У.бр.245/2008

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 8 април 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 64 точка 4 од Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност („Службен весник на Република Македонија“ бр.37/1997, 25/2000, 101/2000, 50/2001, 25/2003, 37/2004, 4/2005, 50/2006, 29/2007, 102/2008 и 161/2008).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на согласноста на член 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност („Службен весник на Република Македонија“ бр. 50/2006) со член 11 точка 9 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија” број 80/93, 3/94, 14/95, 71/96, 32/97, 24/2000, 96/2000, 50/2001, 85/2003, 50/2004, 4/2005, 84/2005, 101/2005 и 70/2006).

3. Оља Ристова од Скопје и Ленче Ристоска од Тетово, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точка 1 од ова решение.

Според подносителите на иницијативата, оспорената одредба не била во согласност со член 9 и член 51 од Уставот. Ова од причини што со измената на член 64 став 1 точка 4 од Законот, граѓаните биле ставени во нерамноправна положба во однос на граѓаните кои го остварувале правото на пензиското и инвалидското осигурување во периодот од донесувањето на Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност (месец август 1997 година), до моментот на измена на оваа одредба со Законот за изменување и дополнување на Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност ( месец април 2006 година), затоа што примената на оспорената одредба доведувала до нееднаквост на граѓаните во остварувањето на своите права пред Уставот и законите, односно за разлика од граѓаните кои го оствариле правото на пензиско и инвалидско осигурување во периодот додека примале надоместок како невработени лица до месец април 2006 година, истото ова право не им следувало на граѓаните кои примале надоместок како невработени лица од месец април 2006 година до моментот на поднесување на оваа иницијатива.

Според подносителите на иницијативата, оспорената одредба била во спротивност со прописите за пензиското и инвалидското осигурување, иако во истата било наведено дека правата од пензиското и инвалидското осигурување ќе се остваруваат во согласност со прописите за пензиското и инвалидското осигурување. Имено, во време на донесување на оспорената одредба, во сила бил член 11 став 1 точка 9 од Законот за пензиското и инавалидското осигурување, според кој осигуреници со задолжително пензиско и инвалидско осигурување се невработени лица кои примаат паричен надоместок. Тоа значело дека оваа одредба се однесувала на сите невработени лица кои примаат паричен надоместок и не правела никакви ограничувања. Измената на оваа одредба била направена со Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 153/2007), со која измена по зборот „надоместок“ се додавале зборовите „најмногу до навршување на 15 години стаж“. Ова значело дека до моментот на влегување во сила на овие измени, оспорената одредба не била во согласност со прописите за пензиското и инвалидското осигурување, поради што и не можела да произведува правно дејство. Поради тоа, истата била спротивна на член 51 и член 52 од Уставот и со важечкиот закон за пензиското и инавалидското осигурување. Измените на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, со кои се усогласуваат измените во Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност, по речиси годинаипол, не можеле да имаат ретроактивно дејство и истите не биле поповолни за граѓаните, од каде произлегувало дека оспорената одредба била и е спротивна на член 52 став 4 од Уставот.

Поради наведеното, се предлага Уставниот суд на Република Македонија да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорената одредба и истата да ја поништи.

4. Судот на седницата утврди дека според член 64 точка 4 од Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност, како право од осигурување во случај на невработеност е утврдено право на пензиско и инвалидско осигурување во согласност со прописите за пензиското и инвалидското осигурување на невработеното лице корисник на паричен надоместок на кое му недостасуваат најмногу до пет години пред исполнување на услови за стекнување право на старосна пензија, а кое нема 15 години стаж на осигурување, до остварување на 15 години стаж на осигурување.

5. Според член 1 став 1 од Уставот, Република Македонија е суверена, самостојна, демократска и социјална држава.

Владеењето на правото, хуманизмот, социјалната правда и солидарноста се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија, согласно член 8 став 1 алинеја 3 и 8 од Уставот.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Со членот 32 став 1 од Уставот, помеѓу другото се определува правото на материјална обезбедност за време на привремена невработеност, а според членот 34 од Уставот граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор.

Согласно член 35 став 1 од Уставот, Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност.

Во членот 51 од Уставот е предвидено дека во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со законите и секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Од цитираните уставни одредби произлегува дека Република Македонија е социјална држава, во која социјалната правда е издигната на ниво на темелна вредност на уставниот поредок, а на сите граѓани им се гарантира еднаквост во слободите и правата пред Уставот и законите. Како начин за обезбедување на социјалната правда Уставот го прокламирал и утврдил правото на материјална обезбедност за време на привремена невработеност. Меѓутоа, под кои услови, во кој обем, за колкаво времетраење и на кој начин ќе се остварува ова право не е домен на уставната регулатива. Тоа е препуштено на уредувањето со закон и со колективните договори. Во оваа смисла, правото на материјална обезбедност за време на привремена невработеност е регулирано со Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност.

Со овој закон се уредуваат прашањата за размена на трудот, правата и обврските на работодавачите, невработените лица и државата, во врска со вработувањето и осигурувањето во случај на невработеност и други прашања од значење за вработувањето (член 1).

Според член 62 од Законот, работниците кои се во работен однос, задолжително се осигурени во случај на невработеност.

Правата од осигурување во случај на невработеност се утврдени со член 64 на овој за кон, и тие се:

1) паричен надоместок;
2) подготовка за вработување (обука, преквалификација или доквалификација);
3) право на здравствена заштита, во согласност со прописите за здравствена заштита;
4) право на пензиско и инвалидско осигурување во согласност со прописите за пензиското и инвалидското осигурување на невработеното лице корисник на паричен надоместок на кое му недостасуваат најмногу до пет години пред исполнување на услови за стекнување право на старосна пензија, а кое нема 15 години стаж на осигурување, до остварување на 15 години стаж на осигурување.
5) права на инвалидни лица за вработување со поволни услови во согласност со закон.

Содржината на правото утврдено со точката 4 на членот 64 од Законот, кое се оспорува со иницијативата, е утврдена со член 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност („Службен весник на Република Македонија“ бр. 50/2006), со кој е изменет член 64 став 1 точка 4 од основниот текст на Законот, а според кој било утврдено дека правото на пензиско и инвалидско осигурување, како право од осигурување во случај на невработеност, се остварувало во согласност со прописите за пензиското и инвалидското осигурување. Според изменетата и актуелна содржина на точката 4 од овој член, прецизирано е дека право на пензиско и инвалидско осигурување, како право од осигурување во случај на невработеност, во согласност со прописите за пензиското и инвалидското осигурување, има само невработеното лице корисник на паричен надоместок на кое му недостасуваат најмногу до пет години пред исполнување на услови за стекнување право на старосна пензија, а кое нема 15 години стаж на осигурување, до остварување на 15 години стаж на осигурување. Тоа значи дека законодавецот го стеснил кругот на лица кои можат да го остварат ова право, утврдувајќи прецизни критериуми кои треба да бидат исполнети, односно дека ова право можат да го користат само лицата кои користат паричен надоместок по основ на невработеност, но на кои им недостасуваат најмногу до пет години стаж на осигурување, до навршување 15 години стаж на осигурување, како еден од условите за остварување на старосна пензија.

Со иницијативата се оспорува стеснувањето на кругот на лица кои можат да го остварат ова право, со образложение дека на таков начин, лицата кои можат да го користат ова право по наведената законска измена, практично се ставаат во нееднаква и понеповолна положба од лицата кои го користеле ова право пред наведената законска измена и за кои не важел условот да им недостасуваат до пет години за остварување на 15 години стаж на осигурување, што не било во согласност со член 9 од Уставот.

При анализирањето на оспорената одредба, Судот имаше предвид дека остварувањето на правото на пензиско и инвалидско осигурување, како право од осигурување во случај на невработеност, се остварува преку уплаќање на придонеси за пензиско и инвалидско осигурување во корист на лицето. Обврзник за пресметка и уплата на овие придонеси, согласно член 13 точка 4 од Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 142/2008) е Агенцијата за вработување на Република Македонија. Согласно член 17 став 1 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, осигуреникот стекнува право на старосна пензија кога ќе наполни 64 години живот (маж), односно 62 години живот (жена) и најмалку 15 години пензиски стаж. Тргнувајќи од наведеното, произлегува дека правото на осигурување во случај на невработеност, со уплаќање на придонеси за пензиско и инвалидско осигурување, ќе се остварува до навршување на 15 години пензиски стаж на корисникот на ова право на кој му недостасуваат најмногу до пет години пред навршување 15 години стаж на осигурување, како еден од условите за остварување на старосна пензија, по што уплатата на овие придонеси завршува како обврска на Агенцијата. Со навршување на 64 години живот (маж), односно 62 години живот (жена), лицето на кое му е извршена уплатата на придонесите од член 64 точка 4 на Законот и кое стекнало 15 години пензиски стаж, ќе стекне право на старосна пензија.

Имајќи го предвид наведеното, неспорно е дека законодавецот извршил одредени промени во режимот на користење на правата по основ на невработеност, стеснувајќи го кругот на лица кои имаат едно од утврдените социјални права, но Судот оцени дека тоа е во рамките на уставното овластување на законодавецот да го определува нивото на социјалната сигурност на граѓаните и да ги определува правата од социјалното осигурување и нивниот обем, во согласност со општествено економските услови во Републиката, а што се изразува преку донесување на нова законска регулатива или со одредени изменувања и дополнувања на постојната законска регулатива во сферата на социјалното осигурување на граѓаните. Притоа, за целисходноста на законските решенија одговорен е законодавецот.

Од уставно правен аспект, од значење е дека извршената промена на режимот на осигурување се однесува за сите идни корисници на правата од осигурување во случај на невработеност, кои наведеното право ќе го стекнат по влегувањето во сила на законската измена, односно дека корисниците на правото утврдено пред наведената законска измена, продолжуваат да го остваруваат истото под условите под кои го стекнале, со што е обезбедена еднаквост на граѓаните пред Уставот и законот и правна сигурност, како елемент на владеењето на правото.

Освен тоа, граѓаните кои ги остваруваат правата по Законот кој бил во сила пред оспорените законски измени и граѓаните кои ги остваруваат правата согласно наведената законска измена (или било која друга наредна измена), не се наоѓаат во иста фактичка положба и во ист правен режим, поради што не може да се постави прашањето за нивната еднаквост пред Уставот и закон, во смисла на член 9 од Уставот.

Тргнувајќи од наведеното, Судот не го постави прашањето за согласноста на член 64 точка 4 од Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност со членовите 9 и 51 од Уставот.

6. Во однос на наводите во иницијативата дека, во периодот од донесувањето на Законот за изменување и дополнување на Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност, со кој е вградена оспорената одредба (месец април 2006 година), до донесувањето на Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, со кој е извршена измена на член 11 точка 9 од Законот на начин кој одредбата ја направил компатибилна со оспорената одредба ( месец декември 2007 година), постоела неусогласеност на оспорената одредба од Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност со одредбата од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, поради што оспорената одредба не била во согласност со член 51 и член 52 од Уставот и Законот за пензиското и инвалидското осигурување, Судот го имаше предвид следното:

Со Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија” број 80/93, 3/94, 14/95, 71/96, 32/97, 24/2000, 96/2000, 50/2001, 85/2003, 50/2004, 4/2005, 84/2005, 101/2005, 70/2006, 153/07, 152/2008 и 161/2008), се уредува задолжителното пензиско и инвалидско осигурување на работниците во работен однос и на физичките лица кои вршат дејност, основите на капиталното финансирано пензиско осигурување, како и посебните услови под кои одделни категории на осигуреници ги остваруваат правата од пензиското и ивалидското осигурување (член 1).

Според член 11 точка 9 од овој закон, до донесувањето на Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 153/2007), како осигуреници со задолжително пензиско и инвалидско осигурување биле определени невработените лица кои примаат паричен надоместок, а по донесувањето на овој закон, членот 11 точка 9 од основниот текст е дополнета со зборовите „ најмногу до навршување на 15 години пензиски стаж“, со што е извршено прецизирање дека во категоријата осигуреници со задолжително пензиско и инвалидско осигурување се опфатени невработените лица кои примаат паричен надоместок најмногу до навршување на 15 години пензиски стаж, како еден од условите за остварување право на старосна пензија.

Од наведеното произлегува дека Законот за пензиското и инвалидското осигурување го уредува системот на задолжително пензиско и инвалидско осигурување, а Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност го уредува системот на социјално осигурување по основ на невработеност, односно станува збор за два различни закона кои уредуваат различни прашања во сферата на социјалното осигурување. Барањето во иницијативата Уставниот суд да утврди несогласност на одредба од едниот закон во однос на одредба од другиот закон, практично претставува барање за оценка на меѓусебната согласност на два закона, што, согласно член 110 од Уставот, не претставува надлежност на Уставниот суд на Република Македонија. Поради тоа, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за отфрлање на иницијативата во овој дел.

7. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.245/2008
8 април 2009 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски