У.бр.252/2008

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 15 април 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 8-а и член 100-а од Законот за превоз во патниот сообраќај („Службен весник на Република Македонија“ бр. 68/2004 и 127/2006).

2. Цветан Трајковски од Прилеп, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точка 1 од ова решение.

Според подносителите на иницијативата, оспорените одредби не биле во согласност со член 52 на Уставот. Ова од причина што повеќето управители на транспортни фирми немале високо образование, а повеќе години, некои од нив и по 10 -15 години, воделе транспортни фирми и успешно работеле досега, поради што немало причина тоа да не биде и во иднина. Меѓутоа, со оспорените одредби кои се вградени со измената на Законот за превоз во патниот сообраќај, истите биле ставени во понеповолна положба, затоа што ако досега успешно ги раководеле фирмите, немало причина и тие да не бидат ослободени од полагање за сертификат за професионална компетентност на управителот или од него овластено лице одговорно за превоз, како што со член 100-а од овој закон било предвидено за лицата кои имаат најмалку пет години работно искуство во транспортот како управител или овластено лице за превоз и високо образование. Поради тоа, подносителот на иницијативата смета дека оспорените законски одредби не можеле да се однесуваат на затекнатите фирми и нивните управители и дека значеле повратно дејство на законот кое не било поповолно за граѓаните.

Поради наведеното, се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби.

3. Судот на седницата утврди дека според член 8-а од Законот за превоз во патниот сообраќај, сертификатот од членот 8 став 1 точка 6 на овој закон го издава Министерството за транспорт и врски врз основа на уверение за положен испит за професинална компетентност (став 1). Стручното оспособување на кандидатите за добивање на сертификат за професионална компетентност на управителот или овластеното лице одговорно за превоз го врши правно лице овластено од министерот за транспорт и врски, кое располага со: – минимум 30 м2 простор опремен за одржување на обуката, – информатичка технологија и друга опрема за водење на евиденција и – минимум пет лица вработени во редовен работен однос со високо образование (економски, машински, сообраќаен, електро и правен факултет), со најмалку пет години работно искуство од областа на транспортот или лица кои поседуваат сертификат за обучувачи за професионална компетентност (став 2). Испитот за професионална компетентност се полага пред комисија формирана од министерот за транспорт и врски (став 3). Комисијата се состои од пет члена од кои два члена се од Министерството за транспорт и врски, еден од Стопанската комора на Македонија, еден од здруженијата на превозници и еден од Сообраќајниот факултет (став 4). Членовите на комисијата за својата работа добиваат надомест (став 5). На кандидатите кои го положиле испитот им се издава уверение за положен испит за професионална компетентност (став 6). За полагање на испитот за професинална компетентност се плаќа надоместок (став 7). Висината на надоместокот треба да биде во рамките на направените трошоци за: обука, литература, потрошен материјал, трошоци за испитната комисија и друго. Трошковникот го утврдува правното лице од ставот 2 на овој член по претходна согласност на министерот за транспорт и врски (став 8). Начинот, постапката и програмата за полагање на испитот за добивање на сертификат за професионална компетентност на управителот или од него овластеното лице одговорно за превоз , формата и содржината на уверението за положен испит и на сертификатот за професионална компетентност, ги пропишува министерот за транспорт и врски (став 9).

Според член 100-а од истиот закон, лицата кои имаат најмалку пет години работно искуство во транспортот како управител или овластено лице одговорно за превоз и високо образование, се ослободуваат од полагање на испитот за добивање на сертификат за професионална компетентност.

4. Согласно член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 52 од Уставот на Република Македонија, законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила (став 1) и не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните (став 4).

Превозот во патниот сообраќај е регулиран со Законот за превоз во патниот сообраќај.

Според член 1 од овој закон, со овој закон се уредуваат условите и начинот за вршење превоз на патници и стоки во внатрешниот и меѓународниот патен сообраќај.

Според член 2 од Законот, превозот на патници и стоки во меѓународниот патен сообраќај се врши согласно со овој закон и меѓународни договори и спогодби што ги ратификувала Република Македонија.

Условите за вршење на превоз во патниот сообраќај се утврдени во Глава II од Законот, каде во членот 4 став 1 е предвидено дека домашен превозник може да врши превоз на патници и стока во внатрешниот и меѓународниот патен сообраќај врз основа на лиценца.

Според член 8 став 1 од овој закон, лиценца може да добие домашно правно или физичко лице (во натамошниот текст: превозник), ако ги исполнува следниве услови:

1) да е впишан во Централниот регистар и да има регистрирано претежна дејност:вршење на превоз на патници и стока во патниот сообраќај;
2) да е сопственик на едно или повеќе регистрирани возила за одделни видови на превоз или да има договор за лизинг, што ги исполнуваат посебните техничко-експлоатациони услови пропишани за возила за вршење на одделни видови на превоз, при што за меѓуопштинскиот и меѓународниот линиски превоз на патници да е сопственик или да има договор за лизинг од најмалку две возила со капацитет од најмалку 22 + 1 седиште по возило, а за посебниот линиски превоз на патници да е сопственик или да има договор за лизинг за најмалку едно возило со капацитет од најмалку 8 + 1 седиште;
3) да има вработено во редовен работен однос возачи во зависност од бројот на моторните возила, минимум еден возач по возило (автобуси, товарни возила) што ги исполнуваат условите пропишани со прописите за безбедност на сообраќајот на патиштата;
4) да има вработено авто-такси возачи;
5) во возилото со кое се врши авто-такси превоз на патници да има вградено фискален апарат;
6) управителот или овластеното лице одговорно за превоз да има сертификат за професионална компетентност;
7) да располага со сопствен капитал од најмалку 2.000 евра во денарска противвредност по возило;
8) да не е во сила правосилната судска пресуда за кривично дело против имотот, стопанството или безбедноста во јавниот сообраќај;
9) да има во сопственост капацитет за паркирање и одржување на возилата со кои ќе го врши превозот, како и места за задржување на возилата за време кога истите не се користат, или договор заверен на нотар за обезбедено право на користење на таков капацитет за период од најмалку четири години и
10)да има вработено возачи кои имаат сертификат за учество во меѓународниот превоз на патници и стоки.

Според член 8-а од Законот, сертификатот од членот 8 став 1 точка 6 на овој закон го издава Министерството за транспорт и врски врз основа на уверение за положен испит за професинална компетентност. Стручното оспособување на кандидатите за добивање на сертификат за професионална компетентност на управителот или овластеното лице одговорно за превоз го врши правно лице овластено од министерот за транспорт и врски, кое располага со: – минимум 30 м2 простор опремен за одржување на обуката, – информатичка технологија и друга опрема за водење на евиденција и – минимум пет лица вработени во редовен работен однос со високо образование (економски, машински, сообраќаен, електро и правен факултет), со најмалку пет години работно искуство од областа на транспортот или лица кои поседуваат сертификат за обучувачи за професионална компетентност. Испитот за професионална компетентност се полага пред комисија формирана од министерот за транспорт и врски. Комисијата се состои од пет члена од кои два члена се од Министерството за транспорт и врски, еден од Стопанската комора на Македонија, еден од здруженијата на превозници и еден од Сообраќајниот факултет. Членовите на комисијата за својата работа добиваат надомест. На кандидатите кои го положиле испитот им се издава уверение за положен испит за професионална компетентност.

Според член 9 од Законот, лиценците и изводот од лиценците за секое возило со кое ќе се врши превозот предвидени со членот 7 од овој закон ги издава Министерството за транспорт и врски, освен лиценците и изводот на лиценците за општински превоз и авто-такси превоз на патници кои ги издава градоначалникот на општината, односно за градот Скопје градоначалникот на градот Скопје. Лиценците и изводот од лиценците се издаваат со рок на важење од четири години, освен лиценците за авто-такси превоз на патници кои се издаваат со рок на важење од една година. За лиценците што се издаваат со рок на важење од четири години, превозникот е должен во рок од шест месеца пред истекот на важноста на лиценцата да поднесе барање за издавање на нова лиценца до надлежниот орган за нејзино издавање во согласност со одредбите од членот 8 на овој закон.

Согласно член 100 став 3 од Законот, кој е поместен во главата Преодни и завршни одредби, лиценците што се издадени пред влегувањето во сила на овој закон продолжуваат да важат до истекот на рокот за кој се издадени.

Според член 100-а од овој закон, лицата кои имаат најмалку пет години работно искуство во транспортот како управител или овластено лице одговорно за превоз и високо образование, се ослободуваат од полагање на испитот за добивање на сертификат за професионална компетентност.

Од наведената законска регулатива произлегува дека превозот на патници и стоки во внатрешниот и меѓународниот патен сообраќај може да врши домашен превозник врз основа на лиценца издадена од Министерството за транспорт и врски, освен лиценците и изводот на лиценците за општински превоз и авто-такси превоз на патници кои ги издава градоначалникот на општината, односно за градот Скопје градоначалникот на градот Скопје. Лиценците се издаваат со рок на важење од четири години, освен лиценците за авто-такси превоз на патници кои се издаваат со рок на важење од една година. За лиценците што се издаваат со рок на важење од четири години, превозникот е должен во рок од шест месеца пред истекот на важноста на лиценцата да поднесе барање за издавање на нова лиценца до надлежниот орган за нејзино издавање во согласност со одредбите од членот 8 на овој закон.

Еден од условите за добивање на лиценцата, утврден со член 8 став 1 точка 6 од Законот, е управителот или овластеното лице одговорно за превоз да има сертификат за професионална компетентност. Според постапката за издавање на овој сертификат, која е пропишана во член 8-а од Законот, ваквиот сертификат го издава Министерството за транспорт и врски, по положен испит за професионална компетентност пред комисија од пет члена формирана од министерот за транспорт и врски, од кои два члена се од Министерството за транспорт и врски, еден од Стопанската комора на Македонија, еден од здруженијата на превозници и еден од Сообраќајниот факултет. Притоа, законодавецот определил дека лицата кои имаат најмалку пет години работно искуство во транспортот како управител или овластено лице одговорно за превоз и завршено високо образование, се ослободуваат од полагање на испитот за добивање на сертификат за професионална компетентност.

Со иницијативата се оспорува ваквото законско решение како несогласно со Уставот, затоа што правото на ослободување од полагањето на овој испит се однесува само на лицата кои имаат најмалку пет години работно искуство во транспортот како управител или овластено лице одговорно за превоз и високо образование, а не и на другите лица кои исто така имаат најмалку пет години работно искуство во транспортот како управител или овластено лице одговорно за превоз, но немаат високо образование, а кои лица, пред извршените измени на Законот за превоз во патниот сообраќај, со кој е утврдена оваа обврска, биле ослободени од полагање на испит за професионална компетентност, поради што со воведувањето обврска за полагање на испитот на овие лица, се смета дека Законот имал повратно дејство кое не било поповолно за граѓаните, што било спротивно на член 52 став 4 од Уставот.

Судот оцени дека ваквите наводи во иницијативата се неосновани. Ова од причина што легитимно право на законодавецот е да ги утврди условите и начинот за вршење превоз на патници и стоки во внатрешниот и меѓународниот патен сообраќај, во која смисла и да го услови вршењето на овој превоз со добивање на лиценца под услови утврдени со закон. Тоа несомнено значи и овластување на законодавецот, да цени и по потреба да ги менува, дополнува или укинува условите за вршење на овој превоз, вклучително и условите за добивање на лиценца, со цел допрецизирање на одредбите и усогласување на оваа регулатива со правната регулатива на Европската Унија со која се регулира превозот на патници и стока во патниот сообраќај. Притоа, законодавецот е обврзан да обезбеди условите кои ги пропишува да се однесуваат подеднакво на сите заинтересирани за вршење на оваа дејност.

Во смисла на наведеното, треба да се цени и определбата на законодавецот за ослободувањето од полагање на испитот за добивање на сертификат за професионална компетентност на лицата кои имаат најмалку пет години работно искуство во транспортот како управител или овластено лице одговорно за превоз и високо образование. Според Судот, станува збор за прашање на целисходност што е во надлежност на законодавецот. Имено, законодавецот е тој кој ја цени оправданоста за полагање на испитот како услов за добивање лиценца, во која смисла ја цени и оправданоста на тоа дали лицата кои имаат определено работно искуство и определен степен на образование, треба или не треба да го полагаат испитот за добивање на сертификат за професионална компетентност. Во оваа смисла, законодавецот се определил, со Законот за изменување и дополнување на Законот за превоз во патниот сообраќај („Службен весник на Република Македонија“ бр. 127/2006), да ја пропише постапката за полагање на овој испит (член 8-а), но и да го стесни кругот на лица кои ќе бидат ослободени од полагање на испитот, на начин што од овие лица ќе се бара, освен да имаат најмалку пет години работно искуство во транспортот како управител или овластено лице одговорно за превоз, како што било регулирано пред наведените законски измени, да имаат завршено и високо образование.

Од уставноправен аспект, од значење е дека ваквото ослободување се однесува подеднакво за сите лица кои го исполнуваат овој услов, што значи дека нема дискриминација на граѓаните кои се наоѓаат во иста фактичка и правна ситуација. Тоа значи дека сите лица кои сакаат да стекнат лиценца за вршење превоз во патниот сообраќај, независно дали станува збор за добивање на лиценца за првпат или за добивање на нова лиценца поради истекот на рокот на важење на претходно издадената лиценца, треба да ги исполнуваат пропишаните услови со законот кој е во сила, а тоа значи дека, доколку не го исполнуваат условот за ослободување од полагање на испит за добивање на сертификат за професионална компетентност, истите ќе треба да го полагаат овој испит, на начин и постапка пропишана со законот. Вака пропишаните правила на однесување не подразбираат повратно дејство на Законот, како што се наведува во иницијативата, затоа што неспорно е дека Законот влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“, што значи дека пропишаниот режим за добивање на лиценца важи по влегувањето во сила на законските одредби, при што законодавецот јасно определил дека лиценците што се издадени пред влегувањето во сила на овој закон продолжуваат да важат до истекот на рокот за кој се издадени.

Тргнувајќи од наведеното, Судот оцени дека членот 8-а и членот 100-а од Законот за превоз во патниот сообраќај не предвидуваат повратно дејство на Законот, поради што не го постави прашањето за нивната согласност со член 52 став 4 од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.252/2008
15 април 2009 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски