223/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 18 март 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 15 став 1 алинеја 10 од Законот за катастар на недвижности („Службен весник на Република Македонија“ бр. 40/2008).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точка 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспорената одредба, според која директорот на Агенцијата издавал упатства во врска со спроведувањето на Законот за катастар на недвижности и на прописите донесени врз основа на него, била многу општа, генерална, непотполна и нејасна, а не конкретна, како што барале член 49 став 2, член 55 став 2 и член 56 став 3 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, кои биле од системски карактер, поради што од оспорената одредба не се гледало дека со упатството се пропишува само начинот на постапување по одделни одредби на законите и другите прописи, како што требало, па затоа биле можни и законски пречекорувања во примената на одредбата. Со оспорената одредба се повредувале владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија, поради што одредбата не била во согласност со член 8 став 1 алинеите 3 и 4, член 51, член 68 став 1 алинеја 2, член 95 став 3 и член 96 од Уставот.

Поради наведеното, предлага Уставниот суд на Република Македонија да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорената одредба.

3. Судот на седницата утврди дека според член 15 став 1 алинеја 10 од Законот за катастар на недвижности, директорот на Агенцијата издава упатства во врска со спроведувањето на овој закон и на прописите донесени врз основа на него.

4. Според член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Со Законот за катастар на недвижности се уредуваат основните геодетски работи, премерот на недвижностите во функција на катастарот на недвижностите, востановувањето и одржувањето на катастарот на недвижностите, државните топографски карти, регистарот на просторни единици, содржината и управувањето со податоците од Геодетско -катастарскиот информационен систем на Република Македонија, воспоставувањето, одржувањето и јавниот пристап до Националната инфраструктура на просторните податоци, како и основањето на Агенција за катастар на недвижности (член 1).

Согласно член 6 став 1 на овој закон, за вршење на работите на востановувањето и одржувањето на катастарот на недвижностите, управувањето со геодетско-катастарскиот информационен систем, како и воспоставувањето, одржувањето и јавниот пристап до Националната инфраструктура на просторните податоци, се основа Агенција за катастар на недвижности. Според став 2 од истиот член, Агенцијата има својство на правно лице со права, обврски и одговорности утврдени со овој закон. Согласно став 5 на овој член, Агенцијата за својата работа одговара пред Владата на Република Македонија.

Според член 9 став 1 од истиот закон, органи на Агенцијата се Управен одбор и директор. Согласно член 10 став 1 од Законот, членовите на Управниот одбор ги именува и разрешува Владата на Република Македонија за период од пет години, без право на повторен избор.

Според член 12 став 1 од Законот, со Агенцијата раководи директор. Директорот на Агенцијата има заменик. Согласно став 2 на овој член, директорот на Агенцијата и заменикот на директорот ги избира и разрешува Владата на Република Македонија.

Со член 15 став 1 од Законот се утврдуваат работите што ги врши директорот, и тоа:
– ја претставува и ја застапува Агенцијата,
– ја организира работата и раководи со стручните служби на Агенцијата,
– ги извршува одлуките на Управниот одбор,
– изготвува и му предлага на Управниот одбор стратешки план, годишна програма за реализација на стратешкиот план на Агенцијата, годишен финансиски план и извештај за работењето на Агенцијата за претходната година,
– изготвува и предлага на Управниот одбор подзаконски прописи за спроведување на овој закон,
– предлага тарифници утврдени со овој закон,
– предлага и ги извршува актите за организација и систематизација на работните места на Агенцијата, како и актите за оценување и за системот на плати, надоместоци на плати и други надоместоци на вработените во Агенцијата,
– издава и одзема лиценци за вршење на геодетските работи;
– се грижи за законито работење и трошење на финансиските средства на Агенцијата,
– издава упатства во врска со спроведувањето на овој закон и на прописите донесени врз основа на него,
– донесува поединечни акти за вработените од областа на работните односи и
– одлучува и за други прашања утврдени со овој закон и со статутот на Агенцијата.

Од анализата на наведените законски одредби произлегува дека законодавецот ја основал Агенцијата за катастар на недвижности за вршење на работите на востановувањето и одржувањето на катастарот на недвижностите, управувањето со геодетско-катастарскиот информационен систем, како и воспоставувањето, одржувањето и јавниот пристап до Националната инфраструктура на просторните податоци. Агенцијата има својство на правно лице со права, обврски и одговорности утврдени со овој закон и за својата работа одговара пред Владата на Република Македонија.

Со Агенцијата раководи директор, чии надлежности се утврдени со Законот. Според оспорениот член 15 став 1 алинеја 10 од Законот, помеѓу другите работи што ги врши, директорот на Агенцијата издава упатства во врска со спроведувањето на овој закон и на прописите донесени врз основа на него.

Тргнувајќи од надлежностите на директорот утврдени во член 15 од Законот, според Судот, во случајот на оспореното овластување на директорот, станува збор за издавање конкретни упатства (напатствија, инструкции), писмени или устни, за начинот на примената на законските и подзаконските прописи од страна на стручните служби на Агенцијата со кои раководи и чија работа ја организира, поради што по својата правна природа ваквите упатства немаат карактер на подзаконски прописи чија цел е доразработување на законската одредба заради нејзина имплементација. Овие упатства имаат карактер на интерни акти кои се однесуваат само за вработените во Агенцијата, поради што и не се објавуваат во „Службен весник на Република Македонија“, а нивната цел е помош во работата на службениците, како и унифицирање на начинот на нивното постапување при спроведувањето на Законот и подзаконските прописи донесени врз основа на истиот. Токму поради ваквиот карактер на овие упатства, законодавецот ги разграничил од подзаконските прописи кои се донесуваат за спроведување на Законот за катастар на недвижности и за кои прецизно пропишал дека ги донесува Управниот одбор (член 11 став 1 алинеја 7), а за кои го овластил директорот да ги изготвува и да ги предлага на Управниот одбор (член 15 став 1 алинеја 5). Освен тоа, законодавецот сосема прецизно, во секоја глава од Законот со која се уредува одредена специфика ( геодетско-катастарски информационен систем, основни геодетски работи, премер на недвижности, трговци поединци овластени геодети и трговски друштва за геодетски работи, катастар на недвижности, запишување на правата на недвижностите во катастарот на недвижностите, одржување на катастарот на недвижностите, топографски карти) во посебен член ја определил содржината на подзаконските прописи што треба да ги донесе Управниот одбор на Агенцијата, така што не е оставен простор за волунтаризам во оваа сфера.

Тргнувајќи од напред наведеното, Судот оцени дека не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека законската одредба била многу општа, генерална, нејасна и непотполна што водело до повреда на начелото на владеење на правото и дека во примената на истата биле можни и „законски пречекорувања“.

Во поткрепа на наведеното, Судот имаше предвид дека Уставниот суд на Република Македонија, по однос на исто вакво прашање, на ист начин се произнел со Решението У. бр. 15/2006, кога ја ценел уставноста на член 112 точка 1 од Законот за премер, катастар и запишување на правата на недвижностите (“Службен весник на Република Македонија” бр.27/1986, 17/1991, 84/2005 и 109/2005), која одредба била практично со иста содржина како и сега оспорената и која од истиот подносител на иницијативата се оспорувала од исти причини. Притоа, Судот утврди дека со влегувањето во сила на Законот за катастар на недвижности, престанал да важи Законот за премер, катастар и запишување на правата на недвижностите (член 223 од Законот за катастар на недвижности), а Државниот завод за геодетски работи продолжува да работи како Агенција за катастар на недвижности, како негов правен следбеник (член 199 од Законот за катастар на недвижности).

Во однос на наводите во иницијативата за несогласноста на оспорената одредба од Законот за катастар на недвижности со член 49 став 2, член 55 став 2 и член 56 став 3 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, Судот оцени дека станува збор за прописи од ист правен ранг, за чија меѓусебна согласност Уставниот суд согласно член 110 од Уставот на Република Македонија не е надлежен да одлучува.

Тргнувајќи од наведеното, пред Судот не се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба од Законот со член 8 алинеите 3 и 4, член 51, член 68 став 1 алинеја 2, член 95 став 3 и член 96 од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.223/2008
18 март 2009 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски