Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 1 април 2009 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 178-б став 4 алинеја 4 од Законот за даночната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006 и 88/2008).
2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точка 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата оспорената законска одредба генерално се однесувала за членовите на Комисијата за прекршоци во случај кога се осудени за сторени кривични дела и на кои им се изречени санкции, без оглед на видот на кривичното дело, неговата природа или тежина и независно од видот на санкциите и нивната висина.
Со оспорената законска одредба се ограничувало по сила на закон на едно лице да врши определена дејност и во случаи кога кривичното дело за кое лицето било осудено не е во никаква врска со вршењето на оваа дејност, поради што формулацијата на оспорената законска одредба не била прецизна и јасна и како таква не обезбедувала правна сигурност на граѓаните, што е еден од елементите на уставниот принцип на владеењето на правото.
Освен тоа, казната, според иницијативата, можела да се изрече само со правосилна судска пресуда, а не и со закон, како во случајот.
3. Судот на седницата утврди дека според член 178-б од Законот за даночната постапка Управата за јавни приходи, заради запазување на законски определената месна и стварна надлежност, во својот состав формира повеќе комисии за прекршоци на ниво на регионални дирекции и тоа за временски период од две години со право на реизбор на членовите.
Комисиите за прекршоци од ставот 1 на овој член се надлежни за територијата на регионална дирекција и организационите единици – даночни одделенија кои се во нејзин состав согласно со организационата поставеност на Управата за јавни приходи.
Комисијатa за прекршоци се именува со решение.
Член на Комисијата за прекршоци може да биде разрешен:
– со истекот на времето за кое е именува за член на Комисијата за прекршоци,
– по негово образложено барање,
– со исполнување на законските услови за стекнување на старосна пензија,
– ако му е изречена правосилна судска пресуда за сторено кривично дело,
– ако поради трајна професионална неспособност не е во можност да ги извршува обврските за кои е именуван,
– ако се утврди дека ги прекршил правилата на постапување и одлучување во прекршочната постапка,
– ако не ги исполнил обврските кои произлегуваат од работењето во Комисијата за прекршоци,
– ако не го пријавил постоењето на конфликт на интереси во случајот во кој решава Комисијата за прекршоци и
– ако не се придржувал до принциите уредени со Кодексот на Управата за јавни приходи.
Образложен предлог за разрешување на член на Комисијата за прекршоци од случаите од ставот (4) алинеи од 3 до 9 на овој член, се поднесува до директорот на Управата за јавни приходи.
4. Според член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска.
Согласно член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Според член 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука, а според член 14 став 1 од Уставот, никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.
Според член 23 од Уставот, секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции.
Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Со цел да се создадат основи за општото даночно право, постапката на утврдување на данок, постапката на контрола на данок, постапката на наплата на данок, правата и обврските на даночниот обврзник, како и други прашања од даночната постапка, законодавецот го донел Законот за даночната постапка.
Овој закон се применува на даноците и другите јавни приходи како и на споредните даночни давачки кои ги управува Управата за јавни приходи.
Дел IV – А од Законот, кој гласи „Прекршочен орган и начин на работа на прекршочниот орган“ содржи четири одредби 178-а, 178-б, 178-в и 178-г.
Според член 178-а кој го регулира прашањето за прекршочен орган, се предвидува:
„(1) Управата за јавни приходи е надлежна за водење на прекршочна постапка и за изрекување на прекршочни санкции за прекршоците пропишани со овој закон, Законот за данокот на добивка, Законот за персоналниот данок на доход, Законот за данокот на додадена ввредност, Законот за акцизите, Законот за регистрирање на готовинските плаќања и Законот за игри на среќа и забавните игри.
(2) Прекршочната постапка ја води Комисија за одлучување по прекршок (во натамошниот текст: Комисија за прекршоци), именувана од страна на директорот на Управата за јавни приходи.
(3) Комисијата за прекршоци е составена од овластени службени лица вработени во Управата за јавни приходи.
(4) Комисијата од ставот (2) на овој член е составена од три члена од кои:
– еден дипломиран правник со пложен правосуден испит со работно искуство во својата област,
– еден член со висока стручна подготовка од областа на методологијата, оданочувањето или надворешната контрола со работно искуство во својата област и
– еден член со висока стручна подготовка со работно искуство во својата област.
(5) За претседател на Комисијата за прекршоци од ставот (4) на овој член може да биде именуван само дипломиран правник со положен правосуден испит.
(6) Освен членовите од ставот (4) на овој член, во Комисијата за прекршоци се именува и администратор на Комисијата за прекршоци кој ќе ги спроведува административно-техничките работи.
(7) Членовите на Комисијата за прекршоци имаат свои заменици.
(8) Прекршочниот орган во прекршочна постапка одлучува и изрекува прекршочни санкции.
(9) Против решенијата на прекршочниот орган со кои се изрекува прекршочна санкција може да се поднесе тужба за поведување на управен спор.“
Оспорениот член 178-б од Законот, го регулира именувањето и разрешувањето на Комисијата за прекршоци. Во ставот 4 алинеја 4 од овој член се предвидува дека член на комисијата за прекршоци може, меѓу другото, да биде разрешен ако му е изречена правосилна судска пресуда за сторено кривично дело.
Видно од содржината на ова оспорена одредба, произлегува дека осудата за кривично дело утврдена во член 178-б став 4 алинеја 4 од Законот претставува еден од основите поради кои се разрешува член на Комисијата за прекршоци, а што се оспорува со оваа иницијатива.
Тргнувајќи од наведените уставни одредби и одредбите на Законот за даночната постапка и разгледувајќи ја оспорената одредба од овој закон од аспект на причините наведени во иницијативата, според Судот, основано може да се постави прашањето за нејзината согласност со уставното начело на владеење на правото содржано во член 8 став 1 алинеја 3 и со член 14 став 1 од Уставот.
При оценување на уставноста на оспорената законска одредба како основен критериум се имаше во вид постоењето на двата принципи на казнено-правниот однос утврдени во членовите 13 став 1 и 14 став 1 од Уставот, а тоа се прво, дека казната може да се изрече само со судска одлука и второ, дека за извршено казниво дело на сторителот може да му се изрече казна што како таква е утврдена со закон или друг пропис. Тоа, со други зборови значи дека согласно наведените уставни одредби казнено-правниот однос се исцрпува на релацијата казниво дело и судски изречената казна за сторителот и дека натамошни последици од неговото извршување, односно од осудата за тоа дело кои се состојат во ограничување на правата на граѓаните не се допуштени, освен ако тоа не е изречно утврдено со Уставот.
Според Судот, неспорно е дека со оспорената одредба од Законот се пропишува престанок на вршење на определено право, односно должност – функција член на Комисијата за прекршоци, како правна последица од осуда за кривично дело што настапува по сила на закон. Наспроти тоа, според ставот на Судот, губењето на правата во овој контекст може да настапи само ако тоа е утврдено со конкретна судска пресуда.
Тргнувајќи од напред наведеното, пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на оспорениот член од Законот за даночната постапка со Уставот на Република Македонија.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.219/2008
1 април 2009 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски