи во функционирањето на пазарот и претприемништвото. Од друга страна, на станиците за технички преглед, како можни сопственици на објектите, со ваквото уредување им се ограничува и правото на располагање со сопственоста, бидејќи врз основа на утврдената забрана не се во можност, евентуално, да ја издаваат својата недвижност за потребите на работењето на осигурителните друштва. Ваквото уредување, според оцена на Судот, преставува трајна забрана за создавање на деловни релации помеѓу наведените субјекти на пазарот и ограничување на сопственоста без постоење на јавен интерес утврден со закон, а при состојба кога не се доведени во прашање одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.
Конечно, заради погрешното толкување на гледиштата на Судот изразени во Одлуката У.бр.154/2007 од 16 јануари 2008 година, што во крајна линија резултирало со непочитување на конечната, извршна и интервентна одлука на Судот, во конкретниот случај, оспорениот член 134-л од Законот не е во согласност со членот 112 од Уставот.
Поаѓајќи од сето наведено Судот оцени дека оспорениот член 134-л од Законот не е во согласност со член 8 став 1 алинеи 2, 6 и 7, член 30 став 3, член 55 став 3 и член 112 од Уставот.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.218/2008
22 април 2009 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски