У.бр.215/2008

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 1 април 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 19 став 1 точките а), г) и д) и став 3 од Законот за нотаријатот („Службен весник на Република Македонија“ бр. 55/2007 и 86/2008).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на деловите на ставот 1 и ставот 3 на членот 19 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата со оспорените ставови на членот 19 од Законот се повредувале членовите 13 и 54 став 1 од Уставот. Имено, правните последици од осудата настапувале дури со денот на правосилноста на судската пресуда, но, не и пред тоа, како во случајот. Тоа значело дека ни привременото оддалечување од вршење на службата на нотарот не можело да настапи пред правосилноста на судската пресуда. Односно, стигматизацијата (жигосувањето) на обвинетиот не можело да настапи во тек на судската постапка и никој (ниеден државен орган) не можел обвинетиот да го смета за виновен. Значи, вината се утврдувала само со правосилна судска пресуда, а дотогаш обвинетиот не се сметал за виновен. Евентуалното кривично дело сторено во врска со вршење на службените дејствија не можело да претставува основ тоа однесување да биде однапред санкционирано без правосилна судска пресуда и тоа однесување да биде причина за привремено оддалечување од вршење на службата.

При ваква состојба требало да се има предвид и одредбата на член 54 став 1 од Уставот, според која слободите и правата на човекот и граѓанинот (еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите, физичкиот и моралниот интегритет, слободата на човекот, правото за вршење на јавни функции, заштита на достоинството и угледот и правото на работа) можеле да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот, што не бил случај со оспорената законска одредба поради што била повредена и темелната вредност на уставниот поредок на Република Македонија – владеењето на правото од член 8 став 1 алинеја 3 и членот 54 став 1 од Уставот.

Решението за привремено оддалечување на нотарот од вршење на функицијата од ставот 1 на член 19 од Законот, во случајот под точките а), г) и д), во никој случај не можело да го донесе судот, односно истражниот судија, затоа што тоа не спаѓало во судска надлежност, туку, во надлежност на министерот за правда, а што може да се заклучи и од одредбите на член 10 став 1 од Законот, според кој нотарот се именува со решение на министерот, па тогаш сосема било логично и министерот или евентуално Нотарската комора на Република Македонија да носи решение за привремено оддалечување на нотарот од вршење на функцијата, а не судот или истражниот судија, како што тоа било предвидено со оспорените законски одредби.

Имајќи ги во вид уставните одредби од член 8 став 1 алинеја 4, член 68 став 1 алинеја 2, член 91 алинеи 1 и 5, член 95 став 3, член 96 и Амандманот XXV на Уставот, јасно произлегувало дека со Уставот точно, јасно и прецизно биле дефинирани и утврдени носителите на законодавната, извршната и судската власт и стриктно била направена разлика, односно дистинкција во поделбата на власта, при што со Уставот не било допуштено мешање на една во друга власт, туку едноставно власта била поставена како структура на самостојни релативно поделени власти чии статус, надлежности и односи биле утврдени и гарантирани со Уставот.

Со оспорените законски одредби според тоа, се повредувале темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија: основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и особено поделбата на државнта власт на законодавна, извршна и судска од член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 4, членовите 9, 13 став 1, 14 став 1, 23, 32 ставови 1 и 2, 51, 54 став 1 и Амандманот XXV од Уставот на Република Македонија.

Врз основа на изнесеното, се предлага на Уставниот суд на Република Македонија да поведе постапка за оценување на уставноста на член 19 став 1 точките а), г) и д) и став 3, во делот: „судот пред кој се води постапката под точка а), а во точките г) и д) решението го носи истражниот судија“ од Законот за нотаријатот.

3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 19 став 1 од Законот, нотарот може да биде привремено оддалечен од вршењето на службата, ако:

а) против него е поведена постапка за лишување од деловна способност,
г) е поведена истрага за кривични дела сторени во врска со вршење на службените дејствија, се додека трае истрагата и
д) е поведена истрага и определена мерка притвор за кривични дела сторени во врска со вршење на службените дејствија, се додека трае притворот.

Според оспорениот член 19 став 3 од Законот, решението за привремено оддалечување на нотарот од вршење на функцијата од ставот 1 на овој член го носи судот пред кој се води постапката во случајот под точка а), министерот во случајот под точките б) и в), а во точките г) и д) решението го носи истражниот судија.

4. Според членот 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според членот 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука, а според член 14 став 1 од Уставот, никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Согласно членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според членот 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот, а според став 3 на истиот член, ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба.

Со Законот за нотаријатот се уредуваат постапката за именување и разрешување на нотарите, нивниот делокруг на работа и овластувања, составување на нотарски исправи и постапувањето со нив по упразнување на нотарското место, организацијата на нотаријатот и неговите органи, нотарите како повереници на судовите и другите органи, надзорот врз работењето на нотарите и дисциплинската одговорнсот.

Законот во членот 10 утврдува дека нотарот се именува со решение на министерот врз основа на конкурс.

Во членот 16 од Законот се определени причините поради кои се разрешува нотарот, меѓу кои, е и таа дека нотарот ќе биде разрешен ако со правосилна судска одлука му биде одземена деловната способност.

Во поднасловот: “Привремено оддалечување од вршење на службата” е поместен оспорениот член 19 од Законот. Според оспорениот став 1 на овој член од Законот, нотарот може да биде привремено оддалечен од вршењето на службата, ако:
а) против него е поведена постапка за лишување од деловна способност;
б) се испонети условите за разрешување на нотар од членот 16 на овој закон;
в) без одобрение од надлежниот орган е одсутен од своето седиште подолго од 30 дена;
г) е поведена истрага за кривични дела сторени во врска со вршење на службените дејствија, се додека трае истрагата и
д) е поведена истрага и определена мерка притвор за кривични дела сторени во врска со вршење на службените дејствија, се додека трае притворот

Според ставот 2 на овој член од Законот, привременото оддалечување на нотарот од вршењето на нотарската служба под условите предвидени во ставот 1 на овој член е независно од привременото оддалечување на нотарот по повод поведување на дисциплинска постапка.

Според оспорениот став 3 на член 19 од Законот, решението за привремено оддалечување на нотарот од вршењето на функцијата од ставот 1 на овој член го носи судот пред кој се води постапката во случајот под точка а), министерот во случајот под точките б) и в), а во точките г) и д) решението го носи истражниот судија.

Тргнувајќи од наведените уставни и законски одредби како и од наводите во иницијативата, Судот смета дека решението предвидено во членот 19 став 1 точки а), г) и д) претставува мерка која ја изрекува судот, поконкретно истражниот судија кој е овластен со овој закон. Оспорената одредба од Законот всушност упатува на изречена мерка од страна на истражниот судија за привремено оддалечување на нотарот од вршење на службата поради причините утврдени во оспорените точки на ставот 1 на членот 19 од Законот. Во конкретниот случај, Законот дава можност за една таква мерка за која одлучува истражниот судија, што не може да се толкува како дејствие за престанок на функцијата нотар, туку напротив оддалечувањето на нотарот од вршењето на службата ќе трае се додека не заврши постапката за лишување од деловна способност, се додека трае постапката за истрага за кривични дела сторени во врска со вршење на службените дејствија, како и се додека трае мерката притвор, поради што не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека станува збор за повреда на принципот на презумпцијата на невиност со оглед дека решението за привремено оддалечување од вршење на службата го донесува судот, односно истражниот судија по свое убедување бидејќи таквата можност му е дадена со закон. Значи, оспорената норма нема императивен карактер, туку, таа му дава можност на судот во случај против нотарот да се поведат постапки како што предвидува оспорената одредба од член 19 став 1 од Законот, тој – истражниот судија согласно законот има можност да донесува решение за привремено оддалечување на нотарот од вршењето на службата. Дотолку повеќе што со оспорениот член 19 став 1 точка д) е предвидено дека истражниот судија донесува такво решение ако на нотарот му е изречена мерка притвор што значи дека и без таква мерка на судот, нотарот физички не може да ја врши својата служба поради определениот притвор. Постапката за лишување од деловна способност, е постапка во која што одлука треба да донесе надлежен суд и од тие причини само се констатира негово привремено оддалечување од вршење на функцијата нотар.

Во членот 20 став 2 од Законот е утврдено дека во случај на привремено оддалечување од вршењето на службата, претседателот на Комората определува нотар кој привремено ќе ја врши службата наместо оддалечениот нотар, согласно членот 99 од овој закон. Оттука, секако во периодот на траењето на мерката според Судот, правно е оправдано на нотарот да не му се дозволи да ги презема службените дејствија онолку време колку што ќе трае постапката за лишување од деловна способност, истрагата за кривични дела сторени во врска со вршење на службените дејствија се додека трае истрагата, односно се додека трае притворот што е во релација со принципот на владеењето на правото. По престанокот на временскиот период кој се определува од страна на судот, односно истражниот судија нотарот ќе постапи согласно исходот на постапките заради кои тој привремено е оддалечен од вршењето на службата. Сето наведено дава за право да се заклучи дека во овие оспорени делови одредбата е во согласност со членовите 8 став 1 алинеја 3 и 13 став 1 од Уставот во кои се утврдени принципите на владеењето на правото и презумпцијата на невиност. Привременото оддалечување на нотарот од вршењето на службата поради случаите предвидени во оспорената одредба од член 19 од Законот, не значи дека на нотарот му престанува функцијата на нотар, туку напротив – оваа мерка е во функција на обезбедувањето на правната сигурност на граѓаните дека во нивните предмети не може да постапува нотар за кој се поведени постапки чии исход се утврдува со правосилна судска одлука.

Во контекст на ваквата анализа на наведените делови од оспорената одредба со наведените уставни одредби, Судот утврди дека нема ни повреда на членовите 14, 51 и 54 став 1 од Уставот на Република Македонија. Имено, за време додека нотарот се оддалечува од вршењето на службата, тој не е обвинет за казниво дело, туку тој привремено се оддалечува од вршењето на службата да не постапи по предметот само за време додека трае постапката за лишување од деловна способност, додека трае истрагата, односно за време кога е поведена истрага и е определена мерка притвор. Во последните два случаја станува збор за истражна постапка, но разликата е во тоа што во вториот случај истражниот судија определува и мерка притвор. Значи, и да немаше вакви мерки какви што предвидуваат оспорените точки г) и д) на членот 19 став 1 од Законот, сепак определувањето на мерката притвор ќе значеше дека нотарот физички не може да ги презема службените дејствија за што согласно членот 20 став 2 Комората определува друг нотар кој привремено ќе ја врши службата наместо оддалечениот нотар.

Според наведеното, и во случајот под точка г) и во случајот под точка д) станува збор за истрага со една разлика во случајот од точка д) за каде судот определува и мерка притвор што претставува еден неспорен факт дека нотарот и да сака нема физичка можност додека е во притвор да ги врши службените дејствија, според тоа, во овие случаи не станува збор за никаква правна последица од осудата, поради тоа што таа не настапува по сила на закон, туку наведената мерка ја определува судот преку истражниот судија.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот утврди дека не би можело да се постави прашањето за согласноста на член 19 став 1 точки а), г) и д) од Законот со Уставот на Република Македонија.

По однос на наводот во иницијативата дека решението за привремено оддалечување од вршењето на службата требало да го носи министерот за правда, а не судот, Судот оцени дека во случајов, не станува збор за трајно оддалечување на нотарот од вршењето на службата, односно за престанок на нотарската функција, туку за времено оддалечување на нотарот за која согласно законот е овластен да одлучи судот. Поради наведените причини, Судот утврди дека не може да се постави прашњето за согласноста на оспорениот дел на ставот 3 на членот 19 од Законот со принципот на поделбата на државната власт и другите наведени одредби од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.215/2008
1 април 2009 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски