Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 1 април 2009 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 8 став 5 од Законот за адвокатура („Службен весник на Република Македонија“ бр.59/2002, 60/2006 и 106/2008).
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на меѓусебната согласност на член 8 став 5 од Законот за адвокатура со член 3 став 1 точка 2 и член 34 од Законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговски регистар и регистар на други правни лица („Службен весник на Република Македонија“ бр.84/2005, 13/2007, 150/2007 и 140/2008).
3. Друштвото за правни работи МЕНС ЛЕГИС ДООЕЛ Скопје, преку управителот Љубица Рубен на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 8 став 5 од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите на подносителот на иницијативата оспорениот член не бил во согласност со темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија утврдени во член 8 од Уставот, а кои се однесувале на основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати со меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото, слободата на пазарот и претприемништвото и почитување на општоприфатените норми на меѓународното право, со член 51 од Уставот, со член 3 став 1 точка 2 и член 34 од Законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица.
Во образложението на иницијативата подносителот наведува одредби од Законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица, при што, констатира дека статусот правно лице може и го дава само државата, затоа што сите правни лица со стекнување на статус на правно лице се стекнувале со обврски спрема државата. Во конкретниов случај според подносителот на оваа иницијатива, само Централниот регистар бил овластен орган од државата кој ги ценел сите правно релевантни факти дали одреден субјект ги исполнува условите да биде упишан во Централниот регистар и со тоа да стекене својство на правно лице. Со денот на донесување на Решението за упис на новооснованиот субјект Централен регистар доделувал единствен матичен број на субјектот како средство за идентификација.
Во конкретниов случај, Адвокатската комора на Република Македонија го давала статусот на правно лице на адвокатското друштво со запишување во именикот на адвокатското друштво, а друг орган Централниот регистар доделувал единствен матичен број и ги запишувал другите податоци во регистарот што не било во согласност со Уставот и позитивните законски прописи.
Понатаму, во иницијативата се наведува дека согласно Уставот, адвокатурата била самостојна независна јавна служба и се вбројувала во редот на слободните занимања. Согласно член 8 став 2 од Законот за трговските друштва физички лица кои се занимавале со слободни занимања (адвокати, нотари, лекари и други) не се сметале за трговци во смисла на овој закон. Тие се организирале во комори, но ниту нотарската ниту лекарската комора не биле ставени во улога на државен орган кој ги упишува правните субјекти и дава статус на правно лице. Оттаму, според подносителот на иницијативата само орган, овластен од страна на државата можел и го давал статусот на правно лице, ги внесувал сите податоци во регистарот и овозможувал регистрираниот субјект да влегува во правни односи со трети лица и да презема права и обврски.
4. Судот на седницата утврди дека според член 8 став 5 од Законот за адвокатура адвокатското друштво се запишува во Именик на адвокатски друштва кој што се води во Адвокатската комора на Република Македонија со што се стекнува со статус на правно лице согласно со овој закон.
5. Според член 8 став 1 алинеи 1, 3, 7 и 11 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото, слободата на пазарот и претприемништвото и почитувањето на општоприфатените норми на меѓународното право се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Согласно член 51 од Уставот во Република Македонија, законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Според член 53 од Уставот, адвокатурата е самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон.
Во функција на операционализација на одредбите од член 53 од Уставот, со Законот за адвокатура, адвокатурата е определена како самостојна и независна јавна служба која обезбедува и дава правна помош согласно овој и друг закон.
Според член 5 од овој закон, самостојноста и независноста на адвокатурата како јавна служба се остварува со слободно и независно вршење на адвокатска дејност, слободен избор на адвокати, организирање на адвокати во Адвокатска комора и нејзино финансирање, автономно донесување на акти за работа на Адвокатската комора и запишување и бришење од Именикот на адвокатите, Именикот на адвокатските стручни соработници, Именикот на адвокатските приправници и донесување на Кодекс на адвокатската етика. Според член 6 од Законот, адвокатската дејност адвокатите ја вршат како адвокати поединци и адвокати здружени во адвокатски друштва.
Адвокатите поединци и адвокатските друштва се запишуваат во Именик кој што се води во Адвокатската комора на Република Македонија.
Во член 8 од Законот е предвидено дека двајца или повеќе адвокати можат да основаат со одлука адвокатско друштво.
Според член 8 став 5 од Законот адвокатското друштво се запишува во Именик на адвокатски друштва кој што се води во Адвокатската комора на Република Македонија со што се стекнува со статус на правно лице.
Имајќи го предвид значењето на адвокатурата во пружањето на правна помош и заштита на основните слободи и права на човекот и граѓанинот, право е на законодавецот да создаде нормативни претпоставки во смисла на тоа да определи под кои услови едно или повеќе лица можат да стекнат право да вршат адвокатска дејност. Во смисла на наведеното законодавецот утврдил дека адвокатската дејност адвокатите ја вршат со упис во Именикот на адвокати на Адвокатската комора, а адвокатското друштво како правно лице адвокатската дејност може да ја врши со упис во Именикот на адвокатски друштва кој се води во Адвокатската комора и со уписот ова друштво се стекнува со статус на правно лице.
Правно лице е колектив на физички лица организирани за постигнување на одредена цел на кое правниот систем му го признава својството на правен субјект.
Прашањето на стекнувањето на својство на правно лице не е прашање кое се уредува со Уставот, туку тоа прашање е препуштено да се уреди со закон,а поаѓајќи од правната теорија според која за постоење на правно лице потребни се три конститутивни елементи, а тоа е да постои организационо единство, да постои имот и признавање од страна на државата односно правниот поредок.
Признавањето на правниот субјективитет односно статус на правно лице воглавно се врши со регистрирање на правното лице, односно со запишување во јавните регистри според областа во која тоа лице настанало за која цел се воспоставени трговски регистар и регистар на други правни лица што се води во Централниот регистар, судски регистар што се води во суд како и регистар на адвокатски друштва што се води во Адвокатската комора.
Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член со одредби од Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата. Ова оттаму, што право е на законодавецот со законот со кој се уредуваат прашањата од определена област (трговија, банкарство, установи, политички партии, комори и слично) да го определи моментот на стекнување на својството на правно лице во зависност од неговата специфика, при што моментот на стекнување на својството на правно лице и моментот на упис во Централниот регистар не секогаш се поклопуваат.
6. Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд е надлежен да одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на други прописи и на колективни договори со Уставот и со законите, како и за други прашања утврдени со Уставот, но не и за меѓусебната согласност на законите.
Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Имајќи ги предвид наведените уставни и деловнички одредби како и наводите во иницијативата за постоење на меѓусебна неусогласеност на оспорениот член од Законот за адвокатура со член 3 став 1 точка 2 и член 34 од Законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица, Судот оцени дека барањето во иницијативата излегува надвор од рамките на надлежноста на Судот, поради што одлучи дека се исполнети деловничките претпоставки за отфрлање на иницијативата.
7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
Решението од точката 1 е донесено со мнозинство гласови.
У.бр.208/2008
1 април 2009 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски