237/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 8 април 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Заклучокот бр. 07-2227/1 од 8 октомври 2008 година, донесен од Советот на Општина Кочани („Службен гласник на Општина Кочани“ бр. 14 од 3 ноември 2008 година).

2. Љубомир Јанев, градоначалник на Општина Кочани, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесe иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспорениот заклучок не бил во согласност со член 125 став 1 од Уставот, член 40 став 1 од Законот за локалната самоуправа, членовите 34 и 35 од Законот за заштита и спасување и член 20 став 1 од Статутот на Општина Кочани. Имено, оспорениот заклучок бил донесен на „вонредна“ седница на Советот, која била свикана на 7 октомври 2008 година, а се одржала на 8 октомври 2008 година, со тоа што во поканата за седницата стоело дека дневниот ред за седницата ќе се утврдел на самата седница. На седницата, по предлог на претседателот на Советот, бил утврден следниот дневен ред: „Преиспитување на Одлуката бр. 0204-806 од 29 .09.2008 година за потребите од засновање работен однос од 34 работника на неопределено време, донесена од директорот на ЈКП „Водовод“ Кочани.

Според член 40 став 1 од Законот за локалната самоуправа, вонредна сеница на Советот свикувал претседателот на советот, по сопствена иницијатива или на барање на најмалку 1/3 од членовите на советот, во случаи и на начин утврдени со статуот, а според член 20 став 1 од Статутот на Општина Кочани, вонредна седница се свикувала за прашања од значење за безбедноста и сигурноста на граѓаните и во случаи на вонредни околности. Според член 125 став 1 од Уставот, вонредна сосотојба настанува кога ќе настанат големи природни непогоди или епидемии, а со членовите 34 и 35 од Законот за заштита и спасување биле утврдени надлежностите на советот на општината и на градоначалникот во отстранување на последиците од настанатите природни непогоди, епидемии, епизоотии, епифитотии и други несреќи во мир и во војна и од воени дејства во Република Македонија. Оттука, произлегувало дека прашањето што било утврдено за расправа на дневниот ред на „вонредната“седница не било прашање од значење за безбедноста и сигурноста на граѓаните, ниту пак претставувало вонредна околност.

Со тоа што била свикана „вонредна“ седница на Советот на Општината, била направена повреда на член 104 од Деловникот на Советот на Општина Кочани, затоа што не било овозможено матичните комисии на Советот да го разгледаат прашањето, да утврдат свој став и да му достават извештај на Советот. Исто така, направена била и повредна на членовите 148 и 149 од Деловникот на Советот на Општината, затоа што не било овозможено градоначалникот на Општината да изгради свој став заради давање мислење по прашањето.

Освен тоа, Советот на Општина Кочани не бил надлежен за преиспитување на Одлуката на директорот на ЈКП „Водовод“ Кочани, туку оцената за тоа дали Одлуката била во согласност со законот, Статутот и Правилникот за систематизација на работните места на ЈКП „Водовод“ Кочани, била во надлежност на Трудовата инспекција, во соодветна законска процедура.

Во диспозитивот на оспорениот заклучок не било констатирано дека е нарушено работењето на претпријатието и не било утврдено дека настанало отежнување на вршењето на неговата дејност, што било и фактички така, затоа што претпријатието нормално ги извршувало своите дејности утврдени со Статуот на претпријатието, поради што немало основ за примена и повикување на член 39 став 1 точка 2 од Законот за јавните претпријатија ( на кој најверојатно се повикува во заклучокот, иако тоа не е прецизирано). Значи, со оглед дека не настапило нарушување на вршењето на дејноста на претпријатието, немало основ основачот (Советот) да го запре актот на јавното претпријатие.

Освен тоа, финансовиот план на претпријатието не бил услов за распишување оглас за вработување на работници, односно Законот за работните односи не го предвидел финансовиот план како документ согласно кој може да се распише оглас за вработување.

Поради наведеното, се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорениот заклучок.

3. Судот на седницата утврди дека Советот на општина Кочани, на седницата одржана на 8 октомври 2008 година, врз основа на член 36 став 1 точка 15 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр. 5/2002), донел Заклучок, заведен под број 07-2227/1.

Оспорениот заклучок има две точки. Според точката I од овој заклучок, согласно Финансовиот план на КЈП „Водовод“ за 2008 година во кој стои дека не се планира зголемување на бројот на вработени на неопределено работно време и не се предвидени финансиски средства за таа намена и врз основа на член 39 став 1 точка 2 и член 40 став 1 точка 5 основачот (Советот на Општина Кочани), бара од менаџерскиот тим на чело со директорот на КЈП „Водовод“ Кочани да ја сторнира Одлуката бр. 0204-806 од 29.09.2008 година за засновање работен однос со 34 работника на неопределено време. Според точката II од истиот заклучок, Заклучокот влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во „Службен гласник на Општина Кочани“.

Градоначалникот на Општина Кочани, согласно член 51 став 1 од Законот за локалната самоуправа, донел Решение за запирање на објавувањето на оспорениот заклучок, бр. 08-2286/1 од 17 октомври 2008 година.

Советот на Општина Кочани, на седницата одржана на 31 октомври 2008 година, го разгледал Решението на градоначалникот и донел Заклучок бр. 07-2418/1, со кој не го прифатил Решението на градоначалникот и го потврдил Заклучокот на Советот донесен на седницата одржана на 8 октомври 2008 година.

Согласно член 51 став 3 од Законот за локалната самоуправа, градоначалникот го објавил Заклучокот бр. 07-2227/1 од 8 октомври 2008 година („Службен гласник на Општина Кочани“ бр. 14 од 3 ноември 2008 година) и поднел иницијатива до Уставниот суд на Република Македонија за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на истиот.

4. Согласно член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Тргнувајќи од наведените уставни и деловнички одредби, а притоа имајќи ја предвид содржината, односно прашањата на кои се однесува оспорениот заклучок, Судот оцени дека Заклучокот не претставува пропис подобен за уставносудска оцена.

Имено, оспорениот заклучок, иако е донесен од Советот на општина Кочани, не претставува пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, со оглед на тоа што не содржи никакви правни норми со кои на општ начин се регулираат определени прашања или односи за неопределен број субјекти, туку со него се бара преиспитување од менаџерскиот тим и директорот на ЈКП „Водовод“ Кочани на одлука за засновање на работен однос со 34 работника на неопределено време во ова јавно претпријатие, што на Заклучокот му дава карактер на конкретен, поединечен акт, а не на пропис подобен за уставносудска оцена.

Со оглед на фактот што оспорениот заклучок нема карактер на пропис во смисла на член 110 од Уставот, Судот оцени дека нема основ да се впушта во оценувањето на законитоста на постапката за неговото донесување.

Поради наведеното, Судот утврди дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.237/2008
8 април 2008 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски