160/2008-0-1

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од
Уставот на Република Македонија, член 47 алинеја 3 и член 71 алинеја 2 од
Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на
Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 1 април 2009 година,
донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ЗАПИРА постапката за оценување на уставноста на член 30-а став 1
во делот: „Родителски додаток за дете остварува мајка за своето второ, трето и
четврто живородено дете“, став 2 во делот: „Правото од ставот 1 на овој член го
остварува мајка, која е државјанин на Република Македонија“, ставовите 3, 4, 5
и 6 и на член 30-б од Законот за заштита на децата („Службен весник на
Република Македонија“ бр.98/2000, 17/2003, 65/2004, 113/2005, 98/2008 и
107/2008).

2. Ова решение ќе се објави во „Службен весник на Република
Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија, на иницијатива на Исмет
Фетаи од Гостивар, Здружението на граѓани „Граѓанско движење – Разбуди се“ од
Скопје, Мерал Узеири Ферати, Флора Кадриу и Садие Илјази од Скопје, со Решение
У.бр.160/2008 од 20 јануари 2009 година поведе постапка за оценување на
уставноста на членовите 30-а и 30-б од Законот означен во точката 1 од ова
решение, затоа што се постави прашањето за нивната согласност со Уставот на
Република Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека членот 30-а став 1 од Законот за
заштита на децата определува дека: “Родителски додаток за дете остварува мајка
за своето второ, трето и четврто живородено дете, која е со место на живеење во
општини на Република Македонија со стапка на природен прираст на населението
под 2,1 според статистичките податоци од Државниот завод за статистика на
Република Македонија објавени пред две години од тековната година.”

Според став 2 од истиот член на Законот: „Правото од ставот 1 на овој
член го остварува мајка, која е државјанин на Република Македонија со постојано
место на живеење од најмалку три години во општините од ставот 1 на овој член.“

Ставот 3 од истиот член на Законот предвидува дека: „Правото од ставот
1 на овој член го остварува мајка која непосредно се грижи за детето за кое
поднела барање, чии деца од предходниот ред на раѓање не се сместени во
установа за социјална заштита, згрижувачко семејство или не се дадени на
посвојување и на која не и е одземено родителското право над децата од
претходниот ред на раѓање.“

Според став 4 од истиот член на Законот: „Правото од ставот 1 на овој
член не може да се оствари ако мајката во моментот на поднесувањето на барањето
живее и работи во странство.“

Ставот 5 од истиот член на Законот предвидува дека: „Правото од ставот
1 на овој член во случај мајката да не е жива, да го напуштила детето, или од
оправдани причини да е спречена непосредно да се грижи за детето, правото
наместо мајката може да го оствари таткото или старателот доколку ги исполнува
условите од ставовите 1 и 4 на овој член.“

Во став 6 од истиот член на Законот се определува дека :„Правото од
ставот 1 на овој член ќе се остварува за второ, трето и четврто новородено дете
од 1 јануари 2009 година.“

Според член 30-б став 1 од Законот: „Родителскиот додаток за второ
дете од членот 30-а се исплатува месечно, за период од девет месеца, во висина
од 30% од просечната плата исплатена по вработен во Република Македонија во
претходната година.“

Во став 2 од истиот член на Законот се предвидува дека: „Родителскиот
додаток за трето дете од членот 30-а се исплатува месечно, за период од десет
години, во висина од 50% од просечната плата исплатена по вработен во Република
Македонија во претходната година.“

Ставот 3 од истиот член на Законот определува дека: „Родителскиот
додаток за четврто дете од членот 30-а се исплатува месечно, за период од 15
години, во висина од 70% од просечната плата исплатена по вработен во Република
Македонија во претходната година.“

Според став 4 од истиот член на Законот: „Во случај мајката да роди
четврто дете додека го остварува родителскиот додаток за трето дете, ќе
остварува единствен родителски додаток месечно во висина од една просечна плата
исплатена по вработен во Република Македонија во претходната година.“

Ставот 5 од истиот член на Законот предвидува дека: „Во случај мајката
да роди повеќе деца одеднаш (близнаци, тројка и повеќе) ќе остварува единствен
родителски додаток во износ на повисокото право.“

5. Според член 8 став 1 алинеите 1, 3 и 8 од Уставот на Република
Македонија: „Темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се
основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното
право и утврдени со Уставот; владеењето на правото; хуманизмот, социјалната
правда и солидарноста.“

Според член 9 од Уставот: „Граѓаните на Република Македонија се
еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата,
националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната
и општествената положба“ (став 1); „Граѓаните пред Уставот и законите се
еднакви“ (став 2).

Според член 40 од Уставот: „Републиката му обезбедува посебна грижа и
заштита на семејството“ (став 1); „Родителите имаат право и должност да се
грижат за издржување и воспитување на децата“ (став 3).

Со член 41 од Уставот се определува дека: „Право на човекот е слободно
да одлучува за создавање на деца“ (став 1). „Републиката, заради усогласен
економски и социјален развој, води хумана популациона политика“(став 2).

Во член 42 став 1 од Уставот се предвидува дека: „Републиката посебно
ги заштитува мајчинството, децата и малолетните деца.“

Според член 51 од Уставот: „Во Република Македонија законите мораат да
бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со
закон“ (став 1); „Секој е должен да ги почитува Уставот и законите“ (став 2).

Од изнесените уставни одредби произлегува дека темелни вредности на
уставниот поредок на Република Македонија се, покрај другите, основните слободи
и права признати во меѓународното право и утврдени со Уставот; владеењето на
правото; хуманизмот, социјалната правда и солидарноста (член 8 став 1 алинеите
1, 3 и 8), при што граѓаните се еднакви во слободите и правата независно од
полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло,
политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба (член 9 став
1) и таа еднаквост се обезбедува со Уставот и со законите (член 9 став 2), така
што законите мораат да бидат во согласност со Уставот (член 51 став 1) и секој
е должен нив да ги почитува (член 51 став 2). Во однос на децата овие начелни
уставни одредби се поблиску разработени така што се определува дека човекот има
право слободно да одлучува за создавање на деца (член 41 став 1), во кој случај
родителите имаат право и должност да се грижат за издржување и воспитување на
децата (член 40 став 3), а Републиката обезбедува посебна грижа и заштита на
семејството (член 40 став 1), посебна заштита на мајчинството, децата и на
малолетните деца (член 42 став 1), а должна е да води и таква политика за
населението во целата држава која ќе обезбеди нејзин усогласен економски и
социјален развој (член 41 став 2). Со други зборови, при обезбедувањето на
посебната заштита на мајчинството и на децата, Републиката мора да определи,
покрај другото, еднакви права за граѓаните од ист или различен пол.

Имајќи ги предвид изнесените уставни одредби, Судот оцени дека тие не
се доведени во прашање со членот 30-а став 1 во делот: „Родителски додаток за
дете остварува мајка за своето второ, трето и четврто новородено дете“, став 2
во делот: „Правото од ставот 1 на овој член го остварува мајка, која е
државјанин на Република Македонија“, ставовите 3, 4, 5 и 6 и со членот 30-б во
целина од Законот. Имено, од наведените законски одредби, гледани секоја
посебно и сите заедно, произлегува дека со нив се обезбедува правото на
родителски додаток за дете да се остварува на целата територија на Република
Македонија, еднакво за сите граѓани на Република Македонија кои се во иста
положба односно имаат второ, трето и четврто дете, како и дека се во функција
на заштита на мајчинството и заштита на децата со оглед дека се однесуваат на
сите мајки и деца во државата. Поради тоа, Судот оцени дека се исполнети
условите за запирање на постапката предвидена во член 47 алинеја 3 од
Деловникот на Судот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова
решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р
Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта,
Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран
Сулејманов.

У.бр.160/2008-1
1 април 2009 година
С к о п ј е
лк/Ју

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски