203/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 18 март 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на законитоста на Одлуката за усвојување на Генерален урбанистички план на град Гостивар, бр.07-2625/1, донесена од Советот на општина Гостивар на 23 септември 2005 година.

2. „Пелагонија“ АД од Гостивар на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, „Пелагонија“ АД од Гостивар била корисник на КП.бр.1026/2 во КО Гостивар повеќе од 35 години и се уште е, при што до почетокот на 2006 година таа имала 5 објекти на таа локација.

На 6 септември 2000 година Советот на општина Гостивар донел Одлука за измена и дополнување на Деталниот урбанистички план и со неа предвидел на КП.бр.1026/2 да се изгради станбено-деловен објект. Во таа смисла, на крајот од 2000 година „Пелагонија“ АД Гостивар започнала со постапката за добивање одобрение за градење. Но, на 13 февруари 2002 година Уставниот суд на Република Македонија ја укинал наведената одлука бидејќи имало пропусти во постапката на нејзиното донесување (Нацрт-планот не бил утврден со акт на Советот на Општината, ниту имало акт на Советот на Општината за спроведување на јавна анкета по Нацрт-планот – Одлука на Судот У.бр.88/2001).

На 12 ноември 2003 година Општината побарала од проектантот „Полог-проект“ АД Гостивар на КП.бр.1026/2 да се предвиди паркинг за Медицинскиот центар во Гостивар, а на 17 март 2004 година Јавното претпријатие за просторно и урбанистичко планирање од Скопје побарало Општината да предвиди станбено-деловен објект на КП.бр.1026/2. На 24 март 2004 година и „Пелагонија“ АД Гостивар побарала од Општината да се предвиди станбено-деловен објект на КП.бр.1026/2, но ништо не било прифатено. Не било прифатено ниту укажувањето на Секторот за уредување на просторот при Министерството за транспорт и врски, на дел од КП.бр.1026/2 да се предвиди сообраќајница, а на другиот дел од таа КП станбено-деловен објект наместо паркинг за Медицинскиот центар (паркингот би се предвидел во дел од болничкиот двор).

Според подносителот Советот на Општината ја донел Одлуката за усвојување на Генералниот урбанистички план на 23 септември 2005 година, при што со неа се предвидувало на дел од КП.бр.1026/2 да има сообраќајница, а на другиот дел – паркинг за Болницата. Врз основа на оваа одлука биле донесени неколку решенија за уривање на објектите на „Пелагонија“ АД Гостивар на КП.бр.1026/2 и тие биле срушени во почетокот на 2006 година. На 14 септември 2006 година „Пелагонија“ и Министерството за транспорт и врски склучиле Договор за закуп на КП.бр.1026/2 во траење од 99 години, а на 2 мај 2008 година наведеното министерство ги поништило првостепените решенија врз основа на кои се срушени објектите на „Пелагонија“ на КП.бр.1026/2.

При таква состојба, подносителот на иницијативата ја оспорува Одлуката за усвојување на Генерален урбанистички план од 23 септември 2005 година затоа што ја немала предвид претходната состојба за КП.бр.1026/2 и започнатата постапка за добивање одобрение за градење на таа локација од страна на „Пелагонија“, поради што Одлуката била донесена спротивно на Законот за просторно и урбанистичко планирање и не била во согласност со владеењето на правото определено како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека нацрт-Планот е изработен од Јавното претпријатие за просторно и урбанистичко планирање во Скопје, бр.10/2003; тоа произлегува од Записникот изготвен од Канцеларијата на главниот архитект на општина Гостивар, во рамките на кој стои и Заклучок на Канцеларијата за утврдување на текстот на нацрт-Планот и кој нацрт-План се доставува до градоначалникот на Општината заради донесување на одлука за организирање на стручна расправа; покрај тоа, дека нацрт-Планот е изработен од наведеното јавно претпријатие произлегува и од дописот-стручно мислење што Министерството за транспорт и врски-Сектор за уредување на просторот го доставил до главниот архитект на општина Гостивар, бр.13-10054 од 18 септември 2003 година.

По нацрт-Планот е обезбедена стручна ревизија од „Пологпроект про“ Гостивар, на што изработувачот – Јавното претпријатие дало одговор; тоа произлегува од напред наведениот Записник на Канцеларијата на главниот архитект на Гостивар, како и од актот-согласноста на Министерството за транспорт и врски-Сектор за уредување на просторот, бр.13-10824 од 6 септември 2005 година.

По нацрт-Планот е обезбедено и стручно мислење од Министерството за транспорт и врски – Сектор за уредување на просторот, бр.13-10054 од 18 септември 2003 година, кој акт го има во списите по предметот; на стручното мислење изработувачот – Јавното претпријатие дало одговор, што произлегува од означениот Записник кој има недостатоци, како и од актот-согласноста на Министерството за транспорт и врски-Сектор за уредување на просторот, бр. 13-10824 од 6 септември 2005 година.

Потоа, градоначалникот на општина Гостивар донел Одлука да се организира стручна расправа по нацрт-Планот на 27 октомври 2003 година, бр.08-519/3 од 22 септември 2003 година; Одлуката ја има во списите по предметот.

Од наведената стручна расправа по нацрт-Планот е изготвен Извештај, бр.20-647/3 од 11 март 2004 година, во кој се содржани 34 приговори на заинтересирани лица и образложение за прифаќање или не на приговорите; Извештајот го има во списите по предметот.

На 16 март 2004 година градоначалникот на Гостивар донел втора одлука за организирање на стручна расправа по нацрт-Планот, бр.08-519/4, на која расправа се изнесени нови 15 приговори, меѓу кои и приговор од „Пелагонија“ – Гостивар (подносител на иницијативата), бр.20-174/8; втората Одлука и вториот Извештај го има во списите по предметот.

Приговорот на „Пелагонија“ се однесува за нивната локација и се бара предвидување на станбено-деловен објект, а неприфаќањето на тоа барање се образлага со барањата на Медицинскиот центар „Борис Канчески“ – Гостивар и Месната заедница „Џамиџид“ да се предвиди паркинг простор за Болницата; сето тоа е содржано во Извештајот од втората стручна расправа, бр. 20-519/6 од 15 април 2004 година.

Потоа е изработен предлог-Планот од страна на Јавното претпријатие за просторно и урбанистичко планирање од Скопје, бр.05/04; тоа произлегува од актот-согласноста на Министерството за транспорт и врски-Сектор за уредување на просторот, бр.13-10824 од 6 септември 2005 година.

Предлог-Планот е доставен до Министерството за транспорт и врски, кој издал согласност за донесување на Планот, оценувајќи дека постапката е спроведена согласно Законот за просторното и урбанистичкото планирање; тоа произлегува од актот-согласноста на Министерството за транспорт и врски-Сектор за уредување на просторот, бр.13-10824 од 6 септември 2005 година, што го има во списите по предметот;

Одлуката за усвојување на Генералниот урбанистички план е донесена од Советот на општината на 23 септември 2005 година.

4. а) Според Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005, 137/2007 и 151/2007), кој е сега во важност, постапката за донесување урбанистички планови започната пред денот на примената на овој закон (1 јули 2005 година, н.з.), ќе продолжи според одредбите од Законот кој бил во сила на денот на нивното отпочнување, доколку урбанистичкиот план ја помине фазата на стручна расправа или фазата на јавна анкета и јавна презентација.

Со други зборови, урбанистичките планови кои ја поминале фазата на стручна расправа пред 1 јули 2005 година ќе се донесуваат според правилата од стариот Закон за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.4/1996, 28/1997, 18/1999, 53/2001 и 45/2002).

Со оглед на тоа што оспорената одлука ја помина фазата на стручна расправа по нацрт-Планот на 23 октомври 2003 година и на 15 април 2004 година односно пред 1 јули 2005 година, произлегува дека постапката требало да се води според правилата од стариот закон, поради што во однос на нив се оценуваат преземените дејствија.

б) Според член 7 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр. 4/1996, 28/1997, 18/1999, 53/2001 и 45/2002) во зависност од просторот што е предмет на планирање се донесува, покрај другите, и генерален и детален урбанистички план.

Според член 17 став 1 од Законот плановите од член 7 од овој закон се изработуваат како нацрт и предлог на план. Во став 2 од истиот член на Законот се предвидува по нацртот на генералниот урбанистички план да се организира стручна расправа, при што тоа е обврска на општината според став 5 од овој член на Законот.

Според член 19 од Законот на нацртот на плановите од член 7 од овој закон, пред организирањето на стручната расправа односно јавната анкета, се врши стручна ревизија (став 1). Стручната ревизија на урбанистичките планови според програмата од членот 13 на овој закон ја врши стручна научна институција или комисија што ја определува односно формира министерот надлежен за работите на уредување на просторот (став 2).

Според член 22 став 6 од Законот, урбанистичките планови се донесуваат по издавањето согласност на предлогот на планот од министерството надлежно за работите на уредување на просторот.

Според член 23 став 1 од Законот, со согласноста од став 6 на член 22 од овој закон се потврдува дека планот е изработен согласно со одредбите од овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.

Од изнесените законски одредби произлегува дека урбанистичките планови, па и генералниот урбанистички план, најнапред се утврдуваат како нацрт-планови, потоа по нив се врши стручна ревизија од страна на стручна научна институција или комисија формирана од министерот надлежен за работите на уредување на просторот и се организира стручна расправа односно јавна анкета од страна на општината, по што се утврдуваат предлог-планови, на кои министерството надлежно за работите на урбанизмот дава согласност.

Со оглед на тоа што во конкретниот случај бил утврден нацрт-Планот, по кој била извршена стручна ревизија од стручна научна институција и била организирана стручна расправа од страна на општината, при што предлог-Планот добил согласност од надлежното министерство, Судот оцени дека оспорената одлука била донесена во постапка согласно на Законот за просторно и урбанистичко планирање кој важеше во тоа време.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.203/2008
18 март 2009 година
С к о п ј е
лк/Ју

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски