Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 15 април 2009 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 71 став 4 точка 6 од Законот за стечај (“Службен весник на Република Македонија” бр. 34/2006, 126/2006 и 84/2007).
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на согласностa на членот 71 став 4 точка 6 од Законот, со членовите 184 и 200 од Законот за парничната постапка (“Службен весник на Република Македонија” бр.79/2005 и 110/2008).
3. Надица Димитрова, адвокат од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 71 став 4 точка 6 од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според подносителот на иницијативата оспорената одредба од член 71 став 4 точка 6 од Законот била во несогласност со уставните Амандмани XX, XXI и XXX, како и со членот 55 ставови 1 и 2 од Уставот на Република Македонија.
Имено, рокот од 30 дена во кој доверителите се известувале дека треба да ги пријават своите побарувања бил апсолутен и доколку бил пропуштен од некој доверител се губело правото на повторно пријавување. Немало ниту еден правен лек за да се заштителе доверителите од пропуштањето на рокот од 30 дена, не бил дозволен вонреден правен лек, ниту враќање во поранешна состојба или повторување на постапката поради болест, виша сила, војни настани или некоја друга причина, поради што оспорената одредба од Законот не била во согласност со принципите на владеењето на правото и заштитата на сопственоста утврдени во член 8 став 1 алинеи 4 и 7 од Уставот. Овие права според оспорената законска одредба биле обезбедени само за правното лице што е во стечај (само за стечајната маса). Во случај правното лице кога било во стечај, а имало побарување према некој доверител тоа можело со тужба да ја штити сопственоста, а доверителот што го пропуштил рокот од 30 дена за пријавување на побарувањето не можел да го штити своето побарување со што правното лице во стечај се ставало во привилегирана положба во однос на доверителите кои го пропишале рокот за пријавување на своето побарување.
Подносителот на иницијативата наведува дека оспорениот член 71 став 4 точка 6 не бил во согласност и со членовите 184 и 200 став 1 точка 5 од Законот за парничната постапка, бидејќи додека течела постапката во парницата не можело да тече рокот од 30 дена за пријавување на побарувањето. Не било можно да течат две постапки помеѓу исти странки, за ист правен основ истовремено, потребно било да се донесе правосилно решение за прекин и мирување на парничната постапка, а потоа да течел рокот од 30 дена за доверителот, со што би се избегнувала ситуацијата на „litis pendencija“ регулирана со членот 184 од Законот за парничната постапка.
Ова од причина што во самиот Закон за стечај било предвидено дека за се она што не е регулирано со овој закон важеле одредбите од Законот за парничната постапка.
Врз основа на изнесеното подносителот на иницијативата бара Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот член 71 став 4 точка 6 од Законот за стечај.
4. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 71 став 4 точка 6 од Законот, огласот за отварање на стечајната постапка, меѓу другото, содржи и известување за доверителите да ги пријават своите побарувања во рок од 30 дена од денот на објавувањето на огласот.
5. Според член 8 став 1 алинеи 3 и 7 од Уставот, владеењето на правото и слободата на пазарот и претприемништвото се утврдени како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Согласно Амандманот XXI со кој се заменува членот 15 од Уставот, се гарантира правото на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд. Правото на жалба или друг вид на правна заштита против поединечни правни акти донесени во постапка во прв степен пред орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања се уредува со закон.
Според член 55 став 1 од Уставот, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото, а според ставот 2 на овој член од Уставот Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.
Законот за стечај ги уредува целите и условите за отворање на стечајната постапка; органите на стечајната постапка, управувањето и располагањето со имотот што влегува во стечајната маса; намирувањето на побарувањата на доверителите во стечајната постапка; правните последици од отворањето на стечајната постапка; планот за реорганизација; личното управување; ослободување од другите обврски, посебните видови стечајни постапки со странски елемент и други прашања во врска со стечајот.
Со членот 3 од Законот се утврдени целите на стечајната постапка. Имено според ставот 1 на овој член од Законот стечајната постапка има за цел колективно намирување на доверителите на стечајниот должник (во натамошниот текст: должник) со впаричување на должниковиот имот и распределба на остварените средства (приходи) на доверителите или со склучување на посебен договор за порамнување на побарувањата утврдени со планот за реорганизација што е насочен кон натамошно одржување на должниковиот деловен потфат.
Според ставот 2 од овој член од Законот, со реорганизација може да се врши и порамнување на побарувањата пред отворањето на стечајната постапка под условите утврдени со овој закон.
Според членот 6 од Законот, во стечајната постапка месно надлежен е судот на чие подрачје се наоѓа седиштето на должникот. Еднаш заснована месна надлежност на судот, од денот на поднесувањето на предлогот за отворање стечајна постапка, не може да се измени без оглед на околностите на случајот.
Според ставот 2 на овој член од Законот, судот кој донел решение за отворање на стечајната постапка е исклучиво надлежен за решавање по тужбите за утврдување на оспорените побарувања кои настанале по отворањето на стечајната постапка. Судот пред кој се водат постапките е должен по барање на судот кој што донел решение за отворање на стечајна постапка, без одлагање, да го достави предметот со сите списи.
Во членот 7 од Законот е утврдено дека на стечајната постапка соодветно се применуваат одредбите од Законот за парничната постапка, ако со овој закон поинаку не е определено.
Начелата на стечајната постапка се утврдени во членот 8 од Законот и тоа:
(1) Стечајната постапка се поведува по предлог.
(2) Стечајната постапка е итна.
(3) Судот може да ги донесува одлуките и без усна расправа.
(4) Судот може да се откаже од сослушување на должникот кога тоа е пропишано со овој закон, или ако лицата овлстени за застапување на должникот врз основа на закон или лицата кои имаат удел или акции кај должникот, односно самиот должник – поединец, се со непознато престојувалиште или се наоѓаат во странство, па нивното сослушување би довело до прекумерно одолжување на постапката.
(5) Предлози, изјави и приговори не можат да се даваат, односно да се поднесуваат, ако се пропушти рокот или рочиштето, односно собранието на кое требало да се дадат или поднесат, освен ако со овој закон поинаку не е определено.
(6) Табелите и извештаите можат да се изработуваат и обработуваат во електронска форма.
Од содржината на членот 7 од Законот, меѓу другото, произлегува дека стечајната постапка е итна, дека приговори не можат да се поднесуваат ако се пропушти рокот или рочиштето и дека во стечајната постапка не може да се бара враќање во поранешната состојба, освен ако со овој закон не е поинаку определено. Во оваа смисла законодавецот во Законот за стечај не ги предвидува вонредните правни лекови, токму поради итноста на постапката (член 14).
Според членот 11 0д Законот, одлуките во стечајната постапка се донесуваат во форма на решение и заклучок.
Според ставот 2 од овој член од Законот со заклучокот се издава налог на службено лице или на орган на стечајната постапка за вршење одделни дејства, а за сите други случаи судот одлучува со решение, ако со овој закон поинаку не е определено.
Прашањето за отворањето на стечајната постапка со оглас е уредено со членот 71 од Законот.
(1) За отворањето на стечајната постапка доверителите се известуваат со оглас.
(2) Огласот се објавува на огласна табла, во “Службен весник на Република Македонија”, како и во два дневни весника кои се дистрибуираат на територијата на Република Македонија. Огласот мора да биде истакнат на огласната табла истиот ден кога е донесено решението за отворање на стечајната постапка.
(3) Стечајниот управник е должен огласот, кој се објавува во два дневни весника во Република Македонија, да го објави во рок од три дена од приемот на решението со кое е именуван.
(4) Огласот за отворање на стечајната постапка содржи:
1) назив на судот што го донел решението за отворање на стечајната постапка;
2) име на стечајниот судија;
3) денот на истакнувањето на огласот на огласната табла на судот;
4) име и адреса на стечајниот управник;
5) фирма, седиште, единствениот матичен број на субјектот на уписот
(ЕМБС) и даночниот број и бројот на сметката на должникот;
6) известување за доверителите да ги пријават своите побарувања во рок од 30 дена од денот на објавувањето на огласот;
7) место, ден и час на испитното рочиште и извештајното собрание, ако се спојат и
8) повик на должниковите должници да ги намират своите долгови без
одлагање.
Според членот 72 став 1 од Законот, решението за отворање на стечајна постапка се доставува до предлагачот, должникот и банката кај која должникот ја држи сметката.
Според ставот 2, решението за отворање на стечајната постапка ќе им се достави и на органите кои ги водат регистрите, односно јавните книги од членот 69 став 6 на овој закон. На тие органи ќе им се достави и решението за отворање на стечајната постапка од членот 68 на овој закон. Според ставот 3, органите од ставот 2 на овој член се должни по службена должност врз основа на доставените решенија да го забележат отворањето на стечајната постапка, а според ставот 4 од овој член од Законот, ако должникот е поединец, стечајниот судија ќе го упати дека, во согласност со овој закон, може да побара ослободување од своите преостанати обврски.
Тргнувајќи од содржината на членовите 71 и 72 од Законот произлегува дека овие одредби се однесуваат на содржината на огласот. Имено, од огласот доверителите можат да дознаат, како за името на стечајниот судија кој ја донел одлуката за отворање на стечајна постапка, така и за содржината на изречената одлука за отворање на стечајна постапка, органите на стечајната постапка, името и седиштето на стечајниот должник, неговиот единствен даночен број и единствен матичен број, бројот на жиро сметката со која работел и во која банка се водела, името и адресата на стечајниот управник.
Од огласот доверителите, исто така, можат да дознаат за денот од кога настапуваат правните последици на отворената стечајна постапка, т.е. денот на истакнувањето на огласот на огласната табла на судот. Со овој оглас должниковите должници воедно се повикуваат своите долгови без одлагање да ги измират. Доверителите се повикуваат во рок од 30 дена од денот на објавувањето на огласот за отворање на стечајна постапка во „Службен весник на Република Македонија“ да ги пријават своите побарувања на стечајниот управник, со поднесок во два примероци и со докази.
Одговорот, на прашањето што се случува со доверителот кој своето побарување не го пријавил во утврдениот рок, за кое подносителот на иницијативата смета дека не му е обезбедена правна заштита и дека доколку тој го пропушти рокот за пријавување на побарувањата го губи тоа право, треба да се најде токму во начелото на итност на стечајната постапка. Имено, целта на законодавецот со наведеното решение е да ги заштити “совесните доверители” кои го почитувале законскиот рок за пријавување на своите побарувања. Инаку, ако се следи логиката на подносителот на иницијативата, во тој случај постапката мора да се врати на почеток и повторно да се одржува испитно рочиште, да се изготвува ново решение за утврдени и оспорени побарувања и да се одлучува за понатамошниот тек на постапката со што постапката би траела до недоглед и воедно би било во спротивност со интересите на “совесните доверители” кои своите побарувања ги пријавиле во рамките на утврдениот законски рок (кои не треба да трпат поради условно речено несовесните доверители) што може да се проблематизира во однос на членот 55 став 2 од Уставот како и во однос на начелото на итност на стечајната постапка. Токму од овие причини, според мислењето на Судот, законодавецот со решението предвидено во оспорената законска одредба имал за цел да изнајде баланс помеѓу “совесните доверители” кои своите побарувања ги пријавувале во утврден законски рок и “несовесните доверители” кои го пропуштиле тој рок, што секако претставува пропорционално решение кое е во согласност и е конзистентна на начелото на итност на стечајната постапка.
Од аспект на уставноста на оспорената одредба значајно е дека Законот за стечај упатува на примена на одредбите на Законот за парничната постапка и на други закони во стечајната постапка. Тоа, според Судот значи дека за прашањата што не се уредени со Законот за стечај како “lex specialis” важат одредбите од Законот за парничната постапка. Во овој контекст, со оглед на тоа што со овој закон е уредено конкретно прашањето на пријавувањето на побарувањата од страна на доверителите, а во тие рамки и рокот за нивно пријавување, Судот смета дека во случајов кога се одлучува за правата на доверителите кои тие ги остваруваат во стечајната постапка и кои се одраз на посебноста на целите и начелата на оваа постапка, нема можност да се применуваат одредбите од Законот за парничната постапка, а кои се однесуваат на прашањето уредено во седма Глава од Законот – “рокови и рочишта” во кое е предвидено и институтот “враќање во поранешна состојба”. Имено, според членот 109 став 1 од овој закон, ако странката пропушти рочиште или рок за преземање на некое дејствие во постапката и поради тоа го загуби правото на преземање на тоа дејствие, судот на таа странка на нејзин предлог ќе и дозволи дополнително да го изврши тоа дејствие (враќање во поранешна состојба), ако оцени дека постојат оправдани причини за пропуштањето.
Од друга страна пак, во членот 87 став 6 од Законот е предвидено дека доверителите се должни да го пријават своето побарување во рокот утврден со огласот за отворање на стечајната постапка. Ако доверителот го пропушти овој рок, стечајниот управник ќе побара стечајниот судија со решение да ја отфрли пријавата како ненавремена. Против ова решение е дозволено право на жалба до стечајниот совет, кој е должен да одлучи во рок од 8 дена од приемот на жалбата и предметот на кој се однесува жалбата. Меѓутоа, прашањето на правото на жалба до стечајниот совет треба да се сфати во смисла на тоа дали побарувањето доверителот го пријавил навреме и стечајниот совет жалбата ја разгледува во рамките на тоа дали рокот е пресметан правилно или не од страна на стечајниот судија, а не дека со предвидувањето на правото на жалба ќе може пропуштеното побарување пак да го пријави и тоа токму поради горенаведените причини и специфичностите на стечајната постапка.
Тргнувајќи од наведената уставно-правна анализа, наводите во иницијативата, како и содржината на оспорената законска одредба, Судот утврди дека подносителот на иницијативата точно го лоцира проблемот на рокот за пријавување на побарувањата од страна на доверителите и што се случува во случај на пропуштање на тој рок, но објективно гледано оспорената законска одредба не може да се проблематизира од уставен аспект поради специфичноста на стечајната постапка, како и начелата врз која таа функционира, поради што не го постави прашањето за согласноста на член 71 став 4 точка 6 од Законот со одредбите на Уставот.
6. По однос на наводите на иницијативата дека членот 71 став 4 точка 6 не бил во согласност со членовите 184 и 200, став 1 точка 5 од Законот за парничната постапка (“Службен весник на Република Македонија” бр.79/2005 и110/2008) кои се однесуваат на “постоење на парница”, односно случаите кога се прекинува постапката, меѓу кои и случајот кога постапката (парнична) прекинува кога ќе настапат правни последици од отворање на стечајна постапка, а тоа е наредниот ден од денот на правосилност на решението за отворање на стечајната постапка каде се повикуваат доверителите да ги пријават своите побарувања во рок од 30 дена, Судот утврди дека согласно членот 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд не е надлежен да ја цени меѓусебната согласност на законите поради што согласно членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија одлучи иницијативата во овој дел да ја отфрли.
7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.185/2008
15 април 2009 година
С к о п ј е
сд/лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски