Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 18 март 2009 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 80 став 1 од Законот за основното образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.103/2008).
2. Ленче Лазаровска од Пробиштип и група невработени професори по предметна и одделенска настава од Пробиштип на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точка 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата со оспорената одредба во која се определувале посебните услови за засновање на работен однос, меѓу кои е и условот според кој наставникот, стручниот соработник и воспитувач да има положено стручен испит, се кршело правото загарантирано со член 32 став 2 од Уставот.
Оваа одредбаод Законот, исто така, не била во согласност со член 85 став 7 и 11 од Законот, според кој приправничкиот стаж трае една година и приправникот по истек на приправничкиот стаж полага стручен испит пред комисија формирана од министерот. Оттука, произлегувало дека лице кое не засновало работен однос во воспитно образовна установа и не било приправник една година не можело да полага стручен испит од што произлегувало дека положен стручен испит не може да биде посебен услов за јавување на оглас за засновање на работен однос.
3. Судот на седницата утврди дека според член 80 од Законот за основното образование за наставник, стручен соработник и воспитувач може да се вработи лице кое што покрај општите услови ги исполнува и следниве посебни услови:
– да е државјанин на Република Македонија,
– да има соодветно образование,
– да го познава македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, и
– да има положено стручен испит за наставник, стручен соработник, односно за воспитувач.
Лицата од ставот 1 на овој член во училиштата и паралелките во кои наставата се изведува на јазик и писмо различен од македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, освен за наставниците за предметот македонски јазик, треба да го познаваат и јазикот и писмото на кој се изведува наставата.
Директорот на основното училиште формира комисија составена од три члена од редот на воспитно-образовниот кадар кој врши проверка на познавањето на јазикот на наставниците од ставовите (1) и (2) на овој член.
Ако на јавниот оглас за засновање на работниот однос за наставник, стручен соработник, односно воспитувач не се јави лице со положен стручен испит, работен однос може да заснова лице без положен стручен испит, на определено време до крајот на учебната година.
4. Според член 32 став 1 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбедност за време на привремена невработеност. Според ставот 2 на овој член, секому под еднакви услови, му е достапно секое работно место, а според ставот 5 од овој член од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.
Согласно член 51 од Уставот, законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Според член 1 од Законот за основното образование, со овој закон се уредува задолжителното основно образование што се остварува во основните училишта, како и дејноста на основното образование како единствен воспитно-образовен систем.
Во Глава VII од Законот, со наслов „Наставници, стручни соработници и воспитувачи“ е содржан член 77 во кој се наведува дека воспитно образовната работа во основното училиште ја остваруваат наставници, стручни соработници (педагог, психолог, социолог, социјален работник, дефектолог, библиотекар) и воспитувачи (став 1).
Наставниците, стручните соработници и воспитувачите во основното училиште имаат соодветно високо образование (став 2).
Видот на стручната подготовка на лицата кои остваруваат воспитно-образовна работа во основното училиште се уредува со норматив за наставен кадар на основното училиште, што го утврдува министерот (став 3).
Во оспорениот член 80, кој е содржан во наведената Глава VII од Законот, во точка 1 со наслов „Засновање на работен однос“, се утврдени посебните услови кои наставникот, стручниот соработник и воспитувачот треба да ги исполнуваат при засновање на работниот однос на одредено работно место, односно посебните критериуми при вработување во основното училиште.
Тргнувајќи од посебното уставно значење и карактер на воспитно-образовниот систем, односно дејноста на основното образование, постои уставна можност со посебен закон да се пропишат условите под кои може да се изведува воспитно-образовната дејност во основното образование, а во тие рамки да се утврдат и одредени критериуми за определување на приоритет под еднакви услови при засновање на работен однос. При тоа, право е на законодавецот да ги утврди посебните услови за вршење на воспитно-образовната дејност, како и да утврди одредени приоритети за вработување под еднакви услови, но во секој случај, доминантни, се пред се, предвидените општи и посебни услови предвидени за засновање на работен однос на одредено работно место.
Прокламираното уставно начело на еднаквост на граѓаните во суштина значи обврска на законодавецот во законите да утврдува исти услови под кои граѓаните ќе ги остваруваат своите права и должности без притоа да се прави разлика меѓу нив. Имено, право е на законодавецот со закон да ги пропише условите кои треба да ги исполнува кандидатот за избор на одредено работно место. Токму врз основа на овие принципи законодавецот во Законот за основното образование ги определил условите кои треба кандидатите да ги исполнуваат за наведените места.
По однос на наводот во иницијативата дека оспорениот дел од Законот не бил во согласност ниту со член 85 ставовите 2 и 11 од истиот закон, Судот утврди дека не е надлежен да ја оценува меѓусебната согласност на одредбите од законот. Притоа, Судот укажува дека со тие одредби се уредуваат различни прашања. Имено, оспорениот член ги утврдува условите за засновање на работен однос на наставник, стручен соработник и воспитувач, а членот 85 го уредува статусот на наставник, стручен соработник или воспитувач кој за прв пат се вработува во основно училиште и тогаш станува збор за наставник-приправник, стручен соработник – приправник и воспитувач – приправник. Оттука, јасно произлегува дека станува збор за две различни категории на лица, односно лица кои имаат различен правен статус, поради што и не може да се компарираат условите дадени во член 80 став 1, со условите од член 85 од Законот, на што укажува иницијативата. Од наведеното, според Судот оспорената одредба од Законот воопшто не содржи елементи на дискриминација по ниту еден основ.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.248/2008
18 март 2009 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски