253/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 1 април 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 36 став 2 група III од Законот за државните службеници („Службен весник на Република Македонија“ бр.59/2000, 112/2000, 34/2001, 103/2001, 43/2002, 98/2002, 17/2003, 40/2003, 85/2003, 17/2004, 81/2005, 61/2006, 36/2007, 161/2008 и 6/2009).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 36 став 2 група III од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспо­рениот член 36 став 2 група III од Законот за државните службеници,и тоа во делот на додаток на плата за звањата, самостоен референт, виш референт, референт и помлад референт не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 32 став 3 и член 51 од Уставот. Ова затоа што со начинот со кој се обезбедувало вреднување на наведените звања не се препознавал степенот на образование помеѓу вишото и средното образование.

Имено, самостојниот референт од група III често пати имал поголеми работни обврски од помладиот соработник и соработник од II група. Тоа во суштина значело дека додатокот на плата за звања не се вреднувал во зависнот од видот, обемот, сложеноста и одговор­носта за извршување на работата како и степенот на образованието.

3. Судот на седницата утврди дека според член 36 став 1 од Законот, со додаток на плата за звање се обезбедува вреднување на секое звање во зависност од видот и обемот на работата, сложе­носта и одговорноста за извршување на работата.

Според оспорениот став 2 на овој член, додаток на плата за звање се вреднува и тоа за: I група генерален секретар 660, државен секретар 625 бода, секретар на град Скопје 615 бода, секретар на општина со седиште во град 550 бода, секретар на општина со седиште во село 460 бода, државен советник 470 бода, раководител на сектор 450 бода, помошник раководител на сектор 360 бода и раководител на одделение 300 бода; II група советник 235 бода, виш соработник 200 бода, соработник 185 бода и помлад соработни 155 бода и III група (оспорен дел) самостоен референт 150 бода, виш референт 135 бода, референт 120 бода и помлад референт 100 бода.

Со измената на Законот за државните службеници („Служ­бен весник на Република Македонија“ бр.6/2009) член 36 став 2 е изменет во смисла на тоа што на сите звања од I, II и III група бројот на бодовите им е зголемен за 46 бода.

Судот, исто така, утврди дека оспорениот член 32 став 2 во целина од Законот за државни службеници бил предмет на оценка пред Уставниот суд на Република Македонија, при што Судот со Решение У.бр.218/2005 од 12 април не повел постапка за оценување на неговата согласност со Уставот.

Во образложението на решението Судот имајќи ги предвид одредбите од член 32 ставовите 1, 2 и 5 од Уставот, члено­вите 33, 34, 35 во однос на оспорениот член 36 став 2 од Законот за државните службеници навел дека Законот за државните службеници предвидел посебни правила од јавно правен карактер кои се разли­куваат од оние што важат за вработените во стопанството на кои се применува Законот за работните односи и колективните договори. Ова, оттаму што исплатата на плати и надоместоци на плати на државните службеници се врши од Буџетот на Република Македонија во кој се определени буџетските рамки и општата политика на јавната потрошувачка, наспроти исплатата на платите на вработените во стопанството и другите дејности, што се врши од други извори на средства. Според тоа, Судот оценил дека решението содржано во оспорениот член 36 став 2 од Законот за државните службеници, во кој се утврдени групите и звањата на државните службеници и бројот на бодовите кој произлегува од видот и карактерот на работите што ги врши државниот службеник во државниот орган, не може да биде подведено под сомнение во однос на уставните одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата.

4. Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со закон.

Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Имајќи ја предвид содржината на оспорената одредба, наводите во иницијативата, како и фактот што Уставниот суд на Република Македонија по предметот У.бр.218/2005 ја оценувал оспоре­ната одредба во целина од Законот при што не нашол основ за поведување на постапка за оценување на нејзината уставност, а во предметната иницијатива наведените аргументи не преставуваат основ за поинакво одлучување, Судот утврди дека постојат основи за отфрлање на иницијативата.

Според мислењето на Судот, фактот што оспорениот член 32 став 2 е променет во 2009 и тоа како што е наведено во делот на зголемување на бројот на бодовите и тоа за 46 бода за сите три групи и во сите звања, не е од влијание Судот да завземе поинаков став од веќе завземениот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова -Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.253/2008
1 април 2009 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски